Андреј Јовановиќ: Човекот кој една компанија продаде на PepsiCo, а другата на Coca Cola
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

prevzemanjaГолемо преземање на Балканот: Coca Cola го презема Бамби за 260 милиони евра

Само што Coca Cola HBC објави дека ја купува водечката кондиторска компанија во Србија, “Бамби” за 260 милиони евра српските бизнис кругови веќе шпекулираат дека Coca Cola e заинтересирана да го купи и Књаз Милош. И Бамби и Књаз Милош се дел од брендовите кои ги поседува холдингот “Моји Брендови”, сопственoст на инвестицискиот фонд “Mid Europa Patrners”, со кој управува бизнисменот Андреј Јовановиќ. Иако е малку познат на јавноста, Јовановиќ очигледно е човек кој знае да прави добри зделки. Фирмата со која поранешниот хокеарски репрезентативец на СФРЈ влегол во бизнисот, Марбо продукт во 2008 година успеа да ја продаде на светски познатата PepsiCo за 200 милиони евра. Но, наместо парите од продажбата на добро разработениот бизнис да ги потроши на скапи статусни симболи, тој ги вложил во повеќе нови бизниси и индустрии.

 

 

Изминатата недела беше објавено дека мултинационалната компанија Coca Cola HBC го започнува процесот за преземање на водечката кондиторска компанија во Србија, “Бамби”. Договорената цена која Coca Cola се согласила да ја плати на сопственикотинвестицискиот фонд “Mid Europa Patrners” изнесува дури 260 милиони евра.
Ова е едно од поголемите преземања во прехранбената индустрија на Балканот, како според платената сума, така и според ширењето на асортиманот на Coca Cola во регионот.

Andrej-Jovanović-1

“Квалитетот, професионализмот, стручноста и упорната работа секогаш испливуваат на површина и стануваат признати и ценети”, вели Јовановиќ.

“Нашата стратешка намера е оваа аквизиција да и овозможи на компанијата нови развојни можности во Србија и во регионот, како и можноста за проширување во комплементарни категории на производи”, велат од компанијата Coca Cola HBC.

Главниот извршен директор на компанијата Coca Cola HBC, Зоран Богдановиќ, смета дека преземањето на Bambiпретставува одлична можност за создавање на додадена вредност за компанијата, купувачите и акционерите.

“Во нашето постоечко портфолио на водечките брендови на напитоци, ќе ги додадеме на потрошувачите добро познатите и комлементарни брендови, како и иновативни вештини и знаења. Ова дополнително ќе ја зајакне нашата релевантност на пазарот и односот со купувачите и ќе ни даде можност да го зголемиме присуството на клучни прилики за консумација”,вели Богдановиќ.
Светослав Атанасов, генерален директор на Coca Cola HBC за Србија и Црна Гора вели дека здружени со брендовите на Бамби кои се водечки на пазарот на кондиторски производи ја имаат добитната комбинација за успех во регионот.
“Оваа аквизиција е потврда дека Србија е многу привлечен пазар за странски инвестиции, но и доказ за решителноста на нашата компанија, Кока-Кола HBC Србија, да останеме интегрален дел од локалната заедница во која работиме и да продолжуваме да го развиваме работењето во оваа земја”, вели Атанасов .

 

Андреј Јовановиќ: Едната фирма ја продаде на PepciCo, другата на Coca Cola

Но, се чини најинтересниот аспект околу ова преземање е српскиот бизнисмен Андреј Јовановиќ кој е генерален директор ана холдинг компанијата “Моји Брендови”, во сопственост на Mid Europa Partners. Имено, пред неполни четири еден од најголемите инвестициски фондови во Источна и Централа Европа, преку компанијата “Моји Брендови” од Салфорд ја купи фирмата Danube Food Group, во чиј состав се брендовите “Бамби”, “Књаз Милош” и Имлек за 575 милиони евра под водство токму на Андреј Јовановиќ, кој сега е најзаслужен за продажбата на Бамби на Coca Cola за сума од 260 милиони евра.
Јовановиќ, кој важи за еден од најголемите и најбогати бизнисмени во Србија очигледно знае како успешно и скапо да ги продаде бизнисите кои ги управува на големи мултинационални компании.
Поранешниот репрезентативец на СФРЈ во хокеј на мраз Јовановиќ своите почетоци во бизнисот ги имал во 1995 година кога заедно со Бојан Миловановиќ ја основаа фирмата “Марбо Продукт” која почна со производство на брендот чипсови Chipsy. Бизнисот со чипсови го разработи така добро со регионален пристап, па компанијата “Марбо Продукт” во 2008 година беше продадена за 200 милиони евра на светски познатата PepsiCo.

И покрај успесите и признанијата кои ги добива (во 2017 година беше избран за Менаџер на годината во Југоисточна и Централна Европа во конкуренција од 2.000 менаџери), тој останува релативно непознат на српската и регионална јавност. Тој и неговиот партнер парите кои ги добиле со продажбата на Марбо Продукт не ги потрошиле на разни скапи статусни симболи, како што вообичаено би направиле повеќето македонски, па и балкански бизнисмени, туку ги вложиле во повеќе области и нови бизниси.
Во негова сопственост се фабриката Икарбус, фирмата за производство и сервисирање на лифтови Давид Пајиќ Дака. Во 2012 година го основал ланецот приватни клиники MediGroup, која после четири години ја продал на фондот Mid Eurоpa Partners. Пред околу седум години Јовановиќ влегол и во градежната индустрија со изградба на едем од најголемите станбено-деловни проекти во Белград, но е најзаслужен и за доаѓањето ланецот хотели Hilton во Белград.

Andrej-Jovanovik 2

Андреј Јовановиќ, генералниот директор на холдинг компанијата “Мои брендови” минатата недела беше гостин во Скопје и доби специјално признание од Стопанската комора на Македонија за унапредување на регионалната соработка и работењето на Коморскиот инвестициски форум.

Тој и неговиот партнер се сопственици во три банки, меѓу кои и Директна Банка, која пред две години ја купи грчката Pireus банка во Србија. За него важи изреката дека од ништо самиот направил се.
Според него, за него се пишува и знае малку во јавноста заради тоа што во Србија поимот бизнисмен се врзува секогаш со негативен контекст, иако има многу луѓе кои својот капитал го стекнале со своите десет прсти.
“Бојан и јас “Марбо”го создававме со макотрпна работа скоро 15 години и го продадовме во најдобар момент. Во бизнисот најважно е да имате добар тајминг и одредена доза на хазардерство, што го применивме и на другите бизниси. Дури подоцна дојдоа професионалните и општествените благодети, што е природно. Мило ми е што за мене сега се пишува исклучиво во контекст на доброто работење на “Моји брендови” и другите мои компании, и како за човек кој со својата работа создава нова додадена вредност. Квалитетот, професионализмот, стручноста и упорната работа секогаш испливуваат на површина и стануваат признати и ценети”, вели Јовановиќ.

Тој важи за човек кој и тоа како знае да привлече и задржи добри и квалитетни кадри во своите бизнис.
“Работодавците треба да разберат дека добар газда нема без добар и задоволен работник. Развојот и ширењето на работењето не смее да биде на штета на оние кои таа вредност ја создаваат, бидејќи без нивниот придонес, таа вредност ја нема”, вели Јовановиќ.
Андреј Јовановиќ е исто така член на Управниот одбор на Стопанската комора на Србија, а специјалното признание кое го доби минатата недела по повод прославувањето на јубилејот 97 години постоење на Стопанската комора на Македонија е за неговото дејствување и голем придонес за унапредување на регионалната економска соработка во регионот на Западен Балкан.

 

Coca Cola добро ја проценила вредноста на компанијата Бамби

Холдинг компанијата „Мои Брендови” со која раководи Јовановиќ, е во сопственост на инвестицискиот фонд “Mit Europa partners”, еден од најголемите фондови во Источна и Централна Европа. Во нејзина сопственост покрај Бамби, се компаниите Књаз Милош, Млекара Суботица, Имлек, преку која се сопственици на македонската Битолска Млекара.
Наскоро новиот член на Coca Cola, компанијата “Бамби” во 2017 година имала вкупни приходи од 85,6 милиони евра и нето добивка од 13,4 милиони евра, што е повисока профитабилност од просекот во индустријата. Бамби има 680 вработени и висок рејтинг А1, со краткорочни обврски од 17 милиони евра, а долгорочни од 30 милиони евра.
Coca Cola е свесна дека брендовите на Бамби имаат силно присуство и продажби во речиси сите земји од поранешна Југославија, па добрo ја проценила вредноста на компанијата и на брендот Бамби и заклучила дека ова е одличен начин да го унапреди бизнисот и работењето во регионот.
Компанијата Бамби во 2016 година се проценуваше дека вреди 215 милиони евра, а нејзината вредност во 2018 година стигна до 250 милиони евра.

“Беше за очекување дека фондот Mid Europa Partners ќе го продаде Бамби, бидејќи работата на фондовите е токму тоа, да го купат поевтино, да ја подобрат и зголемат вредноста на компанијата и потоа поскапо да ја продадат. Не очекувам од оваа аквизиција некои поголеми промени, бидејќи Бамби е бренд кој опстанува и добро работи и покрај се и готово секогаш е во благо растечки тренд”, вели Драгован Миличевиќ, економист.
Консултант за странски инвестиции Милан Ковачевиќ купувањето на Бамби го доживува како уште една во низата аквизиции на српскиот пазар.
“Кока-Кола сигурно типувала на одредена синергија и има идеја што сака да направи и постигне. Веројатно сметале на складиштењето, логистиката, транспортот и проширувањето на својата палета на производи. Да не заборавиме дека Кока-Кола во нашата земја е само компанија која флашира пијалоци”, истакнува Ковачевиќ.
Тој не верува дека и Coca Cola ќе држи Бамби засекогаш, туку дека и тие во некој момент ќе одлучат да ја продадат.
“Најлукративните работи денес се токму аквизициите. Бамби веќе неколку пати ги менуваше сопствениците и можеме да претпоставиме дека идејата е бизнисот дополнително да се унапреди и потоа повторно да се продаде”, смета Ковачевиќ.

 


Balkan prezemanje 4Coca Cola заинтересирана и за Књаз Милош?

Само неколку дена по објавувањето на веста за купувањето на Bambi од страна на Coca Cola, директорот Андреј Јовановиќ за српските медиуми објави дека Coca Cola е заинтересирана за купување и на Књаз Милош, уште еден од брендовите под капата на холдингот “Мои Брендови”.
Во 2017 година “Књаз Милош” работел со приходи од 65,5 милиони евра и нето профит од 4,5 милиони евра.

Иако во српската бизнис заедница се шпекулира дека наводно е договорена и продажбата на Књаз Милош на Coca Cola, Јовановиќ вели дека не е ништо договорено, но дека е вистина дека Coca Cola била заинтересирана и за Књаз Милош.
Ако Coca Cola го преземе и Књаз Милош тогаш учеството на пазарот на пијалоци ќе изнесува околу 40%, тогаш тоа би било на граница на монопол, бидејќи ја поседуваат и компанијата за вода Роса. Во бизнис круговите во Србија веќе се шпекулира дека ако Coca Cola го купи Књаз Милош, но ако не добие дозвола од Антимонополската комисија, во план е и опцијата Роса да ја продаде на Nestle.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×