Андрија Чолак, основач на Surf ‘n’ Fries: Како станавме “кралеви“ на помфритот
Објавено на од во Start-up
Ексклузивно за Капитал, приказната за вртоглавиот успех на Surf’n’Fries, најбрзо растечката франшиза за брза храна во регионов, а од скоро присутна и во далечниот Виетнам! Како младите Хрвати успеаја да го рашират својот бизнис во 12 држави досега, и на едноставен производ како помфритот да му дадат иновативност и креација.

Брендот  што неодамна отвори симпатичен дуќан во центарот на Скопје, најпознат по компирчињата  печени на врел воздух, не доаѓа ниту од западна Европа, ниту од САД. Андрија Чолак и Денис Полиќ, творците на Surf’n’Fries се од Риека, Хрватска, претходно познати по својот весник за недвижности, првото специјализирано издание од таа област во земјата. Со помфритот почнаа во  2009-та, во скромно локалче од 27 квадрати во родниот град, за денес да ја продаваат својата франшиза во преку 10 земји од светот, дури и во далечниот Виетнам. Дома се веќе познати како “кралеви на помфритот“, а нивната претприемачка страст не завршува тука. Паметниот чадор што не ви дозволува да го заборавите е најнов производ од нивната лабораторија за иновации. Со едната половина од тандемот, Андрија Чолак, разговаравме во нивната прва македонска продавница, која што всушност е инвестиција на локален  франшизер, инаку познат бизнисмен.

Како почна приказната за Surf’n’Fries? Имавте ли претходно искуство во бизнисот?

Surf’n’Fries не е наше прво претприемачко искуство. Уште во 2003 година јас и Денис го стартувавме првиот специјализиран весник за недвижности, односно огласи за нивна продажба, наречен “Infonekretnine”. Јас во тоа време завршував со студии по маркетинг во Канада и таму ја добив идејата за вакво списание, кое што е фокусирано само на една работа, но која што ќе ја правиме многу подобро од сите огласници до тогаш. Обично тоа беа огласници за сe’  и сешто, а ние имавме само станови, куќи и деловни простории, сето тоа со модерен печатарски дизајн, со фотографии во боја. Почнавме од ништо, буквално од ништо, имавме пари само за да ја регистрираме фирмата. Првиот број од списанието имаше само 32 страници, од кои што 12 беа реклами за нас, но малку по малку растевме и за пет години Infonekretnine стана магазин од преку 100 страници, кој што одлично се продаваше. Тој период во прилог ни одеше и бумот на пазарот за недвижнини, па охрабрени од успехот, лансиравме уште едно списание, CREM (Croatian Real Estate Magazine), кое третираше само ексклузивни недвижнини во Хрватска. Во 2008-та целиот проект го продадовме на Plavi oglasnik од Загреб, кој потоа пак беше купен од турскиот издавач Huriet.

А, зошто од издаваштво, се префрливте во брза храна? Како ви дојде таа идеја?

Да, за разлика од нашиот прв бизнис, за вториот веќе имавме почетен капитал, немаше потреба да молиме никого, да трчаме по банки и сл. А, приказната за Surf’n’Fries  тргнува од  нашиот роден град, Риека, каде што уште во 70-те и 80-те години имаше еден помфрит бар, своевидна атракција во градот. Се работеше за  едноставна ‘old school’ продавница за пржени компирчиња, каде што тие се ставаа во еден фишек од хартија и одозгора се ставаше кечап и мајонез. Просто, но многу популарно. Затоа, ние си рековме ајде да направиме фаст- фуд концепт,  кој што исто како и со весникот за недвижнини, ќе биде специјализиран  за една работа, во случајов помфрит, но сега на поинаков начин. Нешто како повторно “измислување“ на помфритот.

Зошто токму името Surf’nFries?

Првото име што  ни падна  на памет беше  Рипомфрит,  од Риечки помфрит.  Веројатно ако останевме на тоа име денеска немаше да продадеме ниту една франшиза  надвор од Хрватска.  Surf ‘n’ Fries e име што звучи интернационално.   Ние и двајцата сакаме сурфање на бранови, родени сме покрај море, па некако се спои сето тоа. На тој начин на брендот му додадовме една нова креативна платформа околу сурфањето. Затоа на нашиот дизајн може да се види хибискусот како хавајски цвет и симбол на сурферите.

Но, кога излеговме со овој назив, бевме многу критикувани од бранителите на хрватскиот јазик.  Но, нас тоа воопшто не нe’ засегаше. Ние ја гледавме бизнис логиката, односно тоа што може да помине на меѓународниот пазар. Многу грешат луѓето кога мислат дека пазарот ќе се прилагоди на нив. Не, туку претприемачите се тие кои треба да се прилагодат на пазарот и не постои друг начин за успех.

Andrija Colak3

 

Нашето пакување освои многу награди за иновативност

 

 

 

 

 

Како успеавте од толку едноставен производ да направите хит на пазарот? Што е тоа клучното што ве разликува од конкуренцијата?

Па, тргнавме од самата амбалажа. Сите знаеме дека на стандардно пакуван помфрит кога ќе ставиме кечап, мајонез и сл., тие ќе ги покријат само горните компирчиња, и после е тешко да ги измешате со останатите. И што направивме? Го задржавме оној конусен облик на кутичето, и на него додадовме држачи за чашките во кои што нудиме разни сосови за со помфритот. Но, што кога со помфритот ќе земете и некој пијалак? Тогаш повторно ќе ве фати нервоза затоа што и двете раце ќе ви бидат зафатени. И затоа додадовме уште еден дел на амбалажата, оној за држење на чашата. Набргу луѓето почнаа да бараат и нешто друго за јадење, некакво месо и сл. Па додадовме и пилешко,  и со тоа уште еден држач. На крајот добивме амбалажа која може да ја држите со една рака, а во која имате цел оброк. Оваа своевидна иновација го направи Surf’n’Fries многу популарен во Хрватска, потоа и пошироко, а влезе и во неколку книги за дизајн како едно од најдобрите решенија за пакување брза храна. Влеговме и во финалето на Procarton, светскиот натпревар за најдобри решенија во областа на картонска амбалажа.

Карактеристични сте и по подготвувањето на помфритот, на врел воздух. Тоа е ваша идеја или го видовте некаде?

Ова решение конкретно е на една шведска компанија. Тие подолго време барале партнер од угостителскиот бизнис во чие работење ќе го тестираат нивниот производ. Бидејќи нас нe’ интересира секоја иновација,  нормално дека веднаш прифативме. Веројатно  нашата предност е што ние сe’ уште сме мала фирма и се уште сме многу флексибилни. Ако  некој голем синџир  сака да воведе ваков новитет,  тоа за нив би било многу тешко бидејќи ќе им треба многу време и пари. Едно е кога имате 40 дуќани, а друго е кога имате 20.000. Големите фирми се големи и моќни, но сепак нивна мана е што тие се доста троми.

 Брзата храна се поистоветува со нездрава. Колку вашите компири и останатите производи се вклопуваат во денешниот тренд на барање сe’ поздрава храна од страна на потрошувачите?

Помфритот во принцип е најозлогласениот фаст фуд производ. И тоа не заради самиот компир, кој што сам по себе е здрава храна, туку проблемот е во маслото во кое се пржи. За жал луѓето често  користат неквалитетни  масла, не ги менуваат и така  настануваат тие слободни радикали и транс-масни киселини кои што прават проблем. Ние не ги пржиме, ние ги печеме компирите на врел воздух, и при тоа  целосно го елиминираме маслото.

Со време најдовме начин како да направиме  и поздрава плескавица, која што, исто така, ја воведовме во менито. Неа  ја печеме на  посебен тип скара која функционира на вулкански камења кои се вжаруваат. Тие се наоѓаат под плотната каде што се пече плескавицата, која се пече на начин што и го прави вкусот и свежината подобри одошто било кој друг познат начин на печење, со јаглен, плин и сл. А, истовремено е здраво.

Нашиот концепт во суштина е поврзан со навиките на луѓето. Сите би сакале да јадат здраво, но секогаш кога имаат избор ќе изберат нездраво. Затоа нашата крајна  цел е да добиеме  целосно фаст фуд мени кое ќе може да се консумира без никаков здравствен ризик. Значи сакаме фаст фудот да го претвориме во  здрава, а истовремено вкусна храна. Инаку, и пред нас се приготвуваше помфрит на пареа. Но, никој не успеа компирите печени на пареа да ги направи  вкусни. Ние тоа практично го остваривме бидејќи сфативме дека луѓето сакаат да јадат фаст фуд, но после тоа имаат грижа на совест. Нашата ултимативна мисија беше луѓето да можат да јадат фаст фуд и да немаат грижа на совест поради тоа и мислам дека успеавме..

Andrija Colak2

 

 

 

 

Домашниот пазар е само полигон за тестирање. Целта треба да ви е светскиот пазар. 

 

 

 

 

Кога почнавте да продавате франшизи? Како доаѓате до вашите франшизери, дали тие ве наоѓаат вас, или имате свои луѓе задолжени да го пробиваат брендот?

Хрватска е мал пазар, а Македонија уште помал. Значи секој претприемач уште од самиот почеток треба да размислува за проширување надвор од домашниот пазар. Ако во размислувањето сте насочени само локално, тогаш однапред сте неодржливи како бизнисмен. Домашните пазари  можат да послужат само како платформа за тестирање, а понатаму ваш таргет треба да е целиот свет.

Ние првиот објект на Surf’nFries  го отворивме во Риека во 2009 година и за само 2-3 месеци бизнисот буквално експлодира, во позитивна смисла, хаха. И ние не бевме свесни како одеднаш  почнавме да продаваме преку 1.000 порции дневно во нашиот мал дуќан од 27 квадрати. Се сеќавам дека на Мекдоналдс во Риека во тој период  им падна продажбата на помфрит за 70%! Следната фаза започна кога луѓето едноставно почнаа да доаѓаат и да велат и јас ова би го отворил. Значи, нашата првична идеја воопшто не беше да имаме франшиза, ние можеби размислувавме долгорочно да отвориме сопствен синџир  на ресторани, но кога  почна да доаѓа во просек по еден човек дневно со истото барање, тогаш рековме мора да најдеме начин да им излеземе во пресрет  на овие луѓе,  плус и ние нешто да заработиме.  Тој начин беше франшизата, што е повторно некоја иновативност за Хрватска бидејќи домашните брендови воопшто не развиваат франшиза. За жал, само странски франшизи доаѓаат на нашиот пазар и нe’ освојуваат нас. Почнавме да франшизираме пред пет години, моментално сме во 11 земји и  имаме преку 40 дуќани. Нашата прва франшиза беше во Загреб, втората во Пула, третата во Сплит, и после така понатаму се ширевме.

Кога сфативте дека хрватскиот пазар ви станува претесен?

Ние домашниот пазар го гледавме само како еден полигон за тестирање. Ги согледавме сите добри и лоши работи за да можеме да продолжиме понатаму. Да бидам искрен многу луѓе во Хрватска, а уште помалку надвор од неа,  сe’ уште не сфаќаат  дека ние сме хрватски бренд. Тие мислат дека брендот сме зеле од Америка или западна Европа и сме само негови застапници.

А, како доаѓаме до франшизерите? Обично се случува кога некој од странство ќе дојде на годишен одмор во Хрватска преку лето ќе  го види нашиот бренд, ние ги имаме нашите контакти оставено на амбалажата и ќе ни се јави. Филип,  нашиот соработник од Македонија,  го запознавме на еден мини саем за франшизи во Загреб. Партнерот од Виетнам, пак, е со Хрват по потекло, кој што подолго време живее таму. Кога тој ни предложи таму да отвориме ресторан, му рековме, аман човеку, па ти нормален ли си, знаеш ли каде е Виетнам!? А, тој ни одговори следново: а знаете ли вие дека Виетнам е 90 милионска земја со само еден Мекдоналдс во главниот град? Па си рековме, зошто да не, ќе отвориме и таму.

Во последно време сe’ поинтересни за соработниците се и мобилнитe  киосци на  Surf `N Fries. Тоа е интересен концепт, луѓето самите почнаа да прашуваат дали може ова да го работат на плажа. Бидејќи бизнисот кај нив е само неколку месеци, не им се исплаќа да отвораат дуќан, па ние им направивме мобилен  Surf `N Frise,  кој зафаќа простор колку еден фрижидер за сладолед, а сe’ што е потребно има во него.

Генерално,  во односот кон нашите соработници од синџирот карактеристично е дека нудиме буквално сe’. Прво доаѓаме на лице место да ја погледнеме и одобриме локацијата, па правиме комплетно 3Д дизајн  за изгледот на целиот дуќан и техничките карактеристики. Ние не бараме сета опрема да се набавува преку нас, но за одредени клучни апарати како фритезите имаме дефинирани стандарди. Со оглед на тоа што во сите 40 ресторани набавуваме помфрит  од исто место,  постигнавме нашиот помфрит од Виетнам до Германија да има ист квалитет.

Колку луѓе вработува Surf’nFries во моментов во сите земји кај што сте присутни? Колку чини пак инвестицијата за вашата франшиза?

Во  моментов франшизата вработува  околу 300 луѓе.  Франшизите и понатаму ги нудиме на неколку нивоа. За мастер франшиза за една земја инвестиција за лиценца е 40.000 евра. Најмала инвестиција за киоск е 10.000 евра. Имаме трејлер варијанта Surf `N Fries за 35.000 евра. За да се отвори еден Surf `N Fries шоп чини меѓу 45 и 80.000 евра во зависност од големината.

Кои ви се плановите за понатаму? Како ќе ја ширите франшизата?

Најголем дел од брендовите имаат дефинирано стратегија за тоа каде ќе се шират, а нашата стратегија е да одиме каде ќе нe’ викнат. Досега ние не сме оделе да ја нудиме нашата франшиза, туку  луѓето доаѓаат самите кај нас. Во моментов правиме напори да отвориме продавници во САД, а имаме многу заинтересирани и од Канада и од Австралија. Како и да е, Америка ни е особено голем предизвик,  бидејќи речиси сите  франшизинг  концепти за брза храна на Балканот дојдоа од кај нив. А сега конечно имаме ние можност ние  да им ја продаваме нивната идеја и нивната приказна, на нивни терен. Нашата голема конкурентска предност е уникатната амбалажа, и секако здравиот начин на подготовка на помфритот.

Andrija Colak4

Совет до претприемачите: Фрлете се во оган и снаоѓајте се по пат

 

 

Кој е според вас најдрагоцениот совет што може да им го дадете на младите претприемачи или оние што размислуваат тоа да бидат?

 

Кратко и јасно: да се фрлат во оган и да се снаоѓаат по пат. Претприемништвото е една голема авантура. Моето искуство кажува дека колку повеќе размислувате толку потешко ќе тргнете во бизнис. Затоа треба помалку да се размислува, а повеќе да се делува.

Верувајте, кога го стартувавме весникот за недвижности,  ние едвај имавме пари да регистрираме фирма. На нашите простори, а и во светот генерално, банките не финансираат стартапи. За тоа постојат венчр капитал фондови, бизнис ангели и сл., што на Балканот и не функционираат баш многу.  Па, ние се снаоѓавме како знаевме и умеевме. Претприемништвото е возбудливо, но не е лесно. Работите главно не одат како подмачкани, денес си должен, утре ти должат, еднаш си пред банкрот, друг пат размислуваш како да го шириш бизнисот. Тоа е една тешка борба, секој ден.

Кои се најголемите реални проблеми што ги имате, освен пристапот до финансии,  со кои се соочувале како стартап бизнис?

“Во моментов најголем предизвик е како да се бориме против нелојалната конкуренција, односно заштита на нашата интелектуална сопственост  како база од која се трга во било какво освојување на странските пазари. Јас немам кај кого да се обратам кога ни ја  копираат амбалажата. Иако официјално и законски сум се заштитил, односно сум ја патентирал. Имаме примери  каде нашата амбалажа ја користат во истата форма, само со друга боја. Тоа е како јас да земам туѓа кола, да ја префарбам и да му речам на сопственикот дека тоа не е неговата кола“.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×