Ангеловска-Бежоска: Растот на домашната економија во 2019 година ќе забрза на 3,5%
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2019

 

Angelovska Bezovska

Анита Ангеловска Бежоска, гувернер на Народната банка на Македонија

За оваа 2018 година се оценува умерен раст на домашната економија од 2,3%, а очекуваме дека тој ќе забрза во 2019 година на 3,5%. Ваквите оцени претпоставуваат поволно надворешно окружување и стабилен домашен политички контекст, а главните импулси врз растот, очекуваме да дојдат од активностите на капацитетите со странски капитал ориентирани кон извоз, понатамошниот солиден прилив на нови странски инвестиции, јавните инвестиции во патната инфраструктура чијашто динамика се очекува да забрза во следниот период, како и од растот на расположливиот доход и кредитната поддршка од банките.

 

Каква монетарна политика ќе води Народната банка во 2019 година? Може ли да се очекуваат промени и во кој правец?

Најпрво би сакала да потсетам дека изборот на монетарната стратегија зависи од структурните карактеристики на една економија, коишто не се менуваат брзо, а дел од нив и не можат да се променат. Па оттука, политиката на стабилен девизен курс соодветствува со основните карактеристики на македонската економија и тековно цениме дека нема потреба за нејзина промена, што значи дека ќе се продолжи со нејзината примена и во следната година.

Во врска со монетарната поставеност и висината на основната каматна стапка, ние како Централна банка, ги носиме одлуките за евентуална промена врз основа на оцените за тековните економски и финансиски услови и нашите идни очекувања. Поволниот макроекономски амбиент, а пред сè поволните движења на девизниот пазар оваа година, создадоа простор за водење порелаксирана монетарна политика, што се гледа и преку намалувањето на каматната стапка во три наврати, последно сега во декември. Секако, и следната година, ние и натаму редовно ќе ги следиме трендовите во економијата и соодветно на околностите ќе ја прилагодуваме монетарната поставеност, користејќи ги различните инструменти за монетарно регулирање со кои располагаме. Оттука, евентуалните промени на монетарната поставеност во текот на следната година би биле сврзани со промените во економските и финансиските услови во земјава.

Воедно, би сакала да истакнам дека 2019 година ќе ја започнеме со мошне солидно ниво на девизните резерви, коишто се клучни за поддршка на тековната монетарна стратегија. Во текот на годинава, ние како централна банка постојано откупувавме девизи на девизниот пазар, што ги одразува подобрите очекувања и довербата на субјектите во економијата, но и подобрите остварувања на корпоративниот сектор. Тоа беше клучен фактор на прирастот на девизните резерви, коишто на крајот на ноември 2018 година достигнаа ниво од 2.771 милијарда евра, односно забележаа раст од околу 435 милиони евра.

Сосема накусо, и во оваа пригода, сакам да нагласам дека и 2019 година ќе биде година во којашто НБРМ ќе биде целосно посветена на одржувањето на ценовната стабилност и стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, како и година во која и натаму ќе се унапредуваат сите сегменти на централнобанкарското работење во Република Македонија.


Какви се проценките на НБРМ за македонската економија за 2019 година?

Согласно со последните, есенски макроекономски проекции, за оваа 2018 година се оценува умерен раст на домашната економија од 2,3%, а очекуваме дека тој ќе забрза во 2019 година на 3,5%. Ваквите оцени претпоставуваат поволно надворешно окружување и стабилен домашен политички контекст, а главните импулси врз растот, очекуваме да дојдат од активностите на новите капацитети со странски капитал ориентирани кон извоз, понатамошниот солиден прилив на нови странски инвестиции, јавните инвестиции во патната инфраструктура чијашто динамика се очекува да забрза во следниот период, како и од растот на расположливиот доход и кредитната поддршка од банките.

Имајќи го предвид ова, очекуваме дека извозот на стоки и услуги ќе има највисок позитивен придонес кон растот во 2019 година, којшто дополнително ќе биде поддржан и од инвестициската активност, во услови на стабилен амбиент, натамошен раст на странските инвестиции и продолжување на циклусот на јавните капитални инвестиции. Се очекува и натамошен раст на личната потрошувачка, поддржан од порастот на платите и вработеноста во приватниот сектор, но и од кредитната поддршка од страна на банките. Растот на домашната побарувачка и извозот секако ќе доведат и до повисок увоз, но се оценува дека зголемувањето на увозот ќе биде во склад со фундаментите и нема да доведе до нарушување на надворешната рамнотежа. Воедно, не очекуваме дека забрзувањето на растот ќе создаде притисоци врз инфлацијата, со што и во 2019 година очекуваме задржување на амбиентот на ниски и стабилни цени и просечна годишна инфлација од околу 2%.

Очекуваме дека кредитната активност на банкарскиот сектор ќе биде важен фактор на поддршка на економскиот раст. Во услови на проектиран солиден раст на депозитниот потенцијал на банките и зголемување на штедењето, при адекватна капитална и ликвидносна позиција на банките, се очекува пораст на кредитирањето од околу 8% во 2019 година.


Кои се најголемите ризици за македонската економија на домашен и меѓународен план во новата 2019 година?

Мораме да имаме предвид дека македонската економија, како мала и отворена економија е изложена на ризици поврзани со глобалното економско окружување. Во моментов сме сведоци на зголемена глобална неизвесност. Во последниот период, еден од главните фактори на ризик од надворешното окружување претставуваат сè поголемите тензии во меѓународните трговски односи. Примената на протекционистичките трговски мерки создаде неизвесност за економските субјекти и неповолно влијае врз довербата, а со тоа и врз изгледите за глобалниот раст, вклучително и за растот на еврозоната, а посебно на Германија, како наш најзначаен трговски партнер на извозната страна.

Оттука, за македонската економија, којашто е вклучена во германскиот синџир на снабдување, јакнењето на протекционизмот би можело да се одрази и врз побарувачката за нашите извозни производи, како значаен канал на пренос на ризиците. А еден ваков, неизвесен глобален амбиент секако може неповолно да делува и преку каналот на капитални приливи и каналот на доверба на домашните субјекти.
Дополнителен среднорочен ризик од надворешното окружување е започнатиот глобален циклус на затегнување на монетарните услови, односно раст на каматните стапки, што може да значи понеповолни услови за финансирање на приватниот, но и на јавниот сектор.

Домашниот политички контекст, доколку не е стабилен, претставува фактор којшто исто така може да предизвика ризици за економијата во целина, главно преку каналот на доверба и очекувања на економските субјекти.

Ние, како централна банка, редовно ги следиме ризиците коишто доаѓаат и од надворешното и од домашното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика, и секако, така ќе продолжиме и во следната година.


Каде ги гледате најголемите потенцијали за поголем економски раст?

Неспорно е дека нашата економија има потреба од забрзување на растот и тоа е комплексно прашање, коешто бара синхронизирано делување на повеќе полиња. Еден од битните аспекти е потребата да се отстранат структурните пречки коишто го ограничуваат растот, што секако е долгорочен процес. 

Спроведените реформи за подобрување на деловното окружување имаат видливи ефекти, особено во извозниот сектор, којшто несомнено покажува позитивни ефекти врз целокупната економија. Овие реформи придонесоа за диверзификација на извозот и овозможија многу полесно од некои други земји да го издржиме притисокот од глобалната криза и тековно нашиот БДП да изнесува околу 20% над преткризниот максимум.
Сепак, нивото на реална конвергенција и понатаму е релативно ниско, имајќи предвид дека реалниот БДП по глава жител е само 37% од БДП на ЕУ-28, што покажува јасна потреба од побрз раст.
Неповолни се и промените во продуктивноста на економијата, којашто сѐ уште осцилира околу преткризниот максимум и е само нешто над 40%, на пример од продуктивноста на германската економија.

Затоа би посочила неколку елементи коишто се важни за забрзан раст и поголема продуктивност. Еден од нив е понатамошниот влез на мултинационални компании, коишто ќе ја зајакнат трговската и финансиската интеграција на нашата економија и ќе ја вклучат посилно во глобалните синџири на снабдување. Зголемувањето на регионалната интеграција, исто така, е ефикасна алатка којашто овозможува полесно вклучување во глобалните текови на производство. Но, во овој контекст неопходно е и посилно поврзување на странските со домашните компании, заради зголемување на позитивните пренесени ефекти врз вкупната економија.
Битен предуслов за поголема интеграција, секако, се јавните инвестиции насочени кон подобрувања на инфраструктурата, со што истовремено се зголемува долгорочниот потенцијал на економијата. Важно е и да продолжат политиките за престројување од секторите со висок степен на трудова интензивност и ниска технолошка интензивност кон сегментите со повисока технолошка развиеност и иновативност. На овој начин ќе може да се обезбеди не само повисок, туку и поквалитетен раст поттикнат од технолошки пософистицирани и иновативни сектори.
Битен предуслов за побрз и одржлив економски раст секако е и обезбедувањето на потребното финансирање преку квалитетни и стабилни извори на надворешно финансирање, финансиска поддршка преку домашниот банкарски систем и преку натамошен развој на домашниот пазар на капитал.
Но, не смееме да заборавиме дека основа за остварувањето на овие предуслови е постигнувањето напредок во унапредувањето на квалитетот на институциите и на образовниот систем, којшто е база за квалитетен човечки капитал.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×