Анѓушев: Сите предуслови се создадени за 2019 биде добра економска година
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2019
Angusev 10

Кочо Анѓушев, заменик претседател на Влада за економски прашања

Во Македонија треба да се обезбедат меѓу 55 и 60 милиони евра градежни активности на месечно ниво за да можеме да кажеме дека градежништвото се вратило на нормални рамки и дека забележува пораст. Но, притоа мора да имаме во предвид за какво градежништво ќе станува збор. Ние можеме да генерираме добри бројки и пораст ако се задолжиме и правиме проекти кои се нефизибилни. Меѓутоа, тоа не е реален раст. На Македонија и е потребен реален раст со реални, а не виртуелни проекти.

 

Какви се очекувањата за 2019 година на економски план?

Моите лични очекувања, но и како вицепремиер во Владата, се дека следната година ќе биде добра економска година. Она каде што потфрли Македонија во изминатата 2018 година беше во делот на градежништвото, додека во другите сектори имавме добар развој. Ако го исклучиме градежништвото и го гледаме порастот само во останатите сектори, растот беше над 4%, 5%. Значи ако успееме да го вратиме градежништвото во нормални размери, во тој случај очекувам тоа што е планиран раст да се оствари. Сите предуслови се создадени за 2019 биде добра економска година.
Во Македонија треба да се обезбедат меѓу 55 и 60 милиони евра градежни активности на месечно ниво за да можеме да кажеме дека градежништвото се вратило на нормални рамки и дека забележува пораст. Но, притоа мора да имаме во предвид за какво градежништво ќе станува збор. Ние можеме да генерираме добри бројки и пораст ако се задолжиме и правиме проекти кои се нефизибилни. Меѓутоа, тоа не е реален раст. На Македонија и е потребен реален раст со реални, а не виртуелни проекти и со реално градежништво.Изминатата 2018 година ја искористивме за да ги отстраниме сите пречки кај проектите кои ги затекнавме, а кои беа заглавени. Во изминатите неколку години имаше најголема реализација кај проектите од Скопје 2014 година и тие ги создаваа бројките и растот кај градежната експанзија која се случуваше. Многу е лесно сега да го правиме истото и со нереални и непродуктивни да покажуваме раст. Но, сметаме дека не ни се потребни такви проекти и сме уверени дека истите бројки за раст ќе ги постигнеме преку суштински проекти како железници, патишта, гасоводна мрежа, далекуводи…Следната година очекувам да има многу активности во градежништвото. Автопатот Кичево –Охрид е одблокиран и следната 2019 година тој ќе донесе реализација од околу 15 до 20 милиони евра на месечно ниво. Се работат голем број на експресни патишта во државата. Мислам дека низ целата земја сега се градат патишта како никогаш досега. Се гради делницата Штип-Радовиш, Штип-Кочани, се гради експресен пат од излезот на Куманово до Крива Паланка, потоа експресен пат од Градско кон Прилеп и секако се довршува автопатот Миладиновци-Штип. Овие сите проекти се во вредност од околу 1 милијарда евра. Забрзува реализацијата на железничката пруга кон Бугарија. Првата фаза требало да биде завршена до крајот на 2016 година, а јас кога дојдов на функцијата ја затекнав со 23% реализација, додека сега е 50% реализација. Објавен е тендер за втората фаза од Железницата од Бељковце до Крива Паланка во вредност од 147 милиони евра и треба да почне да се гради следната година. Во делот на гасификацијата, проектите беа забавени, но сега веќе има сериозна реализација и на овој план, односно се реализираат од еден до два милиони евра месечно. Во градежништвото влегуваат освен државните и сите приватни проекти, како фабрики, згради…Ме радува посебно што во моментов во Македонија се градат 16 фабрики од директни странски инвестиции. Заради сите овие работи кои ги наведов сметам дека се создадени сите предуслови за 2019 година да биде добра економска година.

 

Какви се очекувањата во погледна на странските инвестиции за следната 2019 година?

Овие 16 фабрики кои во моментов се градат од странски инвеститори во Македонија очекуваме сите да почнат со работа во 2019 година. Во моментов работиме на неколку нови странски директни инвестиции, од кои три или четири се извесни. Од нив една е сериозно голема германска инвестиција која ќе инвестира над 150 милиони евра во Македонија. Во Бунарџик сите парцели се веќе закупени и нема повеќе слободни парцели. Очекуваме дека странските директни инвестиции ќе направат сериозен поттик на македонската економија следната 2019 година, бидејќи новите фабрики значат поголемо индустриско производство и поголем извоз. Извозот очекуваме да расте и следната година. Минатата година имаше нето позитивен ефект од извозот од околу 4%, заради тоа што извозот растеше повеќе од увозот. И следната година очекуваме исти или поголем нето ефект од извозот.

Ќе може ли следната година да ги видиме резултатите од мерките во рамки од Планот за економски раст?

Барањата за финансиска поддршка се веќе обработени и парите на компаниите ќе им бидат исплатени до крајот на годината. Во овој момент не можеме да зборуваме за конкретни и мерливи ефекти и резултати бидејќи секоја компанија на пример која купила опрема или машини со кои го зголемила производството и за тие инвестиции ќе добие поврат на дел од вложените пари од државата и не може да се каже колку од тоа е ефект токму на мерките. Факт е дека сите компании кои ги поддржавме со Законот за финансиска поддршка го зголемиле своето производство, но дали тие го зголемиле производството само како резултат на владината мерка или во колкав дел тоа зголемување било последица на таа мерка, тоа не може точно да се измери. Финансиската поддршка за компаниите ќе продолжи и следната година одвоивме за 36% повеќе пари за поддршка на компаниите според критериумите кои ќе бидат исти за домашните и за странските компании.

Кој сектори ќе го носат економскиот раст следната година?

Растот во Македонија го носат четири сектори. Индустријата, земјоделието, градежништвото и трговијата се четирите сектори кои создаваат над 50% од Бруто домашниот производ (БДП) на Македонија. Очекувам и во следната 2019 година тие да бидат главните двигатели на економскиот раст.

Кои се според Вас најголемите ризици за македонската економија и приватниот сектор во 2019 година?

Не гледам некој посебно големи ризици за македонската економија. Секако секогаш постојат глобални ризици од светското окружување, кои би можеле да имаат влијание и врз македонската економија, како на пример трговската војна помеѓу САД и Кина, случувањата во Европската унија, посебно поставувањето на квотите за да се заштити, посебно во однос на челикот. Тоа може да има делумно влијание врз македонската економија во делот на индустријата, заради тоа што ЕУ е наш најголем трговски партнер, каде што најмногу извезуваме. Во делот на челикот и лимовите работиме со Европската унија да македонските компании не бидат до толку погодени од оваа мерка и да ги задржат и во иднина количините кои и сега и извезуваат во ЕУ.

Какви мерки можат компаниите да очекуваат во насока на зголемување на нивната конкурентност?

Мислам дека најголем проблем на сите компании во иднина ќе биде работната сила. Ние сега сите ја плаќаме цената на несоодветното образование кое беше уништувано во изминатите години.И покрај тоа што статистички ние имаме голема невработеност, проблемот е што таа работна сила која постои на пазарот не одговара на потребите на македонската економија. Затоа мислам дека следната година ќе мора повеќе да се посветиме на тоа како за економијата и за компаниите да обезбедиме повеќе квалификувана работна сила. Мерките можат да одат во две насоки. Едната насока е долгорочна и опфаќа промена на образовниот систем. Тоа ќе почне да се менува, но резултатите ќе ги видиме за подолг период после седум или осум години. Но, Македонија нема толку многу време за чекање. Другите мерки се сведуваат на преквалификација на работната сила. Најнапред треба да видиме колку навистина се невработени и бараат работа, потоа да видиме какви кадри им требаат на компаниите. Потоа, на невработените ќе им понудиме да почнат да работат во компаниите и за првите шест месеци државата наместо социјална помош ќе им плаќа плата додека тие практично се обучуваат во компаниите. После тој период компанијата да им гарантира вработување и соодветна плата. Со други зборови државата ќе ја плаќа преквалификацијата на невработените луѓе во компаниите за тој период од шест месеци. Веќе работиме со стопанските комори за да добиеме увид во тоа што се им е потребно на компаниите кои имаат проблем со квалификувана работна сила, дали станува збор за едукативни центри, обучувачи…Во овој дел е многу важно и стопанството и компаниите да ја прифатат оваа идеја и проактивно да учествуваат. Мислам дека оваа идеја ќе даде резултати уште следната година.

Германија неодамна назначи посебен економски советник во владиниот кабинет. Што може да се очекува од ова, која ќе биде неговата улога?

Германија веќе направи две важни работи за Македонија. Првата работа е што додели средства од 2,5 милиони евра преку Заедничката стопанска комора за регионот која се формираше во Трст, кои ќе бидат наменети за помош во дуалното образование, кое ќе помогне да се најде соодветен квалификуван кадар за компаниите. Понатаму, Германија ќе назначи еден, а можеби двајца советници во кабинетот на Владата кои ќе помагаат во креирањето на индустриските политики, промената на образовниот систем и преквалификацијата на работната сила. Она што е најважно Германија покажаа голема посветеност на соработката со Македонија преку формирањето на посебниот cсоветодавен одбор или т.н. Steering committee, кој од македонска страна го претседавам јас, а од германската страна нивното министерство за економија. Преку ова тело ќе имаме и подиректна соработка и комуникација во делот на обезбедување на средства од германските финансиски институции, пред се мислам на Дојче Банка и KfW, исто така да се прават инфраструктурни проекти во Македонија со германска помош.

Дали во 2019 година може да се очекуваа заживување на МБПР и посилна поддршка на развојот на економијата?

Можам слободно да кажам дека МБПР не ја извршува својата функција, но тоа не е ништо ново, тоа е така веќе 20 години наназад. Земањето на кредитни линии со државна гаранција и нивно префрлање во комерцијалните банки значи дека таа наместо за поддршка на стопанството е на некој начин поддршка на банките да дојдат до ликвидни средства. На МНПР и требаат сериозни реформи за да може да директно да пласира кредити на компаниите кои имаат добри проекти и кои треба да донесат раст во Македонија. Прв таков чекор направивме, ја сменивме во мал дел програмата и му помогнавме на Југохром. Во 2019 година треба да се направат повеќе чекори за МБПР да стане вистинска државна развојна банка.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×