Анте Тодориќ, потпретседател за малопродажба во Агрокор: Да го освоиме регионот и следна цел – Европа!
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Какво е чувството да “тежиш“ седум милијарди евра, имавме прилика да чуеме од прва рака: Анте Тодориќ, наследникот на Агрокор основан од неговиот татко Ивица, за Капитал раскажа како се создаваше најголемата бизнис империја на Балканот, сега уште посилна по преземањето на словенечки Меркатор.

 

Го “уловивме“ непосредно по неговото излагање на регионалната конференција на Бизнис плус во Белград минатата недела. Бизнис плус, каде што Капитал е партнер заедно со пет други медиуми од Балканот, имаше привилегија да слушне од прва рака што значи да си во врвот на компанија што “врти“ седум милијарди евра годишно. Анте Тодориќ е потпретседател на дивизијата малопродажба во хрватскиот концерн Агрокор, што значи дека е одговорен за клучниот бизнис на компанијата, вреден шест милијарди евра годишно, додека остатокот отпаѓа на делот производство на храна, пијалоци и останатите дејности во кои е раширен Агрокор. Истовремено тој е и претседател на Надзорниот одбор на Меркатор, словенечкиот трговски синџир кој што по повеќегодишна операција на преземање и спојување минатата година конечно стана дел од Агрокор.

-Г-не Тодориќ, прво да ве прашам какви се плановите на Агрокор за ширење на бизнисот во Македонија?

Како што знаете, во Македонија имаме два бизниси, едниот е откуп на овошје и зеленчук, а вториот винарската визба Валандово лозја, засега сме во нив, реинвестираме постојано и задоволни сме од резултатите.

-Дали останувате само на нив, имате ли планови за влегување во некои производни капацитети, трговија и сл.? Многу инвестиравте во Адриа регионот, во Македонија некако слабо досега…

Сега сме фокусирани да го финишираме ова наше спојување/преземање на Меркатор, да ја направиме интеграцијата на најдобар можен начин, а потоа ќе видиме што ќе направиме понатаму со бизнис операциите во Македонија. Не само во производството, туку и во секторот малопродажба, кој што е наш носечки бизнис во моментов, долгорочно размислуваме за инвестиции и во Македонија. Но, секако ние веќе ја развивавме дистрибуцијата за дел од нашите производи во Македонија и сигурно кога додатно ќе се консолидираме во овие наши земји каде дополнително делуваме и Македонија ќе дојде на ред.

-Кога сме кај преземањето на Меркатор… До каде е процесот на интеграција на неговиот бизнис со вашиот малопродажен дел, односно Конзум?

Тоа значи дека за шест месеци споивме по два бизниса во секоја од петте земји каде што и двете компании имаат операции (Словенија, Хрватска, Србија, БиХ и Црна Гора) во една компанија. Во една компанија ги пренесовме маркетите, притоа постигнувајќи синергија на секое ниво – софтвер, набавки, логистика, синџир на додадена вредност, итн. – постигнувајќи таков квалитет што е долгорочно одржлив и може да им конкурира на најголемите светски играчи.

-Колку време траеше всушност самиот процес на преземање? Овде на Балканот имавме чувство дека е тоа една одисеја без крај…

Па, имате право, процесот траеше цели девет години, почнувајќи од првиот документ што го размениле меѓу себе двете компании. Во аквизицијата, односно рефинансирањето на кредитите на Меркатор и Агрокор и останатите аспекти на оваа мега операција учествуваа 57 банки, a во еден момент имаше дури 4.000 професионалци од најголемите консултантски куќи во светот кои што работеа на преземањето.

-Дали може да издржите толкава задолженост, со оглед дека толку многу банки учествувале во процесот на рефинансирање и преземање?

Рефинансирањето на Меркатор е извршено успешно, и верувајте, ниту Меркатор, ниту Агрокор не би добиле пари од сите тие големи банки, доколку тие не ценеле дека нашиот бизнис модел и потенцијалот за раст се на ниво за да сме способни тие кредити да ги вратиме.

Ante Todoric2

Во еден момент преку 4.000 консултанти, како и 57 банки вкупно, учествуваа во мега-операцијата на преземањето на Меркатор од страна на Агрокор.

 

-Што добивте на крајот? Колкава компанија сега е Агрокор?

Агрокор сега, со спојувањето на операциите од малопродажниот бизнис на Меркатор и Конзум, е компанија со преку седум милијарди евра приходи годишно, од кои што шест милијарди евра се од трговијата, а една милијарда од производството на храна и останатите бизниси на концернот.
Во регионот на петте земји каде што сме присутни со трговијата, севкупно сме бр.1 во малопродажбата. Во Словенија со 1,7 милијарди евра приход држиме 33% од пазарот со нашите 500 маркети. Меркатор е компанија што своевремено имаше и преку 40% пазарно учество во малопродажбата, но во земјата влегоа најголемите европски трговски синџири и имаме сериозен предизвик да се бориме против нив и да го вратиме Меркатор на некогашната позиција. Во Хрватска исто така, се присутни седум големи европски малопродажни синџири, а ние држиме една третина од пазарот и остваруваме 2,4 милијарди евра приходи во 750 маркети на Конзум. Во Србија имаме 1,1 милијарди евра продажба, 15% од пазарот и 315 продавници под Меркатор Србија, односно брендовите Рода и Идеа, и сме најголем трговец. Во БиХ со 500 милиони евра приход, 15% од пазарот и 250 продавници на Конзум, и на крајот, во Црна Гора со истото пазарно учество, правиме 100 милиони евра годишно во нашите 87 продавници под брендот Рода.

-Како е да се управува со таков малопродажен бизнис, голем и за европски, а да не зборуваме за балкански прилики? Која е вашата стратегија за продор на пазарите?

Како што гледате, се работи за огромна бројка на продавници, околу 2.000, со вкупно преку еден милион метри квадратни трговски простор. Тоа пружа огромни прилики за локалните снабдувачи. Нашата клучна стратегија е да играме локално, а потоа се шириме регионално. Од нашите снабдувачи очекуваме да го направат она што ние го направивме – да се окрупнат, да се иновативни, да станат поконкурентни. Без тоа нема да бидеме одржливи на долг рок. Па замислете, ние конкурираме со компании кои што годишно имаат набавка само на чоколади во вредност колку што е целиот наш приход. Ако чоколадите што ние ги набавуваме вредат, да речеме, 200 милиони евра, и не се конкурентни колку оние на европските играчи, односно Меркатор и Конзум немаат маржа каква што имаат светските конкуренти, ние нема да бидеме одржливи, а ниту нашиот снабдувач.

-Како ги поддржувате локалните производители и дистрибутери, колку се грижите за нивниот раст и развој, со што и вие побрзо растете?

Видете, ние може да работиме и без маржа извесен период, да помогнеме на некои производители да се пробијат на трговските полици и сл., но мора да сфатиме дека во регионов странските трговски синџири имаат огромно влијание, тие со себе носат и огромен број на приватни марки од нивните матични земји и мене воопшто не ме радува кога гледам како некој друг се радува на доаѓањето на некој голем мултинационален трговец, затоа што тие имаат долгорочен интерес да ги поддржат своите снабдувачи. Агрокор, односно Конзум и Меркатор, мора да ги поддржат своите снабдувачи и да ги прават што поконкуретни. Ако погледнеме во регионот, во секоја од земјите кај што сме присутни има одлични компании кои се наши снабдувачи, кои можеби не се значајни на европско ниво, но се доволно конкурентни и заедно со нас може да се унапредат и одржат.

-Колку се промени пазарот на малопродажба во регионов во периодот додека траеше вашиот обид да го преземете Меркатор?

“Ритејл“ секторот доста се промени последнава деценија. Потрошувачите своевремено одеа во еден маркет, а денес пазаруваат во 3-4 различни трговски брендови. Денес купецот има повеќе можности, поголема понуда на маркети, купување преку интернет, подобро е информиран, гледа што помалку да потроши, но да купи квалитетно. Рецесијата страшно ги демотивираше потрошувачите во регионов, и мораме да постигнеме што поголема вработеност со помош на инвестиции, за да нашите потрошувачи почнат што повеќе да купуваат и да излеземе од негативниот циклус на кризата. Не случајно во САД се грижат само за зголемување на вработеноста, за ништо друго. Агрокор е токму тој што вработува – во Хрватска вработуваме 30.000 луѓе, и исто толку надвор од земјата.
Нам ни е особено важен развојот на малите и средни компании, што ќе стануваат с$ посилни и посилни, односно главни играчи во регионот во своите бизниси. Ние сакаме да ги поддржуваме овие бизниси, затоа што без големи, нема мали и средни.

Ante Todoric1

Цел Јадран носи седум милијарди евра годишно, а една Ибица во Шпанија, остров голем колку Крк, носи исто така седум милијарди евра. Кажете ми сега дека нема потенцијал за туризмот во регионов

-Дали би биле толку конкурентни ако не се ширевте силно во регионот?

Компанија може да биде силна во некои локални бизниси, но имате бизниси што се т.н. “volume driven”, односно без постигнување на голем обем на продажба е тешко да сте конкурентни. Ние кога ја купивме Јамница, фабриката произведуваше 20 милиони литри вода годишно, а денес стигнавме до 550 милиони литри. Кога го купивме Конзум, трговскиот синџир имаше 20 милиони евра приходи и работеше со загуба, денес Агрокор малопродажба, со с$ Меркатор има шест милијарди евра приходи. Кога го купивме Ледо, прометот беше три милиони евра, денеска е 300 милиони евра. Ова сето е доказ дека во овој регион може да се успее, има перспектива, овој регион може да оди напред.
Во некои бизниси, како земјоделие, туризам и сл., ако се инвестира многу, ако се направи иновативен производ, може долгорочно да бидете конкурентни. Но, мора да постигнете светска цена, која што е на светските берзи, инаку ќе пропаднете.

-Што ќе прави Агрокор понатаму? Каква е компаниската стратегија за иден раст и развој?

Агрокор направи голем исчекор, преземајќи го Меркатор од компанија што правеше 4 милијарди евра приход годишно, станавме гигант од седум милијарди евра. Потребни ни се уште неколку месеци за интеграцијата помеѓу двата трговски синџири, Меркатор и Конзум да се заврши, и уште година-две за да го максимизираме квалитетот во секој сегмент и на двете страни. Агрокор постојано бара прилики да влезе на пазарите во некоја брзорастечка економија на долг рок, затоа што сметаме дека имаме капацитет за тоа, и кадровски, и логистички, и во секој друг поглед. Нашата најголема сила се преку 5.000 менаџери, способни луѓе во своите најдобри години, кои што израснаа со Агрокор и повеќе од 15 години се борат со најголемите светски конкуренти.

Регионот има најголеми шанси во агробизнисот и туризмот!

-Каде гледате најголеми прилики за раст во регионот, во кои бизнис сектори?

Првиот голем потенцијал, јас лично, а и ние во Агрокор, го гледаме во агро-бизнисот, а вториот во туризмот. Туризмот, има огромен неискористен потенцијал. Па, видете го само овој пример: цел Јадран носи седум милијарди евра годишно, а една Ибица, остров голем колку Крк, носи исто така седум милијарди евра. Кажете ми сега дека нема потенцијал за туризмот?!

Затоа Агрокор реши со партнер, како што е светскиот гигант во туризмот, ТУИ, да инвестира во хотелиерство и досега донесовме 200 милиони евра инвестиции на Јадранот. Ние сме партнер 33% во заедничката компанија. Но, не само со ТУИ, ние разговараме и со неколку други големи светски компании што би можеле да инвестираат во Хрватска и регионот.

Еве каква империја создадоа Ивица и Анте Тодориќ

Агрокор

1976г.
почетоци на компанијата, како бизнис со цвеќе

7 милијарди евра
приход во 2014г.

60.000
вработени, по преземањето на Меркатор

24
компании поседува концернот во моментов

65
брендови поседува концернот во областа малопродажба и производство храна и пијалоци

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×