Горан Антевски
Генерален директор на Раде Кончар-ТЕП
Во време на повеќекратни економски и геополитички кризи, како ја дефинирате улогата на една индустриска компанија како Раде Кончар-ТЕП во однос на општествената одговорност – дали таа денес е избор или обврска?
За нас во Раде Кончар-ТЕП, транспарентноста и одговорноста се темел на успехот веќе повеќе од 20 години. Општествената одговорност не е нешто што го правиме затоа што мора – туку е дел од нашата ДНК, од нашиот начин на работа. Секој зборува за одговорност кога е криза , но вистински предизвик е да останеш доследен.
Ние сме свесни дека успехот не се мери само финансиски. Уште поголем успех е кога, паралелно со резултатите, помагаш на заедницата каде што работиш, и притоа применуваш практики за зачувување на животната средина.
Како индустрија имаме директно влијание врз животната средина, врз здравјето и безбедноста на луѓето, врз локалната економија и врз довербата во системот. Во пракса тоа значи дека во секоја инвестиција и одлука вклучуваме „поглед на одржливост“: што е добро за компанијата, но и што е добро за луѓето и за околината.

Кои се клучните иницијативи што Раде Кончар-ТЕП ги реализираше во последните години во областа на корпоративната општествена одговорност (КОО), а кои имаа највидливо и најдолгорочно влијание врз локалната заедница?
Јас секогаш велам: најдобрата општествена одговорност е едноставна : да бидеш стабилен работодавач, коректно да плаќаш кон државата и кон партнерите, да инвестираш и да создаваш знаење. Работиме во неколку насоки истовремено, но поддршката на образованието ни е приоритет уште од самите почетоци.
Преку стручна пракса, обуки и материјална поддршка во средните технички училишта и на факултетите, помагаме да се изгради иднина за следните генерации. Секој што дошол на пракса или обука добива можност да работи на реални задачи и проекти.
Дополнително, преку донации и спонзорства, во 2024 година вложивме 1,8 милиони денари во проекти за поддршка на спортот, културата, образованието и хуманитарните иницијативи. Вложуваме и во обновливи извори и енергетска ефикасност, затоа што тоа е корист и за компанијата и за заедницата.
Во јавноста често се зборува за ESG стандардите. Како изгледа нивната практична имплементација во една македонска производствена компанија и кои сегменти ви беа најголем предизвик?
ESG е всушност една слика – каде точно стои компанијата. Тоа не е маркетинг и не е тренд. ESG е како „рентген снимка“ на реалноста: како се однесуваме кон луѓето, како влијаеме на околината и колку сме стабилни, правични и предвидливи во управувањето.
Кога ќе ја видите целата слика составена од сите елементи, полесно се одредува што е следно да се поправи или да се подобри. Најголем предизвик во пракса обично е дисциплината во мерењето: да се соберат точни податоци, да се стандардизираат и да се следат континуирано.
Практичната имплементација значи да дефинираш јасни цели, индикатори и одговорности – кој што мери, кој известува и кој носи одлуки. Потоа доаѓаат инвестициите и подобрувањата. Затоа и препорачувам ESG извештајот да се изработи навреме: да ја видиш стартната позиција и јасно да го нацрташ патот на подобрување.

Младите генерации сè почесто ги вреднуваат компаниите според нивните општествени вредности. Како Раде Кончар-ТЕП работи на тоа да биде атрактивен и кредибилен работодавач за младите што треба да ја градат иднината во Македонија?
Младите кои сакаат да успеат и да се развиваат бараат три работи: фер однос, можност за развој и смисла во работата. Години работиме со конкурентен систем на плати, стимулации, бонуси и бенефиции, но исто толку важно ни е и чувството на правичност и почит.
Имаме програми за обуки, менторство и практична работа на реални предизвици. Тоа е резултат на отвореност и уверување дека младите се иднината.
Кога ќе видат дека компанијата се грижи за нив, за безбедна работна средина, за развој и за заедницата, тогаш веруваат и остануваат.
Во едно од Вашите јавни настапи истакнавте дека економскиот раст кај нас повеќе се темели на јавна потрошувачка отколку на инвестиции. Каде ја гледате улогата на приватниот сектор во менување на тој правец – и дали општествено одговорното работење може да биде дел од решението?
Да, апсолутно. Приватниот сектор е моторот што може да ја смени сликата – преку инвестиции, продуктивност, извоз и иновации. Кога компаниите инвестираат, се создаваат нови и поквалитетни работни места, расте извозот, се зголемуваат буџетските приходи и се подига целокупниот стандард.
Општествено одговорното работење е дел од решението затоа што директно ја зголемува конкурентноста. Кога вложуваш во енергетска ефикасност и обновливи извори, ги намалуваш трошоците и ризиците. Кога вложуваш во кадар, создаваш знаење што останува дома.
Тоа не е романтика – тоа е економија.
Истражувањата покажуваат дека голем дел од потрошувачите не им веруваат на брендовите кога зборуваат за општествена одговорност. Како се гради доверба – не преку кампањи, туку преку реални дела?
Довербата не се гради со зборови – туку со дела. Ние не правиме големи кампањи- едноставно ги објавуваме бројките, ги подготвуваме извештаите и ги покажуваме резултатите. Транспарентноста е најсилниот „маркетинг“ – луѓето чувствуваат кога нешто е искрено.
За етичко работење имаме усвоено Кодекс за корпоративно управување, Етички кодекс и Кодекс на однесување, со јасни принципи како законитост, транспарентност и спречување конфликт на интереси.
Кога ова го живееш секој ден – кампањата станува непотребна.
Дали можете да издвоите конкретен проект или практика на Раде Кончар-ТЕП на која сте особено горди, а која најдобро ја отсликува вашата филозофија за одговорно и одржливо работење?
Особено сум горд на нашата долгорочна практика за системска поддршка на младите – стручна пракса, менторство и вклучување во реални производни и инженерски задачи. Тоа е најдобрата инвестиција што една индустриска компанија може да ја направи: да создава кадар дома, со реални вештини и со правилен однос кон квалитетот, безбедноста и дисциплината.
Кога млад човек ќе влезе во производствена средина и ќе почувствува дека има ментор, јасни стандарди и простор за напредок, добиваме двоен ефект: компанијата добива нова енергија и идеи, а општеството добива стабилни професионалци што остануваат тука.
Токму ваквите практики ја покажуваат нашата филозофија: одржливост значи да градиш луѓе, да градиш системи и да бидеш коректен секој ден.
Како ја мерите успешноста на КОО активностите – дали преку финансиски показатели, преку влијанието врз заедницата или преку односот на вработените и партнерите кон компанијата?
Ја мериме преку комбинација од три агли: луѓе, заедница и резултати. Дел од индикаторите се „тврди“ – вложени средства, број и квалитет на обуки, безбедност и здравје при работа, енергетска ефикасност и намалување на отпад и ризици. Друг дел се „меки“, но подеднакво важни – доверба, задоволство и задржување на вработените, како и повратни информации од партнерите.
Клучно е мерењето да биде континуирано, а не кампањски. Кога КОО е вграден во секојдневното управување, резултатите се видливи и се претвораат во навика и култура, а не во еднократна акција.
Што би им порачале на македонските компании кои сè уште ја гледаат корпоративната општествена одговорност како трошок, а не како инвестиција во стабилна и одржлива иднина?
Би им порачал да ја гледаат КОО како алатка за стабилност, а не како трошок. Во период на кризи, најскапо е да немаш доверба, да немаш кадар и да немаш контрола врз ризиците. КОО и ESG се практичен начин да го намалите тоа.
Не мора да започнете „совршено“ – започнете со мерење и дисциплина: поставете правила, направете базна состојба, дефинирајте цели и бидете транспарентни.
Ако вложувате во луѓе, безбедност и ефикасност, тие вложувања се враќаат – преку продуктивност, квалитет, стабилен раст и поголема конкурентност на домашниот и странските пазари.




















