Азески:Реиндустријализацијата е единствена развојна алтернатива за Македонија  
Објавено на од во Економија

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија
Азески Бранко

-Очекувања и проценки за македонската економија за 2019 година?

Во услови на функционирање на големи внатрешни и надворешни неизвесности и предизвици, во година кога се преземаа стратешки чекори за позиционирање на земјата во евроатлантските интеграции, македонската економија сепак, има реални основи да ја заврши 2018 година со проектираниот раст од 2,8% и да се надева на подобри резултати во годината која доаѓа. Сите сегашни параметри даваат за право деловната заедница во 2019 година да очекува уште поголемо стабилизирање на условите за водење бизнис и отстранување на факторите што го нарушуваат нормалното функционирање на пазарниот начин на стопанисување.
Предвидувањата се дека во 2019 година ќе се оствари повисока стапка на раст на БДП и тоа раст од 3,2% преку засилена поддршка на малите и средните претпријатија, владеење на правото, зачленување во НАТО, повеќе инвестиции итн, што треба да резултира и со подобар животен стандард на населението. Поддршката на бизнис секторот што започна оваа година преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Програмата на Фондот за иновации и технолошки развој, за очекување е дека ќе биде соодветно искористена од бизнис заедницата бидејќи за оваа намена се планирани 36% повеќе средства кои ќе се издвојат од буџетот во 2019 година. Сепак ако целиме кон повисоки стапки на раст од икслучително значење е повисок степен на реализација на планираните капитални инвестиции кои согласно Буџетот за 2019 година се поставени на 26.187 милијарди денари или се зголемени за 8,4% во однос на 2018 година односно за 41,4% повеќе од средствата со ребалансот во 2018 година, од кои значителни средства се наменети за патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и управувањето со отпад.  

На надворешен план, во 2019 година,фокусот на активностите ќе продолжи во насока на креирање порелаксирани економските односи меѓу земјите од Западен Балкан, активности  кои Стопанската комора на Македонија ги реализира преку Коморскиот инвестициски форум, во напорите за заедничка борба на европските пазари и како инструмент кој работи на поттикнување на економската соработка и е кохезионен фактор на политичкото и економското функционирање на Балканот, а кој директно ќе влијае и на поттик на македонската економија. Втор значаен сегмент е функционирањето на Заедничкиот економски управувачки комитетод македонска и германска страна, формиран неодамна на германска иницијатива, а во насока на интензивирање на соработката на двете земји на економско поле, како резултат  на  фактот дека Германија е прв трговски партнер на нашата земја и една од ретките земји со кои остваруваме суфицит во размена. Комитетот во кој ќе бидеме активно вклучени ќе работи во три главни насоки, зголемување на соработката во индустриското производство, преку поголем извоз на македонски производи на германскиот пазар, изградба на соодветна модерна инфраструктура што треба да го направи поконкурентно македонското стопанство и во делот на образованието, со цел да се пренесат позитивните практики од германската страна за образование кое е насочено кон индустријата и потребите на пазарот на труд.

 

-Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите и приватниот сектор?

Клучниот проблем кој во моментов преставува кочница и е препознаен како најголем ограничувачки фактор за развој на економските активности е недостатокот на квалификуван кадар. Тргнувајќи од податокот дека во нашата земја стапката на невработени млади лица е многу висока, а компарирајќи ги и податоците за вработеноста и пропорцијата на невработени лица по возраст и квалификации, како комора веќе неколку години активно се залагаме за спроведување реформи во образовниот систем, како и помасовно промовирање на моделот на дуално образование. Активностите ги интензивираме и преку проектот “Образование за вработување во Македонија” каде поддржани од Швајцарската Влада, сме активно вклучени и ќе работиме на три сегменти, краткорочно на  преквалификација и доквалификација на кадри за потребите на бизнис секторот, долгорочно на менување на моделот на формалното стручно образование и промени во законската регулатива.

Втор не помалку значаен предизвик е подигнување на конкурентноста и иновативноста на македонските производи и зголемување на нивниот број од аспект на иницирање поголема извозна активност како основен предуслов за обезбедување економски раст и развој. Во таа насока, од големо значење е да продолжи процесот на поддршка на бизнис секторот за техничко технолошки вложувања во успешните извозно ориентирани компании, на газелите, микро и малите претпријатија и иновативните проекти, поддршка на соработката на странските компании со домашни добавувачи, стимулирање и поттикнување на обемот на сите инвестиции, кои се во насока на обезбедување конкуретни производи кои ќе стимулираат поголем извоз на странските пазари. На тој начин очекуваме дека ќе се покренат и процесите како да се достигне и надмине раст на домашната економија од 5% па и повеќе. И натаму стои констатацијата дека за да има развој потребно е најмалку 20-25% од БДП да се инвестира во нови производи, иновативност, конкурентност.

Тргнувајќи од фактот дека капиталните инвестиции доведуваат до поголема динамизираност на економскиот раст потребна е нивна целосна реализација, особено имајќи го предвид фактот дека оваа година се реализираа само 35,6% после ребалансот, што катастрофално се одрази на резултатите во градежниот сектор кој има индиректно влијание и во многу други стопански дејности.

 

-Каде ги гледате најголемите потенцијали за поголем економски раст?

Само економија што има индустриска и извозна структура, примарно базирана на производи кои се карактеризираат со поголема комплексност и ниво на софистицираност, има капацитет да генерира високи стапки на раст. Ако се анализираат последните статистички податоци за движење на индустриското производството оваа година, има зголемување за 5,2% споредено со 10-те месеци лани и оваа динамика е добар сигнал, особено ако се има предвид порастот во секторот на преработувачка индустрија од 6,7%, која учествува со 80,7% во македонската економија. Вториот параметар за придвижување на економијата е остварениот обем на стоковна размена кој бележи пораст од 14,4%, со значително поголем процентуален пораст на извозот споредено со увозот.

Во оваа насока Стопанската комора на Македонија следната 2019 година главно активностите ги насочува кон отпочнување на процесот на реиндустријализација и извозна диверзификација, што е единствена развојна алтернатива која и` стои на располагање на Македонија како мала отворена економија  (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и потсектори кои имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност) и извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи кои имаат повисок степен на финализација и ниво на комплексност, пораст на бројот на извозни компании и зголемување на бројот на земји каде земјата извезува). За таа цел, комората со реномирани меѓународни и домашни експерти во следниот период ќе работи на мапирање на тие стратешки индустриски сектори, потсектори и производи и детално проучување на одделните индустриски гранки (на ниво на производ) и нивната репродукциска поврзаност (вертикално и хоризонтално) со цел идентификување на развојните можности и потенцијали на земјата.

Секако и во оваа насока укажуваме дека за да може да се постигнат подобри економски перформансии да се воведуваат нови мерки кои ќе го поттикнат тој раст, од приоритетно значење е решавање на проблемот со недостатокот на квалификуван кадар, за што се потребни итни реформи во образовниот систем кои треба да стартуваат веднаш.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×