Балканот како бојно поле во новата Студена војна на Русија и Западот
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Serbian President Nikolic helps Russian President Putin with his jacket during a military parade to mark 70 years since the city's liberation by the Red Army in BelgradeДосегашната политика на ЕУ, да поддржува сѐ што го чува спокојот на Западниот Балкан, беше многу опасна и создаваше перфектна средина за Москва да може да ги игра своите игри. За да се спречи ова, Брисел треба да им придаде поголема тежина како на „морковите“, така и на „стаповите“, нудејќи вистински стимули за институционална реформа и вистински санкции за отстапувањето од реформите во регионот, е ставот на аналитичарите кои ги консултирал The New York Times

Балканот, регионот од каде почна Првата светска војна, бил буре барут, место каде империи, народи и религии живееле заедно и биле соперници. Сега, предупредуваат аналитичари за The New York Times, регионот се претвора во бојно поле во новата Студена војна.

Русија, истакнуваат аналитичарите, го шири своето влијание и ја засилува етничката тензија во државите што се надеваат на членство во Европската унија. Мешањето на Москва веќе го натера Брисел да ги оживее плановите за проширување. Тоа, исто така, го натера Вашингтон да обрне внимание на ризиците за безбедноста на државите членки на НАТО.

По усогласениот одговор на Западот на труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во англискиот град Солсбери, со протерувањето на околу 150 руски дипломати и разузнавачи, „Балканот станува уште поважен“, вели сениор истражувачот на Институтот за меѓународни односи во Прага, Марк Галеоти.

„Русија бара начини за одмазда, што се асиметрични и ѝ обезбедуваат опции на Москва“, додава експертот.

Во нов извештај за Европскиот совет за надворешни односи, Галеоти тврди дека „Русија гледа на Балканот како на бојно поле на својата „политичка војна“, обидувајќи се „да предизвика конфузија и евентуални игри на взаемни отстапки со Европската унија“.

Поранешниот директор за Европа на Советот за национална безбедност во тек на мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама, Чарлс Купчан, посочува дека „Русите го користат последниот дел од Западна Европа, што останува политички нефункционален“.

Положбата на Балканот има некои сличности со Украина, каде Русија првично се согласи дека Киев може да се приклучи на Европската унија, иако не и во НАТО, а потоа го смени ставот, што доведе до револуцијата што ја натера Москва да го анектира Крим и да поттикне процес за отцепување во источна Украина.

На Балканот конкуренцијата со Русија го има потенцијалот да посее нова нестабилност во регионот што сѐ уште закрепнува од ужасната војна од 1992-1995 година, што доведе до распаѓањето на поранешна Југославија.

Босна и Херцеговина останува кревка конструкција, погодена од корупција, слабо лидерство и етнички и националистички тензии меѓу заедниците, што е метафора за целиот Балкан.

Босна е една од клучните влезни точки што Русија се обидува да ги искористи, потцртува Купчан, во случај кога лидерот на српскиот полуавтономен регион, Република Српска, Милорад Додик, продолжува да притиска за референдум за независност. Другите точки на Балканот се Македонија, каде односите меѓу етничките Албанци и етничките Словени (како што се посочува во материјалот), продолжуваат да бидат напнати, какви што се и односите меѓу Србија и Косово.

Будна во однос на руското мешање, Европската унија подготвува нова перспектива за членство на Босна и на останатите пет држави од Западниот Балкан – Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и Косово – во замена за спроведување фундаментални структурни реформи.

Скептицизмот во овие држави кон Брисел е длабок. Мнозина се сомневаат во искреноста на Европската унија, која се претвора во попопулистичка, побудна во однос на миграцијата, и попретпазлива по приемот на Романија и на Бугарија, во однос на зачленувањето на држави пред да бидат подготвени за членство.

„Претседателот на Европската комисија, Жан-Колд Јункер, згреши кога изјави дека не е заинтересиран за проширување“, истакнува поранешниот министер за надворешни работи на Шведска и специјален пратеник на Обединетите нации за Балканот, Карл Билт.

„ЕУ загуби интерес во тек на неколку години (во однос на проширувањето) и тоа имаше погубни последици“, дополнува Билт.

Но, откако Велика Британија ја напушта Унијата, а Русија ги користи проблемите во регионот, ЕУ сега изложи детален план за Балканот, потцртувајќи дека ако сѐ оди според планот, Србија и Црна Гора би можеле да се приклучат до 2025 година. Се споменува дека Бугарија, која претседава со ЕУ моментално, ќе биде домаќин на специјална средба на врвот на Балканот во мај. Балканот е на дневен ред на Европскиот совет во јуни, а Британците ќе бидат домаќини на средба на врвот на Западниот Балкан во јули, токму пред самиот на НАТО во Брисел.

„Време е да ја завршиме работата од 1989 година“, потцрта еврокомесарот Јоханес Хан, одговорен за проширувањето, додавајќи: „Ние ја определивме 2025 година, како рамковен датум за Србија и Црна Гора, што е реалистичен, но и многу амбициозен“.

САД, исто така, нагло почнаа повеќе да се интересираат за Балканот. Обновениот интерес на Вашингтон „произлегува делумно од стравувањата за раширеното влијание на Русија“, анализира Рос Џонсон, забележувајќи дека Конгресот на САД настојува Секретаријатот за одбрана да даде „оценка на соработката во областа на безбедноста меѓу секоја држава од Западниот Балкан и Руската Федерација“.

Русијастави до знаење дека новото проширување на НАТО на Западниот Балкан е неприфатливо, а Москва беше замешана во чуден обид за преврат во Црна Гора во 2016 година, пред земјата да се приклучи на НАТО.

Русија се обидува да се утврди на Балканот како со својата Влада, така и со бизнисот, така што кога државите од Западниот Балкан ќе се приклучат кон Европската унија, „тие ќе го донесат руското влијание со нив“, вели Галеоти.

Стратегијата е слична како онаа што Кина и Русија ја спроведуваат со Грција и со Кипар, што се сметаат за места каде руските пари можат да бидат испрани во евра.

Русија, исто така, шири влијание и преку медиуми – како со контролирани од Кремљ сајтови како „Спутник“, така и со интернет тролови, што ги експлоатираат локалните проблеми.

Карл Билт особено посочува на руските инвестиции во критичната инфраструктура на Србија, како на пример, во енергетиката. И покрај тоа што руските инвестиции избледуваат ако се споредат со оние од државите на Европската унија, Србија има природен афинитет кон руските православни браќа, и ја памети поддршката на Русија за време војната на Косово.

„Дали ЕУ е доволно сензибилизирана во однос на она што се случува во Србија?“, прашува Марк Галеоти, а одговорот што го дава е „не“.

„Политиката на ЕУ, општо земено, беше да поддржува сѐ што го чува спокојот на Западниот Балкан“, вели експертот, додавајќи дека „тоа е многу опасно и создава перфектна средина за Москва да може да ги игра своите игри“.

Брисел, вели Галеоти како и останатите аналитичари, треба да им придаде поголема тежина како на морковите, така и на стаповите, нудејќи вистински стимули за институционална реформа и вистински санкции за отстапувањето од реформите.

Поранешен висок американски владин функционер, кој побарал анонимност за да го зачува своето влијание во регионот, го нарекол Балканот ново бојно поле за Студена војна, додавајќи дека државите овде се реформираат одвај откако Брисел и Вашингтон работат заедно за да ги притискаат лидерите да ги прекинат старите навики како корупцијата, заробената држава, политизираниот судски систем, руските скриени компании, што се обидуваат да завладеат со клучната инфраструктура и со медиумите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×