Банкарите го одмрзнаа кредитирањето на бизнисот, „тепачка“ за добрите компании
Објавено на од во Банки и бизнис
Фирмите годинава ќе може полесно да добијат кредит од банките. Најновата анкета на Народната банка спроведена меѓу сите банкари покажува дека тие очекуваат да се олеснат условите за кредитирање на приватните компании, додека пак кај граѓаните, се очекува благо заострување на критериумите за одобрување кредити. Освен тоа, најголем дел од банкарите очекуваат дека ќе се намалат и каматите за корпоративните кредити. Ова се толкува како исклучително добра вест за бизнис секторот кој поминува низ сериозни финансиски проблеми
grafik-1

Од Народната банка објаснуваат дека силната конкуренција меѓу банките и вишокот ликвидност во нивните каси најмногу придонесува да ги олеснат условите за кредитирање за да може парите што ги имаат да ги пласираат во економијата.

Конкуренцијата од другите банки и ликвидносната позиција на банките се фактори коишто придонесуваат за олеснување на условите. Во однос на факторите поврзани со согледувањата на банките за ризикот, она што е значајно за оваа анкета е што се забележува одредено подобрување кај очекувањата за вкупната економска активност, така што за првпат по првиот квартал на 2010 година, овој фактор делумно придонесува за олеснување на кредитните услови на нето-основа. Факторите поврзани со очекувањата за перспективите на поединечните фирми и економски гранки, како и трошоците поврзани со капиталната позиција на банките се оценуваат како фактори коишто имаат нето- придонес во заострувањето на кредитните услови”, пишува во најновиот извештај на Народната банка за очекуваната кредитна активност годинава.

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорги Јанчевски, вели дека банкарите буквално се натпреваруваат да добијат добри клиенти меѓу компаниите и тоа е тоа што доведува до олеснување на пристапот до капитал.

Условите за кредитирање се исти како и лани, засега не гледам значителни промени во кредитната политика. Силната конкуренција меѓу банките во услови кога пливаат во пари не тера да ги бараме добрите фирми за да ги кредитираме, но од друга страна остануваме претпазливи кога станува збор за одобрување кредити за презадолжени клиенти. Ќе анализираме внимателно каква е нивната кредитна способност, какво обезбедување имаат и секако за каков проект бараат кредитна поддршка. Дополнителен ризик за кредитирањето годинава е дали економијата ќе влезе во нови турбуленции што ќе зависи од развојот на политичката ситуација. Ако состојбата се влошува, банкарите секако ќе реагираат со рестриктивни мерки”, вели Јанчевски.

Генералниот директор за управување со ризици во Стопанска банка, Тони Стојановски, оценува дека темпото на кредитирање годинава ќе зависи од обемот на домашната економска активност но и од заздравувањето на еврозоната.

Имајќи ги предвид макроекономските проекции за домашната економија за 2015 година, од една страна, како и неизвесностите кои доаѓаат од Еврозоната, како наш најголем трговски партнер, од друга страна, наша оценка е дека оваа година може да се очекува благо зголемување на кредитниот раст на ниво од 8%-9%. Притоа, голем предизвик за банките ќе претставува одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и поголемо забрзување на кредитниот раст во делот на компаниите. Покрај очекуваната перцепција за намалени ризици во делот на кредитирањето на компаниите, мошне битно е да се воспостави подобар баланс на кредитниот раст помеѓу населението и компаниите. Тоа е значаен услов со цел кредитниот раст кој го генерираат банките да даде оптимален импулс на растот на економијата и истовремено да ја зајакне одржливоста на квалитетот на нивните кредитни портфолија”, објаснува Стојановски.

Од Комерцијална банка исто така проценуваат кредитните активности ќе се одржуваат на ниво на раст како и лани, при што „тоа ќе биде раст кој ќе ја следи општата економска состојба и стапката на раст на бруто домашниот производ”.
Според нивните податоци, фирмите, се уште најчесто бараат кредити за обртен капитал, со цел подобрување на нарушената ликвидност на подолг рок, додека во помал обем имало и кредитни барања за нови инвестиции. Кај граѓаните, најголема побарувачка имало за станбени кредити.

Од Прокредит банка објаснуваат дека „со оглед на тоа дека банките во Македонија се доста ликвидни, побитни услови за раст на портфолијата би биле квалитетот на проектите и општите економски придвижувања во државата. Сепак секоја банка сама одлучува каков тип на проекти ќе финансира и која таргет група ќе биде во фокусот на нејзиното работење. ПроКредит банка во фокусот на своето работење ги има малите и средни претпријатија кои претставуваат мотор на секоја економија и очекуваме раст на портфолиото над 10% годинава”.

Од Охридска банка велат дека досега банката водела врамнотежена кредитна политика која овозможила раст со значително побрза динамика од банкарскиот сектор.

Годинава продолжуваме со истото темпо во очекување на континуирана кредитна поддршка на стопанството и населението. Очекуваме кредитен раст во рамки на комерцијалните таргети на одржлива основа од аспект на квалитетот на кредитното портфолио”, велат од Охридска.

Од банката велат дека фирмите се особено заинтересирани за кредитите од странските кредитни линии (сервисирани преку МБПР, Меѓународната Финансиска Корпорација, дел од Светска Банка (ИФЦ) и ЕБРД) заради субвенционираните каматни стапки што ги нудат, како и бесплатните консултации и насочувања за поголема ефикасност. „Не е занемарлива и вредноста на кредити за работен капитал кои најчесто се бараат во форма на пречекорувања на сметката и краткорочни кредити”, велат од Охридска.

Народната банка го регистрираше зголемениот интерес за кредити уште кон крајот на минатата година, при што особено е евидентирана поголема побарувачка од фирмите.
Во последниот квартал е евидентиран најсилен пораст на кредитирањето на приватните фирми од 4,5%, а според објаснувањата на Народната банка, освен солидните остварувања на домашната економија и закрепнувањето на приватниот сектор, ваквите движења во еден дел се должеле и на преземените мерки на монетарната политика, вклучувајќи ја и нестандардната мерка за поттикнување на кредитната активност за нето-извозниците и производителите на електричната енергија. Според податоците на НБМ, во втората половина од 2014 година со оваа мерка биле пласирани 7,4 милиони евра кредити. НБМ евидентира и поинтензивно користење на средствата од кредитната линија од ЕИБ. Во втората половина од минатата година биле повлечени 31,8 милиони евра, од кои околу 80% биле инвестициски кредити за поддршка на малите и средните претпријатија.

Банките во наредниот период очеку-ваат натамошно зголемување на побарувачката на корпоративните кредити. Од аспект на факторите коишто делуваат на корпоративната побарувачка на кредити, за нејзиното зголемување и натаму позначително влијание имаат инвестициите во залихи и обртен капитал, како и преструктурирањето на долгот. Во иста насока, иако во помал обем, делува и потребата за инвестиции во основни средства, така што се задржува позитивниот нето-придонес на овој фактор кон побарувачката, карактеристичен од крајот на 2013 година”, пишува во извештајот на Народната банка.

grafik-2
Слабата наплата ризик за кредитирањето

Еден од најголемите предизвици за банкарите годинава, како што признаваат самите тие, е да се справат со лошите кредити. Според последните податоци на Народната банка, во јануари салдото на лоши кредити изнесува 470 милиони евра што значи дека за еден месец се зголемило за 10 милиони евра. Од нив, 367 милиони евра се спорни за наплата од приватните фирми и околу 103 милиони евра од граѓаните.

По одделни сектори, за најпроблематични должници важат трговските компании, индустријата, хотелите и рестораните како и фирми што се занимаваат со дејност во врска со недвижен имот.

Банкарите велат дека овој негативен тренд може да влијае на промена на кредитната политика на некои банки, особено оние кои што имаат најголем удел на нефункционални пласмани во своето портфолио. Меѓутоа, потенцираат дека сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор воопшто не е доведена во прашање имајќи ја предвид капиталната позиција на банките, која е двојно повисока од законски пропишаниот минимум од 8%, како и покриеноста на нефункционалните пласмани со резервации, која се движи некаде околу 100%.

Состојбата може да стане загрижувачка ако се оствари песимистичко сценарио според кое македонската економија поминува низ нова криза. Резултатите од стрес тестовите што ги спроведе Народната банка покажаа дека доколку се случи најлошото сценарио во економијата, адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор ќе се задржи над 12% што е значително повисоко ниво од законскиот минимум од 8% и тоа значи дека сите банки ги положиле стрес тестовите што им ги зададе централната банка.

Меѓутоа, лошите кредити кај компаниите во најлош можен случај ќе достигнат 33,1% од кредитното портфолио, што во пари би било еднакво на околу 750 милиони евра спорни за наплата. По одделни сектори, најпроблематични за наплата би биле кредитите дадени на компании што се занимаваат со хотелиерство и угостителство, односно дури 44,7% од вкупните кредити, а според ова сценарио, инвеститорите во недвижности не би можеле да отплатат 43,1% од земените кредити.
Состојбата кај граѓаните е подобра споредено со бизнис секторот. Лошите кредити дадени за населението според најлошото можно сценарио би се искачиле од 6,2% на 14,4%.

Патот на парите од банкарските во државните сефови

А кога компаниите тешко ги враќаат кредитите, банките се почесто ги пласираат вишокот пари во хартии од вредност. Заклучно со јануари годинава, банките имаат пласирано вкупно 940 милиони евра во државни хартии од вредност, од кои 414 милиони евра во благајнички записи што ги издава Народната банка и 525,5 милиони евра в државни обврзници издадени од Министерството за финансии. Тоа е огромен финансиски потенцијал што наместо да биде искористен како кредитна поддршка за реалната економија, стои стерилизиран во сефовите на државата.

Бизнисмените постојано реагираат на оваа банкарска пракса вишокот пари да се инвестираат во хартии од вредност без ризик и бараа од државата да го намали задолжувањето на домашниот пазар со цел да изврши своевиден притисок врз банкарскиот сектор да ја зголеми кредитната поддршка за фирмите.

Дел од економистите пак сметаат дека вложувањата на банките во државни хартии од вредност не влијае директно врз кредитирањето бидејќи обемот на кредитирање засега не е одреден од расположливоста на пари кај банките, туку од нивната перцепција за ризик.

„Банките се уште се резервирани околу потенцијалот на барателите да ги отплаќаат кредитите и затоа растот на кредитирањето на фирми бавно се подобрува”, велат економистите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×