Банкарите очекуваат подобра 2019
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2019

imageОптимизам во банкарските прогнози

Динамична и неизвесна година со нови предизвици, но за разлика од 2018, подобра. Вака отприлика може да се сумираат проценките на банкарите за следната 2019 година. Оптимизмот во нивните бизнис планови го темелат на неколку клучни фактори, но прво одржување на политичка стабилност како основа за спроведување на реформите за забрзување на економскиот раст, исчекор напред во евроатланските интеграции на земјата со влез во НАТО Алијансата и датум за почеток на преговори за влез и во Европската Унија.

Динамична и неизвесна година со нови предизвици, но за разлика од 2018, подобра. Вака отприлика може да се сумираат проценките на банкарите за следната 2019 година. Оптимизмот во нивните бизнис планови го темелат на неколку клучни фактори, но прво одржување на политичка стабилност како основа за спроведување на реформите за забрзување на економскиот раст, исчекор напред во евроатланските интеграции на земјата со влез во НАТО Алијансата и датум за почеток на преговори за влез и во Европската Унија.

Банкарите велат дека универзално правило за да дојде до раст на економијата е инвестирање првенствено на приватниот сектор. „За економскиот раст клучно ќе биде зголемувањето на инвестициите на приватниот сектор. Најголемиот дел од овие инвестиции ќе се финансираат со кредити на банките“, велат банкарите изразувајќи подготвеност финансиски да ги поддржат овие проекти.

Но, очекуваат и државата да ја засили инвестициската активност односно да ги реализира најавените капитални инвестиции во Буџетот за 2019 година, коишто сепак ќе ги изведуваат приватни компании.

Велат дека и кредитирањето на корпоративниот сектор последните неколку години е во директната зависност од политичката и институционалната стабилност, која претставува појдовна основа при планирање на инвестициските активности на компаниите.

Нивните проценки се дека кредитирањето следната година ќе се зголеми околу 8% до 9% повеќе од годинава, колку што се и проценките на Народната банка. Сепак, повеќе кредити очекуваат дека ќе поделат на граѓаните отколку на приватните фирми.

Проценуваат дека реалната домашна економија има капацитет да го оствари предвидениот раст од околу 3,5% колку што е проценката за раст на Народната банка.

„Последните макроекономски проекции укажуваат на стабилни и сигурни основи на домашната економија, со потенцијал за солиден раст, поддржан и од кредитната активност на банките, а при отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција. Најновите проекции на НБРМ за следниот период вградуваат очекувања за стабилен и предвидлив домашен политички амбиент, како и повторно засилување на јавниот инфраструктурен циклус“, пишува во последната ревизија на макроекономските индикатори на Народната банка.

Околу ризиците, од Народната банка стравуваат дека на краток рок негативни ризици произлегуваат од зголемениот трговски протекционизам и евентуалното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови; а на среден рок можно акумулирање финансиски ранливости на глобален план, намалена глобална поддршка за општоприфатените економски политики и спроведување неодржливи макроекономски политики, како и геополитички ризици.

„На домашен план, и натаму постои одредена неизвесност во политички контекст. Позитивен ризик, којшто не е вграден во проекциите, повторно претставува можноста за забрзување на процесот на евроатланска интеграција“, анализира Народната банка.

За очекувањата од 2019 година разговаравме со топ менаџерите на речиси сите домашни банки, а во продолжение прочитајте ги нивните одговори.

 


DiomidisДиомидис Николетопулос
генерален директор и претседател на УО, Стопанска банка – Скопје

Во 2019 година Стопанска банка АД – Скопје ќе одбележува 75 години традиција, успех и прогрес заедно со заедницата, заедно со македонската економија. Овој наратив сакаме да го поткрепиме со дополнителен раст во нашето делување како една од системските банки на пазарот преку понуда на нови, современи банкарски производи, решенија и услуги, и посебно преку поддршката на инфраструктурните проекти на пазарот.
Нашите долгорочни планови се градени врз основа на очекуван раст на економијата, зголемена инвестициска активност кај компаниите, раст на извозот и бројот на работни места, раст на просечните месечни примања и секако поддржани од сеопфатната понуда на нашите производи и услуги.

 


SterievaМаја Стевкова – Штериева
финансов директор и член на УО, Комерцијална банка

Очекуваме дека 2019 година би била слична година на оваа. Со оглед на одредени промени и согледувања направени во 2018 година може да се очекува поголем раст на кредитното портфолио, нови производи и услуги, повеќе активности за запознавање на клиентите за можностите кои ги нуди банката итн.
Комерцијална банка секогаш била банка на корпоративниот сектор во Македонија, и ние и следната година максимално ќе се ангажираме да ги поддржиме сите квалитетни проекти. При тоа не станува збор само за кредитна поддршка, туку и со сите други банкарски активности во платниот промет во земјата и странство, дигиталните канали и други услуги кои ќе може да бидат во функција на претпријатијата и да ја подобрат нивната ефикасност. Оптимизмот зависи од перцепциите на учесниците во стопанските текови, нивните желби и интереси да влезат во нови инвестициски активности, а банката е тука за да ги следи и да им помогне во таа реализација.

Со оглед дека во кредитното портфолио на Комерцијална банка соодносот на кредити на компаниите наспроти кредити на населението е во полза на кредитите на компаниите, очекуваме дека сличен сооднос ќе се задржи и во 2019 година. Овој сооднос помеѓу овие два сегменти со текот на годините минимално се зголемува во полза на населението, но сепак постои значително поголемо учество на корпоративниот сектор.

 


ArgirАнтонио Аргир
претседател на УО, НЛБ Банка

Во фокусот на работењето на Банката во текот на 2019 година покрај исполнување на сите планирани оперативни и финансиски цели, ќе биде понатамошна дигитализација на работењето со цел поголема достапност на продуктите и услугите на Банката. Во услови на заострена конкуренција меѓу банките очекуваме да ја задржиме и подобриме пазарната позиција на Банката и воедно да ги задржиме високиот степен на ликвидност, стабилност и солвентност на Банката.
Во насока на исполнување на стратешките цели, ќе продолжиме да вложуваме во развој и унапредување на дистрибутивните канали, развој на инстант платформи и нови дигитални сервиси, овозможување на диференцирана понуда за поединечни сегменти на клиенти: микро, мали и средни претпријатија како и физички лица. Исто така, ќе продолжиме и со промотивни и едукативни активности со цел подигнување на степенот на финансиска писменост, како и зголемување на користењето на електронските сервиси. Преку збогатување на понудата на Банката со небанкарски сервиси, односно со проширување на понудата со осигурителни продукти, ќе се обидеме и понатаму да одржуваме високо ниво на задоволство на нашите клиенти.
За нас како Банка и за бизнис заедницата воопшто, е исклучително важно да имаме стабилно и предиктибилно окружување. Ова првенствено зависи од политичката стабилност, која веруваме дека ќе се засилува во периодот кој следи, пред се како резултат на засилените активности за евроатланските интеграции на нашата земја.
Стабилизацијата на политичка ситуација во комбинација со најавените и започнатите засилени инвестициски активности на јавниот сектор, очекуваме да придонесе за интензивирање на инвестициските активности и кај приватниот сектор, кој директно ќе биде вклучен во реализација на инвестициите или ќе ги искористи бенефитите, пред се од инфраструктурните проекти. Инвестициските проекти на кои Банката работи и кои очекуваме да се реализираат во следниот период, ни даваат оптимизам дека следната година ќе забележиме значително придвижување и во овој сегмент и зголемување на процентите на раст.
Во однос на кредитирањето на населението, продолжуваме со диверзифицирана понуда на кредитни продукти, задржување на висок квалитет на кредитното портфолио, понуда на продукти со поволни конкурентни каматни стапки и развој на нови кредитни продукти согласно барањата и потребите на нашите клиенти. Исто така, како и оваа година, и следната година очекуваме раст на кредитирањето на населението.

 


SugubasiБилал Суџубаши
главен извршен директор, Халкбанк

Во текот на 2019 година очекуваме раст на кредитното и депозитното портфолио на Банката, а истовремено и можности за нови инвестиции.
Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, бруто-домашниот производ го задржа позитивното темпо на раст и во третиот квартал со пораст од 3,0%, додека, пак, проекциите за раст на БДП во 2019 година се очекува да бидат на нивоа од 3,5% и нагоре.
Растот на БДП во голема мера зависи од кредитната активност на банките, која и во 2019 година ќе биде важен фактор за поддршка на економската активност како на фирмите, така и на населението. Проекциите на НБРМ за 2019 година се повисок кредитен раст во однос на 2018 година на ниво од околу 8,5%, притоа задржувајќи се на стабилно ниво од 8,5% во просек за 2020-2021 година.
Халкбанк е една од четирите водечки банки во рамките на македонскиот банкарски систем. Како и изминатите години, така и во 2018 година основна цел ни беше да бидеме достапни во секое време за нашите клиенти, да го олесниме нивното работење и да им обезбедиме непречена поддршка. Во текот на оваа година, досега, остваривме раст од 12% во делот на активата, а тој раст, пред сè, се должи на зголемената кредитна поддршка што ја дава банката на реалната економија и на населението, при што порастот на кредитното портфолио изнесуваше 17%.
Во изминатиот период во рамките на банкарскиот систем имаше поголем раст на кредитите на населението во однос на кредитите на фирмите, но кредитното портфолио на Халкбанк остана избалансирано, при што учеството на кредитите на фирми во рамките на вкупното портфолио е 55%, а на населението е 45%.
Наша таргет група се малите и средни претпријатија (МСП), кои претставуваат камен-темелник на економијата. Па, за таа цел, и во 2019 година ќе продолжиме со континуираната поддршка на реалната економија и на населението во делот на кредитите, притоа задржувајќи ја избалансираната состојба на кредитното портфолио.
И натаму постои одредена неизвесност од домашниот политички контекст, но, во исто време, позитивен поттик на економијата претставува и можноста за забрзување на процесот на евроатланската интеграција.
Имајќи ги предвид ваквите претпоставки, во 2019 година очекуваме стабилен и предвидлив домашен политички амбиент, како и повторно засилување на јавниот инфраструктурен циклус, што би довело и до зголемување на кредитната поддршка на фирмите. Од друга страна, приватната потрошувачка и натаму е еден од двигателите на растот на БДП, што претпоставува и зголемено кредитирање на населението.

 


BisevГлигор Бишев
претседател на УО, Шпаркасе банка

Деловната стратегија за 2019 година Шпаркасе Банка Македонија не ја заснова само на проектираниот економски раст за 2019 година, туку пред се врз долгорочниот капацитет за раст на македонската економија. За нас е клучно да се реализираат реформите во сферата на јакнење на ефикасноста на институциите, владеењето на правото и правната држава, одржувањето на макроекономската стабилност, зголемувањето на конкурентноста спрема странство, реструктуирањето на економијата и сл.
За економскиот раст клучно ќе биде зголемувањето на инвестициите на приватниот сектор. Најголемиот дел од овие инвестиции ќе се финансираат со кредити на банките. Тука ќе биде клучна стручната експертиза на банките, а пред се стручните знаења во сферата на новите технологии и процеси на работење. Предноста на Шпаркасе Банка Македонија е во тоа што таа може да ангажира тим од околу 1.500 меѓународни експерти во различни технички области од Групацијата кои ќе можат да дадат соодветно стручно мислење за ефикасноста на предложените инвестициони програми и технологии. Согласно со тоа, очекуваме кредитниот раст на корпоративниот сектор во 2019 година да биде висок.
Шпаркасе Банка Македонија соодветно на оценките на нашите стручни лица ќе ги поддржи проектите кои ќе бидат оценети како одржливи и профитабилни. Тоа ќе го правиме заедно со нашата ќерка-компанија Шпаркасе Лизинг со која заеднички настапуваме при финансирањето, како на физичките, така и на правните лица при набавка на патнички, комерцијални возила, опрема и друго.
Од почетокот на 2019 година, Банката на компаниите ќе им нуди и кредитна поддршка за зголемување на конкурентноста и ефикасноста во рамки на кредитната линија за зголемување на конкурентноста од ЕБРД која ќе вклучува и грант од 15%. Освен кредитирањето, фокусот на Банката ќе биде насочен и кон активно учество во сегментот на работа со хартии од вредност, унапредување на старателското и депозитарно работење, но и етаблирање како водечка money market и treasury банка за регионот (Албанија, Косово и Србија).


EftimovskiВладимир Ефтимоски
генерален директор и претседател на УО, Стопанска банка – Битола

Според сите параметри, следната година треба да се очекува натамошно стабилизирање на општите состојби во државата, што, пак, ќе придонесе за поголема стимулација на економскиот раст. Секако, потребни се активни економски и деловни политики од Владата, бизнисот и од банкарскиот сектор за да се даде дополнителен стимул на растот. Во планот на Стопанска банка АД Битола за наредната година е предвиден континуитет на досегашните остварувања. Банката останува посветена на потребите на своите клиенти. 

Очекувам поголемо раздвижување кај кредитирањето на компаниите, особено на малите и средните фирми. Доколку економскиот амбиент биде поволен за нив, тие имаат капацитет да повлечат повеќе кредити, што секако ќе придонесе и за поголем раст на економијата. Кредитирањето на населението ќе остане горе-долу во сегашните размери.

 


KrstevДелчо Крстев
извршен директор и член на УО, УНИБанка

Макроекономските перспективи на Македонија изгледаат позитивни. Раст на бруто домашниот производ од над 3%, зголемување на нивото на странски инвестиции и разумно ниво на инфлација од близу 2%. Во соодветно добра економска средина, банкарскиот сектор би требало да ја задржи својата стабилност и да продолжи да се развива позитивно. Реалната економија и банкарскиот сектор се заемно сврзани и балансот помеѓу нив е клучен за просперитет на домаќинствата и бизнисот.
УНИБанка успешно ja проширува својaтa деjност со разумна и конзервативна кредитна политика. Стратегијата на УНИБанка за 2019-та е да ги зајакне пазарните позиции преку подобрување на квалитетот на понудените решенија, особено во секторите домаќинства и малите и средни претпријатија. Банката ке се погрижи, преку максимално конкурентни и флексибилни услови за кредитите, депозитите и платежните услуги, да ја прошири клиентската база и портфолиото. Примарна цел е Банката да биде иновативна, затоа што конкуренцијата се појавува и од нетрадиционални финансиски играчи, како и од
фирми за брзи кредити и финтек платформи.
Фокусот на УНИБанката е да биде силно конкурентна во услугите и продуктите кои ги нуди на секторот домаќинства и на малите и средни претпријатија. Во текот на 2018 година банката понуди едни од најатрактивните услови за потрошувачки и станбени кредити на пазарот. Стратегијата на УНИБанка и за 2019 година е тоj тренд да продолжи, за да може да се искористи максимално неjзинoтo искуство и предности во банкарството со физички лица и со мали и средни претприjaтиjа.

 


Dragoljub Arsovski 1Драгољуб Арсовски
претседател на УО, ТТК Банка

Од досегашните остварувања на макроекономската политика и од она што и како се најавува, можам да констатирам дека не очекува динамична и неизвесна година исполнета со предизвици. Се надевам дека ќе можеме да зборуваме за постабилен и попредвидлив и политички и економски амбиент за економска активност од второто тримесечје во 2019, па натаму.
Во вакви околности ние веќе се позиционираме проактивно и ќе се фокусираме кон стабилно и профитабилно оперативно работење во насока на остварување на целите утврдени во деловната политика. Предвидуваме реален и остварлив раст во сите сегменти на работењето. Повторно очекуваме висока стапка на раст на кредитирањето. Понудата на кредитните и депозитните производи ќе се базира на атрактивни, конкурентни и поволни услови. Одржувањето на ниска стапка на ненаплатливи кредити како еден од поизразените трендови ќе се остварува и во иднина како резултат на ефикасно дејствување, брза продажба на ненаплатливите кредити, подобра наплата и очекувања за економска стабилизација.
Со оглед на окружувањето и релативно ниските каматни стапки, контролата на трошоците и фокусот на квалитетни пласмани и понатаму ќе бидат од клучна важност. Континуираното иновирање и развојот на дигиталното банкарство, подобрувањето на квалитетот на услугата и искуството на корисниците останува императив со фокус на унапредување на продуктивноста и контролата на трошоците. Во нашата стратегија, предноста му припаѓа на населението, а кај сегментот на корпоративен сектор на малите и средните компании.
2019 година ја започнуваме со неколку активни промоции за кредитни производи за физички лица: Visa кредитна картичка со 0% камата и без членарина во првата година, атрактивните потрошувачки кредити со ниска фиксна каматна стапка почнувајќи од 5,5% годишно, хипотекарните кредити со фиксна каматна стапка за првите три години од 4,9% годишно, супер станбениот кредит со фиксна каматна стапка во првите три години од 2,85% годишно со намалени трошоци за одобрување и други поволности.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×