Банките за половина година направија 90 милиони евра профит, 80% повеќе од лани
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

18-26-1Наплатата на лоши кредити го зголеми профитот на банките

 

 

Билансот на успех на сите 14 банки во земјава за првата половина од годината покажува дека тие направиле профит од 90,6 милиони евра што е дури 80,7% поголем на годишно ниво. За споредба, добивката на целиот банкарски сектор за шест месеци годинава е приближно колку профитот остварен за цела 2017 година, односно 85% од ланскиот финансиски резултат кој изнесуваше 106,6 милиони евра.Ако се анализираат одделните позиции од билансот на успех, произлегува дека најголеми промени во споредба со лани има во останатите приходи од дејноста, односно евидентирани се зголемени капитални добивки од продажба на средства, како и приходи по други основи. Но, финансискиот резултат во првата половина од годината најмногу го зголемува наплатата на лоши кредити коишто претходно биле евидентирани како ненаплатливи, односно банките ги книжеле како загуби поради оштетување на средства. Конкретно, станува збор за наплата на побарувања на двете најголеми банки, Комерцијална и Стопанска од Фени Индустри по продажбата на компанијата на швајцарскиот фонд ГСОЛ. Капитал ги рангира најпрофитабилните и најголемите десет банки според финансиските резултати остварени во првата половина од годината.

 

Домашните банки поставуваат нови финансиски рекорди со профити недостижни за најголем дел од компаниите од индустријата. Билансот на успех на сите 14 банки во земјава за првата половина од годината покажува дека тие направиле профит од 90,6 милиони евра што е дури 80,7% поголем на годишно ниво. За споредба, добивката на целиот банкарски сектор за шест месеци годинава е приближно колку профитот остварен за цела 2017 година, односно 85% од ланскиот финансиски резултат кој изнесуваше 106,6 милиони евра.

20sНајголем дел од профитот, односно 92,6% годинава е сконцентриран во групата големи банки. Средните банки имаат добивка од 5,5 милиони евра, а дури и малите банки коишто со години наназад беа во загуба, за шесте месеци годинава искажаа скромен позитивен финансиски резултат од околу 1,1 милиони евра.

Ако се анализираат одделните позиции од билансот на успех, произлегува дека најголеми промени во споредба со лани има во останатите приходи од дејноста, односно евидентирани се зголемени капитални добивки од продажба на средства, како и приходи по други основи. Но, финансискиот резултат во првата половина од годината најмногу го зголемува наплатата на кредити коишто претходно биле евидентирани како ненаплатливи, односно банките ги книжеле како загуби поради оштетување на средства.

22sКонкретно, станува збор за наплата на побарувања на двете најголеми банки, Комерцијална и Стопанска од Фени Индустри по продажбата на компанијата на швајцарскиот фонд ГСОЛ.

Кај останатите ставки, како што се нето приходите од камати, провизии и од курсни разлики, има благо зголемување на приходите.

Профитабилноста на банкарскиот сектор мерена преку коефициентот на поврат на капиталот (ROE) изнесува 21,3% што е исто така на рекордно ниво, поголемо и од 2008 година пред почетокот на глобалната финансиска криза кога овој коефициент достигна најмногу до 19,1%.

 

Најпрофитабилни банки

Рангирањето на банките според финансиските резултати што ги објавуваат на Берзата и според податоците што останатите банки ги доставија до редакцијата на Капитал, покажува дека најголема добивка во првите шест месеци годинава остварила Стопанска банка Скопје и тоа 31,1 милиони евра. Профитот на оваа банка е за 46,2% поголем отколку истиот период лани.

Од Стопанска банка коментираат дека резултатите на Банката се одраз на долгорочното планирање, анализа на пазарот, вложувањето во кадарот и посветеноста кон клиентите.
“Стопанска банка АД Скопје секогаш поставува амбициозни цели, па така, има креирано детален план за работа кој соодветствува на пазарните услови и истиот спроведува во пракса согласно разработените оперативни задачи за секој организациски дел. Соодветно, Банката продолжува да ги остварува планираните резултати и да работи на подобрување на соработката со клиентите, квалитетот на услугата и развојот на производи во склад со модерниот начин на живеење”, објаснуваат од Стопанска банка АД Скопје.
Втора е Комерцијална банка со остварена добивка од 21,4 милиони евра и огромен раст на годишно ниво од 32 пати. Меѓутоа, најголем дел од порастот на профитот на оваа банка доаѓа од наплатата на побарувањата од Фени Индустри по продажбата и рестартирањето на компанијата.

24s„Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност. Согласно условите од договорот, целосна негова реализација и исплата на вкупниот износ на побарувањата беа реализирани до крајот на март, по што во билансите на банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат“, објаснуваат од Комерцијална.

И остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето е за 19,9% поголема во однос на минатата година.

„Ова во најголем дел се должи на зголемувањето на останатите приходи, а пред сè на приходите од капитални добивки од продажба на преземен имот од должникот „Брилијант Штип“, што беше реализирано со склучување на договори за купопродажба на недвижен имот, подвижни предмети и права на индустриска сопственост со „Витаминка АД Прилеп“, објаснија од Комерцијална.

NLBСледна е НЛБ со добивка од 19,1 милиони евра или 26,5% повеќе отколку првата половина од ланската година. Во билансите на оваа банка е евидентиран раст кај речиси сите приходи и тоа нето каматните приходи, нето приходите од провизии но и повисоки некаматни приходи од продажбата на НЛБ Нов пензиски фонд.

„НЛБ Банка работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2018 година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и пазарните услови во земјата. Банката, во првата половина од 2018 година ги оствари сите планирани оперативни и финансиски цели, при што зачувана е високата ликвидност, стабилност и солвентност на Банката“, пишува во образложението на НЛБ Банка.

Потоа следува Охридска банка која искажа профит од 6,1 милиони евра односно раст од 139%. „Финансискиот резултат и во однос на планираниот е повисок за 70%, што во основа е резултат на пораст на приходите од редовно работење, пониски оперативни трошоци и пониска цена на чинење на ризикот“, пишува во образложението на Охридска банка.

Следна на ранг листата според остварениот профит во првата половина од годината е Халкбанк, со добивка од 4,1 милиони евра.

26s„Како и во текот на изминатите години, во кои Халкбанк бележеше одлични резултати, и оваа година фокусот е на развојот и остварувањето на поставените цели од финансиски аспект“, изјавија од Халкбанк и додаваат дека како резултат на континуираните позитивни финансиски резултати, оваа година донеле одлука за распределба на остварената добивка и од минатите години.

ПроКредит банка е следна со профит од 2,6 милиони евра во првата половина од годината.

„Добивката по оданочување остварена во правата половина од годината е во иста линија со очекувањата на банката. Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и во втората половина на 2018 и дека ќе ја комплетираме годината со профит согласно бизнис планот. Профитабилноста на ПроКредит Банка е на стабилно ниво со години наназад, пред се поради предвидливиот, континуиран раст на кредитното портфолио, како и задржување на високиот квалитет на ова портфолио“, велат од ПроКредит.

УНИ банка е следна со добивка нешто поголема од 2 милиони евра.

„Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи. УНИ Банка годинава делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во усвоениот бизнис план за 2018 година. Клучна цел беше остварување на максимален профит преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, во услови на стабилизирање на политичкиот амбиент и стабилизирање на очекувањата на економските субјекти. Полугодишните податоци за остварување на билансните цели на банката се над очекуваните за првото полугодие од 2018 година“, пишува во образложението на УНИ Банка.

Потоа со профит од околу 820 илјади евра е рангирана Шпаркасе банка.

„Подобрите резултати се должат пред се на зголемен обем на работење и намалени ризици, кои веруваме дека ќе продолжат и во наредниот период. Остварениот резултат претставува околу 40% исполнување на планираната добивка за 2018 година. Притоа сакаме да истакнеме дека приоритет на Банката во овој период не е остварување на високи добивки, туку нејзината стабилност и конкурентност преку постигнување на исклучително високо задоволство на клиентите во работата со Банката“, објаснија од Шпаркасе.

Следна на ранг листата е Стопанска банка Битола со профит од околу 730 илјади евра.

Од банката велат дека „значајно е што главен придонес кон остварената добивка имаа приходите од редовното работење, пред се нето приходите од камати и нето приходите од провизии и надоместоци кои споредено со истиот период од минатата година пораснаа за 18,38% и 23,86%, соодветно“.

ТТК банка е последна на оваа листа според профитите со добивка од 520 илјади евра а според образложението доставено до Берзата, со тоа се остварени приоритетните цели и задачи дефинирани во Деловната политика и Финансискиот план на Банката за 2018 година.

Oптимистични очекувања

Очекувањата на банкарите се позитивни и до крајот на годината.

„Во однос на проценките за работењето до крајот на 2018 година се очекува продолжување на стабилните макроекономски услови, ниска и предвидлива инфлација, како и реален раст на бруто домашниот производ во распон помеѓу 2,5% и 3%“, коментираат од Комерцијална банка.
Од Стопанска банка Скопје велат дека до крајот на 2018 година Банката очекува континуитет на движењето на финансиските резултати поддржани со нови активности и услуги на Банката.
“Кај правните лица, очекуваме состојбите да дадат дополнителен импулс и охрабрување за инвестирање, за што Банката е подготвена со производи, услуги и секако насоки од тимот посветен на работа со корпоративни клиенти (мали, средни и големи)”, велат од Стопанска банка АД Скопје.

„Банката ќе ги презема сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Програмата на мерки и активности на деловната политика за 2018 година, при што ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на портфолиото. Исто така, не се планирани значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите на нефинансискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства“, истакнаа од Комерцијална.

Од Халкбанк велат дека целта на Банката за 2018 година е дополнително да ги зацврсти своите позиции и да го зачува приматот на банка со галопирачки раст.

„Нашите планови за втората половина на 2018 година се амбициозни и предвидуваат повторување на успехот од претходните години. Предвиден е стабилен раст во сите сегменти на работењето, воведување нови иновативни производи и унапредување на методите на работење, како и зголемување на достапноста на нашите производи преку проширување на мрежата филијали“, велат од Халкбанк.

Од Стопанска банка Битола велат дека во периодот што следи фокусот во работењето останува да биде креирање на дополнителна вредност како за клиентите, така и за самата Банка.

„Внимателно ќе го следиме пазарот и ќе ја прилагодуваме нашата понуда на производи и услуги во согласност со потребите на клиентите, притоа делувајќи согласно поставените стратешки и деловни цели. Имајќи ја предвид и докажаната респонзивност на Банката на промените во окружувањето, очекуваме успешно завршување на тековната 2018 година и остварување на поставените плански големини“, велат од Стопанска банка Битола.

ohridskaОд Охридска банка пак, велат дека стратегијата за наредните години останува насочена кон постигнување одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во трите пазарни сегменти: индивидуални клиенти, мали и средни претпријатија и големи корпоративни клиенти (домашни и меѓународни компании).

„Кај секој од овие сегменти ќе се прави избор на клиентите што се сметаат за најквалитетни и најмалку ризични, клиенти правни лица кои имаат стабилен профитабилен раст и развој и индивидуални клиенти кои имаат стабилни приходи, вработени во солидни компании, клиенти вработени во јавната администрација. Дополнителен сегмент, на кој што во наредниов период ќе се стави поголем фокус, се дел од општините и јавните претпријатија во РМ, и тоа исклучиво тие што остваруваат позитивни финансиски резултати и имаат одржливи и општествено корисни проекти“, пишува во образложението на Охридска банка.

Од УНИ банка, коментираат дека „во претстојниот период банката очекува контролиран раст, континуиран пораст на кредитното портфолио, кој би бил подржан со зголемен раст од порастот на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти, во насока на зголемување на учеството на нефинансиските извори на финансирање, намалување на цената на финансирање на банката, и исполнување на зацртаните цели во Бизнис планот на Банката за 2018 година“.


Кои се најголеми банки во Македонија

Ако се анализира активата на банкарскиот сектор, сите 14 банки заклучно со јуни годинава имаат вкупна актива од 7,69 милијарди евра.

Од минатата година се случи и одредено прегрупирање во овој сектор, па така во групата големи банки се придружи уште една со што сега се вкупно пет.

Најголема банка во земјава со актива од 1,74 милијарди евра е Комерцијална, а по неа следуваат Стопанска со актива од 1,44 милијарди евра, НЛБ со 1,22 милијарди евра, Халкбанк со 709 милиони евра и Охридска банка со актива од 605 милиони евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×