9 април, 2025
1 минута читање

БЕЛАТА КУЌА: ОД НОЌЕСКА 104% ЦАРИНИ ЗА КИНА!

Од ноќеска по полноќ 104% царини за Кина. Трамп дели царини како бодовои на песна за Евровизија! Тој, како што и најави пред неколку дена, а сега објави, дека многу земји му се јавиле дека сакаат да склучат договор со САД! Кина официјално не е во земјите што се јавиле во Белата Куќа. Наспроти тоа Пекинг објави дека ќе оди со реципрочни мерки и дека ке оди до крај во трговската војна. Иако има гласини дека зад затворени врати Американците и Кинезите дебело преговараат.

Кинезите вчера го споделија говорот на Роналд Реган, поранешен американски претседател на крајот на осумдесеттите, додека глобалните пазари паѓаа тогаш … Во радио обраќање на 25 април 1987 година, Роналд Реган остро ги осуди тарифите, предупредувајќи дека тие ќе доведат до колапс на пазарот, распаѓање на индустријата, и губење на работни места за милиони Американци. Реган, кој живееше низ Големата депресија 1929-1933, предупреди дека Законот за тарифи Смут-Хејли, донесен во 1930 година, ја влошил тогаш растечката депресија и „го спречил економското закрепнување“.

„Има такви во овој Конгрес кои ќе го ризикуваат просперитетот на Америка за да угодат некоја интересна група, кои забораваат дека повеќе од пет милиони американски работни места се директно поврзани со извозот, а дополнителни милион работни места се поврзани со увозот“, рече тогаш Реган.

Кина е погодена со 104% царина од САД. Реципрочните царини на Доналд Трамп за 60-ина држави денеска стапија на сила. Практично ова е првиот чин од продлабочувањето на светската трговска војна, иако тој кажа дека е спремен да преговара со некои земји.

Американските царини предизвикаа потрес во светскиот трговски поредок што постоеше со децении, го зголемија стравот од рецесија и ги вознемирија берзите, каде што беа избришани илјадници милијарди долари.

Во меѓувреме Доналд Трамп им испрати не до крај јасни сигнали на инвеститорите околу прашањето – дали царините се долгорочни, опишувајќи ги како постојани. Вакви изјави предизвикуваат дополнителна конфузија во деловната јавност. Берзите се зона на контракција каква што не е видена во последните години а можеби и деценија. Многу пари се изгубени на берзите деновиве.

„Царините ги притискаат лидерите да бараат преговори. Многу земји ни се јавија дека сакаат да склучат договор. Очекувам и Кина да побара договор“, кажа Трамп.

Кина вчера ги обвини САД за уценувачко однесување и вети дека нема да отстапи во војната на царини. Трамп ги удвои првично најавените царини за Кина откако таа возврати со давачки од 34% за САД.

Извори од Белата куќа кажаа дека владата на Трамп има закажано разговори со Јапонија, Јужна Кореја и Виетнам и дека следната недела во посета ќе дојде италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Царините од најмалку 20% кои денеска стапија на сила се наменети за држави за кои Трамп кажа дека долги години ја искористувале Америка. Меѓу нив е и целата Европска Унија, чии членки денеска ќе гласаат за првични контрамерки.

Трамп дури навести дека сѐ уште не завршил со царините и кажа дека наскоро би можел да ги воведе и за фармацевтските производи, кои досега беа изземени.

Кога сме кај големиот говор на Роналд Реган, се чини дека Кинезите го споделија тој говор како предупредување до Трамп. Интересно е што Реган беше жесток антикомунист чија администрација обезбедуваше тајна помош на антикомунистичките движења на отпорот низ Африка, Азија и Латинска Америка.

Реган исто така верувал дека кинеската антикомунистичка влада, која побегнала во Тајван во 1949 година кога кинеската комунистичка партија ја презела власта, е легитимната кинеска влада. Сепак, Реган ја посети Кина во 1984 година и подоцна ја поздрави трансформацијата на Кина во поотворена и помалку изолирана земја.

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ

Не пропуштај