„Бикот“ владее со Македонската берза: одличен раст на индексот 4 години по ред
Објавено на од во Економија
МБИ-10 минатата година имаше раст од 34%, што значи уште една година на многу добар раст на индексот, по 2018 кога имаше раст од 36,6% и во 2017, исто така раст, од 19%. Кумулативно, МБИ-10 во последните три години има пораснато за цели 112%. Интересен е фактот, што Македонската берза има најголем раст и меѓу берзите нас Балканот во 2019 година, пред Сараевска берза со 29% пораст, Загрепска берза со 16,6%, итн.

06 - Abstract technology particle background

 

06 - Abstract technology particle backgroundПовеќе од 7% порасна вредноста на главниот берзански индекс на Македонската берза, МБИ-10, во првите седум дена тргување во новата година. Неколку денови со ред најликвидните акции се „во зелено“, а водат оние на Комерцијална банка, со скок од речиси 14% откако почна тргувањето на Берзата годинава на 2 јануари до затворањето на овој текст (вторник, 14 јануари), и на Алкалоид, со 12%. Во јавноста веќе почна да се создава атмосфера која помалку потсетува на оние славни денови на домашниот пазар на капитал од пред десетина и повеќе години, кога речиси и да немаше човек што не се интересираше за купување на акции, без оглед на личните познавања на финансиските пазари, финансиската моќ и сл.
Впрочем, и во годишниот извештај на Македонската берза за 2019 година, се гледа дека учеството на домашните физички лица на куповната страна на акциите било просечно околу 40%, што според директорот на Берзата, Иван Штериев, е мошне солиден процент и покажува дека интересот на домашните мали инвеститори континуирано се зголемува последниве неколку години, период во којшто и берзанскиот индекс МБИ -10 покажува солиден раст.
МБИ-10 минатата година имаше раст од 34%, што значи уште една година на многу добар раст на индексот, по 2018 кога имаше раст од 36,6% и во 2017, исто така раст, од 19%. Кумулативно, МБИ-10 во последните три години има пораснато за цели 111,24%. Интересен е фактот, што Македонската берза има најголем раст и меѓу берзите нас Балканот минатата година, пред Сараевска берза со 29% пораст, Загрепска берза со 16,6%, итн.
“Добрите финансиски резултати на компаниите котирани на Берзата, солидните дивиденди што почнаа да ги исплатуваат најуспешните од нив последниве години, во комбинација со историски најниските каматни стапки, сето ова придонесе за трендот инвеститорите да бидат позаинтересирани своите слободни средства да ги вложуваат во акции“, вели директорот на Берзата, Штериев.
Тој го истакнува фактот што за првите девет месеци, стоте компании на задолжителна котација, имаат вкупно 174 милиони евра добивка, која е помала за 12% во однос на истиот период лани, но главно се должи на помалите добивки кај некои банки, и тоа не заради полошо работење, туку заради наплата на лоши пласмани што се случи во 2018, и значителен прилив на приходната страна – настан што отсуствува во 2019 година.
12 cover
08 coverНајбараните акции со раст и по 60% за една година
Инаку, акциите на Комерцијална банка со промет од 972,27 милиони денари (15,8 милиони евра) се најтргувани минатата година на Македонската берза, преку 3.621 трансакција, при што се тргувани 172.042 акции вкупно. Од податоците расположливи на сајтот на Македонска берза се гледа дека зад нив според ликвидноста се акциите на Алкалоид, со промет од 628,5 милиони денари (10,2 милиони евра) и Макпетрол со 600,7 милиони денари (9,8 милиони евра).
Во првите десет најликвидни хартии од вредност за 2019 година се уште и акциите на НЛБ Банка, Гранит, Стопанска банка – Скопје, ТТК Банка, Охридска банка, Стопанска банка – Битола, како и обврзниците за денационализација.
Од најмногу тргуваните акции минатата година, најголема разлика помеѓу цената на почетокот и крајот на годината има кај акциите на Макпетрол, од цели 63,9%, пред акциите на Алкалоид со раст од 45%, на Стопанска банка Битола со 44%, итн. Пад во цената има кај акциите на Охридска банка, од 22,1%.
Tabeli  coverАко пак се прегледаат разликите помеѓу најниската и највисоката цена што десетте најтргувани акции ги постигнале во 2019 години, повторно предничи Макпетрол со 67,9%, пред Стопанска банка Битола со 47,5%, Алкалоид со 45%, Гранит со 44,7%, итн.
Според статистиката на Македонска берза, акциите на Комерцијална банка заземаат повеќе од една четвртина или 25,69% од вкупниот промет на Официјалниот пазар, пред оние на Алкалоид со 16,61%, Макпетрол со 15,87%, НЛБ Банка со 8,76%, итн.
Инаку, најголем пораст воопшто минатата година имаат приоритетните акции на Скопски пазар, од 187,33%, пред оние на Карпош – Скопје, со 185,23%, Интерпромет Тетово со 141,94%, Трготекстил малопродажба со 102,04% и РЖ Уготур со 100%. Најголем пак, пад на вредноста имаат акциите на Агромеханика Скопје со 89,29%, Лотарија на Македонија со 83,33%, Макотекс со 60%, приоритетните акции на Стопанска банка Скопје со 47,94% и Арцеломиттал Скопје (ЦРМ) со 40, 421%.
Луѓето од брокерската фела велат дека позицијата на Македонската берза после повеќегодишна стагнација повторно е доведена во фокусот последниве неколку години, со кулминација во 2018 и 2019 година, кога порастот на индексот е преку 30% две години по ред.
„Светската економска криза и последиците што се чувствуваа во македонската економија, како и политичките кризи на домашна сцена, доведоа до тоа домашната берза подолго време да биде на маргините. Тоа доведе и до голема потценетост на вредноста на акциите, коишто според своите фундаменти повеќе вредеа одошто ги вреднуваше пазарот. Во меѓувреме имавме позитивни движења во делот на добивките и дивидендите, а згора на с$ и рекордно ниски каматни стапки во банките, што на крајот стимулира алтернативни вложувања во акции, фондови и сл.“, вели Коста Костадиновски, директор на друштвото за управување со инвестициски фондови Илирика Фонд Менаџмент.
Дивидендниот принос кај најатрактивните акции минатата година беше и по неколку пати поголем одошто највисоките каматни стапки кај банките за орочени депозити, па не зачудува зголемениот интерес на инвеститорите за акциите на НЛБ Банка, на пример, со дивиденден принос од 10,1% лани, потоа ТТК Банка со 6,74%, Комерцијална банка со 6,32%, итн.
Финансиската фела очекува стабилен раст на Берзата и годинава
Костадиновски очекува стабилен раст на Берзата следниот период, сè додека не дојде, како што вели, момент на зголемување на каматните стапки.
„А, тоа не очекувам да се случи на краток рок, затоа што не гледам што би можело да направи притисок врз каматните стапки, освен некои поголеми светски придвижувања што ќе направат промена во политиките на Европската централна банка и американските Федерални резерви.“
За продолжување на позитивниот тренд од минатата година и оваа, тој вели дека е комбинација од два фактори.
09 cover„Мотивот за окрупнување на сопствените удели кај најголемите поединечни акционери во неколку компании, како и интересот на малите вложувачи, дополнително стимулиран од овој првиот фактор. Плус, кога ќе се земе предвид и релативно малата ликвидност на берзата, тогаш мала дискрепанција помеѓу понудата и побарувачката може да направи позначајна промена на цената.“ или како што вели професорот на Економскиот факултет при УКИМ – Скопје, д-р Сашо Арсов, значаен фактор при инвестирањето секогаш е и психологијата на луѓето.
„ Често самиот нагорен тренд ги мами инвеститорите да продолжат да вложуваат, дури и кога рационалните причини се исцрпени.Битна разлика на овој ‘пазарен бум’ во однос на оној од пред 10-тина години е релативно нискиот обем на тргување, односно пазарниот промет не е висок. Второ, сега речиси и ги нема странските инвеститори, кои тогаш значајно придонесоа да дојде до пораст на цените.“, смета Арсов.
Што се однесува до ликвидноста, односно прометот на Македонската берза, во 2019 тој беше помал за 26,06% во вкупниот обем и изнесуваше 125,2 милиони евра, со 21,12% помалку трансакции, додека пазарната капитализација на Берзата на крајот од годината изнесуваше три милијарди евра, што е раст од 14,3% во однос на 2018 година.
Кај прометот, во класичното тргување обемот беше за 13,9% помал и изнесуваше 64,5 милиони евра, додека кај блоковите падот беше 53%, на 40,1 милиони евра.
Професорот Арсов вели дека од аспект на можностите за инвестирање, покрај банкарските депозити кои се неатрактивни, сега се појавија и корпоративни обврзници на банки (УНИ Банка во првата половина од годината, итн. во износ од речиси една милијарда денари или нешто повеќе од 16 милиони евра, н.з.), со примамливи каматни стапки, а сега се отвори можноста и за инвестирање во странство, во акции, и во инвестициски фондови. „Секако, не треба да се заборави и можноста за вложување во домашните инвестициски фондови, кои во последно време бележат убави стапки на принос.“, вели Арсов.

Главните причини за растот на Македонската берза

Според нашите тројца соговорници, директорот на Македонска берза, Иван Штериев, универзитетскиот професор д-р Сашо Арсов и директорот на инвестицискиот фонд Илирика, Коста Костадиновски, подолу се неколкуте глави причини за растот што се случува на домашната берза последниве неколку години.
  •  Високото ниво на депозити и ниските каматни стапки, кои ги натераа граѓаните да преземат нешто повисок ризик.
  • Општиот нагорен тренд на странските берзи и оптимизмот во светската економија.
  • Очекувањата за ЕУ и НАТО интеграции.
  • Релативната потценетост на некои акции во минатите години, која инвеститорите ја препознаа.
  • Примамливите дивиденди кај одделни компании.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×