Благој Климов: Соседите се преоткриваат, македонски компании го освојуваат бугарскиот пазар
Објавено на од во Економија

IMG_6694Благој Климов
раководител на канцеларијата за трговско-економски односи на Република Бугарија во Република Македонија

 Канцеларијата за трговско-економски односи на Република Бугарија во Македонија, која беше затворена во 2015 поради не толку добрите меѓудржавни односи, повторно отворена, непосредно по потпишувањето на Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, повторно е во погон.
По организирањето на успешниот Бугарско-Македонски бизнис Форум, на кој македонски и бугарски компании разговараа за зголемување на меѓусебната соработка, и се поголемиот интерес на македонските фирми за бугарскиот пазар, но исто толкавиот интерес за бугарското стопанство кон Македонија, Капитал разговараше со раководителот на Канцеларијата за трговско-економски односи, Д-р, Благој Климов, раководител на канцеларијата за трговско-економски односи на Република Бугарија во Република Македонија.

 

Канцеларијата за трговско-економски односи на Република Бугарија во Македонија, која беше затворена во 2015 поради не толку добрите меѓудржавни односи, повторно отворена, непосредно по потпишувањето на Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, повторно е во погон.

По организирањето на успешниот Бугарско-Македонски бизнис Форум, на кој македонски и бугарски компании разговараа за зголемување на меѓусебната соработка, и се поголемиот интерес на македонските фирми за бугарскиот пазар, но исто толкавиот интерес за бугарското стопанство кон Македонија, Капитал разговараше со раководителот на Канцеларијата за трговско-економски односи, Д-р, Благој Климов.

За предизвиците на обновената меѓудржавна економска соработка, за интересот на двете држави за заедничко претставување на глобалниот пазар, со заеднички производ, за причините за (не)поврзаноста на Бугарија и Македонија, за заедничкиот енергетски интерес, како за потенцијалите за поттик на меѓусебниот туризам…за повеќе работи кои стојат како неискористен ресусрс на две соседни држави.

„Од инаетот и несоработката не печали никој“, коментира Климов, додека пиеме чај од бугарска фирма која треба да продава и на македонскиот пазар.

 

Отворањето на Канцеларијата е логичен чекор по потпишувањето на Договорот за добрососедство, и од моменталните односи меѓу двете влади.

„Во 2015 затворањето до некоја степен беше поврзано со не толку добрите односи кон тој момент“, вели Климов, додавајќи „дека затворањето во 2015 е преседан затоа што Бугарија за прв пат затвора канцеларија за врски по отворањето од независноста на Македонија.

Што се промени во тие 3 години? – го запрашавме Климов

„Македонија мина низ многу тежок процес кој вклучува многу измени во политичките процеси и законите, на земјата, дел од тој процес беше односот со соседите, а како што сите знаеме односите со Бугарија не беа на посебно високо ниво. Се промени комуникацијата помеѓу Бугарија и Македонија. Започнувајќи од меѓувладината комуникација, до комуникацијата помеѓу луѓето, медиумите се променија исклучително многу“, констатира тој.

Според него, во голема мера проблемите кои се создаваа помеѓу Бугарија Македонија, беа на ниво медиуми, затоа што како што додава, „определени медиуми во Македонија објавуваа негативни материјали за Бугарија, и тие материјали се преземаа во Бугарија и обратно“.

„Се покажа“, вели тој, „баш кога падна таа завеса на комуникација преку медиумите, ние всушност видовме дека можеме многу подобро да комуницираме и имаме многу што добро да си кажеме“.

 

Со забрзано темпо паѓаат економските бариери помеѓу Македонија и Бугарија по потпишувањето на Договорот за добрососедство

По потпишувањето на Договорот за добрососедство, се чини дека во економијата нештата се случуваат најлесно споредено со другите сфери. Бугарија и Македонија започнуваат да се сеќаваат дека, и покрај лошите комуникации кои ги имаме на ниво на транспорт и инфраструктура, за жал сеуште, се сеќаваат дека се многу блиску една до друга културно и географски и можат, природно да прават трговија многу полесно отколку со другите соседи.

„Во моментов кога разговараме со бугарски фирми, тие реагираат како да беа заборавиле за постоењето на Македонија, поради минатите лоши или не до толку добри политички односи. Затоа во моментот во Бугарија се случува едно преоткривање на Македонија за прв пат, за некои пазари и видови стоки, Македонија станува пазар и потенцијален пазар за некои бугарски фирми. Истото е и за некои македонски производители кои ја преоткриваат Бугарија. И покрај тоа што Скопје и Софија се на околу 200 километри, исто како досега да сме биле разделени со некаков Кинески ѕид. И културно и економски“, коментира Климов.

 

Македонски производи и компании интензивно влегуваат на бугарскиот пазар

Македонија, вели Климов, започна да се појавува во големите бугарски синџири на маркети, со стоки и производи од кондиторската индустрија. Но во Македонија нема ни едно бугарско вино, додава тој, коментирајќи ја таа појава како, благо речено, чудна, затоа што во последните години, како што објаснува тој, Бугарија се издигна во земја – лидер во Европа по производство на розе и црвено вино. „Македонија исто така има квалитетни вина, морам да нагласам. Моментално во Бугарија има повеќе од 300 првокласни винарии кои не се застапени на македонскиот пазар“, додава Климов.

За него е чудно што и покрај блискоста на Скопје и Софија, околу 240 километри растојание, чудно е што бугарските вина не се застапени на македонскиот пазар, а исто така, додава тој „во Македонија нема ни една марка на минерална вода. А Бугарија е меѓу лидерите во Европа по број на минерални извори и минерални води“.

„Но морам да кажам нешто друго интересно. И покрај тоа што Бугарија е една од земјите со најмногу извори на минерална вода во Европа, Македонија успеа да направи пробив, македонска фирма, од минатата година се продава низ цела бугарија. Пелистерка, за првите 9 месеци од својата дистрибуција во Бугарија има продадено 1 милион шишиња минерална вода. Тоа е еден многу добар позитивен пример. Во моментот, силно влегува КАМ маркет, кој влегува во синџирот на Лидл, кој е многу добро познат и распространет во Бугарија, но колку што знам, вложуваат во локации кои се поблиску до блоковите каде живеат повеќе луѓе. Исто така морам да истакнам дека нивниот пробив во Софија е многу амбициозен ако се има предвид дека за првите две години имаат повеќе од 20 маркети.

 

23klФирми од бугарскиот ИКТ сектор инвестираат во Македонија

Додека пробивот на бугарскиот пазар, според Климов, го предводат компаниите од кондиторската индустрија, во Македонија инвестираат фирми од бугарскиот ИКТ секторот и комуникациските технологии. Но за слабиот пробив на бугарските производи во земјава цени дека тоа се должи на „се уште старите дистрибутерски мрежи од бивша Југославија“, кои според него се сѐ уште многу силни.

„Во тоа нема ништо лошо, но мислиме дека е крајно време е македонските синџири и супермаркети и дистрибутери да погледнат и кон Бугарија која има многу што да понуди. Има исклучително многу квалитетни производи, веќе и на светско ниво. Малку има еден таков, според мене, независно од подобрувањето на нашите односи, рефлекс од минатото кој не е во целост надминат. Малку има еден стар лик за Бугарија во Македонија, дека не е многу модерна земја, дека нема многу какво да се купи, но тоа веќе е толку далеку од вистината“, коментира тој.

„Едноставно Бугарија не е тоа кое беше пред 30 години, дури не е ни таа која беше пред 10 години, ниту пак ни пред 1 година. Бугарија се променува со многу брзо темпо. Постојано нови изненадувања од нови градби и нови инвестиции. Соодветно и развојот на производите и фирмите кои стануваат се подобри во својот производен процес“, додава Климов.

 

Се поврзавме со Договор, колку ќе ни треба да се поврземе инфраструктурно?

„За мене еден од проблемите е дистрибутивната мрежа, која се должи на два елементи. Едниот е рефлексијата од минато, а втората причина е, што ние сме сѐ уште многу лошо поврзани, комуникациски и инфраструктурно. Ние немаме, за жал сѐ уште, авионска линија Скопје-Софија-Скопје, ниту пак до туристичките центри во Бугарија како Варна или Бургас. Немаме железничка линија, и мислам дека сме единствените држави во Европа кои не се поврзани со железница. Немаме ни убав пат, магистрала, автопат, помеѓу себе. Во моментот, за среќа, од двете влади се работи на 4 лентов пат од Куманово до Ѓуешево. На трговскиот форум помеѓу Бугарија и Македонија, вицепремиерот Кочо Анѓушев претстави дека патот е разделен на 3 отсечки, првата од Куманово до Бељаковце, која треба да биде готова до крајот на годината. Од Бељаковце до К. Паланка, кој за максимум три години исто така треба да биде готов, и на крајот ќе остане последната отсечка, која е 17 километри до границата, од К.Паланка до Ѓуешево. Таа е потешка затоа што се работи за планинска отсечка и теренот е потежок. Но, и се надеваме дека за максимум 5 години и таа делница ќе биде завршена “, коментира Климов.

 

Бугарија ќе го гради нивниот крак од Турскиот поток. Бугарија се надева на македонско партнерство и во изградбата на Белене

На бугарско-македонскиот бизнис Форум, двајцата Вицепремиери, една од нештата за кои говореа беше заедничкото учество на Македонија и Бугарија во заеднички енергетски проекти. Од тоа би имале полза и двете држави. Во ситуација двете држави да се појават заедно на енергетската берза, тоа би довело до поевтини цени за енергија за двете земји. Може да се смета на доволно произведена енергија која може да се користи и од Македонија, т.е. заедничка енергетска берза.

„Другиот проект кој беше разгледам беше бугарската нуклеарна централа Белене“, се надоврзува Д-р Климов „која од многу време е на ниво проект, во различни периоди е започнувана па прекинувана, а најверојатно ако се најдат соодветни услови да се изгради – ќе се изгради, и бугарската влада се надева дека и македонски партнери можат да учествуваат во тој проект, како и другите балкански држави. Но засега, тоа кое го рече македонскиот вицепремиер, Анѓушев, доволно е да видат малку поконкретни параметри кога веќе од бугарската страна е јасно како ќе се гради тој проект“.

Според Климов тоа е многу добра новина, и за Македонија.

„Исто така се зборува за втора гасоводна линија, која ќе ги спои гасоводните мрежи на Бугарија и Македонија за дополнителни поврзувања и дополнителни количества, и се разбира, тоа кое сите не интересира, Турски поток, од турската граница до Провадија и од таму до српската граница“.

Моментално, како што објасни Климов, треба да се изгради нова гасоводна инфраструктура во Бугарија, вредна 2,8 милијарди евра. Тоа би било од корист за Македонија, додава тој, затоа што, според него, гасоводните врски кои Македонија ги има со Бугарија, се поврзани со нивните системи, т.е дел од тие количини би можеле да се пренасочат и кон Македонија.

„Тоа е една сигурност за Балканот, затоа што, најверојатно, после запирањето на гасот преку Украина, тие количини ќе се транспортираат низ Турција, т.е. се враќаат од југ на север, и затоа мора да ја изградиме потребната структура во Бугарија. Инфраструктурата која ја имаме во моментов треба да се пренамени за транспорт во обратна насока. Таа инфраструктура која недостига, многу брзо треба да се изгради, за да можеме ние на Балканот да ги користиме тие количини. Идејата на Бугарската влада е да има гасоводен премин на Балканот во кој ќе може да се влива гас и од други извори, а моментално се прават сопствени поручувања за нафта и гас во Црно море. Во Романија веќе се најдени, па затоа се претпоставува дека ќе бидат откриени и во Бугарскиот дел од Црно море. Планот е дел од тие количини да влезат во тој балкански премин. Веќе има договорени количини за достава на гас преку Грција од Азербејџан, и со таа диверзификација и раширување на Турски поток преку Балканот, сметаме да имаме гаранција за непрекината достава, кое е добро за целиот Балкан. Затоа што кога го правиме тоа поврзување помеѓу одделни држави, независно што минува низ Бугарија, тоа е сигурност и за Македонија“, појасни Благој Климов, раководител на канцеларијата за економско-трговски врски при Бугарската амбасада во Скопје.

 

Поврзувањето на двете држави се покажува многу потешко без вакви економски Канцеларии

„Колку повеќе тргуваме помеѓу себе, толку побогати ќе бидеме од двете страни на границата“, констатира Климов. Колку повеќе размена на стоки,капитал и луѓе има, вели тој, толку подобро и за двете држави. „Толку повеќе сме богати, толку повеќе ќе видиме дека сме блиски, се разбираме прекрасно и како луѓе“.

Само така, според Климов, старите стереотипи помеѓу двете држави сѐ повеќе ќе отпаѓаат, и ќе дадат пат на економскиот интерес, на културната соработка, туристичките заднички пакети итн.

„На пример ние сакаме, кога доаѓаат бугарските туристи во Македонија, да не одат само во Скопје и Охрид само затоа што нив најдобро ги познаваат, и тоа најмногу се предлага од нашите агенции, туку да откријат дека во Макеоднија има многу други места како на пример Дојран и Дојранското езеро, Берово е еден прекрасен град со неверојатни услови за еколошки туризам, Ресен.. места кои се познати на Бугарите како имиња, но не се вклучени, и не се толку застапени во туристичките тури на туристичките агенции. Од друга страна Македонците кои сакаат да ја посетат Бугарија, ако отвориме една авионска линија, на пример, помеѓу Скопје и Варна, или Скопје и Бургас, за еден час ќе може да се оди од Македонија на бугарското Црно море. Многу Македонци велат,„многу сакам да дојдам во Бугарија, но не ми се вози 8-9 часа. Ако се направи подобра инфраструктура, патишта, авионски линии, исклучително многу ќе се подобри туристичката размена“, додава тој.

Разговорот со Д-р Климов, сосема природно зеде тек на анализа на проблемите преку призмата на решенијата а не преку призмата на виновници. Затоа што второто е апсолутно непродуктивно.

Кои се иницијативите за решавање на точно согледаните проблеми со кои се соочуваат двете земји при трговската размена, со инфраструктурата, со авионските линии, Климов вели по некои од тие проблеми веќе се работи.

„Тие се во процес на решавање. Двете влади многу интензивно работат за транспортната поврзаност. За многу од македонските отсечки, како што веќе говоревме, за автопатот, за железницата, веќе има обезбедено европско финансирање, од Западнобалканскиот инвестициски фонд, од ЕБОР, од Буџетот на Република Македонија, така што веќе имаме конкретни докази дека по тие прашања за поврзувањето се работи. Исто така и од бугарската страна. Имаме докази за проекти кои веќе течат. Што се однесува до авионската линија, тука е малку потешко. Таму прашањето е на приватните компании кои треба да бидат убедени дека е економски оправдано да отворат авионска линија. Разговараме со туристички агенции во Бугарија и Македонија, кои можат да гарантираат 40% од местата од Скопје за Бургас или Скопје –Варна, македонски агенции да исполнат на пример уште 20%…Тоа е една од нашите задачи тука. Ние не треба само да поврзуваме фирми, ние всушност треба да поврзуваме и туроператори, градоначалници, комуникација по сите начини, и да ја олесниме комуникацијата од двете страни на границата.

Меѓудругото, според него, задачата на Канцеларијата не е само бугарските инвестиции и компании во Македонија. Туку да се насочуваат и македонски кон Бугарија, затоа што како што рече тој, „мерилото за нашата работа е зголемувањето на трговската размена“.

„Како што ред неколку месеци кажа премиерот Заев „нема да запрам да работам додека трговската размена помеѓу двете држави не стигне барем 1 милијарда евра“, задоволно и со широка насмевка додава тој.

 

Ќе бидне ли?

„Се разбира дека ќе бидне. Прашањето е кога? Минатата година изнесуваше 730 милиони евра, а имаме рекорден раст во трговската размена меѓу двете држави, која е до голем степен резултат од Договорот за добрососедство. Гледаме како добрите политички решенија можат директно да влијаат врз економијата и стандардот на луѓето. Но се надеваме дека за неколку години, не сакам да оптеретувам со рокови, но таа 1 милијарда, која не е само една, ами просто е еден чекор во развојот, и никогаш да не бил достигнат, ќе биде достигнат. Тоа ќе покаже дека ја имаме најголемата стокова размена во историјата помеѓу двете држави, тогаш ќе си поставиме повисоки цели“, со нескриен оптимизам и спремност за таквите предизвици, коментира Климов.

Неговите проценки се дека самата таква зголемена трговска размена, ќе доведе до потребата од авионски линии, од подобра инфраструктура, и како што рече тој, веќе и самите луѓе ќе почнат да притискаат за владите поскоро да ја подобрат инфраструктурата.

 

Од агресивни на темата историја до агресивни на темата економија

„Тоа е многу убаво кажано“, се согласува Д-р Климов. „Затоа што тоа што се случува помеѓу Македонија и Бугарија е природниот процес на работите, сосема природно е луѓето да се стремат кон подобар стандард за живот и подобар однос со соседите, дотолку повеќе кога соседите се толку блиски. И културно и историски, споделуваме заедничка историја во многу голема мера, и тоа го кажувам пак затоа што е поврзано со економијата. На пример, бугарскиот турист би бил заинтересиран од работи од кои ниеден друг турист не би бил заинтересиран во Македонија, затоа што ако има на пример некоја куќа или музеј на некоја личност која се почитува и во Бугарија и во Македонија, туристите од Бугарија би дошле специјално затоа што за нив тоа е важно. Тоа соодветно носи приходи на соодветната општина, се пазарува се ноќева, итн. Ние можеме да имаме многу додадена вредност во односите помеѓу Бугарија и Македонија, ако гледаме, како што рековме поагресивно на економијата, и економски да се поддржуваме“.

Националните држави ја губат битката со се поголемиот бран на глобализација кој го сведочиме дури и преку секојдневните примери на живеење. Изреката „Здружувањето ја прави силата“, му е многу добро позната на Д-р Климов, кој со силен ентузијазам и полн идеи и предлози коментира за можноста од претставување на двете држави со заеднички производи на глобалниот пазар.

Бугарија и Македонија исклучително добро се надополнуваат како туристички производ. Двете држави можат да понудат многу високо квалитетен културен туризам, кој е скапиот туризам, кој не е тој евтин, како на пример, масовниот морски туризам. Бугарија има 9 заштитени од УНЕСКО објекти, Македонија исклучително стари манастири и културни објекти. Заеднички туристички производ, е можен. Можеме заедно да работиме во сферата на информатичките и комуникациските технологии“, коментира тој, поткрепувајќи ја втората идеја со фактот дека Бугарија во последните години се претвори во лидер на Балканот во ИКТ иновациите и аутсорсингот.

„Бугарија е единствената држава на Балканот која има целосно изграден систем во ИКТ индустријата. И, во тој однос веќе започнуваат да ни недостасуваат добро подготвени кадри за таа индустрија која многу брзо се развива. Македонија, исто така има многу добри специјалисти, и нашата идеја и задача е тука да ги привлечеме неколку добри бугарски инвестиции од ИКТ сферата и иновациите. Од една страна тоа ќе е добро за Македонија затоа што ќе задржи млади луѓе со добри плати, наместо да одат надвор да си бараат работа, а од друга страна, тоа ќе го покаже новото лице на Бугарија за кое веќе говоревме.

Според кажувањето на Климов веќе се водат разговори во таа насока. Како таков успешен пример ја посочи инвестицијата на Мусала Софт, бугарска компанија која, според Климов е меѓу лидерите во изработката на софтвер, но, неговата нескриена амбиција е повеќе такви инвестиции да дојдат во Македонија.

„Сакаме уште такви инвестиции, и таа инфраструктура која Бугарија ја има да се префрли во Македонија, и заедно двете држави да предложат иновативност во сферата на информатичките технологии и со време заеднички да се претвориме во информатички лидер на Балканот. Тоа воопшто не е невозможно, колку сега и да звучи малку како утопија“, вели тој со сериозност лишена од секаков егзибиционизам.

Софија е со стапка на невработеност од околу 3% а Бугарија околу 6-7%. После 15 години иселените од Бугарија од пред неколку децении, започнува да се враќа назад.

За среќа, се надоврзува Климов, „мината година во Бугарија, за прв пат, луѓето кои се вратија, веќе ги надминаа како бројка тие кои заминаа од Бугарија“.

Тој потврдува дека има таков процес на луѓе кои се повеќе се враќаат. Тоа, според неговите проценки е поврзано со тоа дека Бугарија, посебно за образовани луѓе, започнува да нуди многу добри плати, како што вели тој.

„Кога луѓето заминуваа прва причина беше ниските плати. Сега не е толку многу висока колку на Запад, но е на доста добро ниво. Тие кои се враќаат веќе се спремни да работат и за малку помалку пари но да имаат подобар социјален живот и да се блиску до роднините и пријателите. Тоа нешто ќе се случи и во Македонија, но мора да си го изоди својот пат и да стигне до новото кога луѓето кои напуштаат ќе се помалку од луѓето кои се враќаат.

 

Амбициозни најави за следни активности од Канцеларијата

Задоволни од исходот на неодамна одржаниот Бугарско-македонски бизнис-форум, објаснува Климов,вицепремиерите се договорија, секоја година да има таков Форум со поставување фокус на одреден сектор.

„Можеби следната година да биде информатички и телекомуникациски технологии. Тоа е една од добрите вести. Другото нешто кое го планираме во канцеларијата е отпочнување со организација на регионални бизнис форуми. На пример, го одбираме Берово и велиме, таму ќе правиме македонско-бугарски форум за градежништво. Или во Дојран – туризам, и собираме фирми кои се занимаваат со туризам. Такви Форуми полесно се организираат затоа што се самна ниво на локалните власти и во еден сектор. Тие се многу конкретно насочени во одредена сфера и мислиме дека ќе ги раздвижат нештата во одделни сектори. И кога го претставивме овој концепт на градоначалниците од пограничните општини, сакаат поскоро без многу процедури да се организираат такви средби, и тоа е една од идеите кои сакаме да ги разработиме, за кои јас верувам дека има многу потенцијал“, останува ентузијастичен и енергичен Климов.

Во една од своите изјави, премиерот Борисов амбициозно кажа дека Бугарија ќе биде менторот на Македонија за влезот во ЕУ и НАТО. Проблемот со Грција е решен, што не очекува според бугарското искуство како членка на ЕУ и НАТО? Колку ќе боли трансформацијата, и какви се фондови ќе бидат мелемот кој ќе го олеснува прилагодувањето на правилата на европското друштво? Климов вели Утопија е да се каже дека ќе биде лесно. Вели Многу долг пат има да изоди Македонија.

„Како за почеток преговорите ќе бидат многу тешки, и таков пријател и партнер како Бугарија би бил многу корисен. Бугарија со целото искуство во преговорите, со убавите искуства и со грешките кои ги направила, може многу да помогне на Македонија за да не си ги дозволи истите грешки, а да ги следи добрите примери. Дури и поради самиот факт дека целото законодавство, кое Бугарија го преведе, може да е од корист. Бугарија е вистински пријател на Македонија. Тоа се докажа од, иако не многу луѓе го знаат ова, едно од последните заседанија на Комитетот за надворешна политика во Брисел, во време на бугарското претседателство со ЕУ. Министерската за надворешна политика, Захариева, до последно настојуваше да се даде датум за преговори со ЕУ за Македонија и Албанија. 3 држави беа против. Но Бугарија успева да ги убеди тие држави, и макар со услови, Советот излезе со решение за во 2019 да започнат преговорите за Македонија со ЕУ. Не секој во Македонија го знае тоа, затоа го кажувам, за да се разбере дека Бугарија е пријател на Македонија и прави се возможно за придвижување на тој процес,колку може најбрзо. Затоа што интерес на Бугарија е да има сигурни и богати соседи“, заклучува Климов“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×