Благоја Дончев: Половина век произведуваме „фармација за градежништвото“
Објавено на од во Компании

Za otvaranje DoncevБлагоја Дончев
претседател на УО и генерален директор на „Адинг„ АД Скопје

Половина век произведуваме „фармација за градежништвото“

„Мислам дека не е мала работа 50 години да опстоите на пазарот, менувајќи два економски системи, преживувајќи драматични моменти како компанија, под влијание на внатрешни случувања, но и надворешни фактори и денес цврсто да стоите на нозе обезбедувајќи квалитетни производи за клиентите во преку 20 земји каде што сме присутни, како и можност за егзистенција, усовршување и стимулирачка работна средина за повеќе од 140 вработени. Нашите производи ние во фабрикава ги нарекуваме „фармација за градежништвото“, затоа што исто како и лековите, тие се користат во мали количини, и додавајќи ги во основните градежни материјали, како што е бетонот, му го подобруваат ‘здравјето’ , односно неговите својства и квалитет“, вели првиот човек на компанијата за производство на хемиски производи за градежништвото, „Адинг“, Благоја Дончев.

На 3 мај годинава во хотелот „Хилтон“ во Скопје на свечен настан неколку македонски компании и поединци добија престижни меѓународни награди “Креатори на столетието“ што ги доделува Светскиот економски форум „Перспективи“ со седиште во Дубровник, Хрватска. Г-дин Благоја Дончев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Адинг“, домашната компанија за хемиски материјали во градежништвото, доби награда за животно дело, со што на најубав можен начин ги одбележа речиси 40-те години работа во компанијата, но и 50 години од нејзиното постоење што се одбележуваат во 2019 година. Го посетивме Дончев во неговиот кабинет каде што тој ги сподели со „Капитал“ своите видувања за тоа каде се наоѓа компанијата денес во македонското, но и меѓународното економско окружување и кои се најголемите предизвици на патот кон успешните продажби и извоз.

Да почнеме со најновата работа што ви се случи на личен и професионален план – Наградата за животно дело „Креатори на столетието“ за развој на претприемништвото во регионот, што ви ја додели Светскиот економски форум од Дубровник. Што значи ова признание за вас, но и за компанијата во која сте поминале четири децении?

Секако дека признанието претставува чест за мене, но и за сите вработени во „Адинг“, своевидна потврда дека сме направиле нешто добро, дека сме оставиле трага во македонскиот економски простор, како од 2006 наваму откако ја презедов извршната директорска позиција, така и сите претходни години и децении откако сум во компанијата, заедно со сите менаџери и останатите луѓе од тимот на компанијата.

Мислам дека не е мала работа 50 години да опстоите на пазарот, менувајќи два економски системи, преживувајќи драматични моменти како компанија, под влијание на внатрешни случувања, но и надворешни фактори и денес цврсто да стоите на нозе обезбедувајќи квалитетни производи за клиентите во преку 20 земји каде што сме присутни, како и можност за егзистенција, усовршување и стимулирачка работна средина за повеќе од 140 вработени.

Кои беа клучни предизвици за вас откако ја презедовте управувачката функција во Адинг и што претставува компанијата денес?

Најпрво да објаснам малку околу бекграундот на „Адинг“ и нејзината историја. Компанијата има, да се изразам со спортски речник, две полувремиња во својот развој. Формирана е во 1969 година како резултат на желбата на група ентузијасти во Македонија да се произведуваат хемиски адитиви за потребите на градежништвото, нешто што дотогаш било привилегија за Словенија и Хрватска како поранешни републики на СФРЈ. До средина на 80-те „Адинг“ имаше динамичен развој на својата производна програма, продажбите и извозот, но во 1987 година за жал, се случи голема несреќа во фабриката при што седум работници ги загубија животите. Заради овој силен потрес и опасноста за самиот нејзин опстанок, фабриката мораше да влезе во системот на „ОХИС“, но во 1990 излезе, откако менаџментот увиде дека ќе нема добра перспектива ако остане во рамки на тогашниот хемиски гигант. Се разбира, таа борба да продолжиме сами по својот пат не беше ни малку лесна во тогашните политички и економски околности. Следеше трансформацијата на компанискиот капитал, едно сосема ново време за сите нас, а бевме меѓу првите пет фирми во земјава што се трансформираа во акционерски друштва, па ние неколкуте менаџери што бевме на почетокот на 90-те на чело на компанијата, како и сите вработени учевме што е тоа акционерство, подоцна и што значи берза, продавање и купување на акции, итн. Интересно е што ние немаме доминантен акционер, имаме преку 300 помали акционери, а нивниот број особено порасна во време на берзанскиот бум во 2006 -2007 година, кога сите ја видовме убавата страна на „хистеријата“ за акции, но и студениот туш што следеше подоцна. Ова е период од поновата историја, којшто се надевам дека ја подигна свеста за тоа дека треба силна едукација, знаење и искуство за одговорно инвестирање. Светската криза што почна во западните земји во 2008 година, а подоцна се прелеа и во земјава, беше уште еден од предизвиците на патот кон компанискиот раст и развој. И тоа го преживеавме, дури и инвестиравме силно во 2009 година, отворивме и фабрика во Бугарија, за денес да сме еден од најголемите производители и извозници на хемиски производи за градежништвото во регионот на Југоисточна Европа.

20dОбјаснете ни накратко за клучните бизнис активности што ги обезбедуваат приходите на Адинг во моментов.

Компанијата има десетина главни групи на производи, што ние ги нарекуваме “фармација за градежништвото“, затоа што исто како и лековите, тие во мали количини се додаваат во основните градежни материјали, како што е бетонот, со што му го подобруваат “здравјето“, односно неговите својства, стабилноста во различни временски услови, непропустливоста за вода, итн. Инаку, покрај адитивите за бетони и малтери, произведуваме смеси за залевање, материјали за индустриски и спортски подови, градежни китови, хидроизолации, заштитни премази, противпожарни материјали, градежни лепила, итн.

Производството го обезбедува најголемиот дел од приходите на компанијата, но во рамки на групацијата „Адинг“ имаме уште неколку компании: „Бизнис Центар Адинг“ формиран во 1991 година со основна дејност трговија на големо со градежни материјали; „Инвест А“, компанија формирана во 2001 година специјализирана за завршни и санациски работи во градежништвото со материјали од нашата производна програма, но и материјали од странски фирми кои ги застапува „Бизнис Центар Адинг“; „Биро проект“, основана во 2002 година, којашто нуди услуги од областа на проектирањето, процената на недвижен имот, хортикултура и маркетинг и „ЛА Хемија“, партнерска фирма основана исто така во 2001 година во делумна сопственост на „Адинг“ и грчки партнери, за трговија на големо и мало.

Како сте задоволен од динамиката на производството и продажбите во моментов, надмината ли е кризата во градежниот сектор?

Изминатите две години поради застојот во високоградбата, но и слабото реализирање на капиталните инвестиции од различни причини, и градежништвото како движечка сила на економијата забележа значителен пад, што значи и побарувачката за нашите производи беше помала на домашниот пазар. И покрај тоа, ние се трудиме да надоместиме со извоз, присутни сме со нашите производи во крупните инфраструктурни проекти во околните земји, како што се новите автопати во Србија, Црна Гора, Косово, но и во подалечни пазари. Лани во целиот Деловен Систем остваривме поголем вкупен приход од редовни активности за околу 3%, како и раст на оперативна добивка за 23%. Доколку се оствари најавениот залет во домашните градежни проекти во инфраструктурата, годинава треба да биде уште поуспешна од минатата.

Кои се клучни извозни пазари на компанијата и колкав дел од производството го пласирате надвор од Македонија?

Последниов период извезуваме околу 60% од асортиманот, а најголеми пазари ни се Србија, Казахстан, Црна Гора, БиХ, Косово, Бугарија, Албанија, Либија, итн.

Кои се вашите клучни силни страни и конкурентска предност на домашниот и странските пазари?

Извозот е извонредно тешка работа, особено за компанија која доаѓа од мала земја, која нема меѓународно познати светски брендови, и само благодарение на нашиот квалитет, традиција и искуство во работењето на странски пазари, успеваме и ден денес да се одржиме или пробиваме на пазари каде што треба да сме конкуренти на големи мултинационални компании. Четириесет проценти од нашите вработени се инженерски кадар, а компанијата има акумулиранo 50 – годишнo искуство и “know how”. Всушност нашата најголема конкурентска предност е инженерската поддршка и техничките решенија кои ги нудат нашите инженери на клиентите, а во зависност од специфичните услови на објектот. За големите корпорации е скапо и комплицирано да испраќаат свои стручњаци кај клиентите со кои соработуваат, а ние тоа го правиме на сите пазари каде што продаваме. Нашите инженери се на лице место каде што се изведуваат градежните проекти, пренесувајќи го своето знаење и совети до луѓето што се одговорни за изградба на некој автопат, мост, тунел, спортски објект, итн.

21dЕдна од ретките компании сте од земјава којашто инвестираше во производни погони на странски пазари, поточно во Бугарија. Како се развиваше таа бизнис единица на Адинг, задоволни ли сте од резултатите на тој пазар и дали планирате и други инвестиции во производство надвор од земјава?

Да, навистина се ретки примерите на македонски производител да отвори сопствен погон или фабрика во земја од регионот, или пак подалеку. Ние сфативме дека македонскиот пазар е премал за нашиот капацитет и дека мораме да се пробиваме постојано на странски пазари за да имаме стабилен и одржлив развој. Сакајќи и да ги искористиме предностите на тоа што Бугарија во 2007 стана членка на ЕУ, ние решивме да отвориме фабрика во Перник, и оттаму да го покриваме нивниот пазар, но и да извезуваме во Романија, која е еден од најголемите регионални пазари со оглед на големината како држава и обемот на градежни проекти што таму се случуваат. Еве, веќе 10 години таа наша фабрика функционира успешно, а што се однесува до плановите за фабрики и во други земји, ние токму во истиот период 2009-2010 планиравме и отворање на погон и во Србија. Инвестиравме во земјиште, но поради ударот на светската економска криза и негативните влијанија кои се почувствуваа во регионот и во домашнава економија, се откажавме од таа идеја и веројатно тоа ќе беше преголем залак за нас.

Како долгогодишен искусен менаџер, какви се вашите очекувања генерално за економската слика на земјава сега по завршените претседателски избори, влегувањето во НАТО и очекуваниот датум за преговори со ЕУ?

Очекувам пред се` една политичка стабилност, која што е и тоа како потребна за одржлив развој на економијата. Не верувам дека самото влегување во НАТО нам ќе ни ја заврши сета работа, се разбира дека имаме уште многу „домашни задачи“ за сработување, пред земјава да стане пристојно место за водење бизнис и живеење. Пречестите изборни циклуси, политичките кризи и сл., го кочат нормалното одвивање на административните работи без коишто пак не може нормално да функционираат бизнисите, а особено градежниот сектор, каде што доминираат капиталните проекти финансирани од државата. Истите проблеми ги имаат и други држави во регионов, така што и извозните активности на Адинг и останатите македонски компании извозници трпат влијание од политичките турбуленции на Балканот. Инаку, не е проблемот во имањето или немањето доволно проекти – проекти во градежништвото има, но покрај кочниците поради политичките кризи, сериозен проблем станува и се потешкото наоѓање квалификуван кадар, а заради иселувањето од југоисточна Европа.

Кои се идните планови на Адинг?

Градежништвото во државата и во регионот е во потенцијална експанзија на инфраструктурните – нови проекти автопатишта, патишта, железници, гасификација како и реконструкција на старите постојни инфраструктурни проекти. Тоа се големи можности за учество на сите македонски компании, а секако и за Адинг, кој е веќе присутен во Македонија, Бугарија, Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Косово.

Проектите се капитални инвестиции од кои некои се завршуваат, а се почнуваат нови. Секако, конкуренцијата е голема, но ние успеваме да се носиме со големите европски компании од нашата дејност. Очекувам дека во наредните години Адинг ќе продолжи успешно да работи, а „50 ГОДИНИ АДИНГ“ уште повеќе не` мотивира, но и   обврзува во остварувањето на нашиот Глобален бизнис план, на задоволство на вработените и на сопствениците – акционери на Адинг.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×