Blue chip состанок на стратешко ниво
Објавено на од во Бизнис и политика

Glavna fotka WEBВо Скопје се сретнаа најголемите словенечки и македонски бизнисмени: Како до повеќе зделки

Шефови, менаџери и сопственици на некои од најголемите компании, банки и  осигурители во Словенија и Македонија, претседатели на најголемите бизнис комори, дипломати и новинари се собраа во Скопје неделава да разговараат за тоа како да се направи повеќе бизнис меѓу двете држави. Трендот на трговска размена и инвестиции го оценија како позитивен, но простор за раст има уште. Како императив поставија во следните пет години трговската размена да порасне од 260 на 500 милион евра, а инвестициите да се зголемат, особено од македонските компании во Словенија.

 

Барем десетина милијарди евра “тежеше“ софрата во еден скопски локал во вторникот вечерта, кога околу неа се собраа во полу неформална атмосфера шефовите/сопствениците на околу 20 најголеми словенечки и македонски компании, банки и осигурители. Иницирана од словенечкиот амбасадор во земјава, д-р Милан Јазбец, именувана како Blue chip состанок на стратешко ниво, средбата имаше за цел да развие дискусија околу тоа до каде е стигната бизнис соработката помеѓу двете земји и што треба да се направи за нејзин уште поголем развој. Овој своевиден форум на словенечко – македонската бизнис елита  е всушност  дел од 25-те настани  што словенечката амбасада планира да ги организира оваа година кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете независни држави.

Slovenija WEB frajm 01

“Ова е нов пристап во деловната филозо-фија во билатералната дипломатија. Нов, затоа што е своевиден brain storming на најголемите наши и ваши бизнисмени, тие кои што ги знаат можностите, гледаат далеку во иднината и кои се во состојба да ги придвижат работите во најдобра насока. И понатаму нив политиката ќе треба да ги слуша.“, истакна амбасадорот Јазбец на почетокот на состанокот.

Политиката   треба да го слуша бизнисот, но судејќи според она што се случува во Македонија на политичарите  како да не им се слуша баш. Политичката криза трае повеќе од две години, а тоа како што признаа и челниците на словенечките компании, инаку сите присутни со свои операции во земјава, ги загрижува донекаде , но засега нивните бизнис интереси не се во таа мера загрозени да размислуваат за некакво намалување на активноста или повлекување. Напротив, како што истакна и мнозинскиот сопственик  и директор на компанијата за производство на електро – компоненти и инженеринг, “Искра“ со седиште во Љубљана, Душан Шешок, тој планира нивното претставништво во Македонија да стане и центар од каде што ќе го покриваат регионот, конкретно Бугарија, Турција, Албанија…

Slovenija WEB tabela 01

“Најголема грешка на словенечките компании, вклучувајќи ја и ‘Искра’,  веднаш по распадот на југословенската федерација беше што тие практично го запоставија просторот на останатите пет републики, како да не сакаа да имаат повеќе ништо со поранешните партнери и се свртија сосема кон извоз во Европа и светот. Дури пред неколку години почнавме да размислуваме за бившите ју простори. Јас искрено не се грижам премногу за политичката ситуација во Македонија или било каде. Актуелна влада си е актуелна влада. Кога ќе има следна, ќе работиме и со неа. Позитивно гледаме на регионот. Словенечката и македонската економија се комплементарни, во многу малку области си конкурираат меѓу себе и затоа можностите за соработка се дотолку поголеми. Ние отидовме дотаму што Македонија не ја гледаме само како единствен пазар каде што ќе работи нашето претставништво таму, туку како еден центар, хаб, од каде што ќе работиме проекти и во неколку други балкански земји. И нашите вработени македонски инженери, веќе работат на такви проекти“, истакна Шешок.

Slovenija WEB frajm 02
Една на друга земја си служиме како регионални “хабови“ за продор на трети пазари

За тоа другата земја да се гледа како појдовна точка од каде што ќе се освојуваат други пазари зборуваше и првиот човек на македонски “Алкалоид“, Живко Мукаетов. Тој прво го истакна значењето што за нив како компанија го имале словенечките фармацевтски гиганти со своето искуство и експертиза, особено Крка, која им служела како пример за успешен развој и освојување пазари и објасни дека за нив Словенија е всушност регионален хаб од каде што продираат кон пазарите на Европската унија.

“Имаме три наши компании регистрирано во Словенија, меѓу кои и една лабораторија. Околу 25 милиони евра промет правиме практично од Љубљана, односно на самиот локален пазар и останатите наши пазари од ЕУ. Соработуваме со некои словенечки компании, едни произведуваат под приватна марка за нас, ние пак, некои суровини за други, НЛБ е наша банка што нè следи во регионот и на други пазари, Триглав ни е главна осигурителна куќа…Можности има многу“, рече Мукаетов.

Slovenija WEB tabela 02

Дека има можности за поголем бизнис меѓу македонските и словенечките компании рече и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој што исто така, учествуваше во дебатата. Тој истакна дека меѓусебната трговска размена расте, но дека не смееме да бидеме задоволни со моменталното ниво на извоз, особено македонскиот во Словенија, како и од директните инвестиции, кои што имаат простор за раст и во двете насоки.

“Македонските компании сè уште имаат минорни инвестиции во Словенија, ако се споредат со обемот на нивните во земјава. Изминативе десет години нивните компании вложиле околу 380 милиони евра во Македонија, што е 11% од сите странски инвестиции кај нас за тој период,  а нашите фирми едвај 10-15 милиони во Словенија.  Треба да се направи малку повеќе во оваа насока. Словенија во секој случај е еден од најдобрите и најискрени поддржувачи и партнери на Македонија, а ако имаш партнер што е добар, квалитетен, и ти ќе бидеш добар“, рече Азески.

Slovenija WEB frajm 03
Словенечките банки и осигурители ги пофалија македонските подружници како најдобри во своите групации

Развојот на бизнисите и трговската соработка не може без поддршка од банките и осигурителите кои што од словенечка страна беа присутни на состанокот во најсилната постава – најголемата банкарска групација НЛБ, инвестициската компанија Прва Груп, како и водечките осигурители СаваРе и Триглав.

Шефот на Управата на НЛБ, Блаж Бродњак ја пофали македонската подружница на НЛБ како најдобра од сите во групацијата.

“Откако ги средивме нашите редови во централата, по турбулентниот период во словенечкиот финансиски систем, можам само да кажам дека остануваме силно присутни во Македонија и искрено се надеваме дека политичката криза кај вас ќе заврши со најдобар можен исход за граѓаните и бизнисите. Ние ќе се фокусираме на кредитирање на население, каде што сега држиме 21% од пазарот, ќе следиме внимателно и интересни проекти, ќе удриме акцент на дигитализацијата и иновативните услуги“, рече Бродњак.

Членот на Управниот одбор на Триглав групацијата, Бенјамин Јошар рече дека е задоволен од тоа како се развива бизнисот на овој најголем осигурител во Словенија, регионот, а и на македонскиот пазар. Минатата година Триглав во земјава го задржа водечкиот удел на пазарот на неживотно осигурување со  17,9%,  и обезбеди 2,4% повисока бруто полисирана премија, поточно 21,6 милиони евра.

“Нам ни е битно да има економска стабилност, што секако произлегува и од политичката стабилност на земјата. Ние продаваме ветувања и нашите клиенти ни ја даваат довербата затоа што сметаат дека тие ветувања ќе ги исполниме.“, додаде Јошар.

На бизнис средбата на стратешко ниво, како што ја опиша амбасадорот на Словенија г-н Јазбец, од Словенија учествуваа шефовите/сопствениците на NLB, Zavarovalnica Triglav, Prva Group, RIKO, Iskra, SAVARe, како и претседателот на Стопанската комора на Словенија Марјан Мачкошек и почесниот конзул на Словенија во земјава, Шенол Ислам. Од македонска страна учество земаа претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески,  и првите луѓе на Фершпед, Макпетрол, Алкалоид, ИГМ Трејд, Прилепска пиварница, менаџерите на македонските претставништва на присутните словенечки компании, како и директорот и основач на Капитал Медиа Гроуп.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×