Богов: Македонија ги исполнува условите да го воведе еврото
Објавено на од во Магазин

Додека во Европа расте скептицизмот дали единствената европска валута ќе ги преживее најцрните прогнози кои одат и до пропаѓање на еврото, а се погласни се и критиките на нобеловците Кругман, Стиглиц и Фридман според кои монетарната без фискална унија е неодржлива, Македонија подготвено чека да влезе во ЕУ а потоа и да го воведе еврото. Гувернерот Димитар Богов, на одбележувањето на 15 годишнината од воведувањето на еврото, вели дека земјата ги исполнува сите економски критериуми да ја воведе оваа валута и според него “ние релативно брзо би биле подготвени за влез, а користите за нашата економија од влезот во монетарната унија дополнително би се зголемиле“.

Гувернере, какви се вашите проценки за иднината на еврото, особено што некои истакнати нобеловци од областа на економијата како Кругман, Стиглиц и Фридман, му предвидуваат црна судбина?

Создавањето на Европската монетарна унија од самиот почеток покрај економски беше и политички проект, односно беше во линија со оригиналната замисла за создавање на „сé поблиска унија“, и во тој контекст во линија со слободното движење на добрата, услугите, луѓето и капиталот. Според економската теорија, заедничка валута може да функционира во земји кои припаѓаат на оптимална валутна зона. Тоа би значело земјите во заедничката валутна зона треба да имаат синхронизирани деловни циклуси, отвореност на нивните економии, мобилност на пазарите на работна сила и капитал и да постои механизам за фискални трансфери. Сепак, присуството на политичката компонента во проектот на евро зоната доведе до заобиколување и креативно толкување на правилата, со што се дозволи влез на неколку земји кои не ги исполнуваа поставените критериуми. Понатаму, во неколку наврати дојде и до прекршување на Пактот за стабилност и раст без тоа да биде санкционирано според постоечките правила на игра, што според некои критики влијаеше за натамошно слабеење на фискалната дисциплина и за зголемување на ризикот од идни проблеми поврзани со фискалната политика. Сепак, длабоките промени во Пактот за стабилност и раст после глобалната економска криза ја зајакнаа улогата на европските институции во поглед на контрола на фискалните политики на земјите членки. И покрај критиките дека овие промени ја ограничуваат фискалната сувереност на земјите членки, тие би требало да го намалат ризикот од идни кризи предизвикани од недисциплинирани политики на земјите членки. Покрај ова, беа направени длабоки реформи во однос на надгледувањето на банкарскиот систем – односно беа направи низа чекори на патот кон создавање на банкарска унија, а Европската централна банка вложи огромни напори за обезбедување на непречено функционирање на финансиските пазари и стимулирање на економскиот раст во евро зонатa. Од друга страна, мора да се нагласи дека ризици се уште постојат, но тие се главно од не – економска природа. Ризиците произлегуваат првенствено од постојаната тензија меѓу сувереноста на земјите членки и институциите на евро зоната и Европската Унија.

Кои се придобивките а кои негативните последици од воведувањето на еврото врз македонската економија?

Европската унија е наше економско сидро, и оттаму креирањето на монетарната унија и воведувањето на заедничката валута, како дополнителен чекор во зајакнувањето на европската интеграција и за нас имаше позитивни импликации. Ние уште од 1995 година спроведуваме политика на де факто фиксен курс кон германската марка, а потоа и кон еврото. Тоа не е случајно – евро зоната е нашиот најголем трговски партнер, а и степенот на финансиска поврзаност е релативно висок, што е видливо и преку учеството во капиталот на домашниот банкарски систем. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото овозможува стабилен и предвидлив амбиент за трговија и одржување на македонската конкурентност на тие пазари. Основањето и проширувањето на ЕМУ создаде единствен и голем пазар за нашите извозници, притоа отстранувајќи ги претходно постоечките валутни ризици. Воедно, тоа делува и мотивирачки за влез на подолгорочен и постабилен капитал, којшто е од исклучително значење за развој на нашата економија. Кризата на евро зоната секако имаше одредени неповолни реперкусии и врз нашата економија, особено во однос на перцепциите за дел од европските банки во домашниот банкарски систем. Сепак, тоа се краткотрајни и ограничени ефекти, додека долгорочните поволни аспекти сметам дека останаа недопрени.

Хипотетички, кога Македонија би требало да го воведе еврото, колку економските индикатори го дозволуваат тоа?

Тоа е хипотетичко прашање и се разбира не може да се даде прецизен одговор. Прво, неопходно е да влеземе во ЕУ, а потоа секако следува период на подготовки за влез во монетарната унија, или т.н. “период на чекање”. Овие подготовки, се однесуваат на работа на исполнување на квантитативните, или критериумите од Мастрихт, коишто значат ограничена флексибилност на курсот, дисциплинирани јавни финансии, ценовна стабилност и приближување на каматните стапки кон оние на Евро зоната. Со исклучок на долгорочните каматни стапки, каде се уште има простор за конвергенција, сметам дека останатите критериуми ги исполнуваме. Всушност, она што сакам да го нагласам е дека согласно со одбраниот режим на де факто фиксен номинален девизен курс на денарот во однос на еврото, ние веќе долг период активно работиме на исполнување на овие критериуми. НБРМ де факто во голема мерка при водењето на монетарната политика и генерално ја следи политиката и на ЕЦБ, кога условите тоа го овозможуваат. Овој режим на девизен курс е дисциплинирачки механизам, којшто наметнува дисциплинирана монетарна и фискална политика, но и континуирани напори за развој на флексибилен пазар на труд и диверзификација на структурата на економијата и обезбедување на економскиот раст базиран на здрави фундаменти. Оттука, мислам дека од економски аспект, ние релативно брзо би биле подготвени за влез, а користите за нашата економија од влезот во монетарната унија дополнително би се зголемиле. Секако, сето ова под услов да се задржат здравите фундаменти на раст и дисциплинираните политики.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×