“Бомбата” на Марио Драги, и ние во Македонија!
Објавено на од во Колумни
Парите се стока со своја вредност, и не се цел сама за себе. Тие ја постигнуваат својата вистинска вредност и цел единствено ако се употребат за инвестиции!!! Ако ги немате парите можете да ги купите!? Тоа е темата задолжување! Но, само за инвестиции кои ќе ви донесат нова вредност дома! А не за јадење. За јадење имате ниви и стока …
Мојата пирова победа, по годините, „изедени од скакулци„ во Македонија, од независноста до денес, е што времето и одлуките од четвртокот, на првиот европски банкар, Марио Драги, ме потврдија на отворена сцена …
Моите лични, и политички убедувања (целата политичката програма на Позитивна Македонија од изборите 2014), и ставовите на Капитал, во сите 15 години постоење, се токму овие кои деновиве ги прокламираше Драги, или концепти на кои долго време во изминатите две децении е потпрена, на пример, американската економија и ФЕД. Што „проклето„ важат за Македонија.
Сублимирано: Владеење на правото и правдата (или парадигмата дека „во законитоста е слободата„ пазарни слободи и можности, отсуство на корупција и притисок, лесен пристап до евтини пари, нови проекти, нови луѓе, инвестиции и извоз.

Без никакви дилеми, по период на катастрофични новости, веста број еден од светот, доколку во меѓувреме не се случи нешто друго страшно, додека го пишувам овој текст, доаѓа од Франкфурт! Од кабинетот на Гувернерот на Европската централна Банка (ЕЦБ) и прв човек на Еврозоната, Марио Драги.

ЕЦБ ја лансираше програмата наречена „Квантитативно олеснување„. Иако со наслов кој не кажува многу, овој пакет на мерки, се сосема јасни, насочени, важни, донесени со многу знаење и чувство, во вистински момент и полни со визија … Што е тоа и за што станува збор?
Програмата „Квантитативно олеснување„, потпишана од Марио Драги, подразбира масовно купување на државни обврзници на територијата на еврозоната, од страна на ЕЦБ, со цел да се обезбеди поголема сума пари во релната европска економија сочинета од милиони компании и многу милиони работни места.
Оваа Програма за крајна цел има зголемување на инфлацијата и ослабнување на еврото!?
И тоа веќе е постигнато во првиот ден откако Марио Драги ја објави програмата. Еврото ја достигна најслабата своја вредност во последните 11 години, помалку или повеќе од воведувањето. Чудно!?
Не е ништо чудно и неочекувано …
Ова всушност значи дека се зголемува конкуренцијата на европските компании на светскиот пазар. Нивниот извоз ќе порасне по обем, а потоа и по вредност, што е клучно во услови на крајно глобализирана економија каде американскиот, кинескиот и јапонскиот извоз се главни во последните неколку години.
Од друга страна вбризгувањето на илјада милијарди евра до септември 2016 година во европските компании секако дека ќе ја зголеми инфлацијата, ќе го ослабне еврото, но тоа ќе значи нови можности за граѓаните, малите и средните фирми, нови работни места, затоа што кредитите ќе поевтинат. Ќе се зголеми потрошувачката и инвестициите. Економијата по долга пауза ќе почне да врти. И ние, „ни криви ни должни„ ќе видиме аир од ова …!?
Програмата за квантитативно олеснување на Марио Драги, доаѓа во вистинско време.
Ја перципирам како:
Прво, програма за „разумен контранапад„ (терминот е превземен од категоријалната апаратура и арсеналот на тези на претседателот Горги Иванов), на европската економија на светската сцена. Да се биде или не!?
Второ, по долго време натегање меѓу европските политички елити, околу концептите како да се излезе од финансиска и должничка криза, сега победува концептот дека паралелно на важните структурни (фискални) реформи што треба да ги направат некои европски расипнички влади (случај Грција), многу е важно да се даде нов „свеж воздух во организмот„. Во европската конзервативна пракса ваквата програма на Драги, звучи како „револуција„.
Но, „победи револуцијата„, што би рекле на Куба.
Перцепцијата и проценките се дека компаниите од ЕУ се истоштени од долгата рецесија и финансиска криза. Соочени со неликвидност и тежок пристап до евтини пари, и компаниите и граѓаните во последните години влегоа во „должничко ропство„. Во некои држави на ЕУ дополнително и поради драматичното намалување на платите на работниците, затворени милиони работни места, драматичен пораст на социјални случаи, многу доселеници од новите членки на ЕУ, во принцип сиромашни земји и народи, како Романија и Бугарија. Пораст на криминалот и на крајот како врв на се… пораст на тероризмот, кој гледаме, беснее во последните месеци и недели.
Ова автоматски влијае на зголемување на невработеноста и намалување на потрошувачката со што кругот на катарзата се затвора. Многу држави од ЕУ и од еврозоната подолго време се во тешка економска состојба со огромни долгови создадени поради две основни причини: Неодговорни домашни економски политики (повеќе трошење, отколку приходи), но и поради нереално силното евро кое своите врвови ги достигна во минатата година.
Многу европски држави паднаа токму на силното евро кое предизвика должничка криза во ЕУ кај послабите држави членки како Грција, Шпанија, Португалија па и Италија … Таму целата криза се трансформираше и во болна политичка криза со неколкукратно менување на владите и со силни промени на идеологиите и погледите на понатамошната (не)кредибилност на постоење на Европската Унија.
Се појавија и конкретни барања за напуштање на Унијата, а како најодговорни за таквата состојба се посочуваат силните членки Германија и Франција, основачи на Европската Унија (не до крај јасни во своите визии за ЕУ), за кои се смета дека се и основните мотивирачки фактори еврото да се држи силно долги години, без разлика на лошата конкурентска позиција на европските компании на светскиот пазар, што беше крајно контроверзна политика!?
Силно евро пред се за домашни тесни потреби на Берлин и Париз кои реално имаат најсилни економии!? Што е секако тема за дискусија!?
На пример, добрите познавачи забележуваат дека никогаш германски или француски автомобил од средна класа не чинел 40.000 марки (20.000 евра). Или автомобил од средно висока класа кој некогаш чинел 45.000 марки денеска чини 45.000 евра (90.000 марки) ….!?!
Така беше и со долговите на државите. Поради воведувањето на еврото и држењето на високо ниво на вредноста на новата заедничка европска валута, некои држави влегоа во зоната на финансиски колапс со силни внатрешни политики ломови ….

Европа конечно се соочи со реалноста!?

Марио Драги, првиот човек на ЕЦБ се соочи со суровата европска реалност објаснета погоре во текстот. Објави дека почнувајќи од март банката ќе откупува 50 милијарди евра државни обврзници секој месец се до септември 2016 година. Со ова се очекува во европската реална економија да бидат вбризгани илјада милијарди евра нови свежи пари.
Она што е клучно важно е фактот што, иако претходно постоеше несогласување околу овој потег, програмата за „Квантитативно олеснување„ се објаснува како неопходен и ПОСЛЕДЕН чекор кон потикнување на економијата и инвестициите во еврозоната која минатата година заврши со дефлација. Сега е потреба политика на стимулирање на ИНФЛАЦИЈАТА.
За да ја зголеми инфлацијата, ЕЦБ сега ќе ја зголеми количината на пари во оптек, што ќе значи повеќе и поевтини кредити за компаниите и домаќинствата во земјите од еврозоната. Клучно важно.
Очекувањата се дека овој потег ќе успее да ја заживее економијата во еврозоната која сега не покажува такви сигнали. Инвеститорите очекуваат дека последниот потег на ЕЦБ ќе влијае на вредноста на еврото, ДА ПРОДОЛЖИ ДА СЕ НАМАЛУВА во однос на другите валути, како на пример доларот, фунтата, јуанот … Поевтинувањето на валутата ќе го поевтини европскиот извоз, ќе го направи поконкурентен, што секако би можело да значи дека извозот од европската економија во наредниот период ќе се зголеми …
Димитар Богов, гувернер на Народната Банка на Македонија (НБМ) вели дека „Програмата за вбризгување ликвидност на ЕЦБ би требало да ја намали дефлацијата значително, и да го стимулира растот, со тоа што ќеги поттикне инвеститорите да вложуваат во проекти и финансиска актива со поголем очекуван принос, коишто проекти и актива истовремено се и поризични….„

Што можеме да научиме од Програмата на ЕЦБ?

Некои паушални анализи во Македонија кои се појавија деновиве, сублимирано и цитирано, одат во следниот правец: „Чиста глупост. Со поттикнувањето на инфлацијата валутата самата си ја јаде својата вредност (!?) Потребно е реално производство на реални потреби, и баш спротивно зголемената вредност на парите за поттикнување на штедењето, бидејќи само луѓето кои штедат имаат на долг рок да купат, да инвестираат, да вработат луѓе. Вака само се уништува вредноста на штедачите, главниот мотор на економијата кога ќе се одлучат на претприемаштво. ЕЦБ ги лечи симтомите, а болеста ја продлабочуваат„.

Ова е едно старо конзервативно размислување во Македонија, што на жалост се уште е доминантно!?
Ние исто како и европејците, мора да се соочиме со суровиот факт дека штедењето не е решение за Македонија. Што да штедиме? Од што да двоиме? Од кои приходи?
Парите се стока со своја вредност, и не се цел сама за себе. Тие ја постигнуваат својата вистинска вредност единствено ако се употребат за инвестиции!!! Ако ги немате парите можете да ги купите!? Тоа е темата задолжување! Но, само за инвестиции кои ке ви донесат нова вредност дома?!?
Мојата пирова победа, по годините, „изедени од скакулци„ во Македонија, од независноста до денес , е што времето и одлуките од четвртокот, на првиот европски банкар, и неговите советници, ме потврдија на отворена сцена …
Моите лични и политички убедувања (целата политичката програма на Позитивна Македонија од изборите 2014), и ставовите на Капитал, во сите 15 години постоење, се токму овие кои деновиве ги прокламираше Марио Драги, или концепти на кои долго време во изминатите две децении е потпрена, на пример, американската економија и ФЕД.
Сублимирано: Пазарни слободи, отсуство на корупција, лесен пристап до евтини пари, нови проекти, нови луѓе, инвестиции и извоз. Свежина.
Оттука, во објаснувањето на гувернерот Димитар Богов препознавам став во овој правец. Тоа е тоа. Се согласувам со неговиот резон за мерките на ЕУ.
Моето објаснување е следно …
За да има нешто на кое вредноста треба да му се намали (вредноста на валутата) за да економијата биде поконкурентна … тоа нешто треба да постои …!?
Денес во Македонија тешко може да се зборува за конзистентен реален сектор на компании кој тргнува и завршува со инвестиции, вкалкулиран ризик, извоз кој додава вредност, нови компании и стартапи, странски инвестиции преку превземања, спојувања на нови проекти, и освојување на нови пазари … Тешко тоа.
Следствено на ова, апсолутно е некредибилен разговорот за вредноста на нашиот денар како национална валута!? Во споредба со што ја мериме неговата вредност? Според кој извозен потенцијал, според која домашна продукција на добра и инвестиции, и според која наука е утврдена токму оваа вредност на денарот која сега ја има?
Затоа ајде прикаската малку по македонски да ја тераме. Таа приказна не е убава.
На македонските домашни компании треба да им се вбризгне свежи евтини пари за да македонските ДОМАШНИ инвеститори бидат во состојба да покренуваат нови ИЗВОЗНИ проекти.
Што имаме сега?
Овде кај нас одамна не е важно дали денарот е стабилен, и дали економијата е во дефлација или инфлацијата е 1%, 2%, 3% … Овде се е умрено во реалниот сектор.
Кого тоа го интересира?
На странците во зоните освен убавата макроекономска и монетарна политика за чие држење под таканарешена контрола СИТЕ ПЛАЌАМЕ ВИСОКА ЦЕНА, им даваме и кеш. Повторно од СИТЕ НАС. А тие прават 100% извоз, но и 100%увоз и не менуваат ништо. Па тоа истото тие би можеле да го прават и во Бугарија и во Романија и на Косово и на Марс …!?
Тие не го менуваат огромниот трговски дефицит на земјата од над 2,5 милијарди долари!? Кој силно мава по нашата егзистенцијална економска позиција на среден рок.
А државата секојдневно уште им дава.
Ајде, на пример, да пресметаме, колку би заработила државата од зоните ако наплатува 35% давачки по вработен и ддв од 18%!? Како што сега не наплатува. Еве појдовно нека биде информацијата дека во зоните се вработиле 10.000 работници и дека има извоз од 1 милијарда долари ??? Да пресметаме – од колку пари се откажала државата за ова да го постигнат странските компании во „екстериторијалните слободни индустриски зони„. И кој има ефект од ова? (на ова повеке ќе се задржам идната недела). Од колку пари се откажала државата во Буџетот, толку, сите нас што плаќаме даноци во земјата, не чинат странците овде кои прават маестрални резултати, кеш и кариери…!
И од колку пари се откажала државата во Буџетот, за толку пари се намалени можностите на домашните македонски инвеститори да превземаат НОВИ РИЗИЦИ, ПОГОЛЕМИ ЗАДОЛЖУВАЊА, да создаваат НОВИ компании со земање на ЕВТИНИ КРЕДИТИ од банките. Да вработуваат, а да не отпуштаат, СОСТОЈБА ШТО ЈА ИМАМЕ ВО МОМЕНТОВ.
Да станат ПОГОЛЕМИ и поконкурентни и да го зголемуваат домашниот извоз.
Да ја ЗГОЛЕМАТ ВРЕДНОСТА на своите фирми.
Оттука, клучното прашање е го разбира ли некој Марио Драги овде во Македонија?
Само ова е реален раст.
Марио Драги и ЕЦБ на крајот на денот купуваат обврзници за да го постигнат токму ова.
Значи за ова зборуваме, а не за стабилност.
Аман од оваа македонска стабилност….па никој веќе не дише.
Постабилни здравје.

2 thoughts on ““Бомбата” на Марио Драги, и ние во Македонија!

  1. Одчичен текст. Објаснето до детаљ како одлуката на ЕЦБ ќе ја врати ЕУ како добар конкурент во оваа глобализирана економија. Нормално не е се сигурно. Но се плашам дека многу мал број на луѓе во оваа држава можат да сфатат дека личности како Зиков ги има многу малку и не се доволно силни да имаат поголем удел во политичката и нормално економската ситуаиција во Македонија. А времето си лета….

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×