Ботови – кога партиските волци глумат народни јагниња
Објавено на од во Политика
Ако пред ерата (на позначајна пенетрација) на интернетот на овие простори, во хиерархијата на политичките партии се напредуваше со ревносно лепење плакати, денес, за таа цел, интересентите по цел ден седат пред компјутер и објавуваат позитивни коментари за партискиот лидер, според прецизно партиско упатство, на секоја вест во која истиот е споменат. Овие ликови се познати како „ботови“ (поимот е кратенка од робот), односно како луѓе кои го исклучуваат мозокот кога ја вклучуваат лентата за „штанцање“ коментари, создавајќи лажна слика за мислењето на народот. Темата особено стана актуелна откако во Србија „протекоа“ информациите дека интернет тимот со вакви задолженија од партијата на Вучиќ, на последните избори броел дури над 500 луѓе

„На следните избори големо влијание ќе има интернетот, што не беше случај досега. Интернет кампањата е многу важна – во Србија има над два милиони интеренет приклучоци, а многу повеќе корисници. Во тимот за оваа кампања имаме над 500 луѓе. Овој вид кампања ништо не нѐ чини, а има голем ефект врз гласачите“, стои на почетокот на „протечената“ во јавноста презентација на Српската напредна странка на Александар Вучиќ, која се користела за обука на таканаречените „ботови“ пред вонредните парламентарни избори во Србија што се одржаа во март годинава. Веднаш, за да нема забуни, да објасниме што е бот – во изворната смисла на поимот станува збор за софтвер, софтверски робот (бот е кратенка од робот), кој обично во себе има имплементирано вештачка интелигенција за поефикасно собирање и управување со податоци. Во конкретниот случај – за употреба во изборна кампања, ботовите се апликации кои стратешки поставуваат позитивни или негативни коментари на вестите на интернет порталите, позитивно или негативно ги оценуваат постоечките коментари во зависност од страната (партијата) што ја бранат, а со цел сугерирање одредена политичка идеја како пожелна или непожелна, односно како поддржана или не од страна на „обичните“ луѓе.

Покрај за ваквите програми, поимот бот во погрдно значење се користи и за луѓето кои се ангажирани (во случајов, од политичка партија) да објавуваат коментари – позитивни за опцијата за која работат, и негативни за политичките противници, така што да изгледа дека својот став го искажале независни граѓани, испровоцирани – позитивно или негативно, од потезите на власта или на опозицијата. Со други зборови, ботовите се решение на политичките партии за контрола на единствениот слободен медиумски простор – интернетот. Зашто масата на гласачите ја прават луѓе кои не одат на интернет за да исчепкаат некоја објективна, независна информација за одредена, во случајов, актуелна политичка тема (а во однос на ваквите извори на информации интернетот е навистина слободен медиумски простор), туку се движат по предвидлива маршута – најчесто Фејсбук, малку читање онлјан изданија на весници, обично по препорака добиена од споменатата социјална мрежа, и лесно влегуваат во вителот што го прават најгласните пропагатори. Конкретно, во Србија, проценките се дека две третини од граѓаните спаѓаат во оваа категорија пасивни корисници, кои од одредена вест ја примаат само површната порака, директно како што им е сугерирано од авторот (медиумот), без да го видат поттекстот, односно, без да ја поврзат со општествената реалност во која живеат.

Бидејќи реалностите на секојдневието ѝ се непријатели на секоја власт која не ја оправдува добиената доверба од граѓаните, целта на ботовите е креирање на виртуелна стварност во која проблемите во општеството се апстрахираат до ниво на теорија. Односно, во дебатата што се наметнува (и врз општата перцепција) успесите се изразуваат во бројки, во статистики, во проценти, кои понекогаш ништо не значат, или се сосем релативни, а се потиснува прашањето има ли реално подобрување на животот на луѓето, што, како такво, би можело да се почувствува.

„Валтер“ го брани Вучиќ

Во Србија ботовите не се изум на „напредњаците“ на Вучиќ. Ги користеле уште Демократската странка (во времето на Борис Тадиќ) и Либерално-демократската партија (на Чедомир Јовановиќ), пишуваат српските медиуми. Но, целиот нивен потенцијал, за ништо да не се препушти на случајот во најфреквентниот дел од интернетот за српските граѓани, почна да се користи откако Александар Вучиќ застана црвсто на власт. Во погоре споменатата презентација – водич за ботовите на СНС, изнесена е проценка дека интернет тимот на партијата стои зад дури 47% од коментарите на водечките информативни портали во земјата (објавува околу 17.500 коментари дневно), не сметајќи ги коментарите на Фејсбук и на Твитер.

И човечките и вистинските ботови, што се специјализираните програми, дејствуваат прикажувајќи се како вистински луѓе, а за таа цел во упатството на СНС стои дека кога се внесува име за коментар на вест објавена на информативен портал, тоа „не треба да биде само лично име – на пример, Милан, туку нешто поуникатно – на пример, Миланче, или МиланР, и слично, бидејќи постои можност уште некој да остави коментар под исто име, па, поради тоа коментарот да не ви биде објавен, особено ако коментарите се испратени на одобрување во краток временски период, бидејќи модераторот ќе мисли дека е во прашање иста личност која се обидува да остави повеќе коментари“.

Се смета дека правописните и граматичките грешки во коментарите напишани од ботови, колку се должат на степенот на нивната (не)писменост, толку се и намерни, за да изгледа дека авторот е типичен претставник на народот, а не интелектуалец (интелектуалците се малцинство). Од апликациите што ги користи интернет тимот на Вучиќ познати се две – „Валтер“ и „СкајНет“. Втората е понапредна, и способна е за масовно поставување и оценување на коментари, на постови на Фејсбук и на Твитер, но и за соборување на интернет страници. Оваа програма го има целиот капацитет потребен за уверливо да ги победи објективните граѓани кои коментираат, на пример, на еден информативен портал. Поодговорните портали кога ќе препознаат дека се нападнати од ботови (а тоа лесно може да се препознае – во Србија се споменува примерот со новосадски портал на кој бројот на посети во тек на гласањето на анкетата „Кој би бил најдобар премиер на Војводина?“, од вообичаените 4-5 илјади, му пораснал на 87 илјади) ги повлекуваат резултатите од анкетите или коментарите. Од друга страна, одредени интернет медиуми, и покрај тоа што заштита барем од авоматизираните коментари нудат редица бесплатни програми, немаат ништо против вака вештачки да им се зголеми посетеноста, благодарение на што можат поскапо да го наплаќаат својот рекламен простор.

Инаку, интернет коментаторите, односно ботовите, се дел од редовната практика во маркетиншките кампањи во бизнисот, зашто неспорно влијаат на секој потенцијален купувач во фазата додека истражува дали ќе направи добар „пазар“ со набавка на производот за кој е заинтересиран. Секако, вакво влијание може да имаат само коментари кои не се нападни, а се аргументирани, на што инсистираат компаниите кои во својот маркетинг користат ботови, не потценувајќи ја својата целна група. За разлика од политичките партии кадешто обидот за додворување на партиската врхушка од страна на ботовите од крв и месо произведува такви навреди за човечката интелигенција, од кои сигурно се мрштат и најголемите его-манијаци меѓу политичарите (кога вака се пофалени).

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×