БРЕГЗИТ БЕЗ ДОГОВОР СО ЕУ ЌЕ НАМЕТНЕ ЦАРИНИ ЗА УВОЗ И ИЗВОЗ НА БРИТАНСКИОТ ПАЗАР
Објавено на од во Економија

Brexit European Union UK_ShutterstockОбединетото Кралство трет најголем трговски партнер на Македонија

Брегзит без договор со Европската Унија ќе го направи Обединетото Кралство да биде „трета земја“ кон Македонија, а тоа практично значи дека извозот и увозот на стоки меѓу двете земји ќе подлежи на плаќање на царина. Со тоа дополнително ќе се обремени трговската размена меѓу двете земји која минатата година надмина 660 милиони евра со што Обединетото Кралство стана трет најголем трговски партнер на Македонија. Засега, без оглед што Македонија не е членка на ЕУ, економските односи со Обединетото Кралство се регулирани преку Спогодбата за асоцијација и стабилизација што практично овозможува бесцаринска размена на стоки. Директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски, вели дека Обединетото Кралство ќе мора да ги регулира трговските односи со останатите земји преку нови договори за слободна трговија, вклучувајќи ја и Македонија, а двете земји веќе формирале работна група што работи на првична верзија на таков договор. Менаџерите на компаниите што имаат трговска размена со Обединетото Кралство, исто така коментираат дека воведувањето на царини и варирањето на вредноста на фунтата се најголемите ризици за трговската размена.

 

Брегзит без договор со Европската Унија ќе го направи Обединетото Кралство да биде „трета земја“ кон Македонија, а тоа практично значи дека извозот и увозот на стоки меѓу двете земји ќе подлежи на плаќање на царина. Со тоа дополнително ќе се обремени трговската размена меѓу двете земји која минатата година надмина 660 милиони евра со што Обединетото Кралство стана трет најголем трговски партнер на Македонија.

Директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски, вели дека Обединетото Кралство ќе мора да ги регулира трговските односи со останатите земји преку нови договори за слободна трговија, вклучувајќи ја и Македонија. Засега, без оглед што Македонија не е членка на ЕУ, економските односи со Обединетото Кралство се регулирани преку Спогодбата за асоцијација и стабилизација.

„Доколку Обединетото Кралство ја напушти ЕУ за два месеца како што е предвидено, тоа значи дека ние ќе мора многу брзо да ги регулираме трговските односи, бидејќи по 29 март, нема да важат сегашните преференцијални царински стапки опфатени со Спогодбата за асоцијација и стабилизација. Ние се надеваме и навиваме за таканаречениот мек Брегзит, односно транзициски период од две години во кој трговијата ќе продолжи да се одвива без царини како и досега. Но секако се подготвуваме и за другото понеповолно сценарио, односно веќе е формирана работна група од пред неколку месеци која работи на форма на нов договор за слободна трговија меѓу двете земји, со цел компаниите што извезуваат или увезуваат од Обединетото Кралство не бидат оптоварени со дополнителни трошоци“, вели директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски.

Менаџерите на компаниите што имаат трговска размена со Обединетото Кралство, исто така коментираат дека воведувањето на царини и варирањето на вредноста на фунтата се најголемите ризици за трговската размена.

Еден од сопствениците и управител на компанијата Комфи Ангел која што има британски капитал и извезува во Обединетото Кралство, Ирена Јакимовска, вели дека дури и да се воведат царини за извоз или увоз од Обединетото Кралство, истите тарифи би важеле и за сите други европски земји така што таа не очекува тоа да ја намали конкурентноста на нивните производи.

„Македонија не би била исклучок, така што воведувањето на царини за увоз или извоз би важеле и за сите други европски земји, што значи дека нашите производи во таков случај не би биле помалку конкурентни. Во таков случај повеќе оптоварен би бил крајниот потрошувач односно животниот стандард на Британците. Се надевам дека евентуалното воведување на царини би било во рамките на Светската трговска организација за да не ги оптоварат премногу македонските производи што се извезуваат на британскиот пазар. Постои одреден ризик во однос на евентуален пад на вредноста на фунтата што веќе еднаш се случи откако почна Брегзит процесот но како компанија веќе се заштитивме од идни промени на вредноста на британската валута“, вели Јакимовска.

Според неа, додека се уште во игра се неколку сценарија за Брегзит меѓу кои и договарање на транзициски период од две години, не се чувствува неизвесност и нема намалување на нарачките од Обединетото Кралство.

„Дури и спротивно на тоа, оваа година бележиме и зголемување на нарачките од оваа земја, и не предвидуваме какво било намалување на извозот во Обединетото Кралство. Главните ризици беа дека ќе се намали економската стабилност на Обединетото Кралство и потрошувачката моќ на Британците, па оттука и стравувањата дека можеби ќе има намалување на продажбите на овој пазар, но еве по две и пол години по референдумот, тие ризици не се остварија. Напротив, Обединетото Кралство остана високо потрошувачко општество и пазарот дополнително се зголемува“, вели Јакимовска чија компанија четвртина од производството го пласира на британскиот пазар.

Македонија е нето увозник од Обединетото Кралство, од каде што најмногу се набавува платина и паладиум за производството на најголемата компанија во земјава, Џонсон Мети. Според податоците од Државниот завод за статистика, Македонија од Обединетото Кралство најмногу увезува платина во вредност од 562,2 милиони евра; благородни метали во колоидна состојба во вредност од 31,7 милиони евра; текстилни ткаенини за сума од околу 9,2 милиони евра; патнички автомобили и други превозни средства за 6,3 милиони евра; и котли, машини и механички уреди во вредност од 6,2 милиони евра.

Што се однесува до извозот, од македонските производи што се продаваат на британскиот пазар најмногу се застапени седишта во вредност од 24,7 милиони евра; облека во вредност од 12,4 милиони евра; забрзувачи на реакција и катализатори за сума од 10,9 милиони евра; остатоци што содржат метали со извоз од 9,3 милиони евра; и костуми, јакни и сакоа во вредност од 8,7 милиони евра.

12ko
Немир на европските пазари

Брегзит без договор со ЕУ е непосакувано сценарио и за економијата на Велика Британија, но и за економијата на Унијата. Сепак надежите се дека нема да дојде до најцрното сценарио затоа што премногу бизнис интереси се во игра. Но најголемите играчи, за секој случај се подготвуваат и за најлошото сценарио. А како тоа би влијаело на некои сектори од британската економија?

Брегзит без договор го елиминира статусот за слободна трговија со другите држави членки на ЕУ. Тарифите ќе ги зголемат трошоците за извоз. Ова ќе влијае силно на извозниците затоа што нивните производи ќе бидат со високи цени во Европа.

Од здружението на производители на шкотското виски во Велика Британија велат дека излегувањето од ЕУ без договор би претставувало ризик за извозот на пијалаци особено за моментално стабилниот извоз на шкотското виски. Според нив трговијата помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ би можело да поскапи и да стане покомплицирана. Извозниците со губењето на трговските поволности годишно може да имаат 50 милиони фунти помала добивка поради царините. Брегзитот без договор би ги принудил производителите на виски да имаат две различни декларации: една за производи за продажба во Велика Британија, и барем една, а во некои случаи и повеќе декларации за производи наменети за пазарот на ЕУ.

Знаејќи дека во туризмот се вртат милијарди, извесно е дека и нaјмекиот Брегзит ќе ги искомплицира работите, а на Британците веројатно и ќе им ги поскапи патувањата. Нема јасна слика како Британците ќе може да патуваат после 29 март доколку не се постигне договор. Ниту туроператорите ниту авиокомпаниите немаат одговор на многу прашања поврзани со тоа како ќе функционира воздушниот сообраќај, здравственото осигурување, мобилниот роаминг, контролата на пасошите итн.

Тврд Брегзит може да биде многу штетен и за Лондон, британскиот финансиски центар. Според Градот Лондон, околу 5.000 работни места може да бидат изгубени. Ова може да доведе до колапс на пазарот за недвижности. Има многу нови деловни објекти во изградба кои ќе останат празни. Цените на објекти за домување веќе почнуваат да паѓаат.

И Премиер лигата можно е да биде под удар во случај на Брегзит без договор со ЕУ. Тоа би значело сите играчи од идната сезона со небританско државјанство да бидат третирани како денес што се третирани играчите кои доаѓаат од земјите надвор од ЕУ, односно секој фудбалер би требало да исполни одредени критериуми пред да добие работна дозвола во Британија. На клубовите ќе им е потребно повеќе пари да ги платат скапите странски играчи и нивните работни дозволи и визи и тоа ќе претставува луксуз за поголемиот број на клубови во Премиер лигата.

Може многу да се зборува за долгорочните трошоци и предности од Брегзит за британската економија, но она што сигурно се знае е дека според договорот за излегување од ЕУ, за неподмирени обврски кон ЕУ, Велика Британија треба да плати износ од околу 39 милијарди фунти. Според Велика Британија доколку не биде постигнат договор за Брегзит, таа ќе плати значително помалку и ќе се придржува само на “строгите меѓународни правни обврски”. Обединетото Кралство може да ја напушти ЕУ и без никакви трошоци за “разводот”, но тоа веројатно ќе значи дека сите ќе завршат на суд.

 

09koИ по Брегзит силен поддржувач на Македонија

Брегзитот нема суштински да влијае во понатамошните политички односи помеѓу двете земји но Македонија ќе изгуби силен поддржувач за нејзиното приклучување во Европската Унија по напуштањето на Обединетото Кралство на европското семејство, оценува поранешниот амбасадор на Македонија во Лондон, професорот Ѓорги Спасов. И надвор од Унијата, Обединетото Кралство ќе го задржи своето влијание, а одржувањето на позитивна надворешна политика за Македонија може да биде само предност.

„Бидејќи Македонија и досега не беше член на ЕУ, нашите односи со Велика Британија беа уредувани врз основа на договори, на закони кои ги уредуваат односите помеѓу две земји кои не се членки на Унијата, според тоа и трговската размена и царинските давачки и практично сето она што претставува безбедносни релации помеѓу Велика Британија и Македонија ќе останат потполно исти. Велика Британија и понатаму ќе остане голем поддржувач на Македонија за нашето членство во НАТО. Велика Британија е голема земја којашто всушност и понатаму ќе ја гради позицијата на мост помеѓу САД и Европската Унија. Велика Британија има големо влијание и како главен координатор на земјите од Комонвелт – Канада, Индија и другите држави и поради тоа сметам дека за Македонија од големо значење ќе биде да ги развива и понатаму трговските односи, економските и политичките односи“, изјави Спасов.

Според него, патот на Обединетото Кралство за излез од Унијата се покажал како комплициран процес кој ќе ги чини и двете страни, а најверојатно и ќе ги натера останатите членки добро да размислат пред да ги прашаат граѓаните за вакво решение. Отстапките што ги прави сега премиерката Тереза Меј, како што вели Спасов, се со цел штетите да се сведат на минимум, од една страна, и да се испочитува референдумската одлука на граѓаните за излез од ЕУ, од друга страна.

А заштитата на интересите на Унијата, но и на иднината на заедничките односи со Велика Британија е клучната цел на преговарачкиот процес. Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, по неуспехот на планот за повлекување, истакна дека е против какво било решение кое ќе значи Велика Британија да ја напушти Унијата без договор.

„Кога ќе го споменам овој иден однос, не зборувам само за економските, трговските размени и размените што се многу важни за раст и вработувања. Исто така, зборувам за секторска соработка и вашите комитети ги следат случувањата одблизу: истражувањето, рибарството – важен сектор, авијацијата, транспортот и многу други области. Зборувам и за полициската и судската соработка, кои ќе ни бидат потребни по Брегзит. И најмногу, секако, зборувам за стабилноста на нашиот континент, безбедноста. Обединетото Кралство, голема земја, членка на Советот за безбедност на ОН, е сојузник и пријател и долгорочно ќе остане наш партнер во надворешната политика, во развојот и соработката и во сите сфери на одбраната“, изјави Мишел Барние, главен преговарач на ЕУ за Брегзит.
Неизвесност во цела Европа

И државите членки на ЕУ сакаат “мек” Брегзит, но не по секоја цена и идни нови отстапки. Сепак, секоја од нив има свои грижи околу Брегзит.

Најголема грижа на Германија и Франција е да се заштити интегритетот на заедничкиот пазар на ЕУ. Франција дополнително е концентрирана прометот во пристаништата да се одвива нормално, без намалување на стандарди, како и за прашања околу рибарството.

Шпанија стравува за својот туризам ако се знае дека 19 милиони Британци ја имаат лани посетено. Сакаат и понатаму британските туристи непречено да може да доаѓаат во Шпанија. И Хрватска е загрижена по истото прашање.

Полска и Романија се интересираат за милионите нивни граѓани кои живеат и работат во Велика Британија и нивниот статус по Брегзит без договор.

Ирска поради копнената граница со Велика Британија најмногу ќе биде погодена економски од Брегзит без договор. Според ЕУ, Ирска ќe мора да воведе гранични контроли со Велика Британија за што нема расположение кај Ирската влада.

Шведска која како и Германија е една од државите кои најмногу уплаќа во заедничкиот буџет на ЕУ не би сакала да ја пополнува дупката која ќе настане кога Велика Британија ќе си оди. И Австрија и Финска како нето плаќачи ги интересира оваа тема.

Белгија и Холандија кои плаќаат повеќе во буџетот на ЕУ отколку што профитираат се интересираат преку граничниот промет да се одвива без пречки. И двете нема да се согласат со договор во корист на Велика Британија, а на штета на сите други.

Референдумот за Брегзит од јуни 2016 година не е прв во кој граѓаните на Велика Британија одлучувале дали се согласуваат земјата да излезе од eвропските семејства. Првиот референдум се одржа во 1975 година по само две години членство во тогашната Европска зaедница. Резултатот тогаш беше категорично Да за останување. Референдум за излегување од Европската економска задница во својата изборна програма во 1983 година ветувале Лабуристите, а во 1997 референдум за излез од ЕУ предвидувала програмата на Партија на референдум. И двете не добиле доволно поддршка за спроведување на изјаснувањето на граѓаните.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×