Буџетот порасна на 3,7 милијарди евра
Објавено на од во Економија

50 euro banknote background close-upВладата догодина ќе потроши 8,6% повеќе пари отколку годинава

Вкупно 3,7 милијарди евра планираат да потрошат Владата и нејзините институции следната година што е 8,6% повеќе отколку предвидената сума за годинава. Според Предлог – Буџетот за 2019 година, приходите, пак, се очекува да изнесуваат 3,4 милијарди евра, што значи дека во државната каса ќе недостигаат 288 милиони евра што ќе се обезбедат со задолжување. Како удел во бруто домашниот производ, буџетскиот дефицит ќе се намали споредено со годинава, од 2,7% на 2,5%. Иако зголемени за 39% споредено со годинава, сепак од вкупниот Буџет само околу 11% ќе се потрошат на капитални инвестиции, што е всушност ист удел како и претходните години, додека останатите пари се планира да се потрошат за тековни потреби како што се платите во јавниот сектор, пензиите, набавка на стоки и услуги, социјални трансфери. Од клучните макроекономски индикатори, порастот на БДП е проектиран на 3,2% што е отприлика во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции.Се очекува стапката на инфлација да е ниска и стабилна и за следната година е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето плата за 4,5%, а стапката на невработеност да се намали на околу 20%.

Владата и нејзините институции следната година планираат да потрошат вкупно 3,7 милијарди евра, пари што ќе ги соберат од даноци, придонеси, царини и други јавни давачки како и со задолжување што е 8,6% повеќе отколку предвидената сума со ребалансот на Буџетот за годинава. Министерството за финансии го обелодени планот за трошење на народните пари за 2019 година, според кој се зголемуваат и социјалните расходи, но и капиталните инвестиции.

Според Предлог – Буџетот за 2019 година, приходите се очекува да изнесуваат 3,4 милијарди евра, што значи дека во државната каса ќе недостигаат 288 милиони евра што ќе се обезбедат со задолжување. Како удел во бруто домашниот производ, буџетскиот дефицит ќе се намали споредено со годинава, од 2,7% на 2,5%.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната презентација на Предлог – Буџетот за 2019 година пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите истакна дека со постепено намалување на буџетскиот дефицит, се води дисциплинирана буџетска политика, што пак ќе придонесе за стабилизација на државниот и јавниот долг на среден рок.

„Клучна појдовна точка за Буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5% од проектираниот БДП за 2019 година. Ова е во согласност со Фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг“, истакна министерот Тевдовски.

Од клучните макроекономски индикатори, порастот на БДП е проектиран на 3,2% што е отприлика во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции. Светска банка прогнозира економски раст од 2,9%, Европската Комисија 2,8%, додека пак ММФ 2,6%. Засега најоптимистична е проценката на Народната банка која очекува пораст на БДП од 3,5%.08br

Како што објасни министерот Тевдовски, економскиот раст ќе го придвижат солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите.

Се очекува стапката на инфлација да е ниска и стабилна и за следната година е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето плата за 4,5%, а стапката на невработеност да се намали на околу 20%.

Јавниот долг за ќе изнесува 54,2% и ќе се финансира од домашниот и странскиот пазар на хартии од вредност, но не е планирано издавање на нова еврообврзница.

Министерот за финансии Тевдовски истакна дека Буџетот за 2019 година е социјален, но и развоен. Според пресметките, околу 11% од вкупниот Буџет догодина ќе се потроши на капитални инвестиции, што е всушност ист удел како и претходните години, додека останатите пари се планира да се потрошат за тековни потреби како што се платите во јавниот сектор, пензиите, набавка на стоки и услуги, социјални трансфери.

 

Кои капитални проекти ќе се градат

За капитални проекти во новиот Буџет предвидени се 418 милиони евра што е 39% повеќе отколку сумата предвидена во ребалансот на Буџетот за годинава. Во оваа сума не се вклучени поголем дел од патиштата, предвидени во буџетот на Јавното претпријатие за патишта. Инвестициите во патна и железничка, комунална и енергетска инфраструктура се повеќе од 40% од вкупните планирани капитални расходи.

Како позначајни проекти предвидени за следната година од Министерството за финансии ги истакнаа железничката пруга на Коридор VIII – делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, реконструкција на железничката пруга на Коридор X, патната делница Градско – Дреново, реконструкција на локални патишта, интензивирање на активностите околу првата фаза од Националниот гасовод делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар, изградба на водоводни и канализациони системи на општините и други проекти.

По сектори, капиталните инвестиции ќе се распределат така што за изградба на патна и железничка инфраструктура се предвидени 88 милиони евра и исто толку и за комунална и енергетска инфраструктура, потоа околу 50 милиони евра за проекти во земјоделството како изградба на хидросистеми и модернизација на земјоделските стопанства, 47 милиони евра за изградба на градинки основни и средни училишта и ученички домови, студентски домови и спортски објекти, потоа околу 21 милиони евра за инвестиции во здравството односно изградба и реконструкција на јавни здравствени установи и набавка на медицинска опрема. Слична сума од околу 21 милиони евра се предвидени и за инвестиции во одбраната за доближување до НАТО стандардите, околу 10 милиони евра за изградба на технолошко индустриски развојни зони и околу 9 милиони евра за инвестиции во правосудството.

Имајќи ја предвид слабата реализација на капиталните инвестиции секоја година,а особено годинава кога според последните податоци заклучно сос септември, реализирани се само четвртина од предвидените пари, економистите посочуваат дека е многу важно сите пари од оваа ставка навистина да се инвестираат. Министерот Тевдовски рече дека се прави поголем притисок кон ресорните министерства.

„Проектната документација која беше кочничар на големиот број проекти и беше проблем е готова, и затоа очекуваме интензивирање на капиталните инвестиции“, потенцираше Тевдовски.

 

Зголемување на платите во јавниот сектор

Со Предлог – Буџетот за 2019 година предвидени се и повисоки плати за лекарите специјалисти за 10% од јануари догодина и за 5% повисоки плати за вработените во здравството, образованието, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември исто така следната година.

„Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е најдобрите лекари, граѓаните да ги бараат во јавното, а не приватното здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги за сите. Сакаме да ги мотивираме здравствените работници. Знаеме дека работите не се менуваат од денес за утре, но мора да се започне. Ние започнавме оваа година и продолжуваме посилно во 2019 година. Во Буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во образованието, како и вработените во градинките и детската заштита. Со цел градење на поефикасна и помотивирана јавна администрација планирано е покачување на 5% на платите на администрацијата, од септември 2019 година. Планирана е и реформа на јавната администрација во 2019 година. Целта е да се подобрат јавните услуги. Јавната администрација ќе биде клучен носител на преговорите за пристапување кон ЕУ и НАТО“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Во Буџетот е предвидена реформа во системот на социјалната заштита преку воведување на Минимален гарантиран приход и Семеен пакет на права. Со ова се олеснува пристапот до социјален надоместок на постојните 24 илјади домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош, а се создава можност и за дополнителни 11 илјади домаќинства. Предвидено е и воведувањето социјална пензија која ќе опфати околу 6 илјади луѓе кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години и која ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.

„Новиот систем на социјална и детска заштита има за цел најголема помош да им се пружи на најранливите категории на граѓани. Неговата имплементација ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани од сиромаштија. Паралелно, ќе се спроведат интензивни мерки за подготовка и активација на овие категории на граѓани во пазарот на труд. Воведувањето на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019 година значи обезбедување на дополнителни 36 милиони евра“, рече министерот за финансии.

Предвидена е и највисока сума досега за активни мерки за вработување, во износ од околу 18 милиони евра. Ова е пораст за 10% во однос на годинава, а разликата во однос на претходните години е повеќекратно повисока.

Како што истакна министерот за финансии, зголемувањето на конкурентноста на приватниот сектор, останува еден од приоритетите на Владата. Во Буџетот за 2019 година, предвидени се средства за мерките за поддршка на нови инвестиции, извозот и освојување на нови пазари, нови вработувања, поддршка на малите и средни претпријатија, иновативноста, технолошкиот развој и странските инвестиции во ТИРЗ. Станува збор за речиси 50 милиони евра, или за 40% повеќе во однос на годинава.

Во однос на мерките за земјоделството, се предвидува поддршка на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација или зелена нафта. Ваква мерка за прв пат се воведува во Македонија, со што се намалуваат трошоците за земјоделците.

Износот на субвенции планиран за 2019 година изнесува вкупно 138 милиони евра.

Во Буџетот за 2019 година се имплементирани и даночната и пензиската реформа. Се очекува фискален ефект од околу 25 милиони евра од воведувањето на преведен даночен систем.

Пензиската реформа се очекува да придонесе за стабилизација на пензискиот систем, неговата оддржливост и намалување на дефицитот во пензискиот фонд, без при тоа да се зголеми старосната граница при пензионирање.

Според пресметките од Предлoг – Буџетот за 2019 година зголемувањето на социјалните придонеси просечно за 0,5 процентни поени се очекува да ја намали зависноста на Фондот за пензиско осигурување од трансфери од централниот Буџет. Па така, ако тој трансфер годинава изнесува 476 милиони евра, за следната година се предвидува да се намали на 456 милиони евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×