Буџетот сè попразен, а очекувањата за државна помош сè поголеми
Објавено на од во COVER STORY

denari-lanec-katanec-2Антикризните мерки се редат како на лента, „измешани емоции“ кај бизнисите

Од она што досега може да го видиме, скоро сите компании во Македонија ќе претрпат одредена штета од кризата предизвикана од Ковид-19. Кај некои тоа ќе биде како резултат на воведените ограничувања и забрани од Владата кои најмногу ги погодија фирмите од услужните дејности, кај други заради отсуството од работа на голем дел од работниците, кај некои поради застојот во снабдувањето со репроматеријали, а кај повеќето заради намалената потрошувачка. Владата досега донесе повеќе сетови мерки за поддршка на погодените бизниси, според првичните процени овие пакети мерки чинат околу 200 милиони евра, но од бизнис коморите велат дека мерките не се доволни и не се адекватни за сите бизниси. Од друга страна буџетот истовремено станува сe’ попразен поради замрената економска активност и намалената уплата на даноци, што ја доведува државата во невозможна ситуација истовремено „да гаси пожар со црево коешто сe’ повеќе протекува“.
Катерина Петровска е сопственик на бутик за текстилна стока во Скопје, со двајца вработени. Таа е една од илјадниците микро и мали бизнисмени во државава што деновиве ги преживуваат веројатно најтешките моменти во својата работа како приватници. Стравот од неконтролирано ширење на епидемијата од коронавирусот ја натера Владата од средината на март да ги затвори со уредба угостителските, хотелските и други бизниси чиешто редовно работење го зголемува ризикот од зараза кај граѓаните.
Бутиците, маркетите и останатите продавници не се опфатени со оваа мерка, но како што вели Петровска, за некои од нив исто како и да се.
„Месец дена ми нема стапнато човек во продавницава, што се вели. Луѓето купуваат само основни работи, храна, лекови и сл. Кому му е дојдено сега до обнова на гардероба?! Прометот ни е буквално нула.“, вели Петровска.
И таа, како и сите погодени бизниси од корона – кризава будно ги следи мерките за поддршка на реалниот сектор што Владата речиси на секојдневна основа ги најавува и донесува во вид на уредби. Смета дека бескаматните кредити што ги понуди државата преку Развојната банка, на пример, се добра мерка за поддршка на ликвидноста на фирмите во овој момент, но за жал нејзиниот бизнис не спаѓа во категориите што се опфатени со оваа мерка – угостителството, туризмот и транспортот, за коишто Владата утврди дека реално се најпогодени од сите економски сектори.
„Се надевам дека нешто ќе ни помогне мерката за покривање на платата во износ до 14.500 денари, но за нам микро – бизнисите потребна ни е малку поголема поддршка. Еве, и да обезбедиме некако минимална плата за два месеци, што потоа? Сите сме заглавени со роба што веќе не е за новата сезона, значи не сме направиле обртни средства. Кога би се нормализирала ситуацијава, ние немаме средства за набавка на роба за следната сезона. Исто така, во контакт сме со Турција, Грција и сл., каде што најмногу одиме по набавки, и таму фабриките не работат, нема производство и прашање е кога ќе се пуштат границите повторно. И да бидеме реални, не сме богата држава, а сите бараме помош од буџетот, искрено не знам како ќе го пребродиме сето ова. Пак ќе кажам, можеби е најдобро да се искористат сите можни начини за обезбедување ултра поволни кредити за бизнис секторот периодов, без многу ограничувања, за да обезбедиме паричен тек и обртни средства во фирмите“, вели Петровска.
04-10-2Голем интерес за бескаматните кредити
А, кога сме кај поволните кредити, Кредитната линија од 5,7 милиони евра што оди преку Развојната банка на Република Северна Македонија беше меѓу првите мерки што македонската влада ги донесе како поддршка за погодените компании од кризата предизвикана од пандемијата на Ковид – 19 вирусот. На 25.03 директорот на Развојната банка Кире Наумов го објави Јавниот повик за оваа прва кредитна линија, а веќе се најавува и втор повик, за кредити во износ од 8 милиони евра којшто ќе биде објавен набрзо.
„Во оваа прва фаза, директно ќе ги кредитираме најпогодените сектори – угостителство, туризам и товарниот транспорт. Целта на овие кредити е да им помогне на најпогодените сектори да ги премостат иницијалните ликвидносни потреби во овој период. Кредитите се со каматна стапка од 0%, рокот на отплата е до 24 месеци и грејс период од 6 месеци“, рече Наумовпри претставувањето на кредитната линија.
Повеќе од 1.050 компании имаат доставено апликации на вкупен износ од околу 7,5 милиони евра до Развојната банка за дваесетина дена. Заклучно со вторникот, 14 април, од одобрени 254 кредитни апликации во вкупен износ од 2,2 милиони евра. По структура, најголем дел се микро компании, околу 69% и мали компании кои учествуваат со 28% во овие 254 одобрени кредитни апликации. Покрај првиот и вториот повик што ќе бидат во вкупен износ од речиси 14 милиони евра, Наумов рече и дека во Развојната банка работат на тоа да ги направат подостапни средствата од Европската инвестициска банка – ЕИБ. петта фаза кредитната линија, која преку деловните банки може да ја користат компаниите, најмногу за обртни средства.
„Се работи за износ од 50,9 милиони евра. Новината кај оваа кредитна линија е дека Владата се вклучи во делот на субвенционирање на трошокот за камата, која Развојната банка како корисник ја има кон ЕИБ.“, појасни Наумов.
Сепак, јасно е уште од сега дека ќе бидат потребни уште многу пари за поддршка на бизнис секторот во надминување на последиците од корона – кризата. Самата владејачка партија истакна дека со мерките што ги носат, како онаа на пример, за финансиска поддршка од 14.500 денари за вработен, планираат да се спасат 250 илјади работни места и да им се помогне на преку 35 илјади компании.
Оваа мерка може да ја искористат сите компании што се соочуваат со намалени приходи од над 30 % во април и мај во споредба со просекот од истите месеци во 2019 година, да не се исплаќа дивиденда или бонуси за време на користење на мерката и да нема над 120.000 денари нето плата на над 10% од вработените. Мерката е достапна за сите вработени што имаат нето плата до 39.900 денари, но и за сите управители и сопственици со нето плата до 39.900 денари.
Мерката може да ја користат и претприемачите што веќе ја користат мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите. Мерката единствено не може да се користи за вработени за кои работодавецот веќе користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува 1 и 2“ и за вработени за кои ќе се користи антикризната мерка 50% субвенции на придонеси, која е дел од поголемиот пакет на економски мерки.
„Заради вонредната состојба која во правна смисла има третман на виша сила, работодавачите можат да исплатат само 50% од платата што би ја зел работникот, кој сега седи дома“, појаснува даночниот експерт Павле Гацов.
„При тоа, придонесите би требало да се платат на најниската основица, се работи за износ од 5.910 денари месечно по работник. Во ваков случај работодавачот би можел да исплати 7.250 денари нето плата плус 5.910 денари придонеси, што е вкупен трошок за плата од 13.160 денари. За илустрација финансиската поддршка изнесува 14.500 денари месечно по работник.“, објаснува тој.
Бизнис коморите не се докрај задоволни од мерките
Инаку, пакетот мерки што досега ги најави и донесе Владата, се проценува на околу 200 милиони евра, а фискалната и монетарната политика веќе се водат во услови на нова економска криза. Исто така, и Народната банка ја намали основната камата, но и ослободи околу 130 милиони евра пари коишто банките ги вложуваа во благајнички записи.
Сепак, според процените на бизнис коморите, повеќе од половина од компаниите работат со редуциран капацитет поради состојбата предизвикана од корона вирусот во државата.
Претседателот на Стопанската комора Северозападна Македонија, Неби Хоџа објаснува дека рестриктивните мерки за ограничено движење и вонредната состојба биле кобни за одредени бизниси. Тој вели дека производствените капацитети работат со скратено работно време и намален број на вработени.
Хоџа смета дека негативните последици ги чувствува и онака кревката економија а клучен предизвик за фирмите ќе биде ликвидноста и поради тоа очекува владините мерки да го адресираат токму тој проблем.
На прашањето колку досегашните мерки го ублажуваат ударот од пандемијата врз економијата, Хоџа вели дека компаниите не се до крај задоволни и бараат од Владата поголем слух за проблемите на бизнис секторот.
„Според истражувањата што ги направивме со нашите членки, има голем број од нив кои што не се задоволни поради тоа што, прво мерките се донесоа доцна, второ не се соодветни и трето не можат сите кои што се оштетени во оваа ситуација да добијат помош од државата. Конкретно имаме компании кои што имаат повеќе подружници или филијали каде што прометот е паднат со поголема вредност, а имаат друг бизнис каде што си тече нормално и во глобала компаниите го немаат тој 30% пад на обртот. Што значи дека иако работниците се дома, тие не можат да добијат помош од државата. Од друга страна ни се понуди, нели, кредит без камата, каде што беше претпоставено дека ќе добијат помош околу 35 илјади фирми, од кои што имаме најнов податок дека само 250 компании го добиле тој кредит“, истакна Хоџа.
„Помошта да биде автоматска, државата ги има сите податоци за фирмите електронски“
Тој вели дека речиси сите сектори ќе бидат погодени, почнувајќи од угостителите коишто први беа затворени со владина одлука, па потоа и нивните снабдувачи.
„Производните капацитети работат со редуцирано работно време, редуциран број на вработени, дел од нив и затвориле, кои што имаат можност и за извоз, каде што државите каде што извезуваат им забраниле да извезуваат за овој период некои производи, така што генерално некаде околу 60% од компаниите работат со редуциран капацитет“, вели Хоџа.
И од сопствено искуство како газда на златарски дуќан во Старата скопска чаршија, Хоџа вели дека рестрикциите во движењето на граѓаните директно влијаат врз приходите од продажбите на дуќанџиите.
„Ние сме отворени сакаме да работиме меѓутоа побарувачка нема, луѓе нема, никој не размислува за нешто екстра, освен прехранбените артикли.“
Хоџа е дел и од Економскиот совет на Владата до кој, коморите предлагаат нивни мерки за спас на стопанството, но вели, едно е што членовите на тој Совет кажуваат, а друго, каква е ситуацијата во реалноста.
„Секогаш има некакво оправдување дека немаме средства, немаме можност. Од друга страна бројките кога ги гледавме од сите министерства и Народната банка, покажаа дека сме стабилни, имаме финансиски можности, од другата страна на терен не гледаме нешто што би можело да го задоволи бизнис секторот“, вели Хоџа.
Стопанската комора на Северозападна Македонија даде и свои предлог мерки до Владата за справување со кризата, за кои се уште чекаат одговор.
“Првото наше барање беше државниот долг кон приватниот сектор да се врати што е можно најбрзо, поради тоа што дел од компаниите не функционираат и ние бараме помош. Во ваква ситуација кога е во прашање ликвидноста на компаниите и функционирање, имаме долг од државата кон тие компании. Зошто да бараме помош кога првично треба да се исплати тој долг од државните институции кон приватниот сектор, па потоа да видиме кои компании, кои не соработуваат со државниот сектор, треба да добијат помош и да се избалансираат овие работи“, истакна Хоџа и додаде дека во однос на процедурата за аплицирање за искористување на владините економски мерки, државата треба да биде попрагматична, бидејќи ги има сите информации во електронска форма и помошта треба да биде автоматска.
„Би било несериозно да се предлагаат мерки со кои само ќе се одлеваат пари од Буџетот, а нема да се слеваат во него“
Од Стопанската комора на Македонија, којашто има преку 15.000 членки – компании, велат дека „би било несериозно да се предлагаат мерки со кои само ќе се одлеваат пари од Буџетот, а нема да се слеваат во него.
„Ние сите бараме нешто, а никој не зборува како тоа ќе се врати или како ќе се наполни буџетот за да може да се земе. Во вакви услови треба да бидат избалансирани степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив, двете страни да ги приближуваат ставовите со упорни преговори. “, смета претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Деновиве, на пример, многу бура во јавноста крена предлогот на Комората да се крена акцизата на горивата. Во интервју за Топ Тема Азески рече дека во моментов цената на горивото е многу ниска и дека се неосновани реакциите околу тоа прашање.
„Во секој случај во овој момент имаме огромен пад на цената на горивата, пад во потрошувачката на горивата, а како човек што познава дека тоа е сериозна ставка во полнењето на буџетот, јас ги знам последиците од таа работа. Како разумен човек, морам да бидам одговорен и да ги земам предвид сите аспекти, тие аспекти говорат дека во овој момент треба да се искористат сите внатрешни резерви пред да почнеме да земаме пари од надвор, а тие внатрешни резерви се да ги оневозможиме сите кражби, да ги оневозможиме сите нерегуларности коишто постојат во државата, да направиме целосна рационализација во државниот апарат, она што државата треба да го направи, приватниот сектор исто така, а после да посегнеме по пари од надвор“, смета Азески.
Тој додава и дека екстра – лесното гориво се злоупотребува кај нас на различен начин со години и поради пониската цена се употребува како замена за дизелот, оценувајќи дека е крајно некоректно во услови кога умираат луѓе и кога се наоѓаме во ваква криза да се толерираат такви работи. Затоа, Азески бара изедначување на акцизите за да се стави крај на овој проблем.
„Баравме системски мерки за сите засегнати, а не делумна помош во криза“
Од Сојузот на стопански комори пак, уште по објавувањето на првите мерки од економскиот пакет на Владата, излегоа со став дека бараат системски мерки за сите засегнати микро, мали и средни компании без оглед на дејноста, а кои се засегнати од кризата.
„ Наместо тоа со оваа делумна помош не се постигнува крајната цел, а тоа е да се сочува економијата и да се задржат работните лица особено за оние правни лица кои се најмали и незаштитени и на кои овие потреси ќе им го уништат целиот труд да се самовработат и да си ги издржуваат семејствата. Затоа ги предложивме на Економскиот совет и исто така и на писмено ги доставивме следните мерки за претприемачите и микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата: Владата да одобри поддршка од 100% нето платата за следните 3 месеци; Владата да ги покрие сите даноци и придонеси на платите за вработените за следните 3 месеци; Правните лица кои се погодени од кризата да не плаќаат аконтација на данок на добивка во 2020 година; Мораториум на сите казнени камати како и камати на задоцнето плаќање на обврски за следните 6 месеци; Вработените кои припаѓаат на групата лекари, трговци и сите кои сега се најоптоварени и под ризик, од владата да им се исплати еднократен бонус; По изминувањето на кризата да се изнајде соодветно решение како средствата да се вратат во буџетот согласно можностите на претпријатијата “, рече претседателката на Сојузот на комори, Данела Арсовска.
Таа додава дека за дадат предложените мерки добри резултати, од ССК ги предложиле следниве едноставни критериуми: “Да не се дискриминира по дејност, секој кој е погоден од кризата потребно е да има еднаква можност да аплицира, доколку некој несовесно аплицирал средства, неправилности може да се бараат и истражуваат откако кризата ќе заврши; Бидејќи до сега немаше употребливи мерки кои важат за сите правни лица, дел од нив одјавија вработени, не по своја желба или волја туку под притисок од страв за неликвидност и трупање долгови и обврски; Да се отстрани критериумот намален број на работници; Да не се бара обемна документација, која институциите електронски можат да ја добават по службена должност; Со барање документи да се достават од УЈП, Централен регистар и други, правните и физичките лица се изложуваат во оваа криза на здравствен ризик од трчање по шалтери за издавање документи но и на непотребни трошоци во време и финансии (да се има во предвид дека голем број од нив особено микро и малите фирми, претприемачите и занаетчии немаат електронско банкарство ниту токени).“

 


Фото УЈПВодич низ економските мерки

Државата ги ослободува бизнисите од данок на добивка и данок на личен доход за март, април и мај

Прочитајте ги условите за искористување на оваа мерка за поддршка на погодените бизниси од корона – кризата
Државата ги ослободува компаниите од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, како и аконтациите на данокот на добивка за март, април и мај оваа година, информираше директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Двете ослободувања како мерки се донесени со владина уредба со законска сила во време на вонредна состојба поради корона – кризата.
Ослободувањето се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, туризам или транспорт, како и други обврзници кои имаат претрпено штети поради спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот.
Лукаревска истакна дека ослободувањето од плаќање на аконтации на данок на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други обврзници, кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките од (COVID-19) а за да го користат ова право потребно е да ги исполнуваат следните услови: Да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и да не го намалат бројот на вработени, сметано од 26.03.2020 година до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.
Додека Обврзниците од останатите дејности, правото од ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка може да го остварат доколку исполнуваат и еден од следните услови:
Вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките , да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или Даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).
Даночните обврзници, го остваруваат ова право со електронско поднесување на образец Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтации на данок на добивка (образец ДД-ОМА) преку системот e-Даноци на УЈП, а досега до Управата за јавни приходи поднесени се вкупно 370 барања.
За ослободувањето од плаќање на данокот на личен доход Лукаревска истакна дека може да го искористат обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт, но и други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, а имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за COVID-19.
За користење на ослободувањето самовработените лица поднесуваат Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на доход од вршење на самостојна дејност (образец ДЛД-ОМА) преку системот е-Персонален данок на Управата за јавни приходи.
Директорката истакна дека Управата за јавни приходи овозможи автоматска обработка на поднесените Барања при што обврзникот добива повратна порака за статусот на Барањето.
Барањето се однесува за трите месечни аконтации кумулативно ( март, април и мај 2020) така што обврзниците не треба да поднесуваат барање за секоја аконтација посебно. Доколку обврзникот добие порака дека Барањето е комплетно и е прифатено, автоматски се применува ослободување од плаќање на аконтациите на данок за месеците март, април и мај 2020 година.

04-10-3Гацов: Зголемување на даночниот товар во оваа фаза од кризата не е решение

Во економските кругови периодов станува се’ повеќе актуелна и идејата за воведување на прогресивно оданочување и слични фискални мерки со цел да се поддржи полнењето на буџетот среде кризава. Даночниот експерт Павле Гацов вели дека не е најдобар момент за такви решенија.
„Тоа дополнително ќе ги оптовари граѓаните и компаниите, а од друга страна заради намалените приходи и намалениот промет, ќе изостанат ефектите. Заради ситуацијата со силното намалување на цената на бензините, се создаде одлична можност за зголемување на акцизата на нафтените деривати. И овде ефектот ќе биде намален заради намалената потрошувачка на нафтени деривати.“, смета Гацов.
Инаку, тој лично смета дека мерките не се идеални, имаат слабости, но некои од нив за среќа се исправаат брзо благодарение на правната можност за донесување на Уредби со законска сила од страна на Владата.
„Пред оперативната примена на мерката за финансиска поддршка на компаниите заради исплата на платите за април и мај 2020 година, отстранет е условот за елиминација на сопствениците и управителите од можноста да ја користат финансиската поддршка. Мерката е ефективна и за овие лица кои се во работен однос во своите компании. Носењето и повлекувањето на Уредбата на Законот за трговските друштва поврзано со забраните за одржување на годишните собранија / собири и забраната за исплата на дивиденди, покажува дека мерките понекогаш се донесуваат без да бидат одмерени во целост сите импликации што можат да ги предизвикаат. Со укинување на забраната за исплата на дивиденди, приходите во буџетот од данокот на дивиденди ќе покаже соодветен раст.“, вели Гацов.

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×