Бум на домашните инвестициски фондови: за една година пораст на вкупниот имот за 36%, а на приносите и до 34%
Објавено на од во Економија
Растат вредностите и приносите на македонските инвестициски фондови

Business man pressing high tech type of modern graph on a virtua

Во време на историски најниски каматни стапки во банките, расте алтернативното штедење, односно износот на пари што граѓаните и фирмите ги вложиле во домашните инвестициски фондови. Сè уште доминира вложувањето во најконзервативните, т.н. парични или кеш фондови, коишто имаат и најмали приноси, од 1,5% до 2% во 2019 година, и тоа од фирми и физички лица коишто претпочитаат минимален принос наместо парите да им стојат на трансакциска сметка за џабе. Останува да се мотивираат инвеститорите за преземање на поголем ризик во акциските фондови, коишто лани имаа приноси по 15, 20, па и 30% и повеќе, како и обврзничките фондови, коишто за умерен ризик ги оплодуваат парите со стапки и до 8% и 9% годишно.

 

 

За без малку 37 милиони евра се зголемила нето вредноста на отворените инвестициски фондови во Македонија минатата година, или речиси 36%. Нето вредноста на сите инвестициски фондови заедно на 31.12 минатата година изнесувала 139,8 милиони евра, за разлика од 102,8 милиони евра една година претходно, покажуваат податоците за овој финансиски сектор достапни на порталот на Македонска берза. Нето вредноста (имотот) на фондовите го вклучува порастот на цените на инструментите во портфолиото на фондот (акции, обврзници, депозити и други инструменти во коишто вложува фондот), како и нето уплатите од страна на инвеститорите што се случиле во пресметковниот период.
Како што беше истакнато на средбата на Илирика фондовите со инвеститорите и медиумите пред неколку дена, 2019 била добра година на инвеститорите во земјава, како оние на Берзата, која што имаше пораст на индексот од 34%, така и за вложувачите во инвестициските фондови. Конкретно, кај друштвото за управување со инвестициски фондови Илирика фонд менаџмент, најголем принос имаше фондот Илирика Глобал – растечки пазари, од 19,44%, пред Илирика Југоисточна Европа со 13% и Илирика кеш фонд со 1,73%. Директорот на Илирика фонд менаџмент, Коста Костадиновски истакна и дека средствата под управување во нивните фондови пораснале за 50% минатата година, што е показател дека значајно се зголемува довербата во инвестициските фондови и конкретно во нивното друштво.
„И се разбира, расте и потребата од вакви производи во овој контекст на ниски каматни стапки, особено што на самиот почеток на годинава, НБРМ ја намали стапката и за прв пат во историјата, референтната каматна стапка е 2%. Инаку, во нашето друштво за управување со фондови вкупните средства под менаџмент за прв пат од основањето на компанијата го надминаа прагот од 1,2 милијарди денари, односно 20 милиони евра. Најголем дел од овие средства се реализирани на македонскиот пазар, но кај клиентите расте довербата и во вложувања во светски познати компании.“, рече Костадиновски.
Вредноста на средствата за управување и на останатите друштва за менаџирање на инвестициски фондови е порасната, па така на КБ Публикум Инвест е поголема за 47,3% на 75 милиони евра, на ВФП Фонд менаџмент за 41%, на 31,2 милиони евра, на Генерали за 12%, итн.
11 msКонзервативните вложувачи доминираат во домашните инвестициски фондови
Инаку, најголем принос од сите инвестициски фондови во Македонија минатата година, имал КБ Публикум МБИ-10, од 33,4%, исто колку што имаше пораст и индексот на Македонската берза во 2019 година, чиешто движење всушност го следат и парите вложени во овој фонд. Од останатите фондови од портфолиото на друштвото КБ Публикум инвест, КБ Публикум балансиран, имаше принос од 12,5%, КБ Публикум обврзници од 5,93% и КБ Публикум паричен од 1,92%, најнизок раст од сите, впрочем како и кај останатите парични инвестициски фондови во состав на другите инвестициски друштва на пазарот, коишто првенствено се користат за поконзервативно инвестирање во банкарски депозити од страна на правни лица во функција на краткорочно управување со вишоци на средства. Како што ни објаснија од фондовите што ги контактиравме, најчести вложувачи во паричните инвестициски фондови се компании коишто сакаат да остварат повисок принос од приносот на трансакциска сметка на ликвидните средства што им се потребни за краток период, односно замена за средствата на трансакциска сметка на која не се остварува принос или е минимален.
Карактеристично за пазарот на домашните инвестициски фондови е што, сепак, најголем дел од средствата во моментов се вложени токму во овие фондови, или речиси 70% (или 98 милиони) од вкупно 140 милиони евра колку што изнесува вредноста на сите фондови на почетокот од годинава. Најголем според вредноста е КБ Публикум – Паричен со околу 55 милиони евра (пораст на вредноста за 42% во 2019-та), пред Генерали Кеш депозит со вредност од околу 20 милиони евра, порасната за 7,33% лани и принос на фондот од 1,73%, потоа ВФП Кеш депозит со околу 11 милиони евра и пораст на вредноста од 3,76%, како и принос од 1,42%, и на крајот Илирика Кеш фонд со вредност од 5,65 милиони евра, пораст на нето вредноста од 72% и принос од 1,73%.
Минатата година, најголем пораст на вредноста меѓу сите инвестициски фондови имал исто така, КБ Публикум МБИ – 10, од цели 137%, или на 10,7 милиони евра на крајот од 2019 година. Следат ВФП 100% Бонд со пораст на вредноста од 108,9%, на 3,7 милиони евра, Генерали Топ брендови за 102,5%, на 2,27 милиони евра, Илирика Кеш фонд за 72,14% на 5,65 милиони евра, итн.
„Трендот на раст на инвестициските фондови очекувам да продолжи и во наредниот период. Тој во голема мера ќе зависи од вкупниот амбиент на пазарите на капитал, нивото на каматните стапки, растот на македонската економија итн.“, вели Горан Марковски, директор на КБ Публикум инвест.
Тој додава дека Учеството на инвестициските фондови во вкупниот финансиски систем и понатаму прилично заостанува во однос на поразвиените пазари.
„Соодносот на средства на управување во фондови во однос на БДП е на ниво од 0,9% што е значајно помало споредено со некои земји од непосредното опкружување пр. Словенија 6,2%, Хрватска 5,6%. Исто е и кај соодносот на средствата на управување на фондовите со вкупните депозити во банките. Имено, тој сооднос е околу 1,1% во нашата земја, додека во Хрватска тој изнесува околу 8,6% и 7,5% во Словенија што упатува на заклучокот дека постои простор за понатамошна конвергенција и раст на средствата на управување во фондовите.“, смета Марковски.
10 mПарите на македонските граѓани се и во Apple, Nestle, Coca – Cola…
Од она што се гледа како слика за домашните инвестициски фондови е потребата да се зголеми мотивот за инвестирање кај домашните физички и правни лица во фондовите што имаат поголем ризик, но и далеку поголеми стапки на принос. На пример, минатата година се забележува дека најголем принос имале фондовите што вложуваат во акции, и тоа КБ Публикум МБИ – 10 којшто вложува во кошничка акции што го сочинуваат главниот индекс на Македонска берза, којшто само минатата година имаше пораст од 34%, а за последните три години кумулативно, преку 112%. Но, одлични се и приносите на ВФП Премиум инвест, од 25%, Илирика Глобал – растечки пазари од 19,44%, Генерали Топ брендови од 16,4%, Генерали БРИК од 14,4%, Илирика Југоисточна Европа од 13%, итн. Ова покажува дека вложувањата и на берзите од развиените пазари, каде што македонските фондови „ги вртат“ парите на своите клиенти, како и на пазарите од брзо растечките земји во развој од светот и регионот, како што имплицираат и самите имиња на фондовите, биле мошне исплатливи минатата година, неспоредливо поисплатливи одошто оставање на парите во банка како депозити со камати веќе пониски и од 2%.
„Пазарите во текот на годината закрепнаа од падот на крајот од 2018та година, кој беше последица од тензиите меѓу Кина и САД, како и од зголемените каматни стапки од страна на ФЕД во САД. Годината беше проследена со интензивни преговори меѓу САД и Кина кои одеа во насока на разрешување на трговската војна. Разговорите на крајот од годината резултираа со потпишување на првата фаза од договорот, што позитивно влијаеше кон очекувањата на пазарите за идниот раст на добивките на компаниите. Дополнително, Федералните резерви на САД во текот на 2019 – та година ги намалија каматните стапки во 3 наврати, што претставуваше дополнителен стимул за инвеститорите да ја вратат довербата во акции и да инвестираат во нив со очекување за поголеми добивки од компаниите. Во Европа, квантитативното олеснување е продолжено, додека каматните стапки остануваат на историски најниско ниво. Овие услови им овозможуваат на компаниите да остваруваат поголеми приходи и дополнително да користат евтин капитал за финансирање на своите нови капитални проекти.“, ги објаснува причините за овој одличен раст на берзите во коишто вложувале македонските инвестициски фондови лани, Петар Андреевски, директор на друштвото за управување со фондови, ВФП Фонд менаџмент.
Затоа и не случајно, ВФП Премиум инвест, еден од фондовите под управување на Андреевски и неговиот тим, имаше принос од 25% во 2019 година, а прерасна и во најголем акциски фонд во државава, со над 16 милиони евра под управување и околу 2.500 клиенти, како што вели нашиот соговорник.
„Средствата на овој фонд се вложени во акции на т.н. bluechips и dividend stocks компании, односно огромни мултинационални корпорации кои исплаќаат високи дивиденди и остваруваат позитивни економски резултати дури и во моменти на намалена економска активност, како што се Apple, Nestle, PayPal, Adidas, Heineken, L’Oreal, Coca Cola, Visa итн.“, ни објасни Андреевски.
12 mОптимистични очекувања на фонд менаџерите
И Андреевски и останатите соговорници очекуваат да продолжи позитивниот тренд на раст на македонската фондовска индустрија и годинава, во корелација со светските и регионалните движења.
„Веќе на самиот почеток од 2020 година светот почна да се соочува со неколку предизвици кои вклучуваат тензијата меѓу САД и Иран, како и опасноста од ширење на коронавирусот, но сепак веруваме дека овие предизвици ќе бидат за брзо разрешени. Ниските каматни стапки како во САД, така и во Европа очекувам да останат на истото ниво во текот на годината што ќе им овозможи на компаниите и понатаму да се развиваат, како и да се продолжи фазата на експанзија. Очекувањата се дека инвеститорите ќе продолжат да бараат повисоки приноси во инструментите како акции од квалитетни компании и обврзници од државите во развој, со што очекуваме цените на овие два типа на инструменти на светско ниво да продолжат да се зголемуваат.“, вели Андреевски од ВФП Фонд менаџмент.
Што се однесува за локалните прилики, Коста Костадиновски од Илирика фонд менаџмент, очекува економскиот раст на земјава да биде подобар годинава во однос на 2019 – та.
„Генерално пазарот кај нас е атрактивен во смисла на добивки на компаниите кои котираат на берзата, односно дивидендните приноси, но и од аспект на трендот на намалување на каматните стапки на банкарските депозити и на државните хартии од вредност. Нормално кога ќе се надоврзат политичките случувања, во смисла на интеграциските процеси за НАТО и ЕУ, сите сме во очекување на датум за преговори затоа што може да биде катализатор за економски пораст и евентуален пораст на цените на берзата. Веќе почетокот на 2020 година имаме и избори и тие носат определена неизвесност, но изминатите неколку години се виде дека домашните политички случувања немаат големо влијание. Берзата и бизнисот во изминатите години покажаа резистентност кон домашните политички потреси.“, истакнува Костадиновски.

Кој сè вложува во домашните инвестициски фондови

Освен правни лица и физички лица со повисок приход, од домашните фондови ни рекоа дека кај нив пари инвестираат и граѓани од средна и пониска класа.
„Во државата и понатака преовладува митот дека инвестирањето е само за поединци со високи приходи, но тоа е мит кој постојано нашето Друштво се обидува да го сруши, а воедно веруваме дека сме на добар пат во правење на тоа“, вели Петар Андреевски од ВФП Фонд менаџмент. Тој вели дека во нивните фондови освен правни лица и добро ситуирани индивидуи, инвестираат и многу граѓани од средната и од ниската класа.
„Тоа навистина ни се допаѓа, бидејќи веруваме дека еден од начините за подобра иднина на секоја индивидуа е одвојување на дел од средствата за инвестирање и штедење, имајќи во предвид дека со само 1000 денари може да се стане инвеститор. Посебно тоа е изразено во ВФП Премиум Инвест (акцискиот фонд), каде голем број на родители почнуваат да инвестираат во името на своето дете, при што самите деца се инвеститори во фондот. ВФП Јуниор Инвестицискиот клуб е одлична можност освен да се создаде капитал за своето дете кога ќе стане полнолетно, детето да научи и поими како ризик и претприемништво преку различни настани кои ги организираме за јуниор инвеститорите, како и да се направи еден вид на вмрежување на младите инвеститори.“, објаснува Андреевски.
Горан Марковски, од конкурентскиот КБ Публикум инвест вели дека поконзервативните фондови првенствено се користат од правни лица во функција на краткорочно управување со вишоци на средства, додека подинамичните фондови се користат од физички лица кои сакаат да обезбедат алтернативен облик на штедење во линија со нивните инвестициски цели.
„ Во фондовите на КБ Публикум инвест како инвеститори се јавуваат сопственици на бизниси, менаџери, професионалци во различни дејности меѓутоа и вработени во различни компании со акумулирани вишоци на средства што досега се чувале во депозити. Заедничко за сите нив е што се грижат за максимизирање на резултатите на своите вложувања и осознале дека е добро да се направи соодветна дисперзија средствата со кои располагаат со вложување на дел од нив во фондовите што одговараат на нивните инвестициски цели и ограничувања. “

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×