Чепреганов: Самоконтролата во нашето општество е на најниско можно ниво
Објавено на од во lifestyle

Фељтон: Агресијa- моќта на човечкиот  деструктивен нагон (1)

 

Капитал и професор доктор Методи Чепреганов започнуваат со објавување серија текстови поврзани со агресијата, која во времето во кое живееме станува се поочигледна и присутна буквално во секоја пора од опшеството. Според мислењето на еминентниот невропсихијатар токму сега е времето да се отвори оваа тема која е длабоко поврзана со сето она што ни се случува во современото македонско општество. Професор Чепреганов е со став дека начинот  како  се експримираат емоциите е надворешно огледало на можностите за самоконтрола, што во некој контекст би значело и дека во нашето општество самоконтролата е на најниско можно ниво. Низ редовите на овој опширен фељтон читателите ќе може да се запознаат не само со причините за агресијата која е се поприсутна во нашата реалност туку и за најефикасните начини на нејзиното третирање и лекување.

 

Пишуваат:

Проф д-р  Методи  Чепреганов, невропсихијатар
Теодора  Костовска,интернационален    учител   на  Art  of  Living

 

Во секојдневниот  живот сите ние многу често  си  го поставуваме  прашањето kолку,  на  кој  начин  и со каков интензитет, емотивните меѓусебни контакти во    меѓучовечките (интерперсонални) односи, имаат  влијание  врз  нашиот  афективен   живот,  врз  нашето  расположение?
Кога една емоција е родена и кога  личноста го ставила афектот во акција и  движење;  кој и каков  пат  треба  таа да  го следи? Дали  треба веднаш  да се   искаже,  да  се   експримира  директно, со  кој   и   каков  интензитет  на  гласот,  да  се  трансформира,  да  се  повлече, да  се  депласира,  да  се    инхибира   или да се трансцендира,  на  некој начин, ставајќи ја  под   контрола   на својата будност   и  сознание?

Во   контекст  на  овие    прашања, одговорите  во себе  содржат  комплексност, како когнитивно  емоционална, така   и социо-компортементална, дури  и  психоаналитичка,  така  што сите  тие ја  чинат  специфичноста на  одговорите. Постои  еден третман  на  емоциите,  во рамките на  еден глобален  процес  на нивна регулација,    поточно,  или   уште   поспецифично, зборуваме  за  внатрешна  регулација  на  емоциите, креирани  од  нашите сознателни  капацитети, нарекувани со   општо  име емоционална  сознателност, која ја  поседува секоја индивидуа и токму таа  го  регулира, идентификува и  го претставува она што секој од нас го чувствува.

Ова се манифестира надворешно, поточно, овие емотивни напливи се експримираат кон надвор, преку однесувањето, екстериорната  мимична  гестикулација,  движењата и изгледот, како и  преку говорот, кој  го  одредуваме и го модулираме според сопствениот капацитет за самоконтрола врз интензитетот  на емотивниот излив. Начинот како се експримираат емоциите e надворешно огледало на можностите за самоконтрола, на формата на нашиот секојдневен  меѓусебен интерконтакт: одмерено, смирено и пристојно или хистероидно, брутално,  агресивно и  некритично, со  голема доза на простотија  и  примитивизам, што,  секако е резултат на, од порано стекната, социјална  едукација, знаења, инкорпорирани морални, етички, социјални и духовни  норми, кои укажуваат на правилен однос кон експресијата на емоциите. Повеќе од веројатно е  дека ова емоционално обработување (emotional  processing ),  многу   полесно е вербално да се искаже, отколку да се спроведе во реалност.

Во овој контекст e и поврзаноста, односно интерконекцијата со стресот и атакот  врз нас од еден или од повеќе стресогени фактори, кои се индиректни   показатели за “воспалување на  нашата амигдала на нашиот емотивен мозок“, со  последици на зголемен иритабилитет, бројни вегетативни  симптоми, анксиозност   и  депресија, тешкотии и намалување на концентрацијата и појава на несоница, со  консекутивни  последици врз нашата работоспособност, со агресивно и  насилничко однесување; еден маѓепсан круг во кој се вртиме, се  бориме  и опстојуваме, подгреван и креиран од нашите  секојдневни меѓучовечки односи,   нашата  работа, нашата егзистенција. Токму нашето постоење во  секој момент,  со  сето она што ни се  случува и  што го доживуваме, го  прави и  го  креира  нашето емоционално искуство, кај  секого од нас различно, во зависност  од  сите  фактори  кои беа елаборирани.

Живееме  со аксиомот на нашата  животна  сцена и  животен пат, “с$  е менливо   и  минливо“,  “с$ тече и s$ менува“, a дијалектиката многу јасно  и  едноставно  го  дефинира  нашето  постоење,  “се оддалечуваме  за  да  се   приближиме“, “сме  се  приближиле  бидејќи  веќе  сме  се оддалечиле“,  полека,  но  сигурно го чекориме нашиот  живот  од  раѓањето,  во младоста,  во  зрелоста  и  кон  староста.

Моментот полн со  стресови  е нашето  постоење, тој  го креира, подгрева  или  го потпалува  нашиот емотивен живот и напливи, нашата агресивност,  или  воздржаност, однесување кое е  во  апсолутна  зависност од матурацијата на    нашата личност, во едукативна и  воспитна  смисла.

Во  реалноста, ова означува дека емотивните напливи тлеат  во нас и на  различен начин биваат експримирани  и доживеани, во  корелација со нашата  карактерна  специфика, знаења, едукација и воспитување, со сето она што сме  го   вградувале во нас, во текот  на нашиот живот  или ни го дала “мајката  природа“.

Внатрешните  капацитети  за регулација  на  емоциите  се  сосема индивидуални, субјективни, различни за секоја личност, одделно, и во  никој случај  не можат  да се  унифицираат;  тие  се во директна  поврзаност  со правилниот  и навремен развиток со основите  на емоционалната  сознателност и  зрелост,  феноменологија, во  која  стресот, со  своето  влијание,  игра  огромна  улога.

Денеска, научниот  свет со сигурност  знае дека психопатологијата  на  емоциите  е една  крајно богата научна раскрсница, крстопат низ кој  минуваат  различни  дисциплини: невробиолошки,  психијатриски,  психоаналитички,   когнитивни,   психолошки,  социјални,  клинички.

Токму  поради овој факт теориските емоционални  и  афективни модели се многу  богати, во кои доминира субјективното искуство, кое, кај секого од нас, е  различно. Целта на сите  коишто се  занимаваат со оваа проблематика, е крајно  симплифицирана и единствена: максимална психопатолошка интегрираност на  афективните феномени, за што поголема и поисцрпна  самоконтрола на истите во  нашето секојдневно постоење, како би можел нашиот  живот да  ја  има  својата  основна  смисла и цел, знаење, креација, визија, исполнетост и  задоволство од  и  со  работата,  сето  тоа на длабок духовен фундамент.

Конечно, во овој контекст, ќе се запрашаме колку стресогените  фактори учествуваат  во креацијата и во модулирањето на  нашата  агресија  или  екстериоризација на  нашите  емотивни  напливи,  подигајќи  ја   и   интензивирајќи  ја   моќта  на  нашиот  деструктивен  нагон,  секаде, на секое место и во секоја  прилика.

Токму тоа е  предизвикот  да  ја  елаборираме агресијата,  секојдневно   присутна  во  нашите  интерперсонални  односи, дома, на  работа, на  улица, дури и во  дипломатските односи помеѓу државите, од  сите познати аспекти во  актуелните   научни  сознанија.

Еден  од  главните креатори, и подгревачи, на најголемата опасност  на  иднината  за секого од нас е проблемот на агресијата или, уште поточно, моќта на човековиот  деструктивен нагон, од нас и врз нас самите, сосема свесни дека “човек  кон  човека  е  волк “.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×