Четвртина компании велат дека престанале со производство во април, но 90% од нив нема да отпуштале вработени
Објавено на од во COVER STORY

FZCPhotos (3)Какви се економските последици после месец и половина (не)работење среде корона – кризата

Во Македонија сè уште немаме официјални бројки околу тоа колку работни места се изгубени откако почнаа да се чувствуваат последиците на пандемијата, особено принудното затворање на одредени бизнис сектори поради спречување на ширењето на заразата со коронавирусот, како угостителите, хотелиерите, итн. За месец март Агенцијата за вработување не регистрирала позначајни потреси на пазарот на работна сила, за април бројките уште се собираат. Ќе треба да ги почекаме и податоците за индустриското производство и извозот од државната статистика. Во меѓувреме, останува да ги проследиме бројките добиени од анкетите и истражувањата што се прават периодов меѓу македонските компании околу последиците од корона – кризата и какви мерки предлагаат тие за нивно ублажување. А, според овие анкети ситуацијата не е воопшто розева: според анкетата на Стопанската комора, на пример, 25% од компаниите велат дека во април очекувале престанување со производство, а 22% целосно стопирање на извозот.
Cover-31Деновиве една од главните вести во американските и светските медиуми е катастрофалната бројка на невработени лица во државата – во моментов преку 25 милиони жители на САД се пријавиле за помош затоа што ги изгубиле своите работни места како последица на пандемијата од Ковид – 19. Стапката на невработеност во најмоќната економија на светот стигна до речиси 20%, нешто невидено уште од Големата депресија од 1929-33 година. Неработењето на голем број бизниси, намалувањето на потрошувачката во време на карантинот си го прави своето – производството паѓа и голем број компании, особено микро и мали затворија.
Во Македонија сe’ уште немаме официјални бројки околу тоа колку работни места се изгубени откако почнаа да се чувствуваат последиците на пандемијата, особено принудното затворање на одредени бизнис сектори поради спречување на ширењето на заразата со коронавирусот, како угостителите, хотелиерите, итн. Од Агенцијата за вработување побаравме информација за тоа колку лица се одјавени од страна на работодавачите во периодот од 15 март досега, за да видиме дали има некаква значителна промена во трендот во однос на претходните месеци. Оттаму ни одговорија дека во текот на месец март немало „значајни промени во реализираните пријави/одјави од задолжително социјално осигурување, споредбено со истиот период минатата 2019 година“. Исто така, за истиот период не се забележани поголеми промени во однос на бројот на евидентираните невработени лица. За месец април податоците уште не се комплетирани затоа што месецот не е завршен, така што врз основа на период од две недели (не)работење во кризните услови во март не може да извадиме издржан заклучок околу реалниот ефект на корона – кризата врз македонските бизниси. Исто така, и на државната статистика ќе ѝ треба повеќе време да ги обработи податоците за динамиката на индустриското производство и на извозот во март, а особено и во април, за да се добие и во тој дел некаков увид во последиците од корона – кризата по реалниот сектор.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, инаку сопственик на текстилна фабрика, вели дека, барем во неговиот сектор, штетите до овој момент не се катастрофални, односно се движат некаде од 15 – 20% помал месечен приход.
„Но, проблемите ќе следат понатаму, затоа што оваа роба што досега ја работевме во домашните конфекции беше наменета за летната сезона што всушност уште не е ни почната, затоа што продавниците во Германија, нашиот најголем партнер и нарачувач на текстилните доработки, се уште не се отворени и таа роба засега стои во магацините. Прашање е кога ќе се отворат продавниците, за да може од обртот да се финансираат нарачките за следната сезона, која почнува во септември – октомври за следната зима. Очекувам одреден пад на извозот на текстилни производи и се надевам дека нема да биде катастрофален и да значи големи отпуштања на работниците. Се’ зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата, дали ќе има втор бран на заразата, колку долго ќе траат карантините, итн.“, вели Димитров.
Во меѓувреме останува да ги проследиме бројките добиени од анкетите и истражувањата што се прават периодов меѓу македонските компании околу последиците од корона – кризата и какви мерки предлагаат тие за нивно ублажување.
Четвртина фирми во април престанале со производство
Така, на пример, Стопанската комора на Македонија во периодот од 7 до 14 април спроведе анкета меѓу своите членки, со цел да овозможи увид во регистрираните последици во март и очекувањата за април месец.
Анкетата вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра. Според бројот на вработени, од анкетираните фирми, 21% се микро, 25% се мали, 29% се средни и 25% се големи фирми.
Во однос на дејноста на анкетираните фирми, повеќе од половина, или 53% се од преработувачката индустрија и градежништвото, каде што на преработувачката индустрија отпаѓаат 36%, а на градежништвото 17%. Релативно значајно учество имаат и претпријатијата со објекти за сместување и сервисни дејности со храна, како и трговските претпријатија.
Cover-3Кај обемот на производство, во март 2020 година, 16% од анкетираните фирми пријавиле дека производството се одвивало нормално, но за април такво нешто очекуваат само 7%.  Пад на производството поголем од 50% за март пријавиле 17% од анкетираните, но за април таков пад очекуваат 23% од фирмите. Целосно престанување на производството во март пријавиле 13%, а такво нешто во април очекуваат 23% од анкетираните фирми. Сите други фирми очекуваат, со релативно рамномерен распоред на големината на падот, намалување на производството до 50%. Сето ова покажува дека за април компаниите очекуваат значително влошување на состојбите во поглед на обемот на производството.
Состојбите се слични и кај извозот. За март, 40% од анкетираните претпријатија пријавиле дека извозот се одвива нормално, а такво нешто за април очекуваат 34%.  Пад на извозот над 50% за март пријавиле 13% од фирмите, а очекувања за ваков пад во април имаат 15% од фирмите. Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле 16%, а во април 2020 година тоа го очекуваат 22% од анкетираните фирми.
Сличен е трендот и кај увозот. Нормално одвивање на увозните активности за март пријавиле 32%, додека за април тоа го очекуваат 29% од анкетираните фирми. Пад на увозот за повеќе од 50% во март регистрирале 10% од фирмите, а такво нешто за април очекуваат 13% од фирмите. Целосен прекин на увозната активност за март пријавиле 15% од анкетираните фирми, но веќе 21% од нив тоа го очекуваат за април 2020 година.
Што се однесува до движењето на прометот, за март 2020 година вообичаено ниво на промет пријавиле 16% од анкетираните фирми, 13% од нив  пријавиле пад од 41% до 50%, а 25% од фирмите пријавиле пад на прометот поголем од 50%. Анкетата укажува на песимистички очекувања за прометот во април 2020 година. Така, само 4% од анкетираните фирми очекуваат нормален обем на промет, 10% од фирмите очекуваат пад од 41% до 50%, а дури 48% од фирмите очекуваат пад на прометот поголем од 50%.

Во однос на суровините, 54% од анкетираните фирми немаат недостаток или прекин на достава на суровини. Преостанатите имаат проблем, и тоа: 26% имаат прекин за достава од ЕУ, 11% прекин за достава од земји вон ЕУ и 9% прекин за достава од земјата.

Во поглед на залихите пак, 18% од анкетираните фирми немаат никакви залихи, а 58% од претпријатијата ќе ги исцрпат постојните залихи во првите два месеца од кризата. Ваквото ниво на залихи, комбинирано со недостатокот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за претпријатијата по истекот на првите два месеца од кризата.
Во однос на производството, извозот, увозот и прометот, анкетата се однесува на согледаната состојбата за март 2020 година и очекувањата за април 2020 година.
Девет од десет фирми нема да отпуштаат вработени
Влошените очекувања за април, искажани од страна на фирмите во анкетата на Стопанската комора на Македонија, добија своја генерална потврда од јавно искажаните наоди на Управата за јавни приходи во однос на падот во наплатата на данокот на додадена вредност во првите две недели на април.
На прашањето пак за праќање на вработените на принуден одмор, речиси половина или 48% од анкетираните фирми се изјасниле дека нема да ги пратат работниците на принуден одмор, 19% дека ќе ги пратат на принуден одмор, 19% дека веќе ги пратиле на принуден одмор, а 13% размислуваат за друга можност.
Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2% се изјасниле  дека нема да ги отпуштат вработените, 13% дека ќе ги отпуштат, а само 0,8% дека веќе ги отпуштиле.
„Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос.“, коментираат од Стопанската комора.
Во однос на финансиите, 44% од анкетираните фирми немаат проблеми со ликвидноста, додека 56%, очекувано, имаат проблеми со ликвидноста. Притоа, 65% од фирмите имаат кредити за отплата, а 35% немаат кредити за отплата.
Вкупно 81% од анкетираните фирми пријавиле одреден процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Притоа, 35% од фирмите пријавиле дека процентот на откажување на договорените аранжмани или работа е поголем од 50%.
И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот на добавувачи, радува сознанието дека 71% не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21% размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието. Ова може да се поврзе со фактот што дури 79% од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот. Според анкетата, 8% од анкетираните би го затвориле претпријатието во целост.
Во рамки на Анкетата, фирмите се изјаснија и во поглед на тоа која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат.
•    Најголем дел од анкетираните фирми, 30% од нив, планираат да ја користат мерката – 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50% од трошоците за придонеси за секој вработен.
•    За користење на мерката – задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26% од претпријатијата.
•    Мерката – одложување на кредитите кај банките и пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, ќе ја користат 12% од анкетираните претпријатија.
•    Мерката – дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе ја користат 7% од претпријатијата.
•    Исто толку, 7% од анкетираните фирми се изјаснија за користење на мерката – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Северна Македонија.
Cover-3275% од вработените велат дека нивните фирми се погодени од корона – кризата
Анкетното истражување на Институтот Finance Think за економските ефекти од корона – кризата покажува дека три четвртини од вработените и компаниите во земјава се погодени од неа.
„Состојбата кај самовработените и микро-бизнисите е дополнително критична. Најчест механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на секакви дополнителни исплати. Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивното домаќинство се намалил. Повремените приходи прекинале кај невработени со инцидентни работни ангажмани. Најголем дел од населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум.“, вели Благица Петрески, главен економист и извршен директор на Finance Think.
Иако корона-кризата започна да се чувствува во неколку економски сектори – првенствено туризмот, угостителството и малопродажбата – за кратко, таа се прошири низ целата економија. Повеќе од три четвртини (75.9% ) од испитаниците одговориле дека компанијата во којашто работат е погодена од корона-кризата.
„Да забележиме дека ова прашање не ги опфати самовработените . Со оглед дека оваа анкета ги испитуваше перцепциите на граѓаните, за одбележување е и дека 12.8% од испитаниците одговориле дека не знаат дали корона-кризата ја погодила компанијата во којашто работат. Од испитаниците кои одговориле дека компанијата во којашто работат е погодена од корона кризата, голем дел одговориле дека тоа е поради мерките на државата со кои се наложи затворање одредени компании (на пример, компании од малопродажбата кои оперираат во трговските центри) и/или затоа што нивниот промет значително опаднал, 43.1% и 41.5%, соодветно. Значаен е и процентот на компаниите кои имале проблем да ги пласираат своите производи, и тоа најчесто се однесува на извозно ориентираните компании, чиј пласман беше откажан од купувачите (вклучително и од компаниите мајки) во странство и/или кои беа засегнати од отежнатиот транспорт. Отежнатото функционирање поради тоа што значаен контингент работници заминале на боледување со цел грижа за деца до 10-годишна возраст не е идентификувано како особено значаен начин на кој економската криза ја погодила компанијата, иако овој одговор може да е пристрасен поради тоа што е даден од перспектива на вработените. “, се вели во анализата.
Поважниот економски ефект од корона-кризата, кога тој се мери од перспектива на вработените, е како таа се одразила врз нивниот работен однос. 78.3% од вработените одговориле дека со корона-кризата се погодени лично. Најчестиот начин на кој работодавачите одговориле на корона-кризата во првиот месец од нејзината појава е преку намалување на платата на вработените (25.6%), но одговори од слична големина се и соопштувањето дека веројатно ќе следува намалување на платите и/или отпуштања, како и запирањето на дополнителните примања. Ова покажува дека првиот одговор на работодавачите на корона-кризата веројатно не бил отпуштање работници. Сепак, 10.8% од вработените одговориле дека биле отпуштени од работа.
cover-4Половина од микро – бизнисите привремено затвориле
За разлика од вработените, самовработените (без оглед дали станува збор за самостоен вршител на дејност или самовработен кој вработува и други лица), се особено тешко погодени од корона-кризата, со оглед дека 89% од нив изјавиле дека таа го погодила нивниот микро-бизнис,според анкетата на Finance Think. Mикро-бизнисите се соочиле со значаен пад на прометот (54.9%), и/или со привремено затворање (49.3%). Овие проценти се нешто повисоки од оние кај другите компании, што покажува дека иако начините на кои компаниите и микро-бизнисите биле погодени се исти, магнитудата кај вторите е поголема. Значаен дел од микро-бизнисите посегнале по заштеди (18.3%).
Скоро половина од испитаниците вработени во јавната администрација и од испитаниците пензионери покажале подготвеност за кратење на нивните примања под налетот на корона-кризата. Дополнителни 23% од вработените во јавната администрација и 18% од пензионерите укажаа дека не се согласуваат со кратења, но стравуваат дека до тоа ќе дојде. Сепак, треба да се забележи дека по околу една петтина од двете групи не се согласуваат да носат дел од економскиот товар на корона-кризата.
Високи 70% од граѓаните одговориле дека во моменталните околности на економска криза предизвикана од ширењето на Ковид-19, би можеле да издржат најмногу 3 месеци. Притоа, скоро две третини од испитаниците одговориле дека месеците под удар на корона-кризата ќе ги издржат преку сведување на потрошувачката на минимум и/или преку посегање по заштедите (34.1%). Не е за занемарување и четвртина од населението кои очекуваат државата да им помогне, а изненадувачки е мал процентот (14.9%) на оние кои се подготвени да прифатат каква било работа со цел надминување на кризата со доходот во домаќинството. 12.5% одговориле дека ќе ги преживеат месеците без да преземаат каква било акција.

 

 

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×