Чии акционери ќе се офајдат најмногу?
Објавено на од во Компании

career-businessmanПочнува сезоната на дивиденди

Една од најмалите банки во Македонија, ТТК Банка, ќе подели најголема дивиденда од редот на компаниите што решија добивката да ја споделат со своите акционери: 10,4% како процент од номиналната цена на акцијата и 12,3% како дивиденден принос. Уште седум компании што котираат на Берза до моментот на затворање на овој текст објавија дека ќе делат дивиденда на акционерите.

Акционерите на ТТК Банка имаат причина за најголемо задоволство помеѓу сите сопственици на акции во земјава, барем судејќи според објавата за поделба на дивиденда од страна на банката. Една од најмалите банки во Македонија направи одличен резултат лани, добивка од 100 милиони денари, која што ќе ја распредели како награда за своите акционери, во износ од 104 денари по акција. Тоа е 10,4% од номиналната вредност на акцијата, од 1000 денари, но исто така и 12,3% од износот по кој што се тргувала оваа хартија од вредност на последниот берзански ден од тргување во 2017 година, односно, толку е дивидендниот принос. Со овие проценти, ТТК Банка води на листата на акционерски друштва што ќе делат дивиденда годинава, како што е објавено во нивните дивидендни календари.

Со оглед на рекордно ниските каматни стапки за штедење периодов, коишто во најдобар случај кај домашните комерцијални банки изнесуваат по околу 3% за петгодишен период на орочување, вложувањето во акции со цел да се земе дивиденда никогаш не изгледало попривлечно како идеја. До моментот на затворање на овој текст, осум компании што котираат на Македонската берза ги објавија своите дивидендни календари или објавите за акционерски собранија каде што се наведени предлозите за износот на дивидендата. Последниот ден за тргување со акции со право на дивиденда се околу средината на месецов кај пет од овие осум компании, додека кај три се во месец мај, со што најмногу време за мислење дали да се вложи во акции, имаат потенцијалните акционери на Македонски Телеком, односно 15.05. е последниот ден кога може да се купат акции од оваа компанија кои што носат дивиденда од минатогодишната добивка. Дивидендата што ќе ја подели Македонски телеком е во износ од 18,37 денари по акција, бруто, односно околу 1,59 милијарди денари вкупно распределена добивка од 2017 годинам што е 18,37% од номиналната цена на акцијата, од 100 денари, додека пак, дивидендниот принос на оваа акција е 6,7%, според последната цена од 2017 година што изнесувала 275 денари. Деновиве цената на оваа акција се движи околу 280 денари.

Сите дивидендни приноси се повисоки од моменталните каматни стапки кај банките

Дивидендата по акција на Македонски Телеком е всушност највисок износ гледано како процент од номиналната цена на акцијата, од оваа група на компании што ќе делат дивиденда. Најнизок е овој однос кај дивидендата по акција на текстилната фабрика Тетекс, од 3,8%, со оглед дека дивидендата е 122 денари по акција, а номиналната цена е 51 евро, или околу 3144 денари. Дивидендниот принос кај акцијата на Тетекс пак, е 6,5%, со оглед на цената од 1950 денари на последниот ден од тргувањето во 2017 година. Тетекс ќе подели вкупно добивка од 50,6 милиони денари – дел од ланската добивка плус акумулиран профит од 2012 година наваму.

Според дивидендниот принос, после ТТК Банка доаѓа акцијата на Реплек, за којашто дивидендата е 4444 денари во бруто износ, или 8,1% кога ќе се подели оваа сума со цената на тргување последниот ден од 2017 година. Според дивидендниот принос, следат акциите на Македонски Телеком (6,7%), Комерцијална банка (6,5%), Тетекс (6,3%), Македонијатурист (5%), Македонија осигурување (4,9%) и Алкалоид (3,6%).

21Голем акционер бара поголема дивиденда од Македонијатурист

Дали ќе се подели дивиденда или не, предлагаат раководните органи на акционерското друштво, а одлуката треба да ја усвои акционерското собрание. Имаше ситуации последнава деценија, компании со години да решаваат добивките да ги задржат во резерва, односно за реинвестирање, и да не делат дивиденда. Има случаи, пак, и како актуелниов во Македонијатурист, каде што еден од поголемите акционери не е задоволен со висината на распределената добивка како дивиденда и бара таа да се зголеми. НЛБ Нов пензиски фонд, којшто е акционер со над 5% удел во Македонијатурист предлага бруто дивидендата од предвидените 208,1 денари по акција, да се качи на 380 денари по акција, односно дивидендата од 84,7 милиони денари, да изнесува 154,7 милиони денари, што е всушност минатогодишната добивка на компанијата плус акумулирана добивка што е нераспределена од минати години. Аргументите на НЛБ Нов пензиски фонд се дека Македонијатурист располага со висок износ на парични средства и висок износ на акумулирана добивка и резерви.

“Заклучно со 31.12.2017 акумулираната добивка и резервите се неколку пати повисоки од самиот акционерски капитал и заедно изнесуваат 30,7 милиони евра, а депозитите на компанијата се 20,8 милиони евра. Во услови кога паричните средства на компанијата се на високо ниво, а задолженоста речиси нула, сметаме дека капиталната структура на Македонијатурист не е на соодветно ниво. Во услови на ниски каматни стапки во споредба со висок потенцијален принос од ниско вреднување на акциите на Берза, сметаме дека вишокот парични средства треба да се дистрибуира на акционерите во форма на дивиденда, како и преку откуп на сопствени акции. Стабилната финансиска состојба на Македонијатурист дава доволен простор да се издвои повисок износ за дивиденда, без да се загрози работењето на компанијата.“, велат од НЛБ Нов пензиски фонд. Нивниот став е дека со исплата на повисока дивиденда, како и со откуп на сопствени акции, ќе се придонесе да се зголеми вредноста, но и ликвидноста на акциите на Македонијатурист на Берзата.


euro-money-1Странските компании изнеле дивиденди од 230 милиони евра лани

Преку 230 милиони евра се одлеани како дивиденди минатата, 2017 година, покажува статистиката на НБРМ. По одделни дејности, најголеми одливи на капитал кон странство се евидентирани од текстилната индустрија и производство на возила и друга транспортна опрема, додека пак по дестинации каде што се одлеале најмногу пари, на врвот е Велика Британија, па потоа САД. Дел од инвестициските советници оценуваат дека репатрирањето на профитот кон компаниите мајки е резултат на самиот мотив да се има поврат на инвестицијата.

„Извлекувањето на дивидендите од страна на странските инвеститори е очекувано, односно нормална економска логика е да се распредели профитот кај сопствениците на компаниите. За нас ќе биде добро ако дел од профитите сепак се реинвестираат за да може бизнисите да растат и да отвораат нови работни места, но сигурно не може да очекуваме дека се што ќе заработат, тие ќе го реинвестираат“, оценуваат аналитичарите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×