CodeWell – македонски стартап со светски амбиции: Сакаме МаркО да стане светски познат паметен асистент!
Објавено на од во hi-tech & business

Дека добро знаат да пишуваат кодови, како што порачува кованицата од нивното име – CodeWell, покажуваат нивното портфолио во кое не недостасуваат амбициозни програмерски проекти, респектабилната листа на домашни и на странски клиенти, и повеќето меѓународни награди и признанија. Овој македонски стартап знае дека со апликацијата МаркО може да цели многу високо, но за да може дотаму да скокне му треба поддршка – од инвеститор што ќе знае да го препознае потенцијалот или барем добра рецензија во светски влијателен сајт за технологија

Имаме апликација за светот, МаркО има голем потенцијал да расте, јасно се одвојува од конкуренцијата пополнувајќи една дупка во функционирањето на апликациите од  to-do категоријата … Во разговорот со членовите на тимот на CodeWell, тие ја користеа секоја можност уште еднаш да се навратат на нивното, ним најдраго дело, МаркО, паметниот ортак кој можете да го вселите во вашиот Андроид смартфон, а кој во вистинско време и на вистинско место ќе ви ја понуди својата помош при извршувањето на вашите задачи. Дека успехот на МаркО е само прашање на фактори кои не зависат од нејзините автори, колку што можеше со своето скромно искуство на корисник на to-do апликации, се увери и авторот на овие редови (откако ја симнав и инсталирав апликацијата која наближувајќи до продавницата што ја поставив како локациска цел ме потсети дека треба нешто да купам). Исто како момчињата и девојките од CodeWell, и ние повторно ќе се навратиме на МаркО. Откако ќе ја претставиме компанијата основана во 2010 година, од страна на двајцата софтверски инженери – Нино Карас и Мартин Анчевски.

Нивниот стартап стартувал со успешен проект – апликацијата Автобуско  (помага во јавниот градски превоз полесно да се стигне од точка А до точка Б), која е сеуште една од најсимнуваните во Македонија. Така, прв клиент на CodeWell станале T-Mobile, кои ја откупиле апликацијата. „Популарноста на Автобуско нѐ поттикна да размислуваме за основање на компанија која со користењето на новите технологии ќе испорачува решенија што ќе им помаѓаат на луѓето. Почнавме двајца луѓе – плус компјутери – плус знаење. Приклучувањето на Љупчо Деспотовски на тимот ја надополни бизнис компонентата. Оттука почна приказната за CodeWell која досега испорача дузина проекти“, вели соосновачот Нино Карас. Компанијата има десетина вработени од кои седумдесет отсто се програмери. „Кај нас се вреднува ентузијазамот во делењето на истата визија – креирање паметни решенија со користење нови технологии. Тој што ќе се најде во целата приказна е добредојден во тимот – нормално, неопходно е да има одредени знаења. Првенствено работат мобилни апликации, на сите платформи – Андорид, iOS, Windows Phone, Блекбери … Просекот на вработените во компанијата е 23 години“, вели Карас.

Досега CodeWell има изработено над 80 проекти – многу од тоа е аутсорсинг – апликации и системи по нарачка, но тука се и нивните сопствени проекти на кои се најгорди. „Сме работеле за многу големи компании. За мобилниот оператор Т-Мобиле го изработивме дизајнот на мобилната апликација „Мобипеј“, за Вип – Андроид маркетот … Од странските компании, за канадскиот телеком, Телус, како подизведувачи со договор кој е индиректен – ние го изработивме, а друга компанија фигурираше како производител на софтверот. Работиме за казино од Холандија. Имаме повеќе финансиски навистина успешни проекти, меѓутоа вистински сме горди на нашите продукти“. Интересно е нивното искуство со германската Рајфајзен банка во Албанија, кадешто CodeWell испратил консултант помлад од најмладиот вработен во ИТ одделението на банката:

„Таму пративме како консултант 23-годишен, „тазе“ завршен студент, со 4-5 години програмерско искуство, а во ИТ одделение на германска банка најмладиот вработен е 26-27 години. Консултирањето беше за процесот на изработка на iOS апликација. Значи, кога станува збор за конкретната технологија, јасно е дека го имаме знаењето, и можеме да им помогнеме на институциите, како што во случајов е Рајфајзен банката. Во Албанија немаа локални опции (доволно обучени луѓе) за решавање на овој проблем. Претходно ние одржавме обука во банката – ги обучувавме нивните ИТ инженери за тоа како се прават iOS апликации, а тие потоа побараа да испратиме луѓе кои ќе им помогнат во изработката на апликацијата. Потоа Рајфајзен нѐ препорача на албанската компанија што им го одржува софтверот, па тие нѐ комуницираа да обучиме нивни вработени за изработка на Андроид и iOS апликации“, раскажува Деспотовски.

CodeWell 2
МаркО чека да го препознае публиката … и инвеститорите

МаркО е потсетник кој за разлика од другите to-do апликациија користи локацијата како маркер кога, односно каде треба да ве потсети на внесените задачи. Внесувате, на пример, шопинг листа, и место кадешто планирате да пазарувате. МаркО наместо да ве потсети во одредено време коешто претходно сте го избрале (како што тоа го прават другите вакви апликации, а тоа време неретко се покажува дека не е вистинското за да ја завршите работата), ќе ве алармира тогаш кога ќе се приближите до локацијата асоцирана со задачата.

„Во фаза сме на добивање на иницијалниот фидбек од пуштањето на МаркО. За да го надминеме проблемот што кај нас не се внесени многу од местата што корисниците би ги барале, во новата верзија што ќе излезе до крајот на годината корисникот ќе може сам да си предефинира места – со кликнување на мапата ќе може точно да се зададе локацијата кадешто МаркО сакате да ве потсети на вашата задача. Иако, главната таргет група не ни е толку македонскиот пазар“, обајснува Карас, кој жали што мораат да трошат време и ресурси работејќи аутсорсинг, за да заработат, и за да можат да ги поддржат сопствените продукти, како МаркО.

„Во принцип, не сме многу заинтересирани за аутсорсинг или за држење обуки, во моментов сме фокусирани на МаркО, односно сакаме да излеземе со сопствен производ што ќе го пласираме на глобалниот пазар. Многу би било полесно доколку како на Запад постојат бизнис ангели, „венчр“ капитал фондови (Venture capital – фондови коишто влегуваат во почетна или во рана фаза од развојот на еден стартап), кои ќе дојдат и ќе „искешираат“ 200.000 евра, и ќе можеме година-две да работиме без главоболки. Вака цело време жонглираме – мораме да работиме аусорсинг за да преживееме – на нашите сопствени продукти им треба уште време за да носат пари – дури и Твитер сеуште не носи пари“, вели Деспотовски.  Според него аутсорсингот не е ништо друго, туку лон-систем, како во текстилот. „Само што во текстилот е трудоинтензивно, а овде е поинтелектуално. Но, сепак се работи за систем – напиши ми го кодот и врати ми го, како што во текстилот ти носат платно, копче и конец, за само да ги сошиеш. Работата е да направиш продукт што ќе го продадеш, а не некој да ги земе големите пари, а ти ситнуријата“.

МаркО е проектот на кој CodeWell ќе се фокусира во 2015 година и во контекстот се трудат да обезбедат пристап до некои акцелератори. Имаат пополнето апликации за Амстердам, за Мадрид, за Лисабон … за неколку различни програми за поддршка на стартапи. „Брзината со којашто ќе го развиваме МаркО е пропорционална на „кешот“ што ќе го обезбедиме. Ако се обезбеди, тоа ќе значи ангажирање дополнителен број луѓе кои би работеле на МаркО. Другите, низ светот, не се попаметни од нас – едноставно имаат повеќе пари и работат со поголеми капацитети. Непишано правило е дека бизнис ангелите не инвестираат на растојанија поголеми од 200 километри – дистанца што дозволува да се „запали“ кола и за час-два да може да се посети компанијата во која се инвестира. Лесно се стигнува до комуникација, но кога станува збор за инвестирање луѓето сеуште се потпираат на системот „лице в лице““, вели Деспотовски.

МаркО е прогласена за една од најдобрите четиринаесет Androidwear апликации (бидејќи работи на Андроид „смарт“ часовниците) од страна на познатиот поратал Андроид Полис. Знаењето и трудот на CodeWell се наградени на Pioneers фестивалот (една од најпознатите ИТ конференции во светот) – во Виена победија на престижниот напревар Community Awards со МаркО. Компанијата се најде и меѓу националните шампиони на European Business Awards во категоријата стартапи, со што се пласираше во наредната фаза, на европско ниво. На светски познатата конференција TechCrunch, на стартап настанот, во Бостон, успеале да се изборат да влезат во дваесетте стартапи што „пичувале“ (се претставиле) пред потенцијалните инвеститори.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×