д-р Билал Суџубаши: Искуството и знaењето на Халкбанк ќе го пренесеме и на осигурителниот пазар
Објавено на од во Интервју

Slika vnatre 2д-р Билал Суџубаши
главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Халкбанк АД Скопје неодамна ја купи осигурителната компанија “Нова Осигурување”, потег со кој Банката најави силно влегување и на пазарот на осигурителни услуги. Со првиот човек на Халкбанк во Македонија Билал Суџубаши зборуваме за причините за овој деловен потег и за идните нови чекори од Банката: “Очекувам потегот за ширење на Халк Банк АД Скопје во осигурителниот пазар да овозможи создавање една успешна приказна на пазарот на осигурување во Република Македонија, како што Халкбанк Турција создаде успешна приказна во банкарскиот сектор кога ги презеде мнозинскиот пакет акции и управувањето во тогашната ИК Банка”, вели Суџубаши.

 

Неодамна Халкбанк објави дека ќе ја купи осигурителната куќа Нова Осигурување. Што е причината за ширењето на Банката во осигурителниот бизнис?

Одлуката за ширење на Банката во сродни дејности укажува на нашата подготвеност и посветеност на развојот, како и на нашата желба за пренесување на нашиот модел на работа. Имено, Халкбанк Турција во својот состав има повеќе подружници и сите тие функционираат успешно на пазарот. Групацијата на Халкбанк АШ Турција денес вклучува осум супсидијарни единици во рамките на Република Турција и две супсидијарни единици надвор од границите на матичната земја, меѓу кои е и Халкбанк АД Скопје.

Супсидијарните единици на Халкбанк АШ Турција на турскиот пазар опфаќаат: осигурителна компанија (Halk Sigorta), пензиски фонд (Halk Hayat ve Emeklilik), инвестициски фонд (Halk Yatırım Menkul Değerler), факторинг (Halk Faktoring), инвестициски фонд во недвижности и портфолио-менаџмент (Halk Gayrimenkul Yatırım Ortaklığı, Halk Portföy Yönetimi), како и лизинг-услуги (Halk Finansal Kiralama).

Според диверзитетот на услуги што ги нуди Халкбанк АШ Турција, може да се заклучи дека станува збор за финансиска институција со широко развиена палета на услуги што има значајна позиција во финансискиот сектор на Република Турција и силен кредибилитет на национално, но и на меѓународно ниво.

Во однос на нашите планови и инвестицијата во осигурителниот бизнис, ако се направи детална анализа на остварувањата на осигурителните компании во Република Македонија во изминатите години, може да се согледа дека овој сектор е во подем, односно растот на бруто запишаните премии е на солидно ниво. Дополнително, податоците покажуваат и дека пазарот на животно осигурување расте со значително поголеми стапки отколку пазарот на неживотно осигурување. Сето ова покажува дека иако во изминатите две години има мала стагнација, станува збор за пазар со висок потенцијал и можности за понатамошна пенетрација.

По успешната приказна на Халкбанк, Банката веќе подолго време прави анализи за инвестиции во нови области каде што главниот фокус беше во осигурителниот бизнис. Значајно е да се истакне и дека осигурителниот пазар е сродна дејност, која е соодветно регулирана, а Банката е една од петте банки во земјава што има дозвола за вршење работи на застапување во осигурувањето и во делот на неживотното и во делот на животното осигурување.

Генерално, може да се констатира дека Банката поседува доволно искуство и „know-how“, а подготвена е да го пренесе и на пазарот на осигурување во земјата. Покрај тоа, тимот на Халкбанк АД Скопје е силно посветен на растот и е подготвен за нови предизвици.


Какви се вашите очекувања од овој бизнис-потег и во кои сегменти ќе го насочите работењето на осигурителната компанија?

Како и секогаш, ние во Халкбанк АД Скопје примарно се грижиме за растот и развојот на организацијата во целина. Нашите стратешки приоритети во управувањето на осигурителната компанија би предвиделе најпрвин создавање услови за развој во нејзините рамки, пред сè, преку соодветна докапитализација, ребрендирање и пренесување на нашето знаење и искуство. Притоа, особено значајно е тоа што на чело на компанијата ќе бидат назначени личности што целосно ги отсликуваат вредностите на нашата Банка и кои биле интензивно вклучени во нејзиното управување во изминатите неколку години, кога таа оствари галопирачки раст.

Искрено, се надевам дека планираните активности на полето на организацијата, финансиите и маркетингот во осигурителната компанија ќе придонесат за нејзино успешно работење и дека за краток период ќе биде во можност самата, од сопствените резултати, да го финансира својот раст и развој.

Сумарно, би можело да се истакне дека очекувам овој потег да овозможи создавање една успешна приказна на пазарот на осигурување во Република Македонија, како што Халкбанк Турција создаде успешна приказна во банкарскиот сектор кога ги презеде мнозинскиот пакет акции и управувањето во тогашната ИК Банка.
21h

Можете ли да објасните како ќе се реализира оваа синергија во практиката? Какви придобивки би имале клиентите на Халкбанк од ширењето на банката во осигурителниот бизнис?

Тимот на Халкбанк АД Скопје располага со човечки ресурси што поседуваат експертиза од различни области, што создава услови за комфорност во процесот на транзиција. Имено, нашиот тим, потпомогнат од стручни лица од Халк Осигурување во Турција, во изминатиот период посветено работеше на согледување на сите аспекти на работењето на компанијата и изнаоѓање решенија што ќе овозможат максимално искористување на постојните потенцијали на новата осигурителна компанија, но и пренос на нашите вредности и практики во нивното работење.

Како што веќе споменав, маркетингот и продажбата се подрачја во кои Халкбанк АД Скопје има одлично искуство и тоа ќе биде пренесено и во осигурителната компанија. Ребрендирањето ќе овозможи компанијата да ја користи нашата репутација на пазарот. Понатаму, поставувањето кадри на клучни позиции од Банката со соодветно искуство и точно дефинирани процеси за пренос на „know-how“, како и способноста на нашиот тим во управувањето со процесите на промени ќе придонесат за зголемување на иновативноста и претприемачкиот дух во новата компанија. Нашата цел е сето ова да го оствариме со задржување на постојните човечки ресурси во компанијата, кои би биле соодветно насочувани во процесот на промени.

На овој начин очекуваме да создадеме позитивна клима во компанијата и вработени што се задоволни и подготвени секогаш да излезат во пресрет на потребите на клиентите. Нашата цел е и да создадеме тим што ќе биде подготвен на креативен и иновативен начин да ги предвиди, да ги оцени и да ги услужи барањата на нашите сегашни и идни клиенти.


Дали очекувате и другите банки да го следат овој потег? Една од најголемите банки најави дека ќе продава осигурителни продукти преку своите филијали? Дали станува збор за еден нов тренд во македонскиот финансиски пазар?

Агенцијата за супервизија во осигурувањето има издадено дозволи за вршење работи на застапување во осигурувањето на пет банки, меѓу кои е и нашата. Ваквите активности на банките на македонскиот пазар се присутни од 2012 година. Ваквиот тренд се очекуваше и е одраз на фактот дека овие дејности се сродни и се надополнуваат меѓу себе. Целта на ваквите активности е, пред сè, унапредување на услугата на клиентите, антиципирање на нивните потреби и, во крајна линија, олеснување на нивното секојдневно работење. Што се однесува, пак, до моделот за инвестирање во осигурителни компании од страна на банките, тој е присутен и во другите развиени земји.
Со какви резултати Халкбанк ја заврши изминатата 2018 година и какви се процените за годинава?

Со задоволство и со особена гордост можам да кажам дека Халкбанк АД Скопје успешно ја заврши и оваа година исполнувајќи ги таргетите во сите сегменти на нејзиното работење. Нето-кредитите на Банката во текот на 2018 година пораснаа за 19,6%. Паралелно со растот на кредитното портфолио на Банката се зголемува и депозитната база. Во таа насока, значајно е да се истакне дека депозитите од клиенти се зголемени во текот на 2018 година и дека, изразен во проценти, растот на депозитите од клиенти изнесува 12%. Вкупниот раст на активата на Банката во 2018 година во однос на 2017 година изнесува околу 12%, достигнувајќи ниво од 768 милиони евра.

Од друга страна, пак, во однос на добивката исто така имаме направено значителен напредок и е остварен раст од 21,8%. Имено, добивката на Банката за 2017 година изнесуваше 8,77 милиони евра, додека, пак, во 2018 година надмина 10,6 милиони евра.

Притоа, значајно е да се истакне дека во текот на 2018 година со еднаков интензитет се работеше и на инвестиции за зголемување на нашето портфолио, но и на интерни организациски проекти што имаа цел унапредување на севкупната ефективност и ефикасност, што во крајна линија води кон создавање подобра услуга за нашите клиенти.

Нашите залагања и активности во текот на изминатата 2018 година уште еднаш покажаа дека Халкбанк АД Скопје продолжува со воведување нови практики и модели во работењето, со едновремено задржување на квалитетот на услугата и профитабилноста.


Какви се состојбата и растот на кредитите и депозитите? Какви се процените за кредитирање на корпоративниот сектор?

Растот на кредитите и на депозитите во текот на 2018 година беше повеќе од солиден. Имено, растот на нето-кредитите на нашата Банката во текот на 2018 година изнесува 19,6%. Во таа насока, значајно е да се истакне дека депозитите од клиенти се зголемени во текот на 2018 година и дека, изразен во проценти, растот на депозитите од клиенти изнесува 12%. Вкупниот раст на активата на банката во 2018 година во однос на 2019 година изнесува приближно 12%.

Минатата година растот на бруто-кредитите во секторот изнесуваше 5,9%, а на депозитите 5,1%. Ако се анализираат движењата на растот на кредитите и депозитите на месечно ниво, пак, во последните месеци на 2018 година може да се забележи дека има позитивни трендови во однос на растот на кредитите и депозитите.

Во целина, може да се констатира дека банкарскиот сектор во земјава е стабилен и во изминатата година се интензивираше растот, пред сè, на депозитите, но и на кредитите, како и дека Халкбанк АД Скопје и натаму расте со побрзо темпо од стапката на раст остварена на ниво на сектор. Нашата банка оваа година оствари одлични резултати и во делот на кредитите и во делот на депозитите. Ние остануваме посветени на нашите заложби за континуиран и стабилен раст, и независно од трендовите во секторот, секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет на нашите клиенти, па оттука произлегува и успехот.
Македонската економијата, барем според податоците, почна да заживува. Какви се вашите процени, може ли да се очекува зголемување на инвестициите во корпоративниот сектор?

Со стабилизацијата на политичките процеси во земјата очекувано е заживување на економијата. Имено, и последните оцени објавени од страна на ММФ посочуваат дека се очекува забрзување на растот на економијата во текот на 2019 година, а тоа, пред сè, ќе биде одраз на зголемувањето на инвестициската активност.

Покрај тоа, ако се земат предвид и напорите што се вложуваат за спроведување структурни реформи во рамките на државата, како и мерките од страна на централната банка во текот на изминатата година што имаа цел монетарно релаксирање за поддршка на заживувањето на економската активност, секако дека се очекуваат нови инвестиции. Верувам дека мудрите одлуки во подрачјето на економската и монетарната политика ќе дадат резултат што ќе има одраз и врз растот на економијата во целина.

Притоа, важно е да се напомене дека банкарскиот сектор и натаму останува стабилен и дека банките се висококапитализирани и ликвидни, при што верувам дека ќе дадат значаен придонес во заживувањето на реалната економија. Банките досега беа важен партнер на корпоративниот сегмент во остварување на новите деловни потфати, активност што ќе продолжи и во иднина.
Иновативноста во процесите и услугите се чини станува поле на кое се случува важен натпревар меѓу македонските банки. Каква е состојбата во Халкбанк, какви новини може да се очекуваат на полето на дигитализацијата на работењето и услугите?

Примената на новите технологии и дигитализацијата на процесите на работењето претставуваат глобални трендови. Секако дека технологиите се особено значајни и за работењето на банките, и поради тоа сите настојуваат во своето работење да ги имплементираат на начин што ќе овозможи унапредување на производите и услугите.

Халкбанк Ад Скопје во своето работење има прифатено еден многу значен принцип, а тоа е создавање производи и услуги според мерката на клиентот. Таканаречениот пристап „tailor-made“ претставува значен дел од нашата организациска култура и ние секојдневно вложуваме напори во изнаоѓањето начини за унапредување на производите и услугите во насока на пресретнување на потребите на клиентите. Покрај пристапот, важно е да се напомене дека од моето назначување за Претседател на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје започнати се низа проекти чија цел е создавање производи специјално наменети за одредени групи потрошувачи.

Ако погледнете наназад во остварувањата на Халкбанк АД Скопје на ова подрачје, може да согледате дека континуирано се имплементирани иновативни процеси во работењето: сопствен центар за процесирање на картичките, нови и надградени АТМ-и и ПОС-терминали, електронско банкарство, електронска комерција итн. Од 2016 година е воведен највисоко рангираниот меѓународен стандард за информатичка сигурност PCI DSS v3.1 во процесирањето на платежните картички, како и континуирана имплементација на иновации во системот за „fraud management“. Ние сме првите што на македонскиот пазар понудивме можност за бесконтактно плаќање, како и опција „Smart Cash“ за повлекување готовина од автомат без користење картичка.

Во тек се и проекти за нови верзии на апликации за „iBanking“ и за корпоративниот сегмент и за сегментот население, при што значајно е да се истакне дека за сегментот население се предвидува и воведување опција за онлајн депозити.


Кои се стратешките цели на Халкбанк за годинава? Во кој сегменти планирате да го насочите работењето?

Стратешките цели на Банката и во наредниот период вклучуваат задржување на позициите како една од водечките банки во секторот, остварување стабилен раст и одржливо ниво на профитабилност, како и градење препознатливост на партнер на малите и средни претпријатија, но и на граѓаните, преку секојдневно вложување напори за воведување иновативни производи што ќе ги антиципираат нивните потреби.

Согласно нашите стратешки планови, Банката има намера да го продолжи растот. Имено, согласно нашите очекувања, растот на вкупната актива во наредниот петгодишен период во просек се очекува да биде околу 8 %, додека, пак, растот на нето-кредитите околу 8,5%. Притоа, во наредниот период се очекува да се зголеми учеството на кредитите на населението во вкупното портфолио на Банката, како што покажуваат и трендовите во секторот. Во однос на депозитите од клиенти во наредните години, се очекува интензивирање на растот, пред сè, во делот население. Просечниот раст на депозитите од клиенти во петгодишниот плански период се очекува да биде приближно над 9%.

Покрај тоа, и во идниот период Банката ќе продолжи со воведување новини и инвестиции во својот раст и развој. Имено, Халкбанк АД Скопје во следните пет години ќе се потруди целосно да ги имплементира деловниот модел и начинот на работење и функционирање на Халкбанк АШ Турција, што всушност значи континуирано унапредување и воведување новини на македонскиот пазар.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×