Да престанат политичките апсурди оти заслужуваме да живееме во просперитетна држава
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2016
IMG_4529
Академикот Таки Фити од неодамна стана нов претседател на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), меѓутоа, ова интервју го направивме во неговиот кабинет на Економскиот факултет. Иако во неговата кариера многу пати извршуваше многу битни функции, беше министер за финансии, гувернер на Светската банка за обнова и развој, вицегувернер на ММФ, консултант на ОЕЦД, советник на претседателот на државата, на гувернерот, сепак, вели дека професорскиот кабинет му е најомилен. Во ова прво интервју откако застана на чело на МАНУ, академик Фити јасно и гласно зборува за анимозитетот меѓу политичарите што оди до апсурд и ги малакса граѓаните, сугерирајќи им да ја „спуштат топката“ оти заслужуваме да живееме во демократска и економски просперитетна држава. Тој предупредува и за катастрофалните последици што ќе ги претрпи Македонија ако властите не го спречат масовното иселување, особено на младите образовани луѓе, за трошењето на народните пари, за неговата визија за МАНУ во следните четири години.

 

Г – не Фити, која е Вашата визија за Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) како нејзин претседател во следните четири години? Ќе успеете ли да ја промените нејзината улога во општеството во институција од каде што ќе доаѓаат решенија за проблемите што за властите ќе бидат фактор?

- Еден од значајните приоритети на МАНУ во идниот период ќе биде и јакнење на нејзината советодавна функција. Практика е во многу национални академии во светот, во рамките на академиите, да се формираат постојани и ад – хок групи, составени од академици, но и од компетентни кадри надвор од академиите, од кои Владата и другите соодветни институции – владини, паравладини итн., можат да побараат расправи и совети за значајни прашања од одделните научни области, од сферата на уметностите и пошироко за круцијални општествени прашања и проблеми и да чујат што за тоа кажува науката (светската и домашната). Јас сум свесен  за фактот дека насекаде во светот науката е таа што советува, што нуди алтернативни решенија и дека политиката е таа што одлучува, но тоа не ја амнестира ниту науката ниту политиката од одговорноста за отсуство на заемна соработка. Ваквата функција на националните академии во светот не е случајна, напротив таа треба да се гледа во контекст на фактот дека академиите на науките се тие кои го интегрираат и синтетизираат националното и пошироко светското знаење во сите сфери на општеството.

Значи ли дека економијата ќе добие поважно место на агендата на МАНУ со оглед на тоа што тоа е ваша специјалност како професор на Економскиот факултет? 

- Значењето на економијата е неспорно, но значајни се и другите науки (општествени, природни, технички), како и уметностите – зошто без целината и без интердисциплинарен пристап не е можно да се осигури комплексноста на развојниот процес во општеството.

За време на Вашиот избор, најавивте документ со приоритети за политичкиот и економскиот развој на земјата што ќе го доставите до Владата. Кои се според Вас итните реформи што мора да ги спроведат властите за да се подобри бизнис климата и да се отворат што повеќе фабрики?

- За стабилен и оддржлив развој на Македонија во иднина неопходно е јасно да се дефинираат и разработат, со научен пристап, приоритетните и круцијални прашања во одделните сфери на општественото битисување. Во сферата на економијата, на пример, јас би издвоил неколку клучни приоритети: (1) дефинирање на модел на економски развој, иманентен на современите пазарни економии, т.е. модел во кој приматот во развојот му припаѓа на приватниот сектор, додека државата (Владата) ги креира општите услови на развојот, т.е. креира поволна, пријателска бизнис клима, во смисла на инкорпорирање на поттици во системот кои ќе ги охрабрат фирмите продуктивно да инвестираат, да ги шират бизнисите и да создаваат нови работни места. По Големата рецесија од 2007 – 2009 година, во светот веќе постои јасна тенденција на повлекување на владите од претераното инволвирање во економската активност и таквата траекторија треба да ја следиме и ние; (2) квалитативно подобрување на состојбите во сферата на образованието, науката, истражувањето и развојот и иновативната активност е вонредно значаен приоритет. Овде станува збор за заемно поврзани квалитативни фактори на економскиот раст чијашто целина носи синергетски развојни ефекти. Во современата економска литература се повеќе се укажува дека иновациите и претприемништвото се носители на динамизмот во економската активност; (3) јакнењето на квалитетот, кредибилитетот и ефикасноста (капацитетот на дејствување) на институциите, подеднакво на национално и локално ниво, е вонредно значаен фактор за динамизирање на растот. Колку е значајно ова прашање за нас, во услови на актуелнава политичка и општествена криза, е излишно да се говори; (4) забрзување на евро – атлантските интеграциони процеси за мала и отворена економија, каква што е Македонија, е фактор од непроценливо значење за идниот раст и развој. Очевидно, овде станува збор за четири клучни приоритети, кои даваат можност, во нивни рамки, да се елаборираат најзначајните и најгорливите економски (и не само економски) прашања со кои денес се соочува нашето општество и да се синтетизираат препораки и сугестии за креаторите на политиките. Патем кажано, треба да се напушти практиката на дефинирање на голем број приоритети, бидејќи во таква ситуација приоритетите, de facto, и не постојат. Мислам дека, на сличен начин, треба да се дефинираат приоритети и во други области – уметностите, културата и сл. МАНУ, преку научни проекти и бројни научни собири, веќе работи на овие прашања и ние во иднина, во рамките и на одбележувањето на нашиот голем јубилеј (50 години МАНУ – во 2017 година) ќе излеземе со таков документ. Подолгорочно, неопходно е да се работи и на комплексна развојна стратегија на Република Македонија.

 

Некои извештаи како Doing business ја рангираат бизнис климата во Македонија високо, па дури и пред Германија. Сметате ли Вие дека Македонија има подобри услови за водење бизнис од Германија?

- Подобрувањето на клучните сегменти на бизнис климата е одговорност на централната влада, но и на локалните влади (единиците на локалната самоуправа). Скратувањето на времето за регистрација на фирми, т.н. “регулаторна гилотиња“, подобрувањето на ефикасноста на катастарот, рамниот данок и сл, се сфери во кои во последниве години е постигнат напредок. Но други значајни сегменти на бизнис климата и понатаму се проблематични. Тоа особено се однесува на хипертрофираната  и неефикасна  јавна администрација, слабостите во судскиот систем и ефикасноста на извршување на договорите, корупцијата, инволвирањето на политиката во бизнисот, лошата состојба со регионалната и локалната инфраструктура (лоши патишта, лоша комунална инфраструктура и сл.). Doing Business, состојбата на бизнис климата ја искажува преку т.н. композитни индекси кои даваат некаква апроксимација за напредокот во оваа сфера. Ваквата методологија има одредени слабости за кои се свесни и нејзините креатори – на пример, ако направите модерна законска регулатива во одредена сфера, рангот на земјата можете значајно да го подобрите. Но ако отсуствува имплементација на регулативата (што е слабост на многу земји од Југоисточна Европа), работите суштински не се промениле. Ако го споредувате квалитетот на одделни сегменти на бизнис климата, на пример даночното оптоварување, Македонија со рамен данок, т.е. ниско оптоварување на бизнисот и на доходот на граѓаните, ќе покаже подобра позиција од Германија. Но тоа не значи дека имаме поповолна инвестициона клима од Германија, бидејќи според други релевантни сегменти на бизнис климата (антимонополска контрола, пристап на фирмите до средства за финансирање на растот, софистицирани мерки за поддршка на малите бизниси, т.е. ризичен капитал, лизинг, франшизинг, бизнис инкубатори, технолошки паркови, субконтрактниг, кредибилитет и ефикасност на институциите итн. итн.) Германија стои неспоредливо подобро не само во однос на Македонија, туку и во однос на многу други земји членки на ЕУ.

Просечниот економски раст во земјава во последните пет години е само 2,2%, а проценките на меѓународните финансиски институции за следната година се движат околу 3%. Доволна ли е оваа стапка на раст за земја во развој како што е Македонија, што притоа се претставува како втор најдобар успех во Европа и како може да ги достигнеме стапките на раст над 6% што ги ветува секоја власт?

- Стапка од 6% е тешко остварлива за земјата (остварена е само во 2007 година), бидејќи релевантни студии од оваа област (вклучувајќи ги тука и оние на Светската банка) потврдуваат дека т.н. стапка на раст на потенцијалниот БДП на Македонија се движи во распонот помеѓу 4,8 до 5,5%. Ако претпоставиме дека со стапка на раст на БДП од 5% – 5,5%, македонската економија функционира на својот потенцијал, тогаш е јасно дека тоа се случи само во годините 2006, 2007 и 2008. Потоа се почувствуваа ефектите од Големата рецесија и стапките на раст значајно се намалија, а во годините 2009 и 2012 македонската економија оствари негативни стапки на раст. Од друга страна,  многу пати до сега е кажано дека без подолгорочна серија на раст на БДП, со стапки блиски или нешто над потенцијалот на економијата, ефектите од растот тешко се ефектуираат врз подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Другиот проблем е во сферата на распределбата на доходот. Ако таа е неправедна, значи ако голем дел од плодовите на растот завршуваат кај мал сегмент од популацијата (на пример, кај најбогатите 10% или 20% од вкупната популација), сиромаштијата продолжува да егзистира и понатаму. Во иднина е неопходно напорно да се работи на подобрување на клучните сегменти на бизнис климата и приватниот сектор (секторот на претпријатијата) да стане основен двигател на растот преку пораст на инвестициите и оспособување на економијата да продуцира нови продуктивни вработувања.

Економските причини доведоа и до масовен егзодус на македонските граѓани во последните години. Која е опасноста за државата доколку овој тренд продолжи и како може да се спречат иселувањата, особено на младите образовани луѓе?

- Масовното иселување на младата и високо образована популација од земјата е сериозен проблем. Ова, дотолку повеќе што Македонија, според показателот истражувачи со полно работно време (еквивалент) на 1 милион жители, стои многу полошо од голем број земји на Југоисточна Европа, доста полошо дури и од Србија, Црна Гора и Хрватска. Долгорочно гледано, решението на проблемот е во динамизирање на растот преку инвестициите на приватниот сектор и отворање нови продуктивни работни места. На краток рок, мислам дека многу брзо, промптно, треба да се реагира и да се изнајдат можности на нашите најдобри дипломирани студенти, магистри и доктори на науки, да им се овозможи лесен пристап за вработување во земјата, за да се спречи нивниот одлив во странство. За тоа е неопходно политичарите и научните работници (од универзитетите, МАНУ и другите научни институции) да договорат јасна динамика за вработување на нови млади научни кадри во сите научни институции. Трошоците за вработување на овој дел од популацијата би биле занемарливи во однос на долгорочните последици што земјата ќе ги трпи од губењето на човечкиот капитал преку одливот на младата високообразовна популација во странство.

IMG_4541

Долгот на државата во последните пет години е двојно зголемен, а властите најавуваат дека во следните три години ќе се задолжат за уште две милијарди евра. Колку е одржлив јавниот долг имајќи предвид како се трошат позајмените пари? Каква е опасноста Македонија да се доведе во ситуација да не може да ги враќа долговите?

- Во моите трудови и јавни настапи редовно сум укажувал дека креаторите на економските политики треба да бидат крајно претпазливи во однос на создавањето на буџетските дефицити, бидејќи тие водат до кумулирање и пораст на јавниот долг на земјата. Во екот на глобалната финансиска криза, т.е. по 2008 година, кога земјата креираше буџетски дефицити од 2,5% до 2,8% од БДП, моето мислење беше дека тие можат да се третираат како нормална антициклична мерка во време на рецесија, но и дека тие брзо треба да почнат да се редуцираат под 2,5%. Да потсетам дека подоцна, на ваква претпазливост упатуваа и анализите на ММФ – во рамките на проверката на критериумите врзани за т.н. Кредит за претпазливост експертите на ММФ сугерираа дека веќе по 2011/ 2012 година, Владата треба да ги намали буџетските дефицити на 2,2% од БДП и да преземе натамошни редукции во наредните години за да се создаде фискален простор за интервенции во случај на опаѓање на економската активност во иднина. За жал тоа не се случи. Напротив, според податоците на НБРМ, во 2013 година буџетскиот дефицит достигна 3,9%, а во 2014 година 4,2% од БДП. Така, состојбата со задолженоста на земјата стана загрижувачка поради следниве причини: (1) динамиката на пораст на јавниот долг е неодржлива – за шест години тој, фактички, е дуплиран; (2) бруто надворешниот долг на земјата (овој го содржи и долгот на корпоративниот сектор) надмина 70% од БДП и според овој критериум земјата е високо задолжена; (3) нормалното сервисирање (исплата) на долгот е во тесна корелација со извозните приходи на економијата, а Македонија се уште е земја со слаби извозни перформанси  (и покрај определеното подобрување на структурата на извозот од аспект на  степенот на финализација на извозните производи евидентно во последниве неколку години); (4) земјата во голема мера го редуцираше својот фискален простор со непродуктивни јавни инвестиции. Оттука, за да се избегне понатамошно зголемување на товарот на долгот (со сите негативни импликации што од тоа произлегуваат), неопходно е да се утврди јасна динамика на фискална консолидација, т.е. на намалување на буџетските дефицити, се разбира, преку елиминирање на непродуктивната владина потрошувачка и преку пристапи кои во поновата економска литература од оваа област се прилично добро елаборирани.

Кога денес би биле повторно министер за финансии, би дозволиле ли најголем дел од народните пари да се трошат за плати за администрацијата, пензии, социјална помош или за споменици, плоштади и фасади? Кои се економски оправдани проекти во кои што треба да вложува државата, а ги нема?  

- Јас верувам дека Македонија, доколку земјата на политички план “заплива“ во помирни води, преку добро конципирана фискална консолидација, се уште може да ги поправи состојбите во фискалната сфера. Фискалната консолидација е долг и мачен процес и тој претпоставува реализација на сериозни реформи во економската и не само во економската сфера: комплексна анализа на структурата на буџетските трошоци за да се избере соодветен пристап за рационализација на јавната администрација и за подигање на капацитетот на нејзино дејствување, за елиминирање на бројните форми на непродуктивна и нерационална буџетска потрошувачка – административни згради, мебел, автомобили, споменици и сл, за редефинирање на критериумите за социјални трансфери, субвенции итн. итн. Тоа би требало да отвори простор за нормално функционирање на буџетот -  за исплата на плати, пензии, социјални трансфери, главно од редовните буџетски приходи, и за користење на буџетските дефицити за продуктивни владини проекти – патишта, модернизација на железницата, гасификација, истражување и развој и сл. Фокусирањето врз клучните реформи ќе го поттикне економскиот раст,  а тоа е најдобра потпора за успешна фискална консолидација – забрзаниот раст води до намалување на учеството на долгот во бруто домашниот производ, т.е. до намалување на степенот на задолженост на земјата.

Каква очекувате дека ќе биде следната година? На политички план не очекуваат предвремени парламентарни избори, судски процеси што ќе произлезат од специјалното обвинителство а во кои се инволвирани високи политичари и од власта и од опозицијата. Колку ваквите турбуленции може да се одразат врз економијата и да предизвикаат нова криза?

- Проаѓаме низ длабока и сериозна политичка и општествена криза. Ваквата ситуација не може, а да не се одрази врз економијата на земјата. Во економската наука е одамна познато дека очекувањата на луѓето и на економските субјекти за она што ќе се случува во иднина имаат круцијално значење и силно влијание врз состојбата на економијата. Ако песимистичките очекувања надвладеат, т.е. ако луѓето очекуваат лоши времиња, тогаш, поттикот кон инвестирање малаксува, склоноста на луѓето кон потрошувачка намалува и тоа води кон економски кризи. Оттука, навистина е тешко е да се прогнозира што, de facto, ќе се случи. Во ваква ситуација можеме само да се надеваме дека разумот ќе преовлада, да сугерираме до раководствата на политичките партии да ја “спуштат топката“, да го релативизираат заемниот анимозитет кој оди до апсурд, да разберат дека граѓаните на Македонија заслужуваат да живеат во демократско и економски просперитетно општество. Периодот до предвремените избори е критичен за нашата земја. Неопходно е да се реализира договорот од Пржино, да се организираат фер и демократски избори кои ќе бидат верифицирани од меѓународната заедница, за да можеме да “впловиме“ во помирни води, да ги забрзаме евро – атлантските интеграциски процеси и да отвориме перспективи за подобра и посреќна иднина на Македонија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×