Да се биде Марко
Објавено на од во Колумни

SinadinovskaАнкетата на ИРИ откри дека мнозинството граѓани ќе го поддржат референдумот, ама и дека точно прават разлика помеѓу успешна и неуспешна политика. Паралелно со пофалбите за водењето на надворешната политика и транспарентноста, тие имаат сосема прецизни забелешки во областите на владеењето на правото, борбата со корупцијата и организираниот криминал, кадровската политика, подобрувањето на бизнис климата и условите за живот. Ова значи дека македонскиот граѓанин точно ги дефинирал стратешките државни интереси, го препознал патот што води до нив и знае дека да се стаса таму значи единствена можност вистинската битка против сите тендерољупци и политички профитери, битка за политика  на одговорност и на визија, битка за општество во кое конечно најдобрите ќе бликнат на површина, таа битка конечно да почне.

Голема радост донесе веста дека детето од Охрид, Марко Пејчиноски го преплива Охридското езеро. Марко има само 12 години, но и некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на нарушување на крвотокот што доведува до проблеми со моториката, два моменти што неговиот успех го искачуваат на ниво на подвиг. Но, доволно е само малку да прочитате за него, од луѓето кои го познаваат или да погледнете некоја негова изјава, за да сфатите дека победата на Марко, е сосема очекувана и воопшто не треба да изненади.

Еден од неговите доктори, на пример, вели:

“Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете. Знае како тоа да го синхронизира. Јас немам видено таква волја. Ова што денес го направи е голем подвиг кој ќе се памети”.

Самиот Марко, пак, во пресрет на потфатот кажа:

“Некои мислат дека ќе испливам, некои велат дека е тешко и нема да успеам, а јас 100% сум сигурен дека ќе го препливам Охридското езеро”.

Невидена волјa и стопроцентна убеденост за и во реализацијата на сопствената мисија. Не е можно да ги поседувате двете и да не успеете, тоа е пораката на ова дете  до јавноста, а со оглед на фасцинацијата и восхита што можеше да се забележи и во известувањето на медиумите и во реакциите на социјалните мрежи, таа порака соодветно и беше испратена.

Но, дали е истата соодветно и примена?  Колку е македонската јавност подготвена да слуша приказни за исполнети мисии и цели, за истрајна борба?  За таква, стопроцентна убеденост и посветеност. За влијанието на сопствените капацитети и ангажираност  врз крајниот резултат, фактори што се помоќни од надворешните околности и сили што влечат удолу (Марко во деветчасовниот потфат немаше помош од временските прилики, напротив, работата му ја отежнаа бранови и северен ветер).

Ова општество со години живее(ше) во грижливо создавано и негувано чувство на немоќ, паралелно со лажна перцепција за сопствените и големина и квалитети. Сраснати со улогата на жртви,  наративот беше јасен – ние сме најдобри, највеличествени и најспособни, но таму сме на дното на сите можни листи кои мерат квалитет на живот поради голиот факт дека светот не’ мрази и дека реалноста не’ исправила пред нефер предизвици наметнати од надворешни фактори (лоши соседи и пресметливи светски сили). Во ваквата улога македонскиот граѓанин сосема се занесе, па од жртва на светската неправда, лесно прифати сопствениот успех (ама и оној колективниот, на државата) да биде жртва и на домашните “надворешни” фактори. Не е јасно дали други некои граѓани би презентирале еднаков стоицизам во прифаќањето и помирувањето со агресијата со која моќниците (и тоа под знамето на патриотизмот, каква дрскост!) со години ги пљачкосуваа нивните џебови. Не е јасно дали некој друг народ еднакво и стоички ќе издржеше доказите за ваквата ненормална пљачка да му бидат дадени на увид, а на следните избори повторно стотици илјади граѓани да посакаат грабежот да продолжи, исто како што не е јасно и дали некој друг народ ќе толерираше најотворени обиди од новата власт за легитимирање на дел од структурите кои директно беа учесници во овие процеси.

Тука некаде се исцртуваат менталитетните  одредници на македонските граѓани, граници кои ја обележуваат територијата на политичката апатија и конформизмот, граѓанската свест и одговорност, ама и на суровиот прагматизам и сфаќањето на политиката како дисциплина во која избраните се таму за да живеат на грбот на избирачите.

Првенствено затоа (иако има и други фактори, но првенствено) денеска кога македонските граѓани се конечно исправени пред историската можност за реализација на суштинските национални интереси тие или барем дел од нив, не само што се исплашени и збунети, туку се дури и сомничави околу самите цели како такви, цели на кои се потрошени цели генерации и години (земајќи го времето и човекот како најбитен ресурс) со дилема дали да се испливаат последните сто метри или да се вратиме на стартот на трката, чекајќи поубаво време.

Затоа, во целата хистерија околу решавањето на спорот со Грција, создавачите и поддржувачите на лагите дека Македонците го губат идентитетот, свесно (пострашно ако е несвесно) го изоставаат моментот што дури и секој еден Грк јасно го гледа (погледнете ги последните изјави на Кумоцакос на пример) – дека токму со затворањето на овој спор нашето национално достоинство се крева далеку над дилемите што светот ги имал околу тоа кои сме, каков јазик зборуваме и што нас не’ дефинира како  Македонци. Еднакво неверојатна е и плиткоста, та дури и злобата што извира од интелектуалните крици на разните сезнајковци кои упорно се фокусирани на влакната во јајцето, немоќни да ја видат големата слика што маестрално ја наслика  европскиот амбасадор во  Македонија поклонувајќи се пред јазикот на Конески и на Матевски. Оваа шуплива перцепција сериозно загрижува, оти сведочи за елементарен дефицит на свест за моментот, ама и на волја и на посветеност во остварувањето на државната мисија, таа на татковината. Нема покомотна позиција од онаа во која залегнати во сопствените удобни микрокосмоси држиме лекции за сите нешта кои ние несомнено би ги направиле подобро, само што никогаш не сме се нафатиле, или уште поинтересно, сме биле на позиција а не сме ги направиле.

Тука некаде е апсолутно и опозицијата заглавена во безобразната битка за граѓаните, ама и правниот систем да заборават и да простат, таа, групација наречена политичка партија, со дејци кои додека Жбогар го велича, тие и ден денес го газат и плукаат врз сето она на што Конески не’ учеше и со што  не’ задолжи, дејци кои низ целиот процес на преговори не се заситија од манипулациите и лагите создавани што од нив самите, што од смрдливите североисточни кујни.

Не до крај прецизни, се и тезите дека ние мора по секоја цена да влеземе во НАТО што побрзо имајќи ги предвид регионалните политичко – безбедносни ризици виза ви косовското прашање и се’ поактуелната дискусија за промени на границите. Таман и да се сосема реални овие стравови, ние мора да сме начисто дека влезот во ЕУ, и влезот во НАТО не смее да се производ на страв, туку на цврста волја за остварување на нашата зацртана цел како држава. На позитивната емоција и нагонот  за победа и за промена. Оваа разлика во перцепцијата е многу битна. Заокружувањето на овој процес не е бегање, туку е соочување, производ е на македонска иницијатива и свест дека ова ни е мисијата. Ризиците биле различни и секогаш присутни, барем на Балканот постојано ги има, но фаќањето во костец со проблемот никако не е само производ на стравот од иднината, туку и на силната желба на овој народ токму таа иднина самиот да си ја обликува. Суштинска е оваа нијанса во  разликите, суштинска, а малкумина ја гледаат.

Затоа, во вакви некои околности, како мелем на рана дојдоа податоците од анкетата спроведена од Центарот  за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) којашто открива дека најголем дел од македонските граѓани, вкупно 57% го  поддржуваат предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“. Истиот процент (57%) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име, а половина од анкетираните (49%) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22%, кои ќе гласаат против предложената промена.

Ова се одлични бројки гледани низ призмата на претходната анализа. Ова значи дека сепак исплашените и оние кои застрашуваат се помалку, а мнозинството граѓани ги препознаваат мотивите во сеењето на страв и заканите од наводното обезличување, но и дека ќе смогнат сили да се истера оваа битка до крај. Соочени пред можноста да се откажеме или да бидеме сите Марко, па уверени дека ќе успееме да се дрзнеме да успееме, да го избереме второто. Оваа одлука да се биде Марко, да се преплива и исплива до целта и покрај сите отежнувачки фактори, таа одлука мора да не’ води напред. Нема подобар доказ колку една победа може да обедини.

Оти, ние покрај отежнувачките сили имаме и еден ветер в грб, а тоа се останатите податоци од Анкетата кои покажуваат дека граѓаните зреат. Тие точно прават разлика помеѓу успешна и неуспешна политика. Погледнете само како паралелно со пофалбите за водењето на надворешната политика и транспарентноста, тие имаат сосема прецизни забелешки во областите на владеењето на правото, борбата со корупцијата и организираниот криминал, кадровската политика, подобрувањето на бизнис климата и условите за живот. Ова значи дека силите што ќе инсистираат на промени во оваа земја само ќе растат. И нема да може да бидат скротени со пропаганда или со политички трикови. Ова значи дека македонскиот граѓанин точно ги дефинирал стратешките државни интереси, го препознал патот што води до нив, ама и дека добро знае оти да се стаса таму значи единствена можност вистинската битка против сите тендерољупци и политички профитери, битка за политика  на одговорност и на визија, битка за општество во кое конечно најдобрите ќе бликнат на површина, таа битка конечно да почне. Во таа битка, малкумина ќе испливаат…. Ама некој сепак ќе биде Марко. И за тоа вреди борба.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×