Да се успијат сеќавањата за злосторот, а правдата да остане будна
Објавено на од во Политика

24-25-1Помирувањето е (не)возможна мисија

Принципот на казнивост, одговорност и борбата за правда се основните темели врз коишто Владата на Заев ја изгради својата политичка платформа. Граѓаните испорачаа доверба токму за да видат дека оние кои злоупотребија народни пари, позиции и се обидоа да ја урнисаат државноста ќе бидат соочени со санкциите на правниот систем. Газејќи по тенката линија во обидот да се најде совршениот баланс и одговор на прашањето каде да почне и каде да заврши процесот на амнестија, Заев всушнсот жонглира и со сопствената политичка визија и суштината на неговите ветувања

 

Да се спроведе процесот на таканареченото национално помирување, за да се обезбеди неопходната поддршка на опозицијата за уставните измени, а притоа да не се загрозат столбовите на правната држава – влегува ли Владата на премиерот Зоран Заев во практички невозможна мисија?

Ако се спроведе помирувањето, тоа ќе значи дека ќе има амнестирани за настаните од 27 Април, што е директно мешање на политиката во судските одлуки и во текот на правните процеси. Ако пак не се случи политичка одлука за да се пренасочи патот што правдата би го врвела во една нормална демократска земја, тогаш се загрозува имплементацијата на Преспанскиот договор, со тоа интеграциите на земјата, а со тоа и шансите за реални реформи и трансформација на Македонија токму во нормална демократска земја каде што ваквите дилеми нема да бидат тема.

На почитувањето и споредувањето на владеењето на правото инсистира и самата Европска Унија. Во заклучоците од состанокот на Советот на министри од летоска, стои дека покрај решението на спорот за името со Грција, Македонија мора да испорача резултати во областа на итните реформски приоритети – правосудството, реформа на јавната администрација и разузнавачките служби како и зајакнување на борбата со корупција. Но, она што е најважно – принципот на казнивост, одговорност и борбата за правда се исто така и основните темели врз коишто Владата на Заев ја изгради својата политичка платформа. Граѓаните испорачаа доверба токму за да видат дека оние кои злоупотребија народни пари, позиции и се обидоа да ја урнисаат државноста ќе бидат соочени со санкциите на правниот систем. Оттука, газејќи по оваа тенка линија во обидот да се најде совршениот баланс и одговор на прашањето каде да почне и каде да заврши процесот на амнестија, Заев всушнсот жонглира и со сопствената политичка визија и суштината на неговите ветувања, па и со сопствената политичка кариера.

Како ќе се развива процесот, дали тој во суштина ќе помогне на европските интеграции, или дополнително ќе ги искомплицира оти ќе ја извалка суштината на реформите во правосудството, ќе зависи и од структурата на новиот законското решение со кое тој ќе се регулира. Според владини извори, околу неговата содржина во тек се интензивни консулатации и помеѓу партиите и со академската заедница, но до крајот на неделава се очекува да биде изготвена нацрт верзијата.

 

26Газење по жица

Премиерот Зоран Заев верува дека двата процеси, тој на помирување и тој на спроведување на правдата можат да се спроведат без да се исклучат меѓусебе:

„Волја и желба постојат, но црвените линии не смеат да се поминуваат. Треба да се разграничи што е насилство, а што не, што е тоа насилство, а што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.“ вели премиерот сакајќи очигледно да исцрта линијата што оние „заведените и понесените“ ги носи на истата страна каде што се и прошката, ама и правдата и европските вредности.

Тој понатаму вели:

„Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна динстикција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои“ .

Пратеничката Емилија Александрова, којашто беше дел од ВМРО –ДПМНЕ, а која откако даде поддршка на Договорот од Преспа стана независна (заедно со другите шестмина од нејзината група), вели дека ова се сензитивни моменти за македонскиот народ и оти нема место за импровизации и манипулации со националните чувства:

„ Сите мора да бидеме искрени и да веруваме во овој процес затоа што ние немаме резервна држава, а нашата држава мора да се движи напред кон евроатлантските интеграции“.

Александрова вели дека се очекува подобрување и на општата атмосфера во земјата особено после процесот на помирување, кој според неа е пресуден за нашата држава.

„Ние сме транспаренти и се надеваме дека со таа транспарентност ќе охрабриме повеќе пратеници да се вклучат во овие процеси. Реформите, интеграциите и помирувањето одат заедно, бидејќи еден без друг нема да дадат квалитетно решение кое е потребно за државата. Затоа очекувам и верувам дека сите учесници во овој процес како и досега ќе останеме доследни ќе покажеме разумниост и секој во својата сфера ќе си придонесе да се реализира комплетно овој процес“ вели независната пратеничка.

ВМРО – ДПМНЕ остануваат надвор од овој процес. Тие не учествуваат во телото за помирување оти бараат Закон за општа амнестија. Ако правдата ги амнестира сите инволвирани во настаните од 27 април, тогаш партијата енма проблем со мешањето на политиката во судството, па ако се суди според изјавите на координаторот на пратеничката група, Никола Мицески, тие во тој случај, ќе ги почитуваат одлуките на Телото за помирување:

„Ако тоа координативно тело што ќе работи на помирување донесе одлуки и ставови што ќе бидат прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа значи неселективна правда и можност за учество и праведност кон сите учесници во настаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи неговите одлуките“.

Аналитичарите велат дека самиот процес на помирување дури и вака како што е замислен е прилично контрадикторен со идејата за правда и правичност, па оттука, каков било Закон за општа амнестија дополнително ќе ја урниса довербата во правниот систем. Клучната забелешка е што процесот се должи на политички пазар, наместо на инвестиции во суштинско помирување и борба против поларизацијата во општеството.

И додека се крои Законот што ќе објасни кој ќе биде смирен со правдата, а кој помирен со идејата дека ќе мора да одговара, судските процеси си течат откривајќи нови и нови детали за случувањата од тој ден, преку сведочења на обвинети. Последните денови јавноста ја разбранува сведочењето на Александар Василевски –Нинџа, еден од обвинетите, кој во својата одбрана истакна дека целата „операција“ за влез во Собранието била контролирана од штабот на ВМРО – ДПМНЕ со учество на високите партиски и некогашни државни функционери Сашо Мијалков, Билјана Бошковска Бришковска, Владимир Атанасовски, Митко Чавков, Миле Јанакиевски. Тој исто така откри дека протестите воопшто не биле резултат на изворен гнев на народот, туку дека организаторите биле плаќани од партијата, а демонстрантите и нивните емоции практички злоупотребени за политички цели.

Дел од посочените се веќе во притвор, но главниот идеолог и ликот синоним за улогата на ВМРО – ДПМНЕ, не само за 27 април, туку и низ деценијата на владеење на партијата, Никола Груевски избега во Будимпешта и побара азил од унгарската држава, претставуваќи се како жртва на политички прогон, токму во моментот кога требаше да оди во затвор за злоупотреба на државни пари. Неговото бегство и неуспехот на власта него да го соочи со отслужување на казната, е само дополнителен проблем во равенката како процесот на помирување ќе успее да се спроведе и да наиде на поддршка кај граѓаните жедни за правда.

 


Шефот на државата работел против државата!?

Во меѓувреме, се расплеткува и улогата лично на Претседателот Ѓорге Иванов, во настаните од 27ми. Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе ја испитува неговата вмешаност, но и онаа на неговиот советник за безбедност Синиша Алексовски и на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во крвавите настани. Ова е новиот момент во истрагата која ја водат неколку обвинители, а кој произлезе деновиве, откако Кабинетот на Иванов влезе во јавна преписка со Живаљевиќ, обвинувајќи се меѓусебно околу присуството на странскиот разузнавач во толпата која насилно упадна во Собранието.

Обвинителката од организиран криминал Вилма Русковска, која ја води истрагата, за „Сакам да кажам“ изјави дека во секој случај ќе се испита дали има поврзаност со организирање на крвавите настани.

„ Самото присуство на Живаљевиќ е од една страна дипломатски скандал, а од друга страна кривично дело учество во толпа, повторно ќе кажам, ако не се докаже учество во организирање“, вели обвинителката Русковска.

Дека ретседателот имал активно учество во настаните обвини и еден обвинетите з анастаните – Михаил Младеновски во својата одбрана пред судот. Тој рече дека тој настан бил креиран од структури во Управата за безбедност и контраразузнавање со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите. И дека конечната цел била прогласување на воена состојба:

„Синиша од кај претседателот Иванов ни кажа дека ќе се прогласи воена состојба и со воена полиција ќе се апси новото парламентарно мнозинството за државен упад. Таа неизвесност траеше до 22 часот, кога Иванов излезе и повика на смиреност и закажа лидерска средба“ изјави обвинетиот Младеновски

Претседателот ги отфрли обвинувањата како очаен обид да се дефокусира јавноста кон неговиот Кабинет.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×