Дали е време да увезуваме работници од странство?
Објавено на од во Економија

Rabotnici 4Недостатокот на квалификувани кадри ги алармира и бизнисмените и политичарите

Недостатокот на квалификувани кадри е проблем од кој се погодени сите индустрии, бидејќи се поголем е бројот на компании кои алармираат дека заради овој проблем е доведено во прашање континуитет во развојот на бизнисите, а на крајот и на македонската економија, која се бори на сите начини да обезбеди повисок економски раст. Увозот на работници во странство не е нешто ново и изминативе години многу земји во развој од регионот на Југоисточна и Централна Европа, како Полска, Романија, Хрватска…кои се соочуваа со забрзано иселување и одлив на работна сила, прибегнаа кон олеснување на престојот и работните визи за странци

Проблемот со наоѓањето на работна сила, поточно на квалификувана работна сила и на креативни и продуктивни работници, е проблем кој се чини ќе биде еден од најголемите предизвици на патот на развојот на компаниите и целата економија. Се поголем е бројот на бизнисмени и компании кои алармираат дека заради неможноста да најдат квалификувани работници се доведени во прашање плановите за иден развој на бизнисите.
Проблемот со недостаток на работна сила не е само проблем на македонската економија. И многу земји во развој од регионот на Југоисточна и Централна Европа во изминативе години се соочуваат со забрзано иселување и намалување на работна сила.
Неодамна ММФ предупреди дека регионот на Југоисточна, Централна и Исто чна Европа во следните 30 години ќе се соочи со намалување на работната сила за 30%.

Но, овој проблем е дотолку потежок за Македонија, со оглед дека сме мала земја со далеку поголеми ограничувања кога станува збор за човечките ресурси.

Јазот меѓу понудата и побарувачката во Македонија, се’ повеќе се стега како околу вратот на и онака кревката економија и се повеќе го ограничува развој.
Иселувањето, особено на младите е дополнителен проблем, на чие решавање треба да се работи преку овозможување подобри и поплатени работни места, но и подобрување на условите и квалитетот на живеење во земјава.

Но, и носење на решенија против оваа бела чума се потребни луѓе, чиј број се намалува од година во година. Едно од решенијата кое првично се наметнува се програми за преквалификација и доквалификација и разно-разни стимулативни мерки за зголемување на вработеноста, привлекување работници во гранките на индустријата и создавање на повисоко платени работни места.

Второто, се чини барем засега понепопуларно решение, е увозот на работна сила од трети земји. Впрочем тоа не е некаква еурека. Многу земји од нашето соседство и регионот веќе го направија тој „пионерски“ потег.

За таквото решение веќе отворено почнаа да зборуваат и некои од менаџерите на македонските компании, а коморите веќе работат на стратегии и предлог решенија со кои ќе се олесни ангирањето на работници од странство.
16ПЕЛАГОНИСКИТЕ СТОПАНСТВЕНИЦИ ПРВИ ПОБАРАА УВОЗ НА РАБОТНА СИЛА
Претседателката на Регионалната Стопанска комора – Прилеп,Ирена Јакимоска на средбата со Премиерот и владината делгација, која се одржа во април годинава со стопанствениците од Прилеп и Битола јавно проговори за увозот на работна сила од други земји и поедноставување на постапката издавање на работни визи за странци.
„Фактите се на страната на Пелагонискиот регион, бидјеќи 11 %  од додадената вредност на правните субјекти учествуваат во создавањето на Бруто домашниот производ во Македонија. Но,меѓу најгорливите прашања со кои тие се соочуваат е недостигот на оперативна кавалификувана работна сила.  Во однос на оперативната работна сила разговаравме и за увоз на работна сила од други земји и поедноставување на постапката за престој и издавањена работни визи на истите.Имаме и конкретни работни задачи на кои можеме да поработиме сите компании , задно со владините мерки од 20 милиони евра неискористени средства за тренирање на потенцијална работна сила“,велипретседателот на Регионалната Стопанска комора – Прилеп,Ирена Јакимоска.
Во соопштението кое произлезе од таквата средба беше посочено дека Премиерот Зоран Заев, пред бизнис заедницата од пелагонискиот регион, истакнал: „Она што му е битно на бизнис секторот е недостатокот на квалификувана работна сила. Светот се движи со давање на мобилност на кфалификувана работна сила, што значи дел од нашите квалификувани кадри кои неможат да најдат работа тука , можат да најдат работа надвор, но и дел од работната сила во соседството може да најде работа овде .Тоа е во делот на европската економска агенда  за регионот. Што се однесува до визниот режим за одредени земји, ако сакаат работници да дојдат во нашата земја , не само работна сила, туку и како турисит ,поттрошувачи …,тие дебати се отворени во Владата ,со министрите . Стопанствениците гледаат надеж за кфалификувана работна сила и во вавките  механизми”.
Отворајќи ја оваа тема, за проблемот со недостатокот на работници, како и увозот на работна сила како можност кризата да се претвори во шанса за стопанството, Капитал ја контактираше Ирена Јакимоска, генерален менаџер на прилепската конфекција Конфи Ангел
Таа вели дека конците се испуштени со тоа што државата не успеала да го контролира, суптилно, како што вели таа, движењето на стоките и луѓето .
„ Во држави како Македонија, со милион и половина житело, заминувањето на 200.000 лица може да предизвика крахирање и тоа по различни основи, не само во недостатокот на работна сила. Потешката основа е што нема приход. Стануваме непотрошувачка нација. ДДВ-то е главен извор во полнењето на државата со 41%. Ако тој приход се намали, тоа е има сериозни негативни последици “, вели Јакимоска за Капитал.
Како пример, таа ја посочува Прилепска пиварница, компанија која работи главно на домашниот пазар, за која вели дека заради истиот проблем, веќе се соочува со намален промет.
„ Намалувањето на потрошувачката веќе се чувствува. Не зборувам за компании кои што се извозно ориентирани, туку за оние кои работат главно на домашниот пазар. Во многу аспекти ова има негативни последици“, вели таа, и додава дека „до пред некое време баравме виза за да ја посетиме Германија, сега наеднаш и само со лична карта може да се работи надвор. “Што мене малку ми нема логика. Со тоа ние ја пополнуваме дупката на работна сила на Германија, но се сoздаде дупка во земјите кои се’ уште се земји во транзиција, т.е. земји во развој, кои доправ треба да се развиваат, што е многу тешко без доволно работна сила”, вели Јакимоска и потенцира дека игнорирањето на овој проблем довел до негова ескалација.
Јакимовска смета дека треба да размислуваме подалеку. “Конкуренцијата е многу здрава работа. Мене ми се допаѓа до некаде оваа ситуација со недостаток на работници, затоа што не е во ред на грбот на луѓето да се печалат големи профити. Треба да се има достоинствен пристап, затоа што тие се клучни во процесот на градење на капитал. Но, сега е веќе елементарно битно да се направи промена, и да се увезе работна сила”, вели таа и уверува дека на оваа тема веќе се разговара и во коморите и со Владата.

RabotniciЈакимоска вели дека од премиерот и Владата добиле уверување дека

е време да се размислува за национална стратегија за увоз на работна сила. Но, тоа не е така едноставно.
“Најлесен начин за почеток е со партиципација на потенцијални студенти. Ние и онака имаме многу универзитети. Тоа е едне од начините кој е побавен, но е подолгорочен и поквалитетен. Другиот начин е тоа што го направи на пример Бугарија, но и други земји, со увоз на работна сила. За решавање на ваквата ситуација мора државата да најде решение и да се донесе национална стратегија, а не овој проблем да биде оставен за решавање на поединци. На пример, јас можам да најдам работници од Филипини и за нив да обезбедам и сместување и плата и се. Но, процесот за вадење виза за таквите работници е многу бавен и тежок и ова е процес во кој зависиме од државата“, вели Јакимоска.
ИСТОЧНА ЕВРОПА ЈА ГУБИ РАБОТНАТА СИЛА
Проблемот со недостаток наработна сила веќе подолго време ги погодува земјите од Источна Европа, во кои, и покрај забрзаниот раст, платите главно стагнираат, а таквиот тренд во догледно време би можел да предизвика сериозни проблеми.
Австрискиот весник Der Standard наведува дека експертите предупредуваат дека иселувањето е еден од клучните проблеми за изостанок на растот на плати и покрај економскиот раст во источните членки на ЕУ, проблем кој во следните десетина години би можел да доведе до сериозни социоекономски проблеми.
Според проекциите, до 2045 година земјите како Чешка и Словенија ќе изгубат околу 18% од својата работна сила, додека Бугарија и Романија според проекциите се очекува да изгубат околу една третина од својата работна сила.
Овој тренд се случува и покрај тоа што економскиот раст во земјите од Источна Европа во периодот по финансиската криза од 2008 година беше поголем отколку во Западна Европа. Во меѓувреме, во најголем дел од овие земји, невработеноста значително се намали.
Од Естонија до Хрватска, од Унгарија до Бугарија, економиите растат побрзо отколку во остатокот од Европската Унија. Невработеноста во сите овие земји значително се намали од 2010 година. Но, со исклучок на Бугарија, ова не е проследено со пораст на платите.
Колку за споредба, во економски успешната Чешка платите стагнираат на нивото од 2010 година.
Од друга страна, Чешка има минимална невработеност од 2,2%, но се повеќе млади експерти до 30 години се одлучуваат да иселување во некоја од земјите на Западна Европа во кој платите се повисоки.
Економистот на Виенскиот институт за меѓународна економија, Марио Холцнер, пак, истакнува дека после кризата, продуктивноста и платите не се зголемуваат паралелно, како што беше случај претходно, туку дека работниците се попродуктивни, но помалку платени.
Тој истакнува дека стагнирачките плати доведоа до емиграција и иселување на на младите луѓе од цела Источна Европа.
Уште една последица на сето тоа е и забрзаното стареење на населението.
Како решение за проблемот, економистите од Виенскиот институт наведуваат дека е неопходно да се инвестира во образованието и да се создаде квалификувана работна сила, но и да им се зголемат нивните плати за да останат во сопствената земја.
Потребна е подобра координација на работодавачите и вработените, како и одржлива социјална политика.
Европските економии ги отворија вратите за странски работници
Додека владата на Хрватска прво одби да ја зголеми квотата за увоз на работна сила во туристичката индустрија, неодамна потклекна под притисокот од угостителите и ги зголеми квотите за работници од странство. Па така Хрватска веќе е подготвена да увезува работници од Бангладеш и Филипини.
Компании од Бугарија веќе наголемо увезуваат работници од Украина и Молдова. Полска е меѓу земјите членки на ЕУ која има издадено најмногу дозволи за странци, од кои најголем дел се Украинци. Романските власти, пак, неодамна објавија дека се подготвени до 2020 година да примат околу 500.000 работници од Пакистан кои ќе бидат вработени во различни сектори во економијата, како што се градежништвото, здравството, информатичката технологија и други.
Ова не е прв обид на Букурешт да привлече работна сила од странство. Земјата неодамна потпиша меморандум со Виетнам за привлекување луѓе од земјата да работат во Романија.
И најголемата европска економија се соочува со голем недостиг на работници. Се проценува дека моментно на Германија и неостасуваат над 1.200 000 средно и високо квалификувани експерти, од кои дури 55.000 во ИТ секторот.Поради тоа Бундестагот усвои закон, кој стапува во сила од 1 јануари 2020 година и овозможува полесно доселување на стручна работна сила од земјите надвор од Унијата, заради што процедурите за добивање работна дозвола ќе бидат значително поедноставени и олеснети.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×