Дали економијата отвора повеќе нови работни места или младите забрзано се иселуваат ?!
Објавено на од во КАПИТАЛ АНАЛИЗА

ARIA ZONE-Kuzmanovska I (5)Невработеноста на историско најниско ниво 

Според последните статистички податоци невработеноста во земјава во првиот квартал годинава достигна 17,8%. Ова е најниска стапка на невработеност во независноста на Македонија. Но, ако се спореди со земјите од ЕУ, каде стапката на невработеност се движи во просек од 5% до 6%, невработеноста во земјава се уште е многу висока. Анализата на податоците покажуваат дека забрзаниот раст на економијата од 4,1% во првиот квартал, што е највисок квартален пораст на БДП во изминатите пет години, како и приливот на странски директни инвестиции во зоните, го раздвижуваат пазарот на трудот. Но, истовремено со намалувањето на невработеноста, приватниот сектор повеќе од било кога се соочуваат со недостиг на квалификувани кадри.

Според последните статистички податоци невработеноста во земјава во првиот квартал годинава достигна 17,8%. Ова е најниска стапка на невработеност во независноста на Македонија. Но, ако се спореди со земјите од ЕУ, каде стапката на невработеност се движи во просек од 5% до 6%, невработеноста во земјава се уште е многу висока.
Анализата на податоците покажуваат дека забрзаниот раст на економијата од 4,1% во првиот квартал, што е највисок квартален пораст на БДП во изминатите пет години, како и приливот на странски директни инвестиции во зоните, го раздвижуваат пазарот на трудот. Компаниите во зоните отвораат најмногу работни места, но на намалувањето на невработеноста имаат влијание и активните мерки за вработување кои ги спроведува власта преку Агенцијата за вработување, но и преку Планот за економски раст.
22 aНо, истовремено со намалувањето на невработеноста, приватниот сектор повеќе од било кога се соочуваат со недостиг на квалификувани кадри. Се почесто го слушаме е дека токму оние кои најмногу отвораат работни места, односно странските фабрики во зоните се соочуваат со недостиг на квалификувана работна сила. На ова се надоврзуваат и дилемите кои во услови на немање на релевантен попис на население уште од 2002 година се се погласни, а кои одат во насока на тоа дека големо влијание врз намалување на невработеноста во земјава има и масовното иселување на млади и едуцирани лица. Податоците покажуваат дека од последниот попис од 2002 година околу 360 илјади лица си заминале од земјава. Ова се податоци добиени од Евростат и се однесуваат на лица кои станале граѓани на ЕУ легално и според официјални статистики. Но, овој број може да е уште поголем ако се додадат и бројот на граѓани кои заминале во земји надвор од ЕУ и за кои нема официјални статистики дека живеат и работат во странство.
Анкетите покажуваат дека голем број од младите лица незадоволни од ниските плати, нефункционирање на институциите и нискиот квалитет на живот планираат да ја напуштат земјата веднаш по завршувањето на образовниот процес.
Приватниот сектор за една година отвори 28 илјади работни места
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите четири месеци годинава од вкупно активно население кое брои 960.743 лица, невработени кои бараат рабoта се 171.329 лица. Оваа бројка, односно стапка на невработеност од 17,8% е намалена за 3,8 процентни поени во споредба со првиот квартал од претходната 2018 година. Или за само една година бројот на невработени се намалил за 35 илјади, додека во истиот период бројот на вработени се зголемил за 39,5 илјади.
Неспорен факт кој го потврдува и статистиката е дека приватниот сектор отвора нови работни места. Приватниот сектор во првиот квартал годинава има зголемување на бројот на вработени за близу 28 илјади лица, а најмногу работни места се отворени во транспорт и врски, во преработувачката индустрија, во трговијата и во секторот на информации и комуникации.
Намалувањето е уште поголема со периодот пред пет години кога стапката на невработеност изнесувала 28%, кога бројот на невработени достигнувал официјално близу 270 илјади лица.
“Падот на невработеноста се должи на значајно раздвижениот пазар на труд, особено поттикнат од вработувањата во странските фабрики. Може да се забележи дека тие нон-стоп регрутираат кадар и се жалат на недостигот од квалификувана работна сила, што е клучна забелешка и од домашните бизнисмени”, вели Марјан Петрески, професор на Американ колеџ.
Според него, свој удел во падот на невработеноста имаат и активните мерки за вработување кои ги спроведува Владата.
Петрески е воздржан во однос на тезата дека иселувањето ја намалило стапката на невработеност.
“Мојот став е воздржан од проста пресметковна причина што стапката на невработеност е однос помеѓу бројот на невработени и (бројот на невработени + бројот на вработени); што значидека ако едно невработено лице се исели, тогаш тоа излегува и од броителот и од именителот, и ефектот врз стапката ќе биде маргинален”, објаснува Петрески.
Според Абдулменаф Беџети, академик и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа иселувањето има делумно влијание врз намалената невработеност.
“Намалената стапка на невработеност делимично е резултат на заминувањето од земјата на невработените, а посебно најмладите на возраст од 20 до 30 години, делимично и од расчистените списоци (на тие што работат неформално или пак кои се регистрираат со таков статус заради социјални субвенции) и дел од реалната вработеност на невработените кои ги заменуваат тие што ги напуштаат работните места за да бараат подобра перспектива на Запад. Сигурно дека еден помал дел се реална вработеност од новите инвестиции и отворањето на работни места кои се поттикнуваат со владините мерки воведени претходната година”, вели Беџети.
24 a
Дали невработеноста ќе продолжи да се намалува?
Клучната дилема која се поставува е дали овој тренд на намалување ќе продолжи и колку е одржлив. Факт е дека стапката на невработеност од 17,8% е се уште меѓу највисоките стапки на невработеност. Но, проблематично и за експертите е да се процени колкава е природната стапка на невработеност, посебно ако се земе во предвид структурата, образованието и вештините на невработените лица.
Академик Беџети смета дека ваквиот тренд на намалување на стапката на невработеност не е одржлив и не генерира подобар животен стандард.
“Секое ново вработување кое не е резултат на нови инвестиции, зафати и проекти, или, пак, не е резултат на економски фактори не е одржливо. Единствено одржлива и економски намалена невработеност треба да дојде од нови инвестиции, нови економски зафати и од отворање или пак проширување на економските капацитети”, објаснува Беџети.
Професорот Петрески, пак, смета дека овој тренд на намалување на стапката на невработеност ќе продолжи, бидејќи работни места се отвораат.
“Првото клучно прашање е до каде може да се симне невработеноста, односно која е природната стапка на невработеност во Македонија, имајќи предвид дека имаме зачаен контингент долгорочно невработени лица, кои се и во подоцнежни години и се тешко вработливи. Второто клучно прашање е дали можеме да генерираме подобри и повисокоплатени работни места. Мојот одговор е секако да, но за тоа мора да понудиме вештини”, смета Петрески.
Како до повисоки плати?
Има неколку апсурди во македонската економија, кои се посилно се потенцираат во последниве неколку години, а кои покажуваат дека се потребни структурни реформи.
Еден од апсурдите е што и покрај се уште високата невработеност, македонските компании се се погласни дека имаат сериозен проблем да најдат соодветно квалификувани работници. Од друга страна е тврдењето дека газдите и менаџерите на компаниите треба да го одврзат кесето и да дадат поголеми плати за да привлечат поквалификувани кадри. Но, тука е вториот апсурд, односно фактот дека во Македонија платите, на ниво на цела економија, растат побрзо отколку што расте продуктивноста.
Професорот Петрески потенцира дека треба сите да имаме на ум дека платата е цена на трудот и зависи од понудата и побарувачката за работна сила.
“Ако се бараат квалификувани работници и се тврди дека такви нема, тогаш тоа значи дека работодавците мора да платат повисока цена на квалификуваниот труд за да го добијат. Кај дел од работодавачите јас препознавам таква намера. Но, граѓаните генерално мора да разберат дека повисоките плати доаѓаат ако тие на работодавецот му создаваат повисока додадена вредност, што се постигнува со впрегнување знаење, умеење, вештини и сл., односно ако секој работник тежнее кон максимална продуктивност”, потенцира тој.
25 a
Академик Беџети смета дека се неминовни се структурни економски реформи, но тоа што би било најодржливо се коренити промени на образовниот систем од основно, посебно средното стручно образование, како и високото образование базирано на потребите на пазарот на трудот.
“Постои голема асиметрија на пазарот во однос на тоа што се нуди и за што има потреба, односно хиперпродукција на одредени профили, како во квантитет, така и во квалитет, посебно на општествени науки, филолошки и педагошки струки, наспроти недостигот на технички профили со апликативни знаење. Потребни се промени во образовниот систем кои би влијаеле во одржливо подобрување на економијата”, вели Беџети.
Паралелно со овие коренити промени, вели Беџети, треба веднаш да се оди во примена на практичните и апликативните знаења (дуално образование), како во средното, така и во високото образование. “Бидејќи и тој мал број на технички профили кој постои кај нас, многу брзо ќе го повлече високата побарувачка во Западна Европа, пред се во Германија и заради големата разлика на плати на тие профили, а нашата економија со постојните стандарди на квалитет не може да ја зачува конкурентноста со повисоки плати и заради ниската продуктивност како резултат на навиките и работната култура кај нас”,
Експертите потенцираат дека властите ќе мора внимателно и со посебно дизајнирани политики да ги решаваат овие проблеми, кои стануваат покомплицирани со иселувањето на луѓе, посебно млади и едуцирани кадри, тренд за кој треба да бидеме свесни дека најверојатно и ќе се засили, откако земјата ќе ги почне преговорите со ЕУ и ќе се отворат европските пазари за работна сила.
Експертите потенцираат дека власта во следниот период ќе треба многу внимателно да донесува економски политики кои ќе бидат пред се насочени кон зголемување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор со цел да се креираат повисоко платени работни места, а истовремено преку конкретни мерки да се делува на зголемување на вештините и преквалификација на невработените кои подолго време се невработени и бараат работа.
За компаниите да бидат поконкурентни, прво од што треба да се појде е тие да се ослободат од сите непотребни трошоци и од сите скриени парафискални давачки кои со години наназад се зголемуваат, со цел да се обезбедат приходи за да може да се обезбедат плати за преголемиот административен апарат на државно и локално ниво и за да може да се финансираат скапите социјални, односно популистички политики и фискални дарежливи политики кон кои прибегнува секоја политичка гарнитура како најлесен начин да ја придобие поддршката на гласачкото тело.
Оваа влада најави дека оваа 2019 година ќе биде година на економијата. Растот на БДП од 4,1% во првиот квартал, предводен пред се од растот на приватниот сектор, покажува сигнали на заживување на економската активност. Но, без потребните структурни реформи и без зголемување на конкурентноста на приватниот сектор овие позитивни бројки ќе останат само голи статистички бројки кои нема да доведат до подобрување на животниот стандард на граѓаните.

 


Каде најмногу се отвориле работни места?

Најголем работодавач во земјава е приватниот сектор каде во првиот квартал годинава работеле 610.625 лица, додека 178.789 вработени работат во компании со државна или мешовита сопственост.
Ако се споредува со првиот квартал минатата година, тогаш приватниот сектор за изминатава година отворил 27.764 работни места, додека бројот на вработени во институциите и фирмите во државна и друга сопственост се зголемил за 11.758.
Преработувачката индустрија вработува најмногу лица, каде во првиот квартал имало 156 илјади вработени, а бројот на вработени е зголемен за 9.800 лица во споредба со првиот квартал од 2018 година.
Трговијата на големо и мало е втор најголем вработувач каде во првиот квартал годинава имало 113 илјади вработени, а нивниот број во споредба со првиот квартал од 2018 година е поголем за 3.430 лица.
Земјоделството е трета дејност каде има најмногу вработени чиј број во првите четири месеци годинава изнесува 110.590. Но, во споредба со првиот квартал лани бројот на вработени во земјоделието е намален за дури 9.600 лица.
Најмногу работни места во изминатава година се отворени во транспорт и складирање, каде бројот на вработени во првиот квартал достигна 46.833 лица и е поголем за близу 12 илјади во споредба со првиот квартал од 2018 година.
Речиси пет илјади нови работни места се отворени и во секторот информации и комуникации, каде во првиот квартал имало 15.780 вработени.
Намалување има и кај образованието, каде бројот на вработени во првиот квартал изнесуваше 43.573 и е за 1.500 помал во споредба со првиот квартал од 2018 година.

Невработеноста кај младите до 24 години над 37%

Податоците покажуваат дека невработеноста кај младите на возраст од 15 до 24 години е се уште многу висока и таа изнесува дури 37%.
За да се намали невработеноста на младите во земјава, Владата втора година по ред ја имплементира Гаранцијата за млади. Младинската гаранција е дел од Европските носечки иницијативи и има за цел во период од четири месеци од пријавувањето во Агенцијата за вработување, да им обезбеди на младите лица квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантство.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×