Дали Европа го става регионот во бавна брзина?!
Објавено на од во АНАЛИЗА

Group of Hands Holding Jigasw Puzzle Forming WorldБизнисот навива за економска унија на Балканот

Додека најбогатите европски земји работат на документи за иднината на Европската Унија и брзините на развој, обидот за наметнување на идејата за Европа во повеќе брзини се чини нуди решение и за Балканот. Во последно време се поконкретни и охрабрувачки се иницијативите на некои европски и регионални политичари за формирање на регионални сојузи на држави на Балканот. Царинска унија меѓу земјите од Западен Балкан, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија ќе биде главната тема на самитот на лидери на овие земји и ЕУ што ќе се одржи во јули годинава во Трст. Како што објаснуваат луѓе директно вклучени во овој процес за српските медиуми, засега ЕУ е најзаинтересирана да помогне за реализирање на овој проект. Како што вели еден од изворите, „ЕУ тоа сигурно ќе го истурка“. Дел од стручната јавност смета дека идејата за царинска унија е добра и корисна за Балканот, но има и такви кои што се сомневаат дека е возможна, па дури и потреба со оглед на тоа што постои ЦЕФТА.

 

Додека најбогатите европски земји работат на документи за иднината на Европската Унија и брзините на развој, обидот за наметнување на идејата за Европа во повеќе брзини се чини нуди решение и за Балканот. Во последно време се поконкретни и охрабрувачки се иницијативите на некои европски и регионални политичари за формирање на регионални сојузи на држави на Балканот.

Конкретно, уште пред неколку месеци во јавноста се појави идејата за создавање на таканаречена царинска унија на Западен Балкан, и звучеше како утопија, или уште еден обид, предвреме осуден на неуспех, да се создаде некаква економска унија за која порано се користеа називи како Југосфера, Балканлукс и слично.

Но, сепак на терен нешто се случува. Царинска унија меѓу земјите од Западен Балкан, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија ќе биде главната тема на самитот на лидери на овие земји и ЕУ што ќе се одржи во јули годинава во Трст. Како што објаснуваат луѓе директно вклучени во овој процес за српските медиуми, засега ЕУ е најзаинтересирана да помогне за реализирање на овој проект. Како што вели еден од изворите, „ЕУ тоа сигурно ќе го истурка“.

Од земјите во регионот, на воспоставување единствен пазар, моментално најмногу инсистира Србија, чиј премиер Александар Вучиќ и го предложи формирањето на ваквата унија, изнесувајќи податоци дека се работи за пазар од 20 милиони потрошувачи, што би можело да создаде 80.000 нови работни места.

И додека оваа идеја ја поздравија и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, германската канцеларка Ангела Меркел, лидери на неколку земји од Балканот, во Македонија, пак, никој од политичарите јавно не ја коментираше оваа идеја, што остави впечаток на целосна незаинтересираност.

„Ја поздравувам идејата за регионална соработка односно конкретните идеи кои што водат до понатамошна интеграција на трговската размена, вклучувајќи го и предлогот тоа да се оствари преку царинска унија“,изјави комесарот на ЕУ за проширување, Хан. Тој рече дека нема сомнежи дека повисок степен на економска интеграција ќе го направи Западен Балкан поатрактивен и поконкурентен.

Хан истакна дека државите на Балканот би требало да го усогласат својот трговски систем, да ги отстранат сите интерни бариери за да се подобри размената на капитал и работна сила, трговијата на стоки и услуги, што се четири основни слободи на заедничкиот пазар.

„Сето тоа ќе привлече повеќе странски директни инвестиции и ќе доведе до побрз економски раст и отворање на нови работни места. Затоа Европската унија поддржува прогресивно воспоставување на заеднички пазар во земјите од регионот, врз основа на правилата и принципите на ЕУ, кои ги вклучуваат и царините, што се чекори кои водат до основање на царинска унија на Западен Балкан“, изјави Хан уверен дека на следниот самит на балканската шестка ова лето, земјите од регионот ќе успеат да се договорат за конкретните чекори како да се изгради силен и конкурентен пазар.

Во исто време, речиси симултано со Хан, потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс речиси дека границите во земјите од Западен Балкан не треба да постојат и дека токму ова е потребно за да се избегнат идни конфликти во регионот.

Потпретседателот на Комисијата додал дека еден од убавите елементи на европската интеграција е во тоа што процесот не прави границите да исчезнат, односно дека тие остануваат важни, но практично се „непостоечки“.

„Тоа е она што се случи помеѓу Франција и Германија, и помеѓу сите останати земји по падот на Берлинскиот ѕид, и тоа е она што треба да го направиме во Западен Балкан“, истакна Тимерманс.

balkanska unija WEB frejm
Бизнисмените навиваат за царинска унија

Освен политичарите, засега нема реакции за оваа идеја ниту во бизнис секторот во Македонија.

Впрочем, пред еден месец на одбележувањето на 95 годишнината од Стопанската Комора на Македонија, на која што се собраа повеќе бизнисмени од земјата и регионот, поранешни премиери и претседатели, иако се зборувало за поголема соработка на Балканот, за царинската унија воопшто не станало збор.

Претседателот на Управниот одбор на Факом, Златко Симоновски, вели дека нема детали за конкретниот предлог, но ја поддржува секоја иницијатива што значи регионално поврзување со цел зголемена соработка меѓу компаниите.

„Идејата за економско поврзување на земјите од регионот во некаква форма е присутна од поодамна, а тоа е всушност дел и од Берлинската платформа за регионална соработка. Иако зачудува тоа што поголема заинтересираност за ова има во другите земји од регионот отколку кај нас, ние како бизнис заедница навиваме за некаква форма на економско поврзување на земјите од Балканот, што ќе значи поголема трговска размена на овој пазар, но и зголемување на конкурентноста“, коментира Симоновски.

Генералниот директор на Витаминка, Сашо Наумоски, исто така коментира дека поврзување на економиите од регионот е неминовно да се случи за да се создадат услови компаниите да работат подобро.

„Без дилема сметам дека идејата за формирање на царинска унија би требало да се реализира. Иако политичката ситуација кај нас засега ги остава економските прашања надвор од фокусот, мислам дека треба повеќе да се ангажираме во остварување на овој проект. Тоа може да биде чекор напред во нашиот развој, ќе ни донесе само предности и придобивки за економијата. Би ги избегнале сите царински формалности и бариери што сега ги имаме, а олеснувањето на пристапот до овој голем пазар во регионот може да ни овозможи поголем извоз“, оценува Наумоски.

Дел од стручната јавност смета дека идејата за царинска унија е добра и корисна за Балканот, но има и такви кои што се сомневаат дека е возможна, па дури и потреба со оглед на тоа што постои ЦЕФТА.

Експертите коментираат дека зачленувањето на овие земји во ЦЕФТА, што претставува подготвителна фаза за влез во ЕУ, овозможи зголемување на трговската размена, и ова што сега се заговара, нуди минорна, но значајна разлика.

„Се предлага да се укинат сите внатрешни царини и контингенти до целосно слободна размена, меѓутоа сите земји ќе мора да применуваат иста царина кон трети земји. На пример, Македонија и Србија еднакво ќе го третираат телевизорот од Јапонија или Јужна Кореја. Но тоа е малку комплицирано и не е секогаш еднакво интересно за сите. На пример, Црна Гора нема земјоделство па ниту интерес да го штити со царини, додека тоа не е случај со Србија или Македонија. Тешко ќе биде сето тоа да се усогласи“, коментираат експертите.

Професорот Милојко Арсиќ од Економскиот факултет во Белград, исто така вели дека најголема пречка за царинската унија на Балканот би било тоа што сите земји треба да имаат идентични царински стапки кон трети земји.

„Србија има договори за слободна трговија со неколку земји, како со Русија, Белорусија, Турција. Влезот во царинската унија би значело или другите земји да потпишат вакви договори или пак Србија да ги раскине. И едното и другото изгледа прилично тешко и малку веројатно“, вели професорот Арсиќ.

Експертите коментираат дека на земјите од ЕУ, односно некогашната Европска економска заедница, и требало повеќе од една декада за да направи царинска унија. А според нив, на овие простори се уште нема политички услови за таков сериозен проект.

Професорот од Виенскиот економски институт, Владимир Глигоров, исто така има повеќе дилеми за реализирањето на овој проект.

„Што е царинска унија? Тоа е кога група земји имаат иста царинска политика кон остатокот од светот. На пример, Европската унија истовремено е и царинска унија што значи дека сите земји членки имаат ист царински третман кон останатите земји од светот. Тоа значи дека царинската унија преговара со другите земји за евентуални промени на трговските договори или за членството во мултилатерални трговски организации. Ако сега се оформи балканска царинска унија, членки секако би биле земјите кои засега не се членки на ЕУ. Тоа би значело дека и Србија и Македонија и Босна би имале ист царински режим кон другите земји во светот. Тоа би се однесувало и на ЕУ, Русија“, вели Глигоров, но според него, бидејќи овие земји се стремат да станат дел од ЕУ, значи дека би морало да водат сметка за правилата и обврските што ги наметнува Светската трговска организација.

ЕУ веќе ги укина сите царини за сите балкански земји кои не се нејзини членки, така што во тој поглед ништо не се менува, но царинската унија би подразбирала да се забрза и укинувањето на царините за увоз од ЕУ во сите земји членки на таа царинска унија, вели Глигоров.

Според него, уедначувањето на царината би било потребно во трговијата со другите земји. Колкави се моменталните разлики, зависи барем делумно од тоа дали земјата е членка на СТО или не, но веројатно, и од билатералните договори или унилатералните мерки за постоење или непостоење на царини.

„Алтернативна идеја би можело да биде сите балкански земји што не се членки на ЕУ, да ја преземат царинската заштита на ЕУ. Со други зборови, да стапат во царинска унија со Европската унија. Имајќи ја предвид значајната трговска размена со ЕУ и во регионалната слободна трговска зона ЦЕФТА, тоа би го покрило најголем дел од извозот, но би преостанал увозот од Русија и останатите земји од каде што се увезуваат енергенси“, вели Глигоров.

„Што би била евентуалната корист од царинската унија?! За малите балкански земји кои останаа надвор од ЕУ и чие зачленување може да се оддолжи, од големо значење е да бидат видени како регионално подрачје за инвестирање. Евентуалните придобивки од трговските политики се мали, ако и воопшто ги има, додека пак евентуалниот влез на мултинационални компании, проследено со значајни регионални инфраструктурни проекти, може да донесат значаен развој на Балканот. Доколку се забрза регионалното поврзување, некои од предностите на членството во ЕУ, како што е зголемен интерес за регионално инвестирање, би можеле да се обезбедат и пред влезот во ЕУ. И политички гледано тоа е привлечно, бидејќи регионалната соработка е популарна“, истакна Глигоров.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, истакна дека бизнисмените од регионот навиваат да се формира царинска унија бидејќи на тоа активно се работи веќе две години во рамките на Инвестицискиот форум на комори на Западен Балкан.

„Тоа е голема работа и за нас и за економијата. Тоа е нешто за што разговараме веќе две години во рамките на Форумот, бизнисмените разговараат за таквата потреба и навистина е охрабрувачки кога гледаме дека политичарите преземаат иницијатива и се обидуваат да ја спроведат“.

Главниот економист на српскиот преговарачки тим за ЕУ и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, Владимир Круљ, оценува дека заедничкиот пазар во регионот би донел придобивки за сите земји на Балканот.

„Конкретно, би морале да ги усогласиме правилата и во инфраструктурните и во енергетските проекти. На пример, доколку проектот почнува во Загреб а завршува во Белград, би требало да постојат исти стандарди за градежни дозволи за да инвеститорот има што помалку бирократски проблеми. Доколку правилата ги усогласиме со регулативата на ЕУ, тоа би ги подобрило нашите изгледи за членство“, вели Круљ.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×