Дали физичките лица треба да плаќаат ДДВ?
Објавено на од во Uncategorized

Weight tax concept 1Иако уште во почетоците кога се изготвувала законската регулатива за ДДВ никој не замислувал физичките лица да бидат ДДВ обврзници, последниве години претходната , а сега и новата власт отидоа чекор подалеку во толкувањето дека сите физички лица кои прават приходи поголеми од 16 илјади евра годишно, без плати, мора да плаќаат ДДВ. Пред да почнат со вклучување на физички лица во системот на ДДВ, даночните власти треба да направат сеопфатна анализа на трошоците потребни за прилагодување на даночните обврзници и даночните служби и дополнителните приходи кои би се слеале во буџетот. Ако трошоците се поголеми од приходите, даночните власти треба да се откажат од вклучувањето на физичките лица како ДДВ обврзници, зошто единствено што ќе добијат е гнев во јавноста од непотребното даночно оптеретување и поголемо избегнување на плаќањето на даноци.

 

Секое физичко лице кое годишно остварува приход над 1 милион денари (16.260 евра) треба да биде автоматски обврзник за плаќање на Данокот на додадена вредност (ДДВ).

Вака стои во Законот за ДДВ, односно со последните измени кои ги направи претходната влас, а оваа продолжува се чини продолжува да ги применува без да навлезе воопшто во дилемите кои оправдано ги имаат граѓаните. Дали граѓаните треба да плаќаат воопшто ДДВ или само Данок на персонален доход за остварените приходи од некоја дејност? Дали секоја активност која носи некаков приход се смета за економска активност? Дали прагот од 1 милион денари е премногу ниско поставен? Дали граѓаните можат да добиваат поврат на ДДВ за трошоците направени за вршење на таа активност, исто како што тоа го прават компаниите?

Даночните експерти веќе подолго време потенцираат дека постојат големи недоречености во законската регулатива која го регулира ова прашање, што создава правна несигурност и одредени физички лица ги става во подредена положба. Посебно оние физички лица кои немаат регистрирано фирма, но остваруваат одредени приходи од различни дејности и активности, посебно оние кои се опфатени со авторски договори, чии активности не се редовни и од кои не прави никаков промет на производи и услуги.
Македонија со најнизок праг за ДДВ регистрација во регионот

Законот за ДДВ е донесен уште во 2000 година, кога ДДВ го замени тогашниот данок на промет. ДДВ е меѓуфазен данок, кој ја оданочува додадената вредност, а оданочувањето се врши во моментот на прометот или увозот на добра и на услуги во земјата. Уште на почетокот во Законот било регулирано дека даночни обврзници на ДДВ се и физичките лица што вршат самостојна стопанска дејност, со цел да се опфатат трговците поединци што вршат трговска (стопанска) дејност, како занаетчии, фризери, транспортери, земјоделци, препродавачи итн.

Даночни експерти кои се упатени во донесувањето на законската регулатива за ДДВ уште од самите почетоци за Капитал велат дека никогаш не била намерата во системот на ДДВ да се вклучат физичките лица, туку трговците поединци кои вршат некоја економска активност од која остваруваат промет. Бидејќи физичките лица кои остваруваат приходи од било кој основ имаат обврска да плаќаат персонален данок на доход од 10%. Но, владата предводена од ВМРО ДПМНЕ со измените на Законот за ДДВ ги вметна кои ги направи во 2014 година изврши допрецизирање на дејностите и во системот на ДДВ ги вклучи и членовите на управни и надзорни одбори, како и физичките лица кои издаваат деловен простор на фирми. Со првата промена, целта беше да се дестимулираат фирмите да ја дисконтираат платата за топ-менаџерите и висок износ да исплаќаат на име членства во одбори, на таков начин избегнувајќи го плаќањето на социјалните придонеси. Со втората промена, целта беше да се дестимулира издавањето личен простор на сопствената фирма, како начин да се извлекуваат средства од фирмата со ефективна даночна стапка на рента од 7,5%.

Тогаш, прагот за регистрација за ДДВ обврзник беше 2 милиони денари (32.500 евра), за да на почетокот на 2015 година тој се намали на 1 милион денари или околу 16 илјади евра со образложение дека со новиот праг ќе се придонесе за намалување на бројот на субјектите кои не пресметуваат ДДВ, а чија дејност овозможува повисока додадена вредност, како на пример, услужните дејности, и дека се очекува со тоа да се обезбеди зголемување на лојалната конкуренција на пазарот.

Во тој период власта ги почна дебатите и паушалните толкувања дека на ДДВ подлежат сите физички лица кои остваруваат приходи над 1 милион денари, освен платата, без оглед по кој основ се остварени тие приходи. Но, владата предводена од СДСМ продолжи во истата насока и излезе со став дека сите физички лица кои остваруваат годишни приходи по било кој основ над 1 милион денари мора да се регистрираат како ДДВ обврзници, што предизвика големо незадоволство и економски дебати уште на почетокот на годината.
Дебатата тогаш беше затворена со изјава од даночните власти дека ќе се остави на доброволна регистрација на физичките лица за ДДВ обврзници, барем до допрецизирањето на законските одредби и до реализацијата на предизборното ветување за подигање на прагот за регистрација.
Но, многу даночни експерти сметаат дека ако даночните власти почнат да постапуваат според овие толкувања, без да се прецизираа точно законските одредби, ќе се создаде голема правна несигурност, ќе се отвори простор за селективност и за пристрасност, што сѐ заедно води до поткопување на темелите на владеењето на правото.
Покрај оваа недореченост во законските одредби кои се однесуваат на физичките лица како ДДВ обврзници, прагот за регистрација за ДДВ во Македонија е најниско поставен во споредба со сите земји од регионот.
Во Србија на пример е оставено на слободен избор на физичките лица да се регистрираат како ДДВ обврзници ако извршуваат активност од која имаат промет од производи и услуги поголем од 8 милиони динари или над 67 илјади евра. Ако се регистрираат како ДДВ обврзници тие според Законот за ДДВ имаат третман на фирми и треба да водат сметководство за активноста која ја извршуваат, како и да се евидентираат во посебни регистри.

Во Хрватска исто така прагот за регистрација на ДДВ е повисок над 50 илјади евра со јасно пропишани правила за тоа кои активности се сметаат како економска активност од која се остварува редовен промет.

Директорката на УЈП Сања Лукаровска во интервјуто за Капитал потврди дека се прават анализи од страна на УЈП и Министерството за финансии за измени во поглед на прагот на ДДВ од следната година.
“Би потенцирала уште еднаш дека не сите граѓани имаат обврска да се регистрираат за цели на ДДВ, односно станува збор за мал број на лица, ако се земе предвид дека платите не влегуваат во пресметување на вкупниот промет за цели на ДДВ. Бројот на граѓани кои имаат обврска да се регистрираат за ДДВ, според нашите првични податоци, не очекуваме да биде драстично поголем од минатата 2017 година. Колку за илустрација, бројот на граѓани кои се регистрирани за цели на ДДВ во 2015 година изнесува 761, во 2016 година е 1059, а во 2017 година 1185. Видно е дека трендот на зголемување е мал, и нема простор за грижи.

Регистрацијата за ДДВ е обврска на лицата кои вршат стопанска дејност во континуитет и кои вршат испорака на добра и услуги, односно остваруваат годишен промет над законски пропишаниот праг од 1 милион денари или во просек остваруваат 83.000 денари на месечно ниво, не вклучувајќи ја платата. Би потенцирала дека граѓаните кои издаваат стан односно имот за цели на домување, или пак даваат определени ИТ програмерски услуги спрема странски субјекти, не подлежат на оданочување со ДДВ”, изјави Лукаровска, најавувајќи дека ќе следуваат даночни реформи преку дијалог, транспарентност, и подготовка на стратегијата за даночни реформи.
“Стратегијата за даночни реформи секако ќе вклучува и подобрување на даночната политика во делот на ДДВ, во согласност со европската регулатива која ни налага да не правиме разлика помеѓу правни и физички лица кои вршат промет од иста природа. Дотогаш, УЈП мора и има обврска да постапува оперативно согласно позитивните законски одредби кои се однесуваат за соодветниот даночен период и годишниот фискален циклус кој во конкретниот случај е веќе отпочнат”, изјави Лукаровска.

Освен УЈП, и од Министерството за финансии излегоа со став дека генерално физичките лица треба влезат во системот на ДДВ

Токму во ваквиот став на даночните власти за постапување согласно позитивните законски одредби, а во услови на недоволно прецизирани законски одредби за тоа кој точно треба се регистрира за ДДВ обврзник, создава правна несигурност кај граѓаните, кои можат да се соочат и со казни доколку неги пријават своите приходи кои ги остваруваат надвор од платите.


За да се надминат овие недоречености даночните експерти препорачуваат дека е многу важно прво да се дефинира стопанската дејност и таа да се усогласи меѓу различните закони со цел да не дојде до нејзино арбитрарно толкување. Потоа, корисно е секое физичко лице да ја регистрира својата стопанска дејност, од која континуирано остварува приходи, во посебен регистар на дејности, при што прометот што би го остварувало тоа лице од извршување на регистрираната стопанска дејност би потпаднал во системот на ДДВ. Исто така мора да пропишат правила за тоа кога една дејност се смета за континуирана.


Минатата недела беше промовирана студија наречена “Физичките лица во системот за ДДВ и владеењето на правото во Македонија” изработена од Finance Think, Центарот за економска анализа и Центарот за даночна политика во која се анализира прашањето на ДДВ за физички лица, но од аспект на владеењето на правото, со посебен осврт на авторските договори, особено кај оние кај кои не настанува промет.

Во студијата се анализира оданочувањето на физичките лица од аспект на владеењето на правото кое е неопходно за да обезбеди праведно општество, како и за да овозможи амбиент за остварување економски пораст и развој. “Кога го разгледуваме владеењето на правото во контекст на даночниот систем, тоа значи да се дадат одговори на следниве прашања: Дали правилата се доволно јасни и разбирливи? Дали правилата се предвидливи? Дали правилата се спроведуваат еднакво неутрално, без фаворизирање и економски девијации? Дали правилата се избегнуваат лесно?”, се вели во студијата.
Генерално прифатено е дека добрата даночна политика треба да обезбедува еднаквост и правичност, сигурност, ефективна даночна администрација, безбедност на информациите, даночна неутралност, економски пораст и ефикасност, транспарентност и забележливост, минимален даночен јаз и отчет пред даночните обврзници.
“Во текот на 2018 година (не)владеењето на правото повторно беше под ризик преку арбитрарното толкување на Законот за ДДВ и тоа кога станува збор за физичките лица како даночни обврзници. Законот нема претрпено никакви промени, измени или дополнувања од 2016 година, но со „новото“ толкување и примена на одредени членови од почетокот и во текот на 2018 година од страна на носителите и спроведувачите на законот, и кога нема јасен одговор за почитување на принципите на ДДВ, рефлектира непредвидливост, непостојаност на регулативата, различно и селективно толкување на законите (или делови од нив). Одредбите од Законот за ДДВ треба да се читаат и да бидат јасни, а не да се толкуваат, во спротивно, тоа укажува на низок степен на владеење и на примена на правото и на кршење на принципите на добра даночна политика”, се вели во Студијата.

Експертите од Фајненс Тинк, Центарот за економски анализи и Центарот за даночна политика кои ја изготвија оваа Студија укажуваат на потребата од јасно дефинирање аспекти од регулативата, како и подготовка на насоки и на правилници што ќе дадат одговор и ќе ги разјаснат дилемите во врска со јасно дефинирање стопанска дејност и промет, континуирана економска активност, самостојност, право на одбиток итн….за да се обезбеди праведност, сигурност, едноставност, јасност, неутралност.

 

Што создава правна несигурност?

Според членот 9 од Законот за ДДВ, обврзник на ДДВ е лице што трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и од резултатите од оваа дејност. Под стопанска дејност се подразбира секоја дејност на производителите, трговците и на лицата што извршуваат услуги, која има цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и на нематеријални добра за нивно користење.

Даночните експерти потенцираат дека дефиницијата за стопанска дејност е преширока и остава простор за нејасна, нетранспарентна и за арбитрарна примена. Покрај тоа, оваа дефиниција доаѓа во судир со некои одредби од Законот за персонален данок од доход. На пример, во став 2, членот 28 од Законот за ПДД се вели „Под приходи од стопанска дејност се подразбираат приходите од производствена, услужна, трговска, угостителска, превозничка и од друга слична дејност“. Но, истиот член на Законот за ПДД одвоено ги третира приходите од професионални и од други интелектуални услуги, односно не ги подведува под стопанска дејност, туку само како самостојна дејност.Во Законот за трговските друштва, пак, се дефинира трговска дејност која се доведува во врска со остварувањето профит. Според Законот за трговските друштва во членот 8 стои дека за трговска дејност не се смета дејноста на физичките лица што вршат земјоделска, шумарска и занаетчиска дејност, освен кога нивната дејност може да се определи како претпријатие, како и активностите на физичките лица што издаваат соби во своите живеалишта и на физичките лица што вршат слободни занимања.
“Недоволната, нејасна и неусогласена дефиниција за стопанската дејност во македонското законодавство внесува можност за арбитрарно толкување за даночни цели, генерира правна несигурност и со тоа недвосмислено го поткопува владеењето на правото”, се вели во Студијата.
Втор аспект кој создава правна несигурност е континуитетот во извршувањето на активностите. Дилемата е дали физичките лица што имаат нередовни активности и ограничен обем на приходи, треба да се третираат како „стопанска дејност“ или не. Во овој дел треба да се има во предвид дали активноста се изведува за некаква заработка, дали активноста е занимање или функција, која се спроведува активно, со разумен или препознатлив континуитет, дали активноста се однесува на промет што се оданочува, дали активноста се изведува самостојно?.

За да се надминат овие недоречености даночните експерти препорачуваат дека е многу важно прво да се дефинира стопанската дејност и таа да се усогласи меѓу различните закони со цел да не дојде до нејзино арбитрарно толкување. Потоа, корисно е секое физичко лице да ја регистрира својата стопанска дејност, од која континуирано остварува приходи, во посебен регистар на дејности, при што прометот што би го остварувало тоа лице од извршување на регистрираната стопанска дејност би потпаднал во системот на ДДВ. Исто така мора да пропишат правила за тоа кога една дејност се смета за континуирана.
Тие предупредуваат дека ваквото доуредување на законската регулатива ќе воведе до поголеми трошоци за физичките лица за регистрирање стопанска дејност и физичките лица ќе бидат присилени да бараат платени услуги од сметководители. Тука треба да се имаат во предвиди и трошоците на даночниот орган за администрација на ново-регистрираните даночни обврзници.
Даночните експерти велат дека дополнителните нето приходи во буџетот ќе бидат мали, со оглед на тоа дека во голем дел од случаите кога купувачи се ДДВ регистрирани даночни обврзници, истите би имале право на поврат на ДДВ искажан од ново-регистрираните добавувачи, што гледано заедно не носи дополнителни приходи за државата.

Токму од овие причини потребни се најнапред сеопфатни анализи за трошоците и фискапните придобивки пред да се оди со вклучување на физичките лица во системот на ДДВ. Но, во овие анализи треба да се земе во предвид и ефектот врз стимулација на избегнување на даночните обврски, односно на зголемување на сивата.
Ако трошоците се поголеми од приходите кои ќе се соберат во буџетот по овој основ, даночните власти треба да се откажат од вклучувањето на физичките лица како ДДВ обврзници, зошто единствено што ќе добијат е гнев во јавноста од непотребното даночно оптеретување и поголема сива економија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×