Датумот за преговори заглавен помеѓу домашната и европската непринципиелност
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

MK-EUШто ќе значи јуни за европската агенда?

Колку Македонија има одговорено на европските барања за реформи во клучните области е прашање на дебата и на различни толкувања и во домашната политичка јавност и помеѓу земјите – членки на ЕУ. Франција и Холандија важат за двете земји коишто имаат резервиран став околу почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, но и кон проширувањето како процес воопшто. Дома пак, (не)добивањето на датум продолжува да се користи во меѓупартиски битки.

Ќе има ли кончено датум за преговори со Европската Унија во јуни? Врз ова прашање се кршеа копја во кампањата за претседателските избори, а истото продолжува да биде една од главните теми на расправа помеѓу власта и опозицијата.
На состанокот на Советот на министри на ЕУ, лани во Луксембург, Брисел испрати порака дека Македонија добива условен датум за преговори. Датумот е токму овој јуни, 2019, а условот всушност не е еден, туку се четири – реформи во јавната администрација, реформи во правосудството и разузнавачките служби и резултати во борбата против корупцијата и криминалот на високо ниво.
Колку Македонија има одговорено на европските барања за реформи во овие полиња е прашање на дебата и на различни толкувања. Разликите во оценките за тоа колку е земјава подготвена за почеток на преговори не се присутни само во домашната политичка јавност, туку и помеѓу земјите – членки на ЕУ, што во суштина претставува и клучниот проблем околу постоењето на можноста датум повторно да нема. Франција и Холандија важат за двете земји коишто имаат резервиран став околу почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, но и кон проширувањето како процес воопшто.
34poСпоред информациите што ги објави Македонската информативна агенција (МИА), во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале.
Официјален Париз, наводно прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија, но смета дека преговори во јуни не се можни, став што им пречи на голем број земји членки, кои сметаат дека Македонија треба да биде наградена не само за реформите, туку пред се’ за договорот за името со Грција – модел којшто токму ЕУ им го претставува на земјите од регионот со отворени прашања како пример.
Европа одамна не зборува во еден глас
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние е прилично јасен околу резервираноста на неговата земја. Тој вели дека одлуката за датумот и почеток на преговори зависи од многу фактори меѓу кои и чисти претседателски избори (нешто што земјава успеа да го испорача) и добри закони и добро владеење.
„Ние сме на ваша страна и искрено се надеваме дека ќе ги исполните условите побрзо, потребно е да има соработка со опозицијата за законите со 2/3 мнозинство, постои агенда а во неа се и претседателските избори“, вели тој.
Според францускиот амбасадор треба да бидеме внимателни на претседателски избори и треба да дојде до соработка меѓу сите политички фактори. Според него опасно е да се гледаат само датумите затоа што најважна е содржината, односно вистинската „европеизација“ на државата.
Тој вели дека треба да се има предвид и дека месецов има избори за нов состав на Европарламентот, но и го потенцира ставот на претседателот Емануел Макрон, којшто бара ЕУ да се реструктуира, да се сврти кон себеси и сопствените предизвици, да се реформира внатрешно пред воопшто да биде ставено проширувањето на дневен ред.
36poЗа разлика од овој сеопфатен став во експликацијата на француската резервираност, домашната опозиција можноста за недобивање на датум ја гледа исклучително низ призмата на владин неуспех:
„Македонија и оваа годинава нема да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Иако државата добиваше позитивни препораки за отпочнување на преговори од 2008 година континуирано, со исклучок на претходната и оваа година, не ги почнуваше преговорите заради спорот со Грција. Лани основната мотивација на Заев и Димитров зашто потпишаа таков договор каков што потпишаа, кој по сите основи е лош и полош не можеше да биде, беше почеток на преговори за членство во ЕУ“, вели Александар Николовски од опозициската ВМРО – ДПМНЕ, правејќи го токму она коешто Тимоние апелира да се избегнува – политичка поларизација и злоупотреба на датумот за преговори.
Во Владата сепак оптимисти
Од друга страна, барем во јавните настапи, во македонската Влада демонстрираат силен оптимизам дека во јуни Европската унија ќе и даде на земјава датум за старт на преговори. По завршувањето на Самитот на Западниот Балкан во Берлин од каде што беа испратени сигнали од европскиот двоец Франција – Германија, дека и есен не е лошо време за датум, иако тоа не беше тема на Самитот, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи цени дека шансите не се изгубени:
„Останува техничката дилема дали Бундестагот ќе успее во краткиот рок од објавувањето до Самитот на ЕУ, да го разгледа извештајот на Европската комисија за земјава и да донесе одлука. Земјава ќе направи се’ за да не даде аргумент тоа да не се случи. Последните чекори пред одлуката на Брисел за започнување на преговорите се совпаѓаат со одржување успешни избори во земјава, нешто што веќе го испорачавме“ вели тој.
Новоизбраниот претседател, Стево Пендаровски вели дека она што е најитно е донесувањето на Законот за СЈО и да го стави во рамките на редовното обвинителство.
„Без тоа немаме шанса за преговори. Потребно е да се донесе тој закон и за тоа потребно е двотретинско мнозинство“ вели тој.
Министерот за надворешни работи, пак, исто така се осврнува на аргументите што Македонија ги нуди, односно ги одзема на земјите – членки:
„Врз основа на реформските процеси и врз основа на решавањето на билатералните спорови оваа година имаме многу силен случај. Многу е тешко некоја земја членка на ЕУ да каже „не“ за македонската приказна во 2019 година, тоа е сегашната ситуација“ вели Никола Димитров.
Во делот на администрацијата, каде што има дел од клучните забелешки, ресорниот министер Дамјан Манчевски смета дека се постигнати солидни резултати:
„Видливи резултати во делот на јавната администрација граѓаните ќе почувствуваат кој крајот на 2019 година. Да не заборавиме дека клучен момент за реформата да успее е и поддршката и од опозицијата во делот на законските измени.“ вели тој.
Премиерот Зоран Заев, пак за време на посетата на папата Франциск во Скопје изјави дека следен висок гостин очекува да биде токму претседателот на Франција, Емануел Макрон, осврнувајќи се на важноста на европските интеграции за земјава, ама и на моментот што Европа треба да го препознае.

Тирана влече назад

„Успехот на секој наш сосед е и наш успех, важно е соседите да одат напред, но Европската Унија мора да ги цени постигнувањата на секоја земја поединечно, а не во група“ – ова е официјалниот став на македонската дипломатија во однос на можноста Унијата на самитот во Јуни одлуката за датумот за земјава да ја носи во пакет со одлуката за Албанија, која според сите проценки е поназад од земјава во реформите, а дополнително е заглавена и во политичка криза.
Од друга страна, високи дипломатски извори и од земјава и од Брисел, за „Капитал“ брифираат дека токму идејата на некои европски функционери и политичари дека Албанија и Македонија не може да се третираат одделно е клучниот проблем за нашата земја. Напредокот на Скопје и Тирана е неспоредлив, еднакво како и целокупната општествено – политичка состојба и стабилност, а Македонија на свое конто го има и Преспанскиот договор, но и покрај тоа дел од ЕУ и нејзините лидери сметаат дека не треба да се разделат двете земји, што автоматски ја влече нашата држава назад.

Полиња во коишто лани ЕУ побара од Македонија да испорача резултати за годинава да се добие датум:
  •  реформа на јавната администрација
  • реформа на разузнавачките служби
  • судски реформи
  • борбата против корупцијата и организираниот криминал

     

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×