Деловна 2017 – Тешки времиња за бизнисот
Објавено на од во COVER STORY

140618_money_gen_9Оптимизмот не е нешто кое што би го очекувале на крајот на 2016 година за новата 2017 година. Од причина што минатата 2016 година беше мачна и тешка година за повеќето фирми во Македонија.
Најголем дел од бизнисмените очекуваат тешка година, полна со предизвици и неизвесности, уште поголемо затегнување на деловните односи на домашниот пазар заради политичката криза, која очигледно остана нерешена и после изборите и која веќе сериозно ја нарушува довербата кај странските партнери, што на извозните компании уште повеќе им ги отежнува условите за продажба на странските пазари, кои истовремено се под притисок  на неизвесните глобални процеси, како Брегзит, односите САД-Русија-ЕУ, економската политика на новиот американски претседател на Трамп која може да имаат големо влијание врз светската криза, воените конфликти на Бсликиот Исток кој имаат потенцијал да бидат причина за Трета светска војна, бегалската криза и заканите од терористички напади…

 

Оптимизмот не е нешто кое што би го очекувале на крајот на 2016 година за новата 2017 година. Минатата 2016 година беше мрачна и депресивна на многу начини. Политичката криза во која е заглавена државата повеќе од две години веќе почна силно да се одразува врз економијата преку намален економски раст, како и преку помалку странски и домашни инвестиции, а геополитичките случувања дополнително ја зголемија неизвесноста за водење на бизнис.

Пролонгирањето на изборите од април, потоа за јуни, па за декември, предизвикаа реревзираност кај инвеститорите, кои ги одложија планираните инвестиции за некои посигурни времиња. И додека сите очекуваа дека изборите ќе стават карј на кризата, изедначените резултати од гласањето покажаа дека Македонија ќе мора да почека уште некое време за стабилна состојба за водење бизнис. Во мај 2017 година се планирани редовните локални избори, а некои аналитичари веќе прогнозираат дека Македонија би можела годинава да има и уште едни парламентарни избори заради тоа што кој и да ја состаи владата, нема да има стабилно мнозинство во парламентот, што може да ја доведе земјата во уште една институционална блокада и неможност за редовно носење на потребните закони.

Оттука и не е чудно што потенцијалите за раст македонските менаџери го врзуваат со стабилизирање на политичката криза пред се на домашен терен, а потоа и на глобален план.

Традиционално на крајот на секоја година ги поканивме бизнисмените, економистите и аналитичарите да споделат со јавноста какви трендови очекуваат во следната 2017 година, кои се најголемите предизвици за економијата и за компаниите кои ги раководат и каде ги гледаат потенцијалите за поголем раст.
Оваа година за разлика од претходните години, повеќето се песимисти и очекуваат тешки и многу неизвесни времиња за водење бизнис.
Најголем дел од бизнисмените очекуваат тешка година, полна со предизвици и неизвесности, уште поголемо затегнување на деловните односи на домашниот пазар заради политичката криза, која очигледно остана нерешена и после изборите и која веќе сериозно ја нарушува довербата кај странските партнери, што на извозните компании уште повеќе им ги отежнува условите за продажба на странските пазари, кои истовремено се под притисок  на неизвесните глобални процеси, како Брегзит, односите САД-Русија-ЕУ, економската политика на новиот американски претседател на Трамп која може да имаат големо влијание врз светската криза, воените конфликти на Бсликиот Исток кој имаат потенцијал да бидат причина за Трета светска војна, бегалската криза и заканите од терористички напади…
Се на се, ова се времиња кои не би ги посакал ниту еден политичар, ниту пак менаџер. Но, неизвесноста и кризите отвараат пат за вистинските лидери, односно за оние кои знаат и умеат да се менуваат, односно за оние кои се подготвени да го менуваат начинот на раководење и работење според реалните услови за водење бизнис.

[caption id="attachment_41331" align="alignright" width="400"]alkaloid-dobi-sertifikat-od-agencijata-za-lekovi-na-romanija-181636 “Домашниот амбиент во кој доминира сложената политичка ситуација секако дека носи дополнителна напнатост и во деловните операции како и една континуирана  неизвесност која со сигурност ќе продолжи и во наредната година. Од друга страна, достапноста на странските пазари е се поограничена и воопшто гледано се повеќе се отежнуваат условите за работа. Оттаму, компаниите мора постојано да се прилагодуваат на реалните услови за работа и токму од степенот на прилагодување и подготвеноста за промени во голема мерка зависи и нивната успешност”, велат од Алкалоид.[/caption]

Економијата во 2017. Што очекуваат бизнисмените?

Владината проценка за економскиот раст за следната година е 3%, и врз основа на оваа стапка на раст е проектиран и буџетот за 2017 година. Министерот за финансии Кирил Миноски е оптимист дека посакуваните бројки и реално ќе се достигнат. Кога лани го кроеше буџетот за 2016 година, Владата предвиде раст од 4%, но по двата ребаланси кои беа изнудени од намалената економска активност, драстично се скратија проекциите на раст 2,3%.
Главни носители на растот беа градежништвото, поточно јавните инвестиции во патишта, финансирани преку задолжување на државата, и странските инвестиции во зоните кои беа главните столбоби на извозот и отварањето на нови работни места.
Но, овој модел на економски раст базиран на странски раст и задолжување се чини почна да ги покажува своите негативни ефекти. Македонија веќе ја достигна критичната црвена линија на презадолженост, а пензиските и здравствени фондови се соочија со критични “дупки”, односно неможност за редовна исплата на пензии без поголеми дотации од државниот буџет. Оваа состојба допрва ќе ескалира во следните години и веќе станува јасно дека ќе бидат потребни сериозни мерки за фискална консолидација.

Економските експерти сметаат дека политичката криза и поврзаните негативни рефлексии врз економијата ќе продолжат и во 2017 година, a  политичката и правната несигурност ќе бидат главните ризици за македонската економија и во наредната година, заради што Македонија ќе остварува понизок раст од можниот.

“Интензитетот на кризата би можел да се засили особено пред претстојните локални избори. Буџетот и следната година нема да се реализира според планот. Ова се однесува како на планираниот буџетски дефицит и капитални расходи, така и на планираните буџетски приходи”, смета Павле Гацов, претседател на Здружение на даночни советници.

За секој бизнисимен почетокот на новата деловна година вообичаено е пропратено со нови неизвесности и нови предизвици. Но, локалниот и меѓународниот контекст во кој ја завршувем годината, ја прават 2017 година многу посложена и потешка за планирање и водење на бизнис.

“Според сите најави, се очекува и 2017-та да биде тешка деловна година како во локални рамки, но исто така и во регионални и во глобални рамки. Домашниот амбиент во кој доминира сложената политичка ситуација секако дека носи дополнителна напнатост и во деловните операции, како и една континуирана  неизвесност која со сигурност ќе продолжи и во наредната година”, велат од Алкалоид.
Од Алкалоид потенцираат дека достапноста на странските пазари е се поограничена и дека се повеќе се отежнуваат условите за работа. “Компаниите мора постојано да се прилагодуваат на реалните услови за работа и токму од степенот на прилагодување и подготвеноста за промени во голема мерка ќе зависи и нивната успешност”, велат од Алкалоид.
И Сашо Наумоски, генералниот извршен директор на Витаминка потврдува дека нестабилната и променлива политичка ситуација и неизвесност се одразуваат врз економијата и деловното работење на стопанските субјекти, но верува дека следи време на стабилизирање и насочување кон продуктивност.
“Истата ситуација не следи веќе две години, што создава дополнителни тешкотии. Нашите очекувања секогаш се поврзани со нашите потреби, конкретна и фактичка заштита на македонските производи и отворен и несметан пробив на странските пазари, првото е поврзано со состојбите на домашниот пазар, а второто е директно зависно од перцепцијата на странските пазари и компании врз земјата во целост и на нас како компании што доаѓаме од оваа земја”, вели Наумоски.

Ванчо Чифлиганец, генералниот директор на градежната компанија Адора смета дека ако продолжи неизвесноставо Република Македонија, не можеме да бидеме оптимисти дека нешто ќе се промени на економски план во позитивна насока.
“Прашање е ако се задржи овој амбиент во државата, дали економијата ќе може да се одржи на сегашното ниво или таа ќе опаѓа во периодот што следи? Адора инженеринг во своето работење ја чувствува неизвесноста што трае подолго време во Македонија и со максимална ангажираност и натчовечки напори на целиот тим вработени се труди компанијата да опстојува и натаму”, вели Чифлиганец.

Според Златко Симоновски, директор на Факом, неповолната економска состојба во државатаго достигнува својот врв.
“Стапката на надворешна и внатрешна задолженост прогресивно расте и перманентно го надминува остварениот прираст на GDP што е, сигурно, алармантен показател за внатрешната економска (не)стабилност на државата. Како последица на актуелните притисоци и загриженоста од страна на Европската Унија и меѓународните финансиски институции, може да се очекува драстично смалување на инвестициите во јавниот сектор”, вели Симоновски. Според него, потребно е надминување на домашната политичка криза и формирање на влада која ќе се зафати со сериозни структурни реформи со кој ќе им се даде сериозна помош на бизнисот, ќе ги изедначи условите за стопанисување на сите пазарни субјекти, без разлика дали се домашни, странски, државни, јавни или приватни.
“Исто така потребен е нов економски модел кој ќе генерира подинамичен раст на БДП, стимулирање на извозно ориентираниот приватен сектор, а посебно металната индустрија, и обезбедување на услови за зголемување на конкурентната способност”, вели Симоновски.

cover - 896-1Кои се најголемите ризици за македонските компании?

Најголемите ризици за работењето македонските бизнисмени ги гледаат во пролонгирањето на домашната политичка криза и за сложените услови за извоз заради неизвесните геополитички процеси.
Според Павле Гацов, поради миксот од негативни политички и консеквентно на тоа лоши макроекономски влијание и 2017 година ќе биде тешка за македонските компании. “Политичките влијанија ќе ги заобиколат странските и особено ТИРЗ компаниите кои функционираат според посебни правила на игра. Нивниот раст главно ќе зависи од актуелниот тренд на движење на европската економија. За останатите, и понатаму ќе останат проблемите со неликвидноста, дезинвестирањето, одливот на квалитетна работна сила надвор од земјата односно во ТИРЗ компаниите, високите парафискални давачки по разни основи, итн..”, вели Гацов .

И големите и малите фирми го делат истиот став дека политичарите мора да најдат начин да ја прекинат оваа неизвесност, од која најголем губитник е бизнисот, и да ги стават економијата и реформите во фокусот на своето работење.

Од Алкалоид, како компанија која е присутна на повеќе од 30 пазари во светот, најголемите опасности ги гледаат токму во глобалните процеси кои имаат своја рефлексија и на регионално и локално ниво. “Сепак се надеваме дека ќе дојдат времиња со помали турбуленции кои ќе допринесат за постабилни економски текови, а воедно ќе ги зголемат и можностите за економски раст. Потенцијалите за раст на кои ние континуирано работиме се секако успешниот развој и промоција на нови производи од сите бизнис сегменти на нашата компанија, како и пенетрација на нови пазари и пазарни сегменти”, велат од Алкалоид.

Како пазари со посебен приоритет и најголем потенција од Алкалоид ги истакнуваат  пазарите од Европската унија каде годинава забележуваат сериозен раст, кој очекуваат да продолжи и во наредниот период. “Секако за обележување се нашите потенцијали и во Русија и пазарите од ЗНД како и можностите кои постојано ги унапредуваме со нашите билни производи на пазарот во САД”, велат од Алкалоид.

Од Витаминка потенцираат дека како компанија имаат изградено и веќе долго време спроведуваат стратегија на континуиран развој и раст, како на домашен така и на странските пазари. “Тоа значи дека поседуваме потенцијали за понатамошно развивање, а токму таа стратегија ги дефинира. Годината што изминува го одбележавме 60годинишиот јубилеј што ни ги поставува стандардите за следната и воедно е нашиот најголем предизвик. Така, оваа година, целото наше работење, знаење и професионалност ги ставаме во функција на потврдување на статусот на Витаминка – лидер во кондиторијата што успешно работи шест децении, надградување на статусот и зголемување на досегашниот успех”, вели Наумоски.
“Бизнисот ја плаќа најголемата цена во вакви околности, инвестициите и растот се забавени и намалени. На домашниот пазар очигледно дека ќе биде многу лошо ако вака продолжи политичката криза и ние мораме да одиме на други пазари, во регионот, Европа, итн. Меѓутоа, тоа премостување не е баш така лесно и брзо, и за да може да го направиме ќе мора да работиме 150% за оствариме 100% од минатата година”, вели Трајан Ангелески.

cover - 896-2Бизнис плановите на компаниите во 2017

И покрај политичката криза и неизвесните услови за водење бизнис, повеќето компании се одлучни да продолжат да го следат својот главен фокус – подобрување на квалитетот и продуктивноста во работењето, подобрување на конкурентноста, развој на нови производи, освојување на нови пазари и остварување на позитивни финансиски резултати. И самите се свесни дека ќе биде потребен огромен труд за да опстојат на нивните бизнис планови. Но, како што велат, во Македонија никогаш немало добор време за водење бизнис, па веќе се доволно жилави и подготвени за водење на бизнис во време на криза.

Од Алкалоид се децидни дека и во 2017 година ќе продолжи фокусот кон рационализација и оптимизација на деловните процеси. “Целосно сме посветени на развојот на нови производи и континуирано проширување на пазарите на кои сме присутни. Одлуките се во правец на максимална диверзификација на ризиците од работењето како и намалување на нивниот интензитет. Инвестираме постојано во човечкиот потенцијал и вештини како и во нови вработувања особено во специфичните сегменти од нашето работење како на пример истражување и развој, контрола на квалитет исл. Континуирано инвестираме и во нови технологии и осовременувања, опрема, софтвери итн. Целта е да ја одржиме конкурентноста на нашите висококвалитетни производи. Со детално зацртаните планови на продажби на постојните и на нови пазари, сериозната развојна програма на нови производи како и прецизниот план на инвестициони вложувања со кои треба да се остварат сите предуслови за иден раст на Компанијата, очекуваме дека ќе успееме да ги оствариме зацртаните планови за 2017 година кои предвидуваат повторно раст од околу 6% до 7% и тоа главно на извозните пазари со што ќе се овозможи продолжување на нашиот децениски континуиран раст.

Од Витаминка велат дека во изминатата година имале значајна инвестиција која што треба да им помогне да ги исполнат зацртаните планови. “Новата производна линија за чоколадирани производи и новиот магацин е инвестиција што ќе го зголеми капацитетот на производството, како и можностите за пласман на странските пазари.Во 2016 година покажавме раст на продажбата дома и во странство, каде што се насочивме и каде е забележано зголемување за 8%. Како резултат на оваа инвестиција очекуваме уште поголем раст на продажбата, и на домашен пазар и во оние 40-тина земји односно странски пазари каде сме веќе присутни. Не помалку важно е воведувањето на нови производни стандарди, посебно имплементацијата и сертификацијата на Халал стандардот, што ни отвора еден многу голем и перспективен пазар”, вели првиот човек на Витаминка, Сашо Наумоски.

Првиот човек на Адора инженеринг, Чифлиганец вели дека во фокусот на компанијата ќе биде да ја задржат компанијата на нозе и во добра кондициција, со очекување на поповолна бизнис клима и поповолен амбиент за работа во 2017-та година.
“Оценуваме дека во овој момент најважно од сé е да опстанеме како здрав економски субјект, а условите за бизнис во наредниот период ќе ги детерминираат следните деловни чекори на Адора инженеринг”, вели Чифлиганец.

Од компанијата Микросам од Прилеп, која е целосно извозно ориентирана велат дека политичката криза не влијае значајно во делот на потпишувањето на договорите со странските партнери, иако некои од нив се интересираат и прашуваат за ситуацијата во земјата. “Меѓутоа, внатрешно за во Македонија гледаме дека има одредени проблеми со ликвидноста меѓу компаниите, и еден вид на летаргија кај администрацијата. Како најголем ризик ја гледаме глобалната безбедносна ситуација и колку таа ќе влијае врз одлуките на големите корпорации за инвестирање во капитална опрема, тоа е она што го произведуваме ние. Исто така,  големата флуктуација на некои од валутите претставува ризик за одредени одлуки. Како потенцијални прилики за  раст на продажбите на Микросам ги гледаме источните пазари (Кина, Русија, Индија), како и пазарот на Северна Америка”, вели Димитар Богданоски, менаџер за продажби во Микросам.
Што се однесува до плановите на Микросам за следната година, Богданоски вели:“Плановите за наредната година се да имаме раст на продажбата и на извозот, раст на вработувањата, а планираме и позначајни инвестиции во нови развојни проекти и зголемување на производствениот  капацитет”, вели Богданоски.

И од Факом потврдуваат дека главниот фокус следната година ќе им биде извозната ориентација.  “Во суровите и протекционистички ориентирани странски пазари Фakom секогаш ја потврдувал својата отпорност на сите предизвици, особено во сочувувањето и подобрувањето на квалитетот на своите производи. Нашите напори и понатаму ќе бидат насочени пред се’ на смалувањето на производствените трошоци, заштедата на енергија и енергетската ефикасност, користењето на ефтини и рационални технологии и производни средства и долгорочен и организиран настап во соседните земји и Европската унија и остварување на цврсти врски со силните економии на Блискиот Исток”, вели Симоновски, кој вели дека следната година планираат продажбите да бидат на исто ниво како лани, а 80% од продажбите да бидат во странство.
“Евентуални вработувања, во помал обем, се можни во втората половина од годината и во зависност од видот и обемот на проектите.Инвестициите ќе бидат смирени и, пред се, насочени кон модернизација на опремата заради зголемување на конкурентната способност и инвестиции за подобрување на работните услови”, вели Симоновски.


Финансиските директори најмногу стравуваат од геополитичките ризици

Анектата на Deloitte направена на 1.500 финансиски директори од 17 европски земји покажува дека најголема закана за компаниите се геополитичките ризици, поврзани со борбата против тероризмот и Брегзит. После геополитичките фактори, како најголема закана за водењето бизнис европските финансиски директори ги посочиле зголемената регулација, слабите валути, дефлацијата, протекционизмот и зголемените бариери за трговија, недостаток на квалификувана работна сила .

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×