До крајот на денешниот ден би требало да се расчистат сите дилеми околу претстојните избори. Дали без учество на опозицијата, ќе остане договорениот датум за 24 април или четирите партии, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе договорат нов датум, 5 јуни, кој како датум подолго време се споменуваше во јавноста и за кој веќе се дискутирало.
Дека станува збор за пресуден ден потврдува и фактот дека денеска во Скопје на помош на партиите ќе им бидат присутни и европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан, кои посредуваа во носењето на Договорот од Пржино.
Во текот на вчерашниот ден ВМРО ДПМНЕ и СДСМ уште еднаш ги повторија своите спротиставени дијаметрално спротивни позиции. Колебање во однос на претходните ставови може да се забележи кај ДУИ од каде вчера потенцираа дека избори треба да има кога ќе се договорат сите партии и дека тие ја почитуваат проценката на меѓународната заедница.
Според претходно изгласана одлука денеска на полноќ треба да се распушти Собранието, па доколку во текот на денот оваа одлука, донесена без опозицијата, не се помести, ќе остане датумот за избори на 24 април, а за евентуално донесување на нова одлука после полноќ, ќе треба да се прогласи воена или вонредна состојба.