Денови пред Европскиот совет: Северна Македонија испорача, на потег е ЕУ
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Претстојниот Европски совет се смета за клучен, се очекува конечен пресврт во евроинтеграциските процеси на земјата и зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија.
ec-1 Датумот е само првичната точка од патот за целосно интегрирање, на кој земјава ќе отвора поглавје по поглавје од вкупно 35, почнувајќи со најтешките – 23 што се однесува на правосудството и на фундаменталните права и 24 што се однесува на правда, слобода и на безбедност.
На 15 октомври најпрво заседава Советот за општи работи, а потоа на 17 и 18 октомври заседава Европскиот совет. Одлуките се донесуваат со консензус, а засега огромно мнозинство од земјите членки се за почеток на преговорите и тие лобираат кај оние што сè уште имаат некакви резерви, како Франција, чиј став е познат – прво реформи во Унијата, па проширување.
Високите европски функционери со став дека Северна Македонија испорачала и сега на потег е ЕУ. -Северна Македонија и Албанија испорачаа, сега е крајно време земјите-членки да го испорачаат своето, објави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на неговиот налог на Твитер откако претходно во писмо испратено на 3 октомври до земјите членки на ЕУ, сегашниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск, на Европската комисија Жан-Клод Јункер, новоименуваната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејн и претседателот на Европскиот парламент Давид Сасол, бараат отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со двете земји.
Во посета на земјава вчера беше австрискиот сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи Александер Шаленбер, кој упати јасна порака дека Австрија целосно стои зад ставот дека Северна Македонија и Албанија треба да почнат преговори. Преговорите со ЕУ тој ги спореди со Тур де Франс – патот е долг, со многу патеки и тешкотии.
“Овој процес може да го споредам со Тур де Франс. Не е важно само кој ќе биде на стартната позиција, понатаму има многу етапи, патеки и патот е долг, но верувам дека не треба да постои дискриминација во врска со тоа кој треба да стои на стартната линија на оваа тура”, рече Шаленберг.
Тој на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров, изрази уверување дека земјата заслужува да го направи следниот чекор.
“Скопје ги испорача резултатите, сега е ред на Брисел да го испорача своето. Тоа е нашата позиција”, рече австрискиот министер.
Нагласи дека следната седмица сите земји членки нема да имаат исто мислење, но тој е оптимист и уверен е дека во Брисел ќе бидат постигнати позитивни чекори и ќе биде дадено зелено светло за преговорите.
Австрискиот државен врв, додаде тој, стапил во контакт со нивните колеги од другите земји членки за да се уверат дека во Брисел ќе биде донесено правилното решение.
Димитров нагласи дека фокусот на средбата бил претстојниот Европски совет и додаде дека ова за земјава не е само уште еден ЕС.
“Решивме тешки прашања во период кога во Европа, па и во светот, нема многу решенија на проблемите, особено на големи проблеми. Имаме еден демократски пресврт со сите минуси и грешки, кои, за жал, уште ги правиме, но македонското општество е позрело и подемократско од пред три години. Тоа е факт, правиме скокови во слободата на медиумите, во независноста на судството, има повеќе одговорност, има очигледно независна антикорупциска, има добри и видливи реформи во секторот разунавање – сè заедно заслуживме да го направиме следниот чекор, кој е почеток на европскиот пат, не е крајот”, рече Димитров.
Денови пред Европскиот совет вчера се произнесе и бугарскиот премиер Бојко Борисов. Порача дека тој и неговиот заменик и министер за одбрана Красимир Каракачанов го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ и во НАТО.
“За темата дали Северна Македонија треба да влезе во ЕУ и во НАТО со вицепремиерот Красимир Каракачанов сме на ист став. Се разбира дека и Албанија треба да биде членка”, изјави Борисов за време на средбата со претставници на Американската трговска комора.
Поддршката за Северна Македонија е огромна, но сепак се отвора прашањето дали земјата заедно со Албанија ќе ги стартува преговорите или евентуално постои можност за нивно одвојување.
Според информациите на Ројтерс, објавени минатиот викенд, Германија предлага одвојување на Северна Македонија и Албанија во обид да постигне компромис помеѓу сите земји членки на ЕУ на 15 октомври.
“Според планот предложен неделава до министрите на 28-те земји членки што треба да дискутираат кон средината на октомври е можен компромис помеѓу оние што се обидуваат да ги приближат балканските земји до ЕУ и оние што пружаат отпор како Франција, Холандија и Данска”, пишува Ројтерс.
Агенцијата потсетува дека Германија пред неколку недели гласаше за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија, но со дополнителни услови за Тирана. ЕУ-дипломат, меѓутоа, за Ројтерс вели дека усвојувањето на овие заклучоци ќе зависи од Франција, каде што одлуката ќе ја донесе лично Емануел Макрон. Текстот нагласува дека Холандија, друга земја со големи резерви кон проширувањето, е повеќе наклонета кон Северна Македонија отколку кон Албанија.
Австриската позиција по ова прашање е јасна – Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за почеток на преговорите на претстојниот Европски совет, порача вчера во Скопје, Шаленберг.
“Нашата позиција како Австрија е јасна. Веруваме дека и двете земји, и Северна Македонија и Албанија, треба да бидат поканети од страна на Брисел и да почнат преговори”, рече Шаленберг.
Димитров нагласи оти на ова прашање може да се одговори од три аспекти.
“Имаме државен интерес соседна Албанија да направи чекор напред ние сме добри соседи, тоа е добро за нас, пред сè за Тирана, но и за вкупната атмосфера и геополитичка ситуација на Балканот. Второ процесот на пристапување е процес што е фокусиран на индивидуални постигнувања и ако правите групи земји се руши логиката на условеноста на процесот и трето не смееме да дозволиме една да биде жртва на другите, две е подобро од една, меѓутоа една е подобро од нула, што е неуспех и за самата ЕУ и може да ја урне самата политика на проширување”, истакна Димитров.
Иако е предвидено одлуката да се донесе на 15 октомври во Луксембург, не е исклучено досието да се префрли на самите шефови на држави и влади каде што Меркел и Макрон ќе се обидат да постигнат компромис. Според Ројтерс, две опции се можни, едната да се дадат дополнителни услови пред да започнат преговори, другата е да се одвојат Северна Македонија и Албанија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×