Десподов: Бизнис секторот се позиционира како клучен фактор за напредок на општеството
Објавено на од во Економија
На првата и можеби најголема донаторска конференција на бизнис секторот за општествено одговорни проекти на граѓански организации, приватниот сектор донираше 1,5 милиони денари за три проекти, кои беа претставени на донаторската вечер организирана од Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам).
За несекојдневноста на ваквиот настан, но и реткоста на праксата, колку е тоа одржливо и дали може да се случува во континуитет, со оглед на општествениот амбиент кој го прави прилично ранлив и самиот приватен сектор, Капитал разговараше со Извршната директорка на Американската стопанска комора во Македонија, Дијана Десподов, иницијатор и организатор на одржаната донаторска конференција.
despodov amchamДали имаме доволно стабилен приватен сектор за ваквата пракса да одржи континуитет?
Донаторската акција на АмЧам преку која се собраа 1.5 милион денари покажа дека приватниот сектор има и волја и капацитет да инвестира во подобрување на општеството.
Прашањето не е дали имаме доволно стабилен и мотивиран приватен сектор – тоа прашање го одговараат нашите компании-членки секојдневно преку нивното ангажирање во решавањето на општествени проблеми, од обуките за вештини за млади на Пивара Скопје до потегот на Витаминка да овозможи скратено работно време за нови родители.
Прашањето е дали имаме добра законска регулатива која не само што ќе им олесни на компаниите да инвестираат во општеството, туку и ќе понуди стимулативни мерки за што повеќе компании активно да се вклучат во вакви иницијативи. За жал Законот за Донации и Спонзорства содржи многу недоречености, контрадикторности, и ограничувања кои влијаат обесхрабрувачки на приватниот сектор.
Уште поголем проблем е праксата компании кои бараат поврат на ДДВ на име донации да бидат предмет на дополнителни даночни ревизии и инспекции. Мораме да престанеме компаниите кои вложуваат во општеството да ги третираме како криминалци кои имаат нешто да скријат или за нешто да се искупат и да разбереме дека просперитетно општество во кое сите имаат можности да го остварат својот потенцијал и да придонесат со своите способности е во сечиј интерес, вклучително и во интерес на приватниот сектор.
Во наредниот период АмЧам започнува иницијатива за создавање услови кои ќе го олеснат корпоративното давање и мобилизирање на што поголем број компании да инвестираат во општеството
Каде е линијата помеѓу институционалната и корпоративната одговорност?
Во земји во кои на јавните институции им фали и капацитет и визија за задоволување на општествените потреби, странските донатори и приватниот сектор го пополнуваат тој вакуум, така што линијата е прилично матна.
Приватниот сектор нема проблем да финансира проекти кои традиционално се обврска на државата, но треба да бидеме внимателни да не префрлиме премногу обврски врз приватниот сектор и донаторите, бидејќи сите ние плаќаме даноци со кои државата би требало да ги задоволи барем основните општествени потреби, како квалитетно образование, добро здравство, и адекватна инфраструктура.
Како за споредба, во развиените земји приватниот сектор инвестира во културни, уметнички, и спортски институции и настани, а не во опремување на болници и училишта.
Општествено корисните иницијативи на граѓани и организации се повеќе се потпираат на приватниот сектор а се помалку веруваат на институционална поддршка. Зошто?
Точно е дека граѓанскиот сектор почнува да разбира дека приватниот сектор е доверлив и сигурен партнер во реализација на општествено корисни иницијатива. Како илустрација, на нашиот повик за социјално корисни идеи се пријавија 40 граѓански организации, иако немаше гаранција дека потребните средства ќе се соберат.
Мислам дека овој тренд се должи на резултатите (или недостатокот на резултати). Во последниве три децении јавните институции не покажаа способност да се фатат во костец со најгорливите општествени проблеми и да ги решат, додека приватниот сектор се најде во улога на лидер и пример за тоа како и каде треба да се инвестира.
Граѓаните и организациите јасно го гледаат овој тренд и се’ почесто се обраќаат таму каде што знаат дека ќе најдат помош и поддршка, а тоа за жал не се јавните институции
Може ли бизнис секторот да биде “сурогат мајка” за сите кои сакаат да дадат придонес во еволуирањето на општеството?
Бизнис секторот веќе се покажа како исклучително општествено свесен и совесен и се позиционира како клучен фактор за напредок во општеството.
Меѓутоа не мислам дека бизнис секторот треба ексклузивно да биде одговорен за прогресот на општеството. Потребна е комуникација, кооперација, и координација помеѓу јавниот, приватниот, и граѓанскиот сектор за да се идентификуваат најитните и најголемите општествени проблеми и заеднички да се изнајдат решенија за нив.
Кога сите ќе се договориме да застанеме зад некоја идеја или проект или иницијатива и заеднички ќе работиме на нивно остварување одличните резултати ќе бидат неминовни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×