Детален преглед на вториот сет економски мерки
Објавено на од во Економија
Погледнете го деталниот преглед на вториот сет акономски мерки што ги донесе Владата за олеснување на последиците од кризата предизвикана од корона вирусот. 
Vlada sednica
Поддршка за работодавците за заштита на работните места – 14.500 денари по вработен за исплата на платите за април и мај.
Услови за користење на мерката:
  • да не исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност
  • да имаат најмалку 30% намалување на приходите споредено со просекот од минатата година/сезонскиот просек
  • за месецот за кој се бара поддршка, просекот на делот на највисоките нето-плати на 10% од бројот на вработените да не надминува 120.000 денари месечно по вработен.
За да се аплицира, треба:
  1. да се пополни Барање, кое УЈП наскоро ќе го објави, заедно со изјава дека се исполнуваат условите
  2. барањето да се поднесе преку системот е-даноци на УЈП до 5-ти во месецот, за претходниот месец
  3. УЈП ќе го потврди Барањето во рок од 3 дена.
Важно:
  • финансиската поддршка не се однесува на оние вработени кои за месеците декември 2019 година, јануари и февруари 2020 година примиле нето-плата повисока од 39.900 денари
  • работодавците кои ќе ја користат оваа мерка, мора да го задржат бројот на вработени во моментот на аплицирање сѐ до септември 2020 година
  • добиената финансиска поддршка нема да ја враќаат работодавците што искажале загуба за 2020 година. За другите, враќањето е лимититирано до износ од 50% од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи.
Поддршка за спортистите – 14.500 ден. за април и мај
За сите спортски работници вработени во спортските здруженија, Владата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај.
Поддршка за уметниците – 14.500 ден. за април и мај
За самостојните уметници ќе биде обезбедена минимална плата за месеците април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура.
Паричен надоместок за граѓаните што останале без работа (50% од просечната плата на работникот)
За граѓаните што останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надоместок – месечна плата, секој месец, во висина од 50% од просечната месечна нето-плата, а најмногу до 80% од просечна плата во земјава на работникот за последните 24 месеци односно согласно член 68 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Солидарност и заштеда: сите избрани и именувани функционери ќе примаат минимална плата за април и мај
Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земаат минимална нето-плата (сметано од декември 2019 година) од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година.
Укинат надоместок за членови на управни и надзорни одбори и комисии додека трае кризата
Претседателите и членовите на управните и надзорните одбори на јавните институции од извршната и локалната власт, како и претседателите и членовите на советите на општините, и претседателите и членовите на комисиите формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земат никаков надоместок додека трае кризата. Одлуката ќе важи додека Владата не донесе одлука за престанок на истата.
Грижа за лицата во неформалната економија – 7.000 денари по домаќинство за лицата без работен ангажман
За оние лица што останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија се овозможува брз влез во системот на социјалната заштита за месеците април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство.
Одложување на кредитите кај банките за 3 до 6 месеци
Банките ќе им понудат на правните лица поповолни услови како што се пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и сл, додека на физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на ратите на 3 до 6 месеци. Секоја банка ќе ја донесе одлуката на своите надзорни одбори и ќе ги извести своите клиенти, а дел од банките веќе донесоа одлуки за одлагање од 6 месеци.
Намалување на ратите и трошоците на кредитите кај финансиските друштва и лизинг компаниите
  • Кредитите на физичките лица да се репрограмираат со намалување на ратите во следните три месеци за 70% од ратата и со продолжување на рокот за отплата за најмалку 90 дена од доспевањето.
  • Кај правните лица ќе се одлучува индивидуално, со предлагање најсоодветни поволности, согласно потребите на компаниите.
  • Нови договори за кредити да се одобруваат со 3 месеци грејс период.
  • Со намалување на законската затезна камата, СВТ кој досега изнесуваше 51%,  се намалува на 31%, додека останатите трошоци што ги наплаќаат друштвата  се ограничуваат на 20% од одобрениот кредит.
  • За оние што ќе бидат во можност и ќе продолжат да ги плаќаат ратите во целост, ќе им бидат понудени поповолни услови.
Осум милиони евра - нова линија бескаматни кредити во висина до 90.000 евра според бројот на вработени
Развојната банка на Северна Македонија, покрај 5,7 милиони евра ќе пушти и дополнителни 8 милиони евра бескаматни кредити зa микро, мали и средни претпријатија кои може да ги користат компаниите во зависност од бројот на вработени.
Максималниот износ на кредитот кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари (90.000 евра), а минималниот износ на кредитот не може да биде понизок од 184.500 денари (3.000 евра). Компанијата може да добие кредит во висина од:
Пример: доколку компанијата има 10 вработени: 14.500 ден. x 10 x 3 месеци = бескаматен кредит од 435.000 ден.
  • Рок на отплата на кредитот до 3 години со вклучен грејс период од 12 месеци со намена за обртни средства. Kвартални отплати.
  • 0% камата и без трошоци за администрирање.
50 милиони евра евтини кредити за компаниите од Развојната банка, а пласирани преку комерцијалните банки
Развојната банка преку деловните банки ќе понуди евтини кредити за претпријатијата. Министерството за финансии ќе ја субвенционира каматната стапка, за да Развојната банка ги понуди кредитите со 0% камата на деловните банки – на тој начин на крајните корисници ќе им се понудат поволни кредити со камата од околу 1,5%.
Формирање СОЛИДАРЕН КОВИД-19 ФОНД
Ќе се отвори посебна наменска сметка во Владата за примање донации од правни и физички лица кои ќе имаат можност и волја да донираат средства што ќе се користат за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Забрана за отварање стечајна постапка
Се запира Законот за извршување
Се суспендира односно запира Законот за извршување до крајот на јуни. Извршителите ќе бидат должни да запрат со преземање какви било извршни дејствија.
Работодавците на должниците и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите до крајот на јуни. Ова нема да важи само во случаи кога парите се веќе легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаи кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители.
Ослободување од кирија за корисниците на социјални станови
Од плаќање закуп на социјалните станови ќе се ослободат сите корисници на тие станови, а исто така ќе се ослободат од плаќање закуп и граѓаните и фирмите што имаат закуп на деловен простор од Претпријатието за станбен и деловен простор.
Задолжително користење на првиот дел од годишен одмор за 2020 во јавниот сектор
Задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор за 2020 година, односно задолжително доискористување на годишниот одмор од 2019 година заклучно со 31.05.2020 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×