Џорџ Вукотич: Стартапите повеќе енергија да трошат на продажба, наместо на трчање по инвеститори!
Објавено на од во Интервју

Photos by: @[400331290169235:0]Џорџ Вукотич – американски експерт за развој на стартап акцелератори и инкубатори

Имавме прилика да разговараме со Џорџ Вукотич, еден од најискусните американски експерти за развој на стартап акцелератори и инкубатори, во некои од нив и ко – основач и партнер (“1000 Angels“, “1871“…), универзитетски професор, советник и  ментор на многу претприемачи.

 

Г-не Вукотич, со оглед на вашето огромно искуство во развивање на стартап екосистемите, што е најголемиот предизвик кога работите со млади претприемачи?

Да ги натерам да сфатат дека нивната идеја сама по себе не вреди милиони долари. Многумина млади претприемачи имаат идеја што сакаат да ја развијат без да знаат дали воопшто постои пазар за тоа. Што ќе ви е производ што никој не сака да го купи?!

Кога ќе се спомне зборот “стартап“ во американски контекст, сите некако помислуваме на  ИТ, висока технологија и некаков сличен бизнис потфат лоциран во Силиконската долина кој што се труди да стане новиот Facebook или Google. Што во реалноста значи стартап екосистем во САД?

Стартапи може да има во многу области, освен високата технологија, која што добива најголем дел од публицитетот. Погледнете само каде сè се случуваат промени – лајфстајл, глобализација,  па и политиката, на пример. Тие сите претрпуваат промени, а промените креираат можности. Силиконската долина е најинтересна можеби заради нејзината активност, но многу други подрачја, не само во САД, се своевидни катчиња на иновативноста. Јас на пример, работам во Чикаго, кој што нуди голема разновидност во поглед на бизнис секторите што се развиени овде: технологија, здравство, производство, финансии, итн. Значи, прилично диверзифицирана економија со диверзифицирана популација од цел свет која живее и работи во градот и околината. На пример, после Варшава, Чикаго е вториот град во светот со најмногу Полјаци.

Кои се клучните работи за еден стартап за да привлече инвеститори?

Најголемиот проблем е што многу стартапи се фокусираат на барање инвеститори. Наместо тоа, треба да се посветат на продажба. Продажба е она што сакаат да инвеститорите да видат. Почнете да продавате и тие ќе дојдат самите.

На светско ниво сè уште постои дебата околу тоа што може да се окарактеризира како стартап. Дали, на пример, локална кафе – книжарница која што има некој иновативен начин на испорака на книги и кафе до своите корисници, се квалификува да биде стартап? Тука ја има компонентата на иновативност, иако потенцијалот за експоненцијален раст на продажбата и меѓународна експанзија е дискутабилен… Што мислите вие?

Ова е добро прашање. Всушност, постои извесно недоразбирање околу дефиницијата за стартап. Некои велат дека мора да е компанија не постара од 2-3 години, што мора да реши некој проблем на нов начин, и да има потенцијал за голема експанзија. Не се согласувам баш целосно. Многумина  зборуваат за тоа “скалирање“  и сметаат дека бизнисот мора да биде скалабилен за да се смета за стартап, но прашањето е во кој обем. Не секој бизнис мора да биде unicorn (да има вредност над една милијарда долари) за да биде сметан за успешен. Споменавте пример на кафе – книжарница. Голем дел од ваквите бизниси се успешни и обезбедуваат добра живеачка за нивните сопственици. Таму каде што живеам јас, има книжарница чија што иновација е секундарна продажба на книги, т.е. корисниците може да ги препродаваат своите користени книги. Книжарницата служи како своевидна “берза“ во процесот и наплаќа симболична провизија за секоја трансакција. Значи, идејата за книжарница сама по себе не е иновативна доволно за да биде стартап, но можеби додадената вредност на “берза“ ја прави стартап. Колку може да скалира, зависи од технологијата. Времето ќе покаже.

Претпоставувам дека сте запознаен со некои од најистакнатите европски инкубатори, акцелератори, итн. Постои ли голема структурна и функционална разлика помеѓу овој тип на организации во САД и Европа?

Прво, би кажал дека инкубаторските и акцелераторските програми се во голем подем, на светско ниво. Дали поврзани со универзитетите или независни сеедно, постои голема потреба за нив и тие придонесоа многу за развојот на стартап еко системите. Многу од нив претставуваат програми поврзани со една локација, но ако го видите успехот на програми од типот на Techstars, која што глобално се рашири, ќе ми ја сфатите поентата. Доколку се добро структурирани инкубаторите и акцелераторите можат да сторат многу за стартап сцената. Додека јас го креирав “1871“, кој што беше препознаен за еден од најдобрите инкубатори во светот своевремено, многу време потрошив да откријам што им треба на членовите и оттаму изградив модел што значеше носење на преку 500 ментори од различни области: стратегија, право, продажба, технологија, итн. Исто така, направивме обемен каталог со часови за обука и работилници, преку 400, за да им помогнеме на членовите да станат поуспешни. Клучниот предизвик во сето ова беше да успееме да ги поврземе оние членови што имаат нешто заедничко меѓу себе или потреби што можат едни на други да задоволат. Сакам да истакнам дека повеќето ментори во САД го прават менторството без тоа да ги чини нешто стартапите. Ако решат да направат некоја соработка вон инкубаторот, тоа останува на нив, но во формалниот процес нема “продажба“ на услугите. Се работи за едукација и размена на информации.

Кој би бил според вас најефективниот начин Македонија да креира здрав стартап екосистем со оглед на ограниченоста на ресурсите – државни и приватни – за поддршка на иновациите и претприемништвото во моментов?

Да не звучи политички, но колку што повеќе владите ги поддржуваат стартапите, толку побрзо може да се изгради екосистем. Со обезбедување потребен простор за работа по ниски цени, како и ментори со потребното знаење и искуство може многу да се постигне. Кога зборуваме за ментори, би сакал следново да го истакнам: во САД на почетокот имавме проблем затоа што инкубаторите, односно локалните или државните власти што ги управуваа инсистираа ментори да бидат пензионирани директори од големите корпорации. Ова се покажа неефективно затоа што стартапите имаат потреба од поинаков тип помош за разлика од владите и она што може да го пружат пензионираните директори.

За Македонија мислам дека прво мора да се идентификува сектор/индустрија по која што земјата сака да стане позната. Мора да направите школите да се фокусираат на обука на луѓе за вештините што се потребни за развој на тој сектор и да пронајдете светски пазари каде што може да сте конкурентни. Гледајте на ова од перспектива на иновација, односно како да кренете нешто на повисоко ниво. Ако пробате со пониски трошоци, може да има резултати извесно време, но наскоро и останатите ќе понудат пониски цени.

Објаснете ве молам за нашите читатели што значи equity crowdfunding, начин на финансирање што сега станува прилично актуелен во развиените економии?

Ова е нова област на crowdfunding-от што го знаеме како финансирање идеја или проект преку прибирање на помали суми од голем број на луѓе. Еquity crowdfunding е новина во САД, додека во В. Британија и Австралија го прават веќе 10-тина години. Системот практично му дозволува секому да инвестира во стартап и да стане сопственик на дел од бизнисот, односно на акции. Претходно, само луѓето што имаа многу пари можеа да инвестираат во стартапи, а сега секој може. Во САД во моментов во оваа област има многу компании што губат пари со надеж дека ќе освојат пазарен удел. Мислам дека ова е опасен пристап и многу од овие фирми ќе пропаднат наскоро. Друг предизвик е да се запознае јавноста што значи equity crowdfunding  и како може да се профитира од тоа. Потребна е едукација и подигање на свесноста пред да инвестираме на овој начин.


Развиваме специјален инкубатор за странски фирми што сакаат да се пробијат на американскиот пазар. Македонските се добредојдени!

Каков  тип инкубатор е makebiz.us на чиј што развој сте фокусирани во моментов?

Во моментов сум преокупиран со поддршка во изградба на специјализирани инкубатори. На многу места сега постојат традиционални инкубатори, но предизвикот е сега што да се прави откако стартапот ќе помине неколку месеци во таков инкубатор. Му  треба поспецијализиран  тренинг и развој на различни сетови на вештини за да може да расте. Изградба на таков инкубатор што ќе ги “снабди“ компаниите со вештини и конекции за да го рашират својот бизнис е целта на MakeBiz.us. Тоа е едномесечна програма специјално дизајнирана да им помогне на компании од било каде во светот да успеат на американскиот пазар. Од искуство знаеме дека странски бизнис кога ќе дојде во САД троши повеќе од 300 илјади долари и неколку години само за да сфати како функционира пазарот. Ние сакаме да им помогнеме на овие бизниси да заштедат пари и време, и во само еден месец  да направат стратегија и да стекнат конекции потребни за ширење на нивниот бизнис. За време на тој месец, компаниите добиваат с$ што им треба за да почнат со бизнис во САД: од канцеларија лоцирана во центарот на Чикаго до секојдневни консултации и менторски сесии со експерти од сите бизнис области, како и можности да се презентираат пред инвеститори на Демо настани.

Ќе донесеме искусни ментори, како што е Мајк Зафировски, кого што нема потреба посебно да го претставувам пред македонската јавност, потоа Џаи Шекват, човекот што изгради една од најуспешните софтверски компании во Чикаго и ја продаде на SAP, Алан Мети, еден од најпознатите бизнис ангели во Чикаго…и многу други.  Инкубаторот е наменет за компании – шампиони во своите национални економии и талентирани претприемачи што се доволно храбри да ги прошират своите бизниси. Од аспект на бизнис секторите, инкубаторот е одлична можност за компании од ИТ секторот, маркетинг, дизајн, финансиски консалтинг,  како и тие што имаат производи со потенцијал за извоз на американскиот пазар. Првата група би требало да биде составена од балкански компании што ќе престојуваат во Чикаго од 1 до 30 април.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×