Добар автомобил или добар сметководител, прашање е сега…
Објавено на од во Start-up

Кои правни замки да ги избегнете кога формирате компанија, како да регистрирате фирма за четири часа, на што не треба да штедите во бизнисот, кои домашни и европски извори на пари постојат за македонските стартапи…Сето ова, заедно со искуствата на претприемачите од прва рака, на конференцијата – финале на Европската недела на стартапи
“Не чекајте премногу со подготовки за лансирање на вашиот производ или услуга, никогаш нема да бидете совршено спремни за излез на пазар. Перфекцијата е замка“, советуваа македонските претприемачи на на конференцијата “StartUp Europe Week”, што се одржа денеска во Скопје.

“Ако многу долго време се задржите во делот на подготовките, може да загубите интерес и да ви падне самодовербата. Пазарот ќе ви ги каже недостатоците што ќе ги исправите попатно и ќе понудите подобар производ.“, порача Петар Ниновски, основач на платформата за офлајн курсеви.  Тој вели дека  пристапот на т.н.  lean startup што тој го следел, дал одлични резултати досега. За четири месеци преку Brainster се организирани преку 35 обуки за најразлични вештини, како моден дизајн, сликање, дигитален маркетинг, итн. , а Ниновски има амбициозни планови да ја прошири платформата и во Атина, Берлин и други европски метрополи. Во меѓувреме успеал да добие пари и од една локална мрежа на бизнис ангели.

Startap konferencija1

За тоа што не го знаете, ангажирајте професионалци

Уште неколкумина млади претприемачи ги кажаа своите искуства на конференцијата организирана на иницијатива на Европската комисија, како финале на Европската недела на стартапи што се одржа паралелно во триесетина европски држави изминатава седмица.

Митко Цабевски од стартапот U:Plug, кој што заедно со партнер од Хрватска го создадоа производ – паметен штекер, зборуваше за тоа што значи да имате ко-основач што доаѓа од ЕУ и какви погодности, но и проблеми прави основањето стартап во земја од ЕУ.

“Верувајте ми, бирократијата е страшна во Хрватска, ви бараат дозволи за сe’ и сешто, но затоа пак имаат пристап до големи ЕУ фондови и стартап сцената е поразвиена. А, особено кога едниот содружник е од земја што не е членка на Унијата, па имате проблем со регулирање на престојот и сл.“, вели Цабевски.

Теди Пејовски, ко-основач на  G6, креатори на мобилни и веб платформи, порача да не се штеди на ангажирање професионалци за работи за кои што стартап тимовите немаат доволно знаење и капацитет.

“Добар сметководител или добар автомобил, тоа не треба да е дилема. Не се расфрлајте со заработката доколку ги немате квалитетно покриено позициите за кои што немате доволно експертиза во тимот. Тоа подоцна може да ви се удри од глава“, рече Пејоски, чија што компанија за девет месеци од шест вработени стасала до 20.

Заштитете ги иновациите на време

Мирјана Марковска од адвокатската канцеларија “Марковска – Андревски“ ги советуваше младите претприемачи на што да внимаваат при формирањето и работењето на стартапот.

“Заштитете ги иновациите на време, водете документација, направете проценка на правните и финансиските ризици. Несогласувањата помеѓу содружниците околу донесувањето одлуки, правата на индустриска сопственост, процесот на регрутација кадри и околу визијата за развојот на компанијата се најчестите пречки што стојат на патот на секој стартап“, истакна Марковска.

На конференцијата беа присутни и  претставници на Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Агенцијата за претприемништво и  Агенцијата за вработување  кои што ги претставија аспектите поврзани со работата на стартапите, и програмите за финансирање на претприемништвото, секој од својот домен.

На крајот, претставници од државниот Фонд за иновации и технолошки развој, CEED,  европскиот фонд за ризичен капитал SC Ventures и уште неколку организации  за поддршка на стартапите, ги претставија изворите на финансирање и останатите можности што им стојат на располагање на претприемачите, како инкубатори,  акцелератори, платформи за социјално претприемништво, итн.

Startup Europe Week се одржува на иницијатива на Digital Agenda EU, во ко-организација на  StartupSelfie, Brainster, NewMan’s Business Accelerator, Inception Entreprise, COseed, Madi Group и Бизнис конфедерацијата на Македонија, а со поддршка на Европската комисија.

Поопширно за сe’ што кажаа претприемачите, финансиерите и државата на оваа конференција,  ќе може да прочитате во магазинот Капитал во следниот број.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×