Долговите на општините се над 100 милиони евра и никој не може да наплати од нив!
Објавено на од во АНАЛИЗА

AML_6714 WEB 952Државната ревизија го потврди она на што бизнисот се жали со години

Вкупните неизмирени обврски на општините во Македонија кон добавувачите на крајот на 2016 година достигнуваат 82 милиони евра. За период од пет години обврските кои општините ги немаат измирено кон добавувачите се зголемиле за околу 50% во споредба со 2012 годинa. Но, овој долг на општините би можел да биде уште поголем и да  надмине и 120 милиони евра, ако на тоа се додадат обврските по основ на судски решенија и по основ на камати. Ревизорите посочуваат дека многу општини не го почитуваат Законот за финансиска дисциплина и не ги почитуваат роковите за плаќање кон приватните компании, понатаму дека многу компании не можат да си ги наплатата од нив побарувањата, дека општините кои се со блокирани продолжуваат да трупаат долгови… кај некои општини задолженоста надминува 80% од нивните буџети, што ги прави финансиски нестабилни и потенцијално опасни да функционираат во правниот промет, бидејќи повеќе од јасно е дека тие немаат никаков капацитет да ги исплатат старите, ниту, пак, новите обврски. Оттука, логично е да се постави прашањето има ли потреба Македонија од 80 општини?

 

Вкупните неизмирени обврски на општините во Македонија кон добавувачите на крајот на 2016 година достигнуваат 82 милиони евра. За период од пет години обврските кои општините ги немаат измирено кон добавувачите се зголемиле за околу 50% во споредба со 2012 година, кога тие изнесувале 55 милиони евра, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија насловен “Преземање обврски и финансиската нестабилност кај единиците на локална самоуправа”.

Вкупните обврски кон добавувачи опфаќаат 35% од вкупните приходи кои ги реализираат општините, а некои општини имаат натрупано неизмирeни обврски кои достигнуваат дури 80% од приходите кои општините ги реализираат во буџетите.

Но, овој долг на општините би можел да биде уште поголем и да  надмине и 120 милиони евра, ако на тоа се додадат обврските по основ на судски решенија и по основ на камати. Имено, во ревизорскиот извештај се вели дека дека постои големо несогласување во евиденцијата на општините и бројките кои ги има Министерството за финансии за износот на овие обврски кои ги должат општините по основ на извршни судски решенија. Имено, според евиденцијата на Министерството за финансии обврските по судски извршни решенија со се камата достигнуваат дури 37,4 милиони евра, додека евиденцијата на општините покажува дека овие обврски изнесуваат околу 5,8 милиони евра.

Ревизорите посочуваат дека многу општини не го почитуваат Законот за финансиска дисциплина и не ги почитуваат роковите за плаќање кон приватните компании, понатаму дека многу компании не можат да си ги наплатата од нив побарувањата, дека општините кои се со блокирани продолжуваат да трупаат долгови…

Opstini WEB 952 tabelaКои се најзадолжени општини во Македонија?

Според податоците од Министерството за финансии, општина со најголема задолженост во Македонија е Охрид. Градот Охрид  заклучно со мај 2017 година имал долг од 11 милиони евра. Ако се споредат со вкупниот буџет, односно со завршната сметка на буџетот за 2016 година обврските на општина Охрид достигнуваат дури 78%

Втора најзадолжена е општина Тетово со вкупно неплатени обврски од 8,11 милиони евра. Трета е општина Карпош која има неплатени обврски од
7,7 милиони евра, а четврта е Струга која на крајот на мај изминатата 2017 година имала 3,58 милиони евра. Општина Чаир е петта најзадолжена општина и има неплатени обврски од 2,3 милиони евра, а шеста е Куманово со 2 милиони евра неплатени обврски.
Од вкупно 80 општини колку што има Македонија, 22 општини имаат долгови поголеми од 1 милион евра. Само три општини Валандово, Ѓорче Петров и Дебарца немаат никакви долгови и неисплатени обврски.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека 20-те најзадолжени општини имаат вкупни неплатени обврски од 57 милиони евра, што е 70% од вкупниот долг на општините кои на крајот на 2016 година изнесуваше 82 милиони евра.
Но, ако сумите што ги должат општините се стават во контекст со нивните буџети тогаш задолженоста добива уште пострашни димензии. Имено, кај некои општини задолженоста надминува 80% од нивните буџети, што ги прави финансиски нестабилни и потенцијално опасни да функционираат во правниот промет, бидејќи повеќе од јасно е дека тие немаат никаков капацитет да ги исплатат старите, ниту, пак, новите обврски. Оттука, логично е дека нивните долгови да продолжат да растат и во иднина.

[caption id="attachment_52626" align="alignright" width="300"]ministerstvo-za-finansii-i-ministerstvo WEB 952 Според анализата на податоците од Министерството за финансии ревизорите утврдиле дека во 2016 година во Македонија имало 14 општини со блокирани сметки, додека нивниот број во 2017 година се зголемил на 16. Ако се земе во предвид дека Македонија има 80 општини излегува дека 21% од општините се со блокирани сметки.[/caption]

И со блокирани сметки продолжуваат да прават долгови

Катастрофалната ситуација со општините ја покажува уште еден податок на кој посочуваат ревизорите.
Имено, во Македонија постојат општини кои се со блокирани сметки подолго од шест месеци континуирано, а истовремено имаат натрупано обврски кои достигнуваат до 80% од приходите во вкупниот буџет на општината.
Нив буквално никој ништо не им може, бидејќи некоја приватна компанија која има побарување од општината дури и да добие извршно судско решение за наплата, парите не може да си ги наплати бидејќи сметката на општината е блокирана.

Според анализата на податоците од Министерството за финансии ревизорите утврдиле дека во 2016 година во Македонија имало 14 општини со блокирани сметки, додека нивниот број во 2017 година се зголемил на 16. Ако се земе во предвид дека Македонија има 80 општини излегува дека 21% од општините се со блокирани сметки.
Седум општини во Македонија биле со блокирани сметки во последните пет години, односно од периодот од 2012 до 2016 година. Во 2016 година дури 11 општини имале блокирана сметка подолго од шест месеци, а вкупниот износ на неизмирени обврски подолго од 60 дена надминува 80% од приходите кои тие ги собираат во буџетите. Кај една општина неизмирените обврски достигнале дури 389 % од вкупните приходи во нејзиниот буџет.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека блокирањето на сметките на општините со извршни судски решенија се по основ на неплатени обврски кон добавувачи и вработени…Како најчесто споменувани обврски за задолжување на општините се обврските кон градежните фирми и други изведувачи, потоа следат обврските за неплатена електрична енергија, како и наследени обврски по основ на експропријација на имот.

Но, и покрај трупањето на долговите, на општините никој ништо не им може, бидејќи нивното неплаќање се толерира од законите и државата. Имено, поголемиот број од општините имаат Решение од надлежен суд  за лимит, односно за износот на парични средства кои им се неопходни за вршење на дејноста на општината. Тоа во пракса значи дека компанијата дури и да има судско решение, тоа не може да биде наплатено од судски утврдениот лимит, туку само од сумата што е над тој лимит. Во најголем дел од случаите тие лимити се поставени над нивните вкупните приходи, па нив буквално никој ништо не им може бидејќи и кога некоја компанија има судско решение, не може да си наплати.

Па така ревизорите констатирале дека од 14 блокирани општини, 11 имаат утврден лимит со решение од судот, со кое тие можат со години да не плаќаат, а парите да си ги користат за плати, автомобили, мебел и за други потреби … Вкупната задолженост на општините кои се со блокирани сметки заклучно со мај 2017 година достигнува 40 милиони евра.
Ревизорите ги повикуваат претседателите на судовите да ги преиспитаат донесените решенија за износот паричните средства потребни за вршење на дејноста, кои се изземат од извршување, за да може да се овозможи наплата на веќе достигнатите решенија за наплата и за да се овозможи долговите да почнат да се отплаќаат и намалуваат. Бидејќи, вака како што се сега поставени работите, со законска можност општините да продолжат да не плаќаат никому, долговите на општините можат само да продолжат да растат.
Бидејќи, блокираните општини иако законски не би требале, тие продолжуваат да реализираат капитални инвестиции, за кои  немаат пари да ги платат обврските, па задолженоста на општините ќе продолжи да расте.


Судовите ги штитат јавните претпријатија и општините од доверителите

opstina-ohrid WEB 952Компаниите веќе со години наназад посочуваат дека имаат големи проблеми при наплата на побарувањата од јавните претпријатија и општините. Тие преку стопанските комори повеќе пати алармираат дека  не може да се извршат правосилно донесени пресуди за наплата на побарувања од причина што јавните претпријатија и општините се заштитени од Законот за извршување. Имено, во членот 211 од стариот Закон за извршување, односно член 218 од новиот Закон за извршување пишува дека “Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба”.

И покрај тоа што компаниите со години посочуваат дека овој член од Законот за извршување е спорен и ги става во нееднаква положба државните и приватните субјекти, и бараа можност да се дозволи извршување врз паричните средства на сметките на јавните субјекти, тој член остана ист  и во новиот Закон за извршување кој беше донесен во април 2016 година и почна да се применува од јануари 2017 година, само што сега тоа е предвидено во членот 218 од Законот.

Ревизорите исто така констатирале дека многу општини не го почитуваат Законот за финансиска дисциплина и не ги почитуваат роковите за плаќање кон приватните компании, кои според Законот не смеат да бидат подолги од 60 дена.
Овој наод на ревизорите веќе подолго време го тврдат и бизнисмените кои се жалат дека јавните претпријатија не ги почитуваат одредбите од Законот за финансиска дисциплина, кој се донесе системски да ги регулира меѓусебните плаќања и исполнување на меѓусебните договори.

Многу компании преку стопанските комори реагираа дека се принудени да земаат нови кредити за да ги подмируваат своите потреби и обврски во работењето, бидејќи навремено не успеваат да ги наплатат побарувањата за услуги кои веќе ги реализирале кон јавните претпријатија и општините со кои соработувале. На овој начин компаниите генерираат дополнителни трошоци и загуби, со што значително се нарушува нивната тековна ликвидност.


Дали преку креирање повисоки долгови се испумпуваат пари од општините?

[caption id="attachment_52622" align="alignright" width="300"]Kocevski WEB 952 “Со увид во документацијата констатирав дека на легален начин е крадена Општина Велес. Целта била да се испумпуваат пари од општината за да во “Дервен”можат да се вработуваат заслужни партиски кадри”, изјави Коцевски.[/caption]

Измината недела на посебна прес конференција излезе новиот градоначалник на Велес Аце Коцевски на која јавно побара да биде отпишан 50% од долгот на општината Велес кон Јавното претпријатие Дервен, бидејќи бил креиран врз основа на неколкупати повисоки цени од реалните.

“Општина Велес  му должи на Јавното комунално претпријатие „Дервен“ 1,5 милиони евра (89,3 милиони денари) по различни основи, за извршени работи изведени во градот.  Но, за поголемиот дел од услугите, цените биле напумпани. Со увид во документацијата констатирав дека на легален начин е крадена Општина Велес. Сѐ е покриено со одлуки на Управен одбор на “Дервен” и на Советот на  Општина Велес. Цените на услугите кои ги утврдил Советот на Општина Велес уште во 2011 година се далеку повисоки од пазарните, некои и до три-четири пати повеќе. Целта била да се испумпуваат пари од општината за да во “Дервен”можат да се вработуваат заслужни партиски кадри.  Од 2014 година, ниту една услуга, фактура од Општина Велес  не е платена кон “Дервен”. Така е акумулиран долг од  89,3 милиони  денари или 1,5 милиони евра. Имаме фиктивни, нереални услуги, кои постојат само на хартија“, изјави на прес конференција градоначалникот Коцевски, кој појасни дека не може да се бара одговорност, оти сѐ било законски  покриено.
Ова јавно признание на градоначалникот Коцевски легитимно отвора дилеми дали и колку овој начин на креирање долгови преку нереално високи цени за одредени обврски постои и во другите општини.
Ако станува збор за масовна пракса, тогаш е сосема легитимно овие долгови да се преиспитаат или да се направи одредено нивно кратење пред да се преземе било каква обврска за нивна исплата, како што се планира.
Имено, на почетокот на декември за време на Националниот форум за градоначалници премиерот Зоран Заев имаше средби со 79 градоначалници на кој беше објавено дека вкупните долгови на општините по сите основи достигнуваат над 200 милиони евра и дека се работи на план за помош на општините во справување со долговите.

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×