Домашните приватни инвестиции поголеми и од странските и од државните
Објавено на од во Економија

IMG_0350Кој колку инвестира во македонската економија?!

Македонските граѓани и бизнисмени минатата година инвестирале речиси една милијарда евра во основни средства, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Приватните инвестиции достигнуваат 1,7 милијарди евра кога ќе се додадат и бруто странски инвестиции, а сосе јавните односно инвестициите на државата, бројката се заокружува на 2,2 милијарди евра. Ако се спореди со годината претходно, вкупните инвестиции во земјава лани се намалиле за 6,7%. По одделни сектори, најголем дел од приватните инвестиции во основни средства лани биле во градежништвото и тоа 586 милиони евра, а потоа следува преработувачката индустрија вклучувајќи го и рударството со вложени 438 милиони евра и секторот трговија на големо и мало, транспорт, складирање и објекти за сместување каде што биле инвестирани 362 милиони евра. Иако бројките се на страна на домашните инвеститори, со години перцепцијата во јавноста беше дека на власта поомилени и се странците. Од минатата година, пак, новата власт донесе нов Закон за финансиска поддршка на инвестициите со кој се пропишаа прецизни критериуми за давање државна помош на компаниите без оглед на потеклото на капиталот, односно и за домашни и за странски инвеститори подеднакво. Засега нема податок дали и колку пари се исплатени како државна помош.

 

Македонските граѓани и бизнисмени минатата година инвестирале речиси една милијарда евра во основни средства, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Приватните инвестиции достигнуваат 1,7 милијарди евра кога ќе се додадат и бруто странски инвестиции, а сосе јавните односно инвестициите на државата, бројката се заокружува на 2,2 милијарди евра.

Ако се спореди со годината претходно, вкупните инвестиции во земјава лани се намалиле за 6,7%.

По одделни сектори, најголем дел од приватните инвестиции во основни средства лани биле во градежништвото и тоа 586 милиони евра, а потоа следува преработувачката индустрија вклучувајќи го и рударството со вложени 438 милиони евра и секторот трговија на големо и мало, транспорт, складирање и објекти за сместување каде што биле инвестирани 362 милиони евра.

Најголем дел од вкупните инвестиции, и приватни и јавни, биле направени во изградба на објекти вклучувајќи и станбена изградба на што отпаѓаат вкупно 1,34 милијарди евра, додека во машини и опрема биле вложени 694 милиони евра. Останатите пари биле инвестирани во други производи и култивирани средства. Статистиката покажува дека една петтина од бруто домашниот производ (БДП), или поточно 21,9% доаѓа од инвестициите во основни средства.

Економистите оценуваат дека македонските инвеститори се мошне важни за нашата економија, особено што износот што тие го инвестираат на годишна основа е далеку поголем од износот на странските директни инвестиции.

„Она што е важно за странските инвеститори е важно и за домашните, а тоа е добра клима за стопанисување, во најширока смисла на зборот: почитување на законите, ефикасност во нивното извршување, праведност пред институциите, добра инфраструктура и други. Меѓутоа, она што јас го застапувам како идеја неколку години наназад е да се дизајнира специјална политика која првенствено ќе ги тангира домашните, а нема да ги исклучува странските инвеститори. Сметам дека државата треба да изнајде начин да ја стимулира т.н. домашна додадена вредност, односно да ги стимулира фирмите што повеќе од инпутите што ги користат да бидат од домашно потекло“, велат економистите.

Без оглед што бројките се на страната на домашните инвестиции, бизнисмените со години се жалеа дека властите во последните десет години повеќе беа на страната на странците.

Табела инвестицииЕдна анкета спроведена во бизнис секторот пред две години покажа дека двајца од тројца менаџери се чувствувале дискриминирано поради нееднаквиот однос на државата кон домашните и странските инвеститори. Третина од вкупно 268 директори на компании кои што учествувале во анкетата рекле дека државата ги фаворизира странските фирми што доаѓаат да инвестираат во земјава со тоа што им дава субвенции во вид на директна државна помош, ги ослободува од плаќање даноци, царини и придонеси.

Но, од минатата година новата власт донесе нов Закон за финансиска поддршка на инвестициите со кој се пропишаа прецизни критериуми за давање државна помош на компаниите без оглед на потеклото на капиталот, односно и за домашни и за странски инвеститори подеднакво. Овој закон следуваше откако во јавноста се обелодени дека претходната Влада за период од десет години, на странските инвеститори им одобрила државна помош од вкупно 121 милиони евра, од кои 26 милиони евра се кеш грантови за изградба на фабриките, помош за обуки за работниците или пак, субвенции за секое отворено работно место, и 95 милиони евра во вид на даночни и царински ослободувања.

Засега нема податок од Владата дали и колку пари се исплатени како државна помош согласно новите мерки предвидени во законот.

Но, освен директна поддршка од државата, македонските менаџери сметаат дека властите треба да ги подобрат и условите за водење бизнис во земјава.

Пристапот до финансии, несоодветно образованата работна сила, корупцијата во институциите, неефикасната јавна администрација и лошата инфраструктура се клучните проблеми за водење бизнис што менаџерите постојано ги истакнуваат во анкетите на Светскиот економски форум. На прво место, велат, сепак е потребна политичка стабилност, која што изминатите години беше разнишана и внесе неизвесност во реалниот сектор што се манифестираше со воздржување од инвестирање.

Странските инвестиции се зголемуваат

Во отсуство на понови податоци за домашните приватни инвестиции во текот на годинава, Народната банка веќе објави дека странските инвестиции во првите шест месеци изнесуваат 327,6 милиони евра што е зголемување за 80,3% во однос цела 2017 година.

„Странските инвестиции се апсолутно најмногу во последните три години. Практично ова покажува дека трендот на инвестирање во индустријата во Македонија е забрзан и дека политиките на транспарентно поддржување на сите компании во земјава апсолутно даваат резултат“, изјави неодамна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Евидентно е од податоците на Народната банка дека одливот на странски капитал во вид на дивиденда, кој што минатата година достигна вкупно 240 милиони евра, во првата половина од годинава е подзапрен и изнесува 65 милиони евра.

Перцепцијата на странските инвеститори за домашната бизнис клима е попозитивна во нивните јавни изјави, но исто така и очекувањата да се надминат некои од главните проблеми за водење бизнис. Неодамнешната анкета помеѓу германските компании во Македонија покажа дека тие имаат позитивни очекувања дека деловната клима значително ќе се подобри во тековната 2018 и тие се многу повисоки во однос на минатогодишната анкета. Дури 45% од извршните директори очекуваат подобрување, а само 12% од нив очекуваат полоши макроекономски услови. Но, сегашната економска ситуација од страна на анкетираните компании е оценета полошо во однос на минатата година. Само 7% од компаниите ја оцениле моменталната економска состојба како добра, а половина од нив ја оценуваат како лоша.

„Во нашето истражување, на прашањата поврзани со оцена на уловите во сопствената стопанска гранка и ситуацијата во сопствената компанија, резултатите се многу слични на оние од минатата година. Компаниите редовно ја оценуваат сопствената деловна состојба подобро отколку општата макроекономска состојба. 36% од испитаниците ја оценија сопствената деловна состојба како добра, додека само 10% дадоа негативна оценка“, објаснуваат од Македонско – германското стопанско здружение.

Позитивни промени очекуваат 68% од испитаните компании во однос на зголемување на продажбата, 5% стравуваат од пад на продажбата и тоа е мало подобрување во однос на претходната година. Зголемен извоз очекуваат 48% од производителите оваа година во споредба со претходната година, а само 4% очекуваат пад на нивната извозна продажба.

„Тоа е добар знак, дека поголем дел од компаниите и покрај одредени тешкотии сопствената деловна положба ја оценуваат како добра, односно задоволителна. Во времиња кои се тешки и во политиката и во стопанството, не само во Македонија туку и насекаде во светот, важна е стабилноста и сигурноста на сопствената фирма. Годинава, некој од факторите кои минатите години беа оценети како негативни се подобрени но повторно, испитаниците не се задоволни од сузбивањето на корупцијата и криминалот, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација. И покрај наведените проблеми, сепак е охрабрувачки фактот дека 72% од компаниите кои работат во Македонија повторно би инвестирале во Македонија“, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско – Германското стопанско здружение додавајќи дека во земјата работат повеќе од 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 луѓе, што игра важна улога на пазарот на трудот.

Јавните инвестиции стагнираат

Што се однесува до јавните инвестиции, Владата и нејзините институции за осум месеци годинава инвестирале само 91 милиони евра во изградба на капитални објекти и тоа е помалку од четвртина од планираната ставка во централниот буџет, покажуваат најновите податоци на Министерството за финансии. Слабата реализација на предвидените капитални инвестиции од страна на државата е една од главните причини и за послабиот економски раст годинава, а неискористувањето на парите за оваа намена повторно го отвори и прашањето за нивна прераспределба односно ребаланс на буџетот.

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе има состаноци со министрите од економскиот ресор за да одлучат дали ќе има ребаланс на буџетот.

Тој се уште верува дека реализацијата на капиталните инвестиции до крајот на годината може значително да се подобри.

„Капиталните инвестиции се многу важни за развојот на економијата и целиот економски тим во Владата е фокусиран да се реализираат предвидените пари за овие проекти. Имавме технички проблеми кај поголем дел од капиталните проекти коишто сега веќе се надминати, се обидуваме да влијаеме и на административниот капацитет за нивна реализација преку постојано укажување на проект менаџерите и мислам дека ќе ги оствариме зацртаните планови. Ако имаме позитивни придвижувања и во евро интеграциските процеси, мислам дека дури и ќе ја надминеме проекцијата за економски раст од 3,2%“, истакна неодамна Заев.

Во однос на интензитетот на реализација на капиталните инвестиции, министерот за финансии Драган Тевдовски објасни дека се очекува зголемување на инвестициската активност на државата.

„Наследивме бројни проблеми во проектите како несоодветни проектни документации и слично, но се одлучивме да не одиме по лесниот пат и да градиме фасади и споменици туку да инвестираме во тоа што ќе донесе добро за економијата. Правиме притисок на сите институции и веруваме дека во втората половина на годината ќе имаме значајни подобрувања. Да потсетам дека минатата година остваривме рекордно ниво на реализација на капитални инвестиции токму во последниот квартал од годината“, изјави Тевдовски.

Најголем оптимист меѓу министрите е за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој изјави дека до крајот на годината неговиот ресор ќе успее да реализира дури 95% од капиталните инвестиции. За Сугарески најголем проблем е гасоводот на Водно, кој поради протестите е стопиран.

Лошата статистика во градежништвото и понатаму продолжува. По 40% пад во првиот квартал, овој сектор сега бележи намалување за речиси 13% во второто тромесечје. Сите се согласни дека слабата реализација на капиталните инвестиции и понатаму ја влечат економијата надолу.

Имајќи ги предвид овие податоци, Меѓународните финансиски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка ги намалија прогнозите за економскиот раст годинава.

Прво Светска банка објавувајќи го Редовниот економски извештај во април годинава, обелодени дека ја ревидира проекцијата за економскиот раст од 3,2% на 2,3%. ММФ во својот Годишен извештај за економските изгледи што го објавува за време на Пролетните средби во Вашингтон, исто така ја ревидираше прогнозата за растот од 3,2% на 2,8%.

Експертите коментираат дека најреално што може да се очекува е капиталните инвестиции да се реализираат околу 40% од предвиденото. Имајќи предвид дека резултатите од економскиот план за поттикнување на инвестициите ќе можат да се почувствуваат дури следната година, економистите се сомневаат дека без поголеми капитални инвестиции ќе може да се постигне планираниот раст од 3,2% за годинава.

“Не очекувам дека растот од 3,2% е остварлив во вакви околности, меѓутоа дали ќе биде 3,2% или 2,2% воопшто и не е важно. Важно е тој раст да го следи отворање нови и поплатени работни места”, истакна професорот Марјан Петрески, потенцирајќи дека фокусот и понатаму би требало да биде на генерирање поквалитетни и поплатени работни места, што како процес неминовно ќе мора да биде поддржан од Владата.

Најавите од власта се дека до крајот на годинава ќе се засили реализацијата на капиталните инвестиции и клучните капитални проекти, што би можело да резултира со натпросечно висок раст во последните три месеци годинава. Од Владата се уверени дека ќе се оствари планираниот раст од 3,2% за годинава.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×