Досие Агрокор: Најголемата балканска компанија  во финансиски проблеми
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Todoric za glavna WEB 01Кој ќе го спасува Тодориќ?

Сопственикот на Агрокор, Ивица Тодориќ, наводно е на работ на губење на контролата врз концернот, јавува Bloomberg. Најголемата банка во Русија, државната Сбербанк е еден од најголемите доверители на Агрокор и деновиве се согласи на дополнителен кредит за групацијата. Иако Русите официјално изјавија дека не се заинтересирани за преземање на Агрокор, туку за стабилизирање и реструктуирање на компанијата, токму зад овие зборови, велат аналитичарите, се крие преземање на управувањето и сопственичко прегрупирање, кое што би траело со месеци и с$ уште не се знае како ќе изгледа. Судбината на Агрокор, според нив, ги одредува и политичко – економските односи во регионот во периодот што следи.

 

Руската државна Sberbank се согласи и понатаму да го финансира хрватскиот концерн Агрокор кој што има проблеми со ликвидноста, е последната вест што можеше да се прочита на регионалните портали пред самото затворање на овој текст во вторникот, на 21.03.

“Дополнителното финансирање ќе помогне во стабилизирање на тековната ликвидност на Агрокор. Без оглед на оперативните потешкотии во кои што се наоѓа концернот и можните моментални ограничувања, Sberbank продолжува со финансиската поддршка“, изјавија од руската банка, која што е еден од клучните кредитори на Агрокор, заедно со уште една руска државна банка, VTB.

Претставниците од Sberbank се состанаа и со останатите банки главни доверители на концернот, и како прв чекор договориле, со помош на консултанти, изработка на план за ликвидност на Агрокор во следните три месеци. Во Sberbank засега не може да го проценат износот потребен за дополнително финансирање на Агрокор. Од руската банка изјавија и дека не сакаат да управуваа со Агрокор, ниту да бидат негов сопственик.

Ова е засега развојот на ситуацијата околу затетеравениот хрватски бизнис гигант, чиишто финансиски проблеми предизвикуваат вистинска драма во хрватската јавност, но и во регионот, затоа што Агрокор има свои операции и во Словенија, Србија и БиХ, а продава по целиот Балкан и пошироко. За решавање на кризата мобилизиран е и државниот врв, со оглед на стратешкото значење на овој концерн за националната економија, заради  годишниот обрт од околу 7 милијарди евра и 60-те илјади вработени, од кои што половината се во Хрватска.

Agrokor-3 WEB
Како почна драмата?

Дека Агрокор има проблеми околу отплатата на кредитите што ги добил од руските банки, на почетокот од февруари прв навести рускиот амбасадор во Хрватска, Анвар Азимов, кој што на прес конференција кажа дека неговата земја очекува од Агрокор да ги исполни сите свои обврски по кредитите и дека во тој момент не се разгледувало одобрување на нов кредит за концернот, но ако тоа се побара, ќе биде дополнително дискутирано.

Се проценува дека руската држава преку банките Sberbank  и VTB држи околу 1,5 милијарди евра од вкупно 3,4 милијарди евра долг на Агрокор, како што пишува Вечерњи лист. Кон средината на февруари рејтинг агенцијата Moody’s ја појасни својата одлука од почетокот на јануари, со која му даде рејтинг B3 со стабилни изгледи на Агрокор, истакнувајќи дека концернот има доволно ликвидност за отплата на сите долгови што доспеваат ви 2017. Од Moody’s тогаш објавија дека во 2017 Агрокор ќе има трошок за камати (што не вклучува т.н. PIK кредити (Payment In Kind – специфичен финансиски инструмент при што на должникот му се позајмуваат пари врз основа на имотот, а отплатата се извршува на крајот од договорениот период, н.з.) од 2,3 милијарди куни или 310 милиони евра. Тоа ќе апсорбира повеќе од половината на добивката пред оданочување на Агрокор, за која што Moodу’s проценува дека ќе биде околу 580 милиони евра.

Евентуален неуспех во рефинансирањето на споменатите PIK кредити би можело да доведе до зголемување на долговите на групацијата на почетокот од 2018 година, заради новите клаузули во некои банкарски документи со кои што се специфицира дека овие кредити може веднаш да дојдат на наплата, или на 8 јуни 2018-та, што би можело да предизвика промени во контролата на компанијата.

 Три сценарија за излез од кризата

Отворањето на приказната за големите проблеми на Агрокор и недостигот на официјални и прецизни информации предизвикаа хистерија од хрватската влада до пазарот на капитал. Акциите на компаниите на Агрокор во само еден ден потонаа за десетина проценти, а тоа како по системот на врзани садови се прелеа и на сите останати компании што котираат на Загрепската берза. Во еден ден испарија околу 45 милиони евра, што говори за стравот во сите сегменти на економијата, но и за важноста на Агрокор за домашната и регионалната економија. За спасот на Агрокор аналитичарите во Хрватска направија три сценарија. Првото е финансиска инјекција за плаќање на долговите, кое што е најелегантен, но за жал, само привремен начин на решавање на проблемите.   Евтина кредитна линија, според дел од Владата, може да се добие со лобирање и политичка поддршка на Агрокор, но државата не може да даде гаранција за најголемата хрватска компанија, туку само да лобира. Домашните банки немаат таков капацитет, тој кредит мора да се обезбеди надвор.

Вториот модел што го застапува Владата, а за кого што зборуваат и добавувачите , па наводно и претставниците на Sberbank, е повлекување на Ивица Тодориќ од челната позиција, затоа што неговиот бизнис план не се покажал добар и потребен е нов. Поединци во државниот врв сметаат дека Владата не може да му помага на приватник, но секако сакаат да и помогнат на домашната економија која во голема мера зависи од концернот на Тодориќ. Заминувањето на Тодориќ и поставувањето на нов деловен план со нов менаџмент, можеби би вклучувало и продажба на поедини компании од концернот. Третото решение е претстечајна спогодба, но таа би ги уништила добавувачите. Тоа е опција за која се зборува во затворени кругови во Хрватска, која што овозможува преживување на презадолжената компанија и зачувување на работните места, но во овој модел најголеми губитници се добавувачите и доверителите, ако не се смета сопственикот кој што треба да се тргне настрана или да се сведе на малцински удел. Претстечајната спогодба во случај на гигант како Агрокор би била голем шок за пазарот, затоа што преку ноќ с$ би застанало, а доверителите со месеци би се натегале околу преземање на удели и губењето на сопствените пари. Во тој процес би загубила и државата затоа што би морала да се откаже од данокот во еднаква мера како и приватните доверители.


Agrokor Cibona 090311Суштината на проблемите на Агрокор

Долгот на Агрокор кон кредиторите  изнесува 3,4 милијарди евра, а кон добавувачите 2,2 милијарди евра. Не само странски банки, туку и голем број домашни компании, особено од прехранбената индустрија се заглавени во зделки со концернот. Сè на сè, за најголемата хрватска и регионална компанија се врзува судбината на повеќе од 100 илјади луѓе.
Односот помеѓу задолженоста и намалената оперативна добивка во 2016 во однос на 2015 г. беше клучен аргумент за рејтинг агенциите да го намалат кредитниот рејтинг на Агрокор, но поголема нервоза предизвика веста дека сопственикот на концернот, Ивица Тодориќ се откажал од финансискиот аранжман вреден 500 милиони евра со кого што требало да рефинансира дел од долгот што доаѓа на наплата.
Аналитичарите велат дека технички гледано,  најголем проблем не се кредитите кон руските државни банки, туку прашина се крена бидејќи Агрокор има околу една година да најде пари за рефинансирање  на т.н. PIK заем од безмалку 500 милиони евра, кој што доспева во мај 2018 година. Се работи за хибридни должнички хартии што не ги издал Агрокор, туку фирмата на Тодориќ Adria Group Holding со седиште во Холандија, која што е всушност сопственик на Агрокор. Гаранти за тој долг овој пат не се компании од системот на Агрокор, како Јамница, Ледо или Звијезда, туку самиот Тодориќ со своите акции.
Во случај долгот да не се враќа, вложувачите во тие PIK обврзници стануваат сопственици на 90% од Агрокор. Гледано поединечно, главната изложеност кон странските кредитори, е долгот кон руските банки Sberbank и VTB od 1,5 милијарди евра. Sberbank е најголемата руска банка на која што држи една третина од тамошниот банкарски пазар, а основач и доминантен сопственик е Руската централна банка.


Agrokor-3 WEB 01

Ивица Тодориќ: “Позицијата и опстанокот на Агрокор и неговите компании не се доведени во прашање.“

Трите клучни грешки на Ивица Тодориќ

Преголем залет во земјоделското производство со помош на скапи обврзници; прескапата авантура со аквизицијата на словенечки Меркатор; и преголемото потпирање врз  младиот и недоволно искусен прв човек за финансии во Агрокор се трите клучни грешки на Тодориќ според хрватските аналитичари.

Работењето на Агрокор во регионот (Словенија, Србија, БиХ) е сосема солидно, како што пишува загрепски Jutarnji.hr, па инвеститорите во обидот да се реши драматичната ситуација во концернот ќе се фокусираат на проблемот што е првенствено во Хрватска. А, кои се проблемите во Хрватска?

Пред одговорот на ова прашање треба да се нагласи, смета хрватскиот весник, дека Агрокор како животно дело на Ивица Тодориќ е во сериозни финансиски проблеми, но за Тодориќ како квалификација никако не би смеело да се каже дека е некаков шпекулант, несериозен човек, бизнисмен што ги поткраднувал своите компании или нешто слично пејоративно, што најголемиот хрватски капиталист неправедно би го ставило во погрешен контекст. Тоа, едноставно, би било малициозно и воопшто не би придонело во разјаснување на ситуацијата.

Сепак, Тодориќ, како и сите менаџери на планетава, правел грешки. Три се клучни, смета Гојко Дрљача од Јутарњи вјесник: Прво, би можело да се каже дека премногу сакаше да биде пионер на обновата на хрватското производство, особено земјоделското. Да се издаде обврзница за да се оживеат големите земјоделски комбинати од социјализмот ПИК Винковци, Белје, Вупик…е визионерска идеја, но во земја како Хрватска, каде што голем земјоделски производител не може да очекува поддршка како во Франција, помалку е наивно да се издаде скапа обврзница, и така добиените пари да се потрошат во дејност со низок и премногу бавен поврат.

Но, на Тодориќ денес мора да му се признае дека неговите комбинати се хрватска вредност, можеби имаат преголеми капацитети, но затоа се, ултрамодерни. Второ, Тодориќ очигледно беше преамбициозен и во сегментот на трговијата. Концернот имаше исклучителни вложувања во Конзум, кој што се судри со жестока странска конкуренција и криза. Во трговијата ја направија и судбинската инвестиција – словенечки Меркатор. Многумина генерали после битка денес толкуваат дека наводното преплаќање на Меркатор било клучната грешка.

“На Тодориќ би требало да му се подигне споменик во Љубљана веднаш до оној на Прешерн, затоа што го спаси Меркатор кој што беше во големи проблеми, а покрај тоа реши и значаен дел од проблемите на финансискиот сектор“, помалку цинично се пошегувал еден угледен словенечки менаџер, коментирајќи ја моменталната ситуација.

Можеби денес ќе мора да се ревалоризира вредноста на Меркаторовиот бренд затоа што Агрокор очигледно го преценил, но Меркатор е сега во добра состојба, додека Агрокор, токму заради тоа, повеќе не е.

Третата клучна грешка на Ивица Тодориќ која што отпосле сите ќе ја воочат лесно, е потценување на важноста на квалитетното финансиско менаџирање. Потпирањето на многу младиот Иван Црњац како одговорен за финансиски стратегии и ширење, како и пресудното влијание на членовите на семејството во врвот на организациската пирамида очигледно не беа најсреќно решение.

Што се однесува на финансиите на концернот, засега најинтригантна  е ситуацијата околу т.н. PIK Toggle заемот, односно 500-те милиони евра што Тодориќ треба еднократно да ги врати. Вредноста на овој заем колабираше на 22%, што значи дека со теоретско купување на PIK Toggle, целата компанија се зема под контрола за 110 милиони евра.

Што ќе биде со тоа, одговорот мора да го даде рускиот кредитор Сбербанка.

Национално гледано, велат хрватските аналитичари, многу почувствителна е приказната со т.н. shadow banking (банкарство во сенка), со кое што е опкружен Агрокор. Да речеме дека долгот на Агрокор кон добавувачите од десетина милијарди куни (околу 1,35 милијарди евра) е нешто што може да се контролира, но тука е и проблемот со 5-6 милијарди куни (700-800 милиони евра) разни финансиски аранжмани со домашните компании. Имено, не е тајна дека низа угледни хрватски компании преку факторинг и меници го финансирале Агрокор и сега мора да се соочат со двојно чувствителна ситуација: како добавувачи и како финансиери.

Во оваа втората позиција веројатно ќе мора да се соочат со драстично кратење на своите побарувања, ќе влезат во нови кредити и ќе се соочат со сериозно загрозени биланси.


Преку 2,5 милијарди евра треба да врати Агрокор следните пет години

Agrokor-7 WEBОд 2011 до 2016г.  долгорочните обврски на Агрокор пораснале за 150%, на 2,75 милијарди евра, а краткорочните за 73%, на 3,4 милијарди евра.

Консолидираните приходи на Агрокор, според финансискиот извештај за 2015, изнесувале речиси 6,8 милијарди евра. Најзначајниот дел од бизнисот, како што вели Вечерњи лист е малопродажбата во трговските синџири Конзум и Меркатор, овој вториот преземен од Агрокор во 2014 година. Од тоа што може да се види од финансиските извештаи, долгот на Агрокор има најголем скок токму во 2014-та, по преземањето на словенечкиот трговски синџир. Добар дел од тој долг го чинат обврските на Меркатор, кои што Агрокор ги презеде во моментот кога стана сопственик на 81% од акциите. Финансиските податоци за првите девет месеци од 2016-та покажуваат дека вкупните долгорочни обврски на Агрокор изнесуваат речиси 20,3 милијарди куни (2,75 милијарди евра), од што речиси 94% се кредити. Во краткорочни обврски, што вкупно изнесувале 25 милијарди куни (3,4 милијарди евра), најголемиот дел се обврски кон добавувачи, што достигнале околу 2,2 милијарди евра.

Од 2011 наваму, долгорочните обврски на Агрокор пораснале за речиси 150%, или за повеќе од 1,6 милијарди евра, додека краткорочните обврски во истиот период пораснале за 73%, односно за 1,42 милијарди евра, при што обврските кон добавувачите на крајот од септември 2016-та биле речиси за 40% поголеми одошто на крајот од 2011 година. Според најновите расположливи податоци оваа година на концернот за наплата му доспеваат 468 милиони евра долгорочни банкарски кредити и обврзници, следната година 114 милиони евра, а во 2019 година 455 милиони евра. Во двете години што следат, доспевањата растат на 802 милиони во 2020 и 696 милиони евра во 2021 година.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×