Драган Миновски: 2018 година беше најуспешна година во постоењето на компанијата – ги намаливме трошоците и го зголемивме производството на енергија
Објавено на од во Компании

2KK_1483Драган Миновски
директор на Електростопанство на Северна Македонија

“Успеавме максимално да ги намалиме трошоците, а производството да го извадиме од пад и да го вратиме во насока на раст. Конкретно, во изминатата 2018 година постигнато е намалување на трошоците за ископ на јаглен и јаловина, како и на трошоците за ангажирање надворешна механизација, од 38 милиони евра во 2015 година на 6 милиони евра во 2018 година. Би сакале да нагласиме дека по континуираниот пад на производството во последната декада се бележи благ пораст на производството во 2018 година кое во 2019 година е планирано да биде поголемо и вкупното производство да изнесува 4.400 GWh, односно 10% повеќе од 2017 година. Намалените трошоци и постабилното работење на компанијата во изминатите година и половина, резултираше со намалени трошоци за производство на електрична енергија и намалена регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика во 2018 година. АД ЕСМ ја заврши 2018 година со добивка од 29.827.097 евра, што ја прави изминатата 2018 година најуспешна финансиска година од постоењето на компанијата”, вели во интервјуто за Капитал, директорот Миновски.

 

Во мај годинава ќе се одржи вториот Македонски енергетски форум, на кој ќе се дискутира за најголемите предизвици во областа на енергетиката. Кои ќе бидат темите на годинешниот форум и кој се ќе учествува?
Македонскиот енергетски форум 2018 претставуваше подиум на кој беа споделени и директно комуницирани светските трендови во енергетиката и нивното влијание во Република Северена Македонија и на Балканот. Говорниците и сите ние како учесници на овој форум се согласивме дека енергетскиот предизвик со кој се соочува светот е како да се балансира помеѓу задоволување на зголемената глобална побарувачка на енергија од една страна и обезбедување на сигурна, достапна и одржлива енергија од друга страна. Исто така се покажа дека унапредување на комплексните врски помеѓу Владите, регулаторните тела, учесниците на енергетските пазари, невладиниот, академскиот и приватниот сектор е доста значајно за остварување на заедничките цели.
Потикнати од предизвиците во енергетскиот сектор, нашата компанија, АД ЕСМ во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, Владата на Република Северна Македонија и ЗИП Институт е во фаза на подготовка на вториот Македонски енергетски форум, кој треба да се одржи во период од 15 до 17 мај 2019 година во Струга.
Тема на годинешниот форум е “Eнергетската транзиција – зголемено учество на обновливите извори на енергија и унапредување на енергетската ефикасност”. На овој Форум ќе има повеќе панели, на кои се дискутира за eнергетската транзиција и регионалните предизвици во приклучувањето кон глобалниот тренд, регионалните предизвици во снабдувањето со природен гас, новите технологии и уделот на обновливите извори во вкупното производство на електрична енергија по 2030 година, како и за енергетската ефикасност – главен фактор за намалување на потрошувачката на енергија по 2030 година. За прв пат оваа година посебен панел ќе биде посветен на жената, односно ќе дискутираме за учеството на жените во енергетиката.
Би го истакнал присуството на Претседателот на Владата на Северна Република Македонија, г-дин Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата, г-дин Кочо Анѓушев, Michaela Schweitzer- Bluhm, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија. Исто така учество ќе земе и Крешник Бектеши, министерот за економија, Валдрин Лука, министер за економски развој на Косово, како и Јанез Копач, директор на Секретаријатот на енергетската заедница. Нo, секако подеднакво важно е присуството и на еминентни претставници од владиниот, академскиот и приватниот сектор како од нашата земја, така и од регионот и пошироко.
Искрено се надевам дека како и минатата година така и ова МЕФ 2019 ќе даде можност заедно да дискутираме, да разменуваме искуства и да даваме предлози за подобра енергетска иднина. Несомнено е дека регионалната соработка на стручно ниво претставува еден од двигателите за развој на овој сектор.
Кога дојдовте на чело на ЕСМ изјавивте дека во компанијата се трошеле многу пари преку тендери кои ги добивале блиски луѓе до поранешната власт, а се помалку се произведувало електрична енергија. Како стојат сега работите?
Многу податоци и бројки говореа во прилог на таа теза и тие бројки се достапни и ден денес и можат да се проверат. Ние успеавме максимално да ги намалиме трошоците, а производството да го извадиме од пад и да го вратиме во насока на раст.
Конкретно, во изминатата 2018 година постигнато е намалување на трошоците за ископ на јаглен и јаловина, како и на трошоците за ангажирање надворешна механизација, од 38 милиони евра во 2015 година на 6 милиони евра во 2018 година. Големи заштеди се бележат и во потрошувачката на мазут во РЕК Битола во однос на претходните години, како во вкупните количини, така и во специфичната потрошувачка на мазут по произведен КWh електрична енергија, па така намалувањето на трошоците за мазут се движи од 17.800.000 евра во 2015 година на само 4.000.000 евра во 2018 година.
Би сакале да нагласиме дека по континуираниот пад на производството во последната декада, се бележи благ пораст на производството во 2018 година, кое во 2019 година е планирано да биде поголемо и вкупното производство да изнесува 4.400 GWh, односно 10% повеќе од 2017 година.
Намалените трошоци и постабилното работење на компанијата во изминатите година и половина, резултираше со намалени трошоци за производство на електрична енергија и намалена регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика во 2018 година. По долги години раст, регулираната цена на електрична енергија во 2018 година се намали од 41 eur/MWh на 39,67 eur/MWh.
АД ЕСМ ја заврши 2018 година со добивка од 29.827.097 евра, што ја прави 2018 година најуспешна финансиска година од постоењето на компанијата.
21min
Се најавуваше набавка на сопствена опрема за ископ наместо да се трошат милионски пари за ископ на надворешни фирми. До каде е овој процес?
Ние распишавме тендер за набавка на сопствена механизација според претходниот закон за јавни набавки. Додека траеше периодот на технички дијалог, кој поради големата заинтересираност на компаниите и нивните бројни прашања тој се оддолжи, одлучивме дека е подобро да го почекаме закон за јавни набавки кој овозможува да се набави квалитетна опрема која целосно ќе одговара на потребите за ископ на јаглен, наместо механизација за која пресудно ќе беше да биде најефтина. Очекуваме што побрзо да бидат донесени и подзаконските акти на Законот за јавни набавки за да можеме во секој момент да го објавиме нашиот тендер.
Обезбедувањето на сигурна, достапна и одржлива енергија е од клучно значење за економскиот раст и развој на секоја земја. Како стои Македонија на овој план?
Република Северна Македонија како држава-кандидат за полноправно членство во Европската унија е исправена пред предизвиците на ефикасното спроведување на сериозни реформи во општествениот систем од кои особено значење за нејзиниот севкупен развој има енергетиката.
Една од основните стртешки цели на секоја, па и нашата земја е да се обезбеди сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со енергија на потрошувачите, создавање на ефикасен и конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор, кој ќе обезбеди високо ниво на сигурност во снабдувањето со енергија.
За обезбедување на енергетската сигурност потребна е поголема разнообразност на енергетските ресурси по видови, извори и снабдувачи, активна улога нa регионалниот енергетски пазар и европската енергетска заедница, максимално искористување на домашните ресурси и стратешки издржана долгорочна политика за приклучување кон главните водови на енергија во регионот и пошироко. Исто така неопходни се засилени мерки за подобрување на енергетската ефикасност во производството, преносот, дистрибуцијата и потрошувачката на енергијатаи и поголемо искористување на обновливите извори на енергија .
Република Северна Македонија е сериозна по ова прашање, односно обезбедувањето на сигурна, достапна и одржлива енергија е еден од приоритетите на оваа Влада, која превзема низа сериозни чекори со цел имплементација на енергетските реформи за што сме и сведоци во изминатиот период. Секако за енергетскиот сектор е најважно изградба на нови енергетски капацитети кои се непоходни за сигурно и безбедно снабдување со енергија и поврзување на електроенергетските системи на нашата со соседните земји.
Електричната енергија е најважен фактор за економски развој на една земја, а нашата примарна цел како компанија е токму континуираното и стабилно производство на електрична енергија. АД ЕСМ е столбот на државата и нашата стабилност е предуслов за подобра и посигурна иднина. Ние од своите капацитети го обезбедуваме најголемиот дел од вкупното домашно производство. И не застануваме тука, нашата компанија во своите развојни планови има предвидено инвестиции како во ревитализација и модернизација на постојните енергетски капацитети така и во изградба на нови енергетски капацитети ставајќи акцент на обновливите извори на енeргија.
23min
Неодамна се донесе новиот Законoт за енергетика, кој донесе многу измени во енергетиката. Какви се измените за ЕСМ и како тие ќе се спроведуваат?
Една од основните цели во енергетиката е поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари со почитување на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, како и интегрирање на енергетските пазари на Република Северна Македонија во регионалните и меѓународните енергетски пазари во согласност со обврските преземени со ратификуваните меѓународни договори.
Со новиот Закон кој е усогласен во целост со Третиот пакет на енергетски директиви се овозможува право за избор за склучување на договор за снабдување според пазарни услови на пазарот на електрична енергија кога сите стануваат квалификувани купувачи, односно ќе купуваат електрична енергија од производители, снабдувачи или трговци по сопствен избор, освен домаќинствата и малите потрошувачи кои ќе имаат можност да се снабдуваат од снабдувачот кој има обврска да обезбеди универзална услуга.
Како што веќе и јавноста е запознаена би сакал еве да истакнам дека Република Северена Македонија е првата земја потписник на Договорот за основање на Енергетска заедница која успешно ја спроведе постапката за избор на универзален снабдувач.
Со предметниот Закон се предвидува дерегулација на производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во Република Северна Македонија, односно АД ЕСМ преку постепено намалување на неговите обврски за обезбедување електрична енергија за потребите на универзалниот снабдувач, која отсега ќе ја нуди по нерегулирана цена. Согласно новите правила, АД ЕСМ е должен да понуди електрична енергија на универзалниот снабдувач кој истата ќе ја набавува согласно Правилата за набавка на електрична енергија за универзален снабдувач, што е алатка повеќе за контрола врз цената на електричната енергија за крајните потрошувачи, но и голем предизвик за АД ЕСМ уште повеќе да работи на намалување на својата произвдна цена, со што индиректно ќе влијае на зачувување на ценовното ниво и во инднина.
Секоја новина и реформа бара соодветна промена и прилагодување и на некој начин носи со себе соодветни ризици, па така АД ЕСМ би можел да очекува поголем ризик и притисок врз приходите и профитабилноста, со оглед на моменталната состојба во Европа, каде што либерализацијата и декарбонизацијата носат нови предизвици за енергетските претпријатија. Пред сè затоа што како државна компанија имаме одредени ограничувања, а од друга страна треба да бидеме конкурентни со другите приватни компании на пазарот.
Но, како и да е, АД ЕСМ е една сериозна компанија која е посветена кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор и сите чекори кои се прават во компанијата, како и новите инвестиции се во насока на намалување на овие ризици, поголемо производство на електрична енергија, намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста на компанијата како на домашниот, така и на регионалниот пазар и сигурен сум дека успешно ќе се справиме со новите предизвици согласно најавените промени.
До каде е либерализацијата на македонскиот енергетски пазар и кои ќе бидат ефектите од целосното отворање на пазарот и воведувањето на слободен избор при снабдување со електрична енергија?
Како што и погоре споменавме, со носењето на новиот Закон за енергетика, подзаконската регулатива изборот на универзален снабдувач, слободно можеме да кажеме дека пазарот на електрична енергија е либерализиран.
Следејќи ги искуствата на државите кои веќе ја имаат воспоставено конкурентноста на енергетските пазари, односно воведувањето на правото на избор, може да очекуваме дека оваа либерализација позитивно ќе влијае врз цените што овие категории потрошувачи ќе ја плаќаат за потрошената електрична енергија.
Исто така, важно е да се спомене, дека со новиот Закон се воведуваат и премиуми кои се пазарно ориентирани мерки за поддршка на производителите на електрична енергија од обновливи извори на енергија, што значи дека повластените производители електричната енергија ќе ја продаваат по пазарни услови.
Согласно Законот за енергетика донесена е и Програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премии. Со оваа програма се уредува вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали, која не може да биде поголема од 100 МW, за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2019 година. Како што и Владата ја информираше јавноста се планира во периодот кој следи на принцип на премиум тарифи да се поддржи изградба на фотонапонски електрани .
Понатамошната либерализација на пазарот на електрична енергија, исто така, има индиректни влијанија врз другите економски сектори, кои поттикнуваат зголемена продуктивност водена од конкуренцијата во енергетскиот сектор и пониски цени на електрична енергија.
Во изминатиов период ЕСМ беше споменуван во јавноста заради наводен непотизам при вработувањето. Како ги коментирате овие обвинувања? Како се стигнува до работно место во ЕСМ и колку компанијата е кадровски опремена за да ја извршува својата основна функција?
Како одговорна компанија АД ЕСМ ќе постапи согласно насоките и заклучоците на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со случаите на вработување во одредени институции, кои беа предмет на проверка.
По добивањето на официјалниот документ од Комисијата со нивните заклучоци и насоки, и по информирањето на Владата и на Надзорниот одбор на АД ЕСМ, заеднички ќе бидат утврдени понатамошните конкретни чекори, а јавноста, како и секогаш досега, ќе биде навремено известена од наша страна. Што се однесува до вработувањата во државниот и јавниот сектор, таа проблематика потпаѓа под законски одредби и внатрешни правилници. Секако, секое прекршување доколку го има, треба да се утврди и земе предвид. АД ЕСМ има околу 4700 вработени. Низ текот на годините врабсотувани се различни профили на луѓе, факт е дека некаде имаме стручен кадар во една област повеќе од тоа што ни е потребно, додека пак сме дефицитарни во други струки. Затоа, се обидуваме со нови ангажирања да ја подобриме таа ситуација.
По последно време се поактуелно е формирањето на заеднички пазар за електрична енергија во регионот. Кои ќе бидат придобивките од овој проект за македонските потрошувачи?
Единствениот пазар на електрична енергија е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот – производители, снабдувачи и трговци.
Мора да се согласиме дека добро интегриран регионален пазар на електрична енергија служи како контролен показател за ценовната конкурентност, односно крајната цел на е да се намалат цените на електричната енергија во регионот. Исто така има позитивно влијание врз носењето на идните одлуки за отпочнување и реализирање на капитални инвестиции бидејќо конкурентноста создава простор за технолошки иновации и нови вложувања кај сите учесници.
Регионалната интеграција на енергетскиот сектор во својата најинтегрирана форма вклучува меѓусебно поврзани национални електроенергетски мрежи и создавање пазарна рамка која поттикнува конкурентно меѓународно тргување со капацитет и енергија. Како што расте побарувачката на енергија, производството и преносот на енергија треба да се планира зависно од националните капацитети, при тоа да се минимализираат инвестициите и оперативните трошоци за регионот како целина, истовремено придонесувајќи за исполнување на националните цели за заштита на животната средина и социјалните цели на земјите.
Каква е енергетската иднина на земјата? Кои проекти се клучни за да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија?
Предлог Стратегијата за развој на енергетиката поставува политики и стратешки мерки, групирани по столбови согласно Европската енергетска стратегија, со цел превземање на неопходните чекори за исполнување на визијата до 2040 година и исполнување на приоритетите предвидени во Законот за енергетика. Сите политики и стратешки мерки се јасно усогласени со приоритетите во Законот за енергетика за да се нагласи нивниот придонес и релевантност.
Вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија во Македонија изнесува 2,06 GW, од кои 48% термоелектрани, 34% големи и мали хидроцентрали, 15% комбинирани постројки за природен гас и 3% други обновливи извори на енергија.
Како што и споменав погоре, нашата компанија не само што планира туку и реализира активности во правец на изградба на нови енергетски објекти со акцент на обновливите извори на енергија. За таа цел би споменал дека во изминатиот период АД ЕСМ потпиша Договор за заем со Европската Банка за Обнова и развој (EBRD) за изградба на фотонапонска елктроцентрала со инсталиран капацитет од 10 MW на посоечката TEЦ Осломеј. Исто така се потпиша и Договор за заем со државна гаранција со КфВ банка за изградба на втората фаза од проектот Ветерен парк „Богданци“, со што се заокружува реализацијата на Проектот Парк на ветерни електрани Богданци. Во план е изградбата на ветерен парк Миравци (14 MW), како и дополнителни фотонапoнски електроцентрали од по 20 MW во кругот на РЕК Ослемеј и РЕК Битола.
Но, бидејќи сме свесни дека природата знае да биде непредвидлива, ние не можеме да се потпреме само на обновливите извори на енергија, и мора да имаме производство кое ќе обезбедува оптимална електрична енергија за потребите на потрошувачите. Паралелно ќе работиме на ревитализација на постоечките производни капацитети и нивно оптимално искористиување со цел да се задоволат потребите на електрична енергија во нашата држава сега но и во иднина.
ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, проекти кои со децении се најавуваат, а никако да се реализираат. Како сега мислите да ги реализирате и дали повторно овие проекти ќе останат само на хартија?
Сведоци сме дека за овој проект слушаме многу години наназад, за неговото значење за енергетскиот систем но за жал еве досега оваа инвестиција, од различни причини, не е реализирана. Искрено се надевам дека оваа Влада ќе отпочне со реализација на овој, па според мене, можеби и најзначаен енергетски проект .
Досегашните студии и проекти за искористување на енергетскиот потенцијал на Црна река го предвидува потегот од Скочивир до вливот на Црна Река во Вардар со формирање на три акумулации: Чебрен, Галиште и Тиквеш. Од расположивиот потенцијал на Црна Река, досега е искористен, преку изградба на високата брана на ХЕ Тиквеш, само долниот дел од клисурниот потег на Црна Река. Узводните акумулации Чебрен и Галиште имаат енергетско значење, со услови за формирање на големи акумулации, посебно акумулацијата Чебрен и за израмнување на протечните води на Црна Река, со цел за нивно целосно искористување.
Ако се земат предвид ефектите од изградбата на ваквите објекти врз електро енергетскиот систем кој што е стожер на развојот на стопанството во секоја држава, како и неговото влијание во другите делови од стопанскиот живот во регионот и пошироко, треба да се очекуваат позитивни резултати врз целокупниот развој на државата. Сето тоа, како и фактот дека хидроенергијата е обновлив извор на електрична енергија, не води кон заклучок дека проектот ХЕ Чебрен треба да влезе во реализација што е можно поскоро.
Проектот за хидроелектрани на Чебрен и Галиште беше и е рангиран меѓу главните приоритети за проширување на постоечките производни енергетски капацитети во Македонија, презентиран во европски рамки.
И на крајот би повторил, да, верувам дека овој Проект ќе отпочне со реализација, и дека нема да биде пример за проект кој останал како идеја на хартија, туку ќе се реализира и нашата земја ќе ги види бенефитите од една ваква голема капитална инвестиција.
Во светот се повеќе зборува за транзиција кон почисти енергенси. Колку енергијата која се произведува е од чисти и обновливи извори и како се планира да се случува оваа транзиција?
Земајќи ги предвид обврските кои произлегуваат од Парискиот договор за климатските промени, секоја земја во светот сега е свесна за потребата да се соочи со предизвикот на енергетската транзиција.Размислувањето на глобално ниво се повеќе се насочува кон идејата и потребата за транзиција кон почиста и поодржлива енергетска иднина.
За таа цел ние како компанија планираме и реализираме инвестициони проекти во обновливите извори на енергија, утврдени во нашиот План за развој и инвестиции за периодот 2018 – 2022 година.
Во насока на исполнување на овие планови, во изминатиот период како што споменав и погоре АД ЕСМ потпиша Договор за заем со Европската Банка за Обнова и развој (EBRD) за изградба на фотонапонска елктроцентрала со инсталиран капацитет од 10 MW на посоечката TEЦ Осломеј. Со изградбата на ФЕЦ ќе се зголеми учеството на обновливите извори на енергија. Проектираното годишно производство е околу 15 GWh. Исто така се потпиша и Договор за заем со државна гаранција со КфВ банка за изградба на втората фаза од проектот Ветерен парк „Богданци“, со што се заокружува реализацијата на Проектот Парк на ветерни електрани Богданци на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh.
Исто така се планира и изградбата на ветерен парк Миравци (14 MW), како и дополнителни фотонапoнски електроцентрали 20 MW во кругот на РЕК Ослемеј и дополнителни 20 MW во РЕК Битола, кои сe планира да се реализираат во наредниот период .
Со овие, но и со низа други проекти за кои јавноста навремено ќе ја информираме планираме да ја започнеме енергетската транзиција во рамките на нашата компанија, но и во нашата држава.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×