Драган Тевдовски: Во 2019 година ќе се почуствуваат ефектите од направените реформи
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2019

TevdovskiДраган Тевдовски
министер за финансии

Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар систем, 2019 година треба да биде година во која сериозно ќе се почуствуваат ефектите од овие реформи.

Ако финансиите се крвоток на економијата, можеме да кажеме дека годинава значително ја подобривме крвната слика. Оваа година беше година на крупни реформи во јавните финансии. Поточно, направивме сет од 10 системски реформи во финансиите. Тие се основа за контролиран јавен долг, постепена фискална консолидација, намалување на дефицитот во ПИОМ, подобро таргетирање на социјалните трансфери, решавање на проблемот со заостанатите обврски, усогласување на системот на јавни набавки со европските стандарди и поголема функционалност на системот на јавни финансии.

Накусо, даночната реформа ќе обезбеди поправеден даночен систем, пензиската реформа ќе го стабилизира ПИОМ, ќе го намали дефицитот во Фондот и ќе обезбеди сигурни пензии за сегашните и идни пензионери; реформата на социјалниот систем ќе овозможи гарантиран минимален приход, подобро таргетирање на социјалните трансфери, како и повеќе средства за најранливите категории; јавниот долг е ставен под контрола. Во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8%, денес тој изнесува 48,2%. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Годинава издадовме 30 годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75%.
Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок.
Системски пристапивме кон решавање на заостанатите обврски од претходната власт. Прво, направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот – голем дел од обврските се веќе сервисирани. Направивме законски механизми кои ќе спречат натрупување на нови обврски.
Системот за јавни набавки го усогласивме со европските стандарди. Новиот закон за јавни набавки ќе осигура поголема ефикасност и транспарентност во јавните набавки.
Се бориме против корупцијата преку мерките за спречување перење пари. Направен е нов закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, усогласен со највисоките светски и европски стандарди.
Подобрена е функционалноста на системот за јавни финансии. Воведена е претпополнета годишна пријава, електронски систем за царинско работење и многу други мерки од кој директен бенефит ќе имаат граѓаните и фирмите.

Континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии. „Граѓанскиот буџет“ доби веб-платформа, континуирано се објавуваат голем број на извештаи кои имаат и квалитативно подобри податоци, а наскоро и исплатите од трезорот ќе бидат достапни до широката јавност преку веб-платформа.

Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар систем, 2019 година треба да биде година во која сериозно ќе се почуствуваат ефектите од овие реформи.

Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите ќе придонесат кон раст на приватните инвестиции. Дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти. Проекцијата за бруто-инвестиции во 2019 година е 4,2% раст на реална основа. Очекуваме да продолжат позитивните движења кај надворешната трговија, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5%, при реален раст на увозот од 6,8%.
Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ-2,8%, Светска банка-2,9%, НБРМ-3,5%).
Следната година во Буџетот се планирани најмногу средства за активните мерки за вработување, повеќе средства за претпријатијата и за инвестиции во инфраструктурата.
Продолжуваме и со реализација на Програмата за управување со реформите во јавните финансии. Во текот на 2019 година треба да имаме нов Закон за буџети. Наскоро ќе стартува и платформата Open Finance, со која на јавноста во реално време ќе и бидат достапни исплатите од трезорот.
Од почетокот на 2019 година, државните хартии од вредност ќе котираат на Македонската берза, со што ќе станат достапни за поширока инвеститорска јавност и ќе влијаат на развивање на секундарниот пазар на капитал.
Сумарно, имаме амбициозна агенда догодина, која ќе даде резултати.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×