Држава во залог
Објавено на од во Колумна
Jасни се пораките на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние дека на Европа не и’ требаат веќе земји чии политички и бизнис сцени се заложници на неколку семејства. Белким ние како киднапирани свесни сме за реалноста.
Но, и Тимоние и неговиот политички шеф, претседателот Емануел Макрон треба да знаат дека без перспектива, без охрабрување на нови ветришта во политичкиот дискурс и живот, без давање на една нова енергија и на нова надеж – европското може само да се вброи во семејствата киднапери што ја држат оваа мала земја и нејзините граѓани во заложништво, одржувајќи ги криминалните ќелии во живот.

 

 „Заиграл сиромавиот, се скинал тапанот“, стара македонска поговорка
 

 

Kate-kolumna-za-vnatre-e1556018422761
„Во животот научив дека само можноста никогаш не е изгубена – некој ќе ја искористи онаа што вие сте ја пропуштиле“,
Оваа мисла е една од најпознатите на американскиот радио и телевизиски водител, Енди Руни, којшто животот го водеше со премисата дека ништо не не’ чини повеќе од изгубената можност. Руни, кој почина на 92 години и којшто се појавуваше пред публиката и во последните недели од својот живот, преку овие зборови ги објаснува правилата по коишто е подреден животот. Политиката, се разбира, не е поштедена од овие закони на природата.
Во овие денови кога информациите од Париз и од Брисел се менуваат  на секои 12 часа со збор плус или минус на контото на надежта, а содржани во некој од официјалните записи од состаноците зад затворени врати, јавните изјави или брифинзите низ дипломатските европски кругови, размислувањата околу пропуштените можности се и тоа како актуелни.
Нервозата којашто се ткае околу официјалните (а уште повеќе и неофицијалните) француски државни позиции е очигледна. На секој кој барем малку го следи процесот на проширување низ годиниве му е јасно дека принципиелноста тука е одамна изгубена, некаде на пример помеѓу демократските капацитети и медиумски слободи во српското општество или расцутената правна црнгорска држава. Разбирлива е огорченоста на македонските граѓани кои иако сосема свесни за слабостите на државниот систем бараат еднаков третман и најбитно – потврда за европската перспектива на земјата во која се’ уште веруваат со убедливо мнозинство (н.з, најновата анкета на Институтот за политички истражувања).
 Македонија од своето постоење ја негува улогата на жртва срасната со наративот за неправдите што соседите, Европа и светот ги коваат за неа. Во услови кога за прв пат земјата покажа исклучително проактивна меѓународна улога, наметнувајќи се како креатор ама и лидер на прогресивни и здрави политички текови, надвор од налетот на европскиот популизам и дефицит на лидерство, очекувани се гласните пораки до Париз дека повторното одлагање на одлуката за почеток на преговори ќе биде катастрофален сигнал за регионот и дека прилично е неодговорно повторно да се наводнуваат македонските изолационистички нагони и самосожалувачки мантри.
Тука е и пораката дека негативно сценарио никако нема да го охрабри затворањето на останатите балкански прашања сега кога македонско – грчкиот спор е решен.
Европските челници, новоизбраната претседателка на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли преку писмо до земјите членки недвосмислено побараа процесот да почне, оти во прашање е кредибилитетот на самата Унија којашто дала ветување што мора да го одржи.
Германскиот државен министер, Михаел Рот отиде и чекор понатаму:
„Ако нема одлука, ќе се остави политички вакуум кој други земји без двоумење ќе го искористат“ вели отворено германскиот дипломат давајќи аргумент плус за итноста во решавањето на оваа геополитичка равенка.
Но, францускиот претседател Емануел Макрон изгледа е убеден дека ЕУ, ваква каква што е, нема капацитет да износи на грб нови претпристапни процеси и дека потребна е сосема нова методологија. Опонентите му порачуваат дека едното не го исклучува другото и дека одлуката за почеток на преговорите не значи по автоматизам влез, па дури ни датум за прва меѓувладина конференција. Потребна е политичка одлука за старт на преговори и оттука, ставот на Париз нема никаква логика, особено ако се имаат предвид аргументите на останатите земји членки кои стојат зад македонските перспективи, особено онаа на Германија.
Среде оваа европска какофонија на спротивставени гласови, на матна визија за балканската и европска иднина и на напуштање на принципот да се одржи ветеното, над македонската приказна има уште еден облак – западниот сосед и идејата дека Тирана и Скопје мора заеднички да се движат кон Брисел. Уште едно ново напуштање на европските постулати, ќе речете, на оние кои налагаат дека постигнувањата на земјите се ценат една по една и дека неуспехот на една не смее да биде одлучувачки фактор за иднината на другата. Години ќе поминат веројатно додека дознаеме што точно се крие зад стравот дека зеленото светло само за Македонија ќе предизвика регионален пожар и дали во џебот на Еди Рама стојат само националистички закани, ама факт е дека упорното инсистирање овие две земји да одат во пакет е надвор од европските принципи.
Но, во политиката, како и во животот, од лелекање над судбината и неправдите никој аир не видел, па далеку поздраво е овие денови да ги искористиме за да ја преиспитаме сопствената улога во целокупниот хаос и уште поважно – да погледнеме што можеме од сето ова да научиме, и ние, ама и Европа.
Прво, на сите мора да ни биде јасно дека правилата на игра во политиката се сурови и дека пропуштената можност тука не можеби, туку сигурно ја зграпчува некој друг. Македонија изгуби десет клучни години на полето на евроинтеграциите за самата да се доведе во ситуација од лидер во група со Хрватска да биде во пакет со Албанија. Кој ќе ја измери одговорноста за несработеното? И како таа ќе се наплати?
Понатаму, оваа Влада дојде на Илинденска бб, со едно клучно ветување  -  да испорача правда! И катастрофата на тој план отелотворена и во азилантот и во обвинителката со лисици на раце, а украсена со почесниот статус на жртви што им се даде на оние првоосомничените е аргумент што им се испорача на тацна на противниците на проширувањето. Јас верувам дека тоа на нашиве власти им е ѓаволски тешко, но белким беше изводливо макар две години да се воздржат од крадење и злоупотреби на сопствениот народ токму во име на клучниот столб во нивната политичка приказна, ако веќе не во име на граѓаните. Месеци потрошивме на текстови и телевизиски дебати во кои порачувавме дека црвената линија во македонската политика е борбата со корупцијата и криминалот и дека тука не смее да има компромис, макар и по цена на евроатлантските интеграции. Безобразната амнестија, нагалено наречена помирување, што никој не знае каде почна и дали некаде ќе заврши ги урна надежите и за правда и за мир.
Да, со ваква внатрешна поставеност во дезориентираната ЕУ сосема е за верување дека со истата оваа неизвесност ќе ги следевме сигналите од Париз и кога македонската правда би функционирала беспрекорно, но само замислете ја разликата во позицијата на македонската држава денеска, со криминалците в затвор, гордо исправена пред налетот на европската изгубеност во простор и време. Не ќе да е исто.
Еднакво како што не би било исто кога ова прашање, дефинирано како врвен државен приоритет, поддржано на сите избори од мнозинство гласачи, присутно во сите можни програми на најголемите партии, политичките елити би умееле за момент да пораснат и да престанат да го злоупотребуваат во дневната политика. Невиден срам е да се гледа како лидерите на македонските граѓани не умеат да се држат до една основна морална политичка оска па да бидат конструктивни и обединети на оваа тема. Лажни вести, пропаганда, ликување на секоја информација за можен неуспех, подбуцнувања, политички профит, поларизација. Опозицијата, по кој знае кој пат, е надвор од историскиот контекст.
И додека ЕУ бара каде и’ е главата, а каде опашката, ние тука некаде треба да го насочиме нашиот фокус – на нештата со кои самите им ги расчистуваме патиштата на намерните и ненамерни злонамерници кон Брисел. И тука да се понесе домашниот дел од одговорноста.
Е сега, оти одговорноста во европските интеграции можеби почнува, но никако не завршува дома тука има уште еден аспект.
Францускиот амбсадор Кристијан Тимоние, не еднаш порача дека не ја разбира опседнатоста со датумот како таков и дека ништо не ја спречува земјата веќе да спроведува реформи и да ја живее европската приказна. Веќе сме влезени  во скрининг процес, членството во НАТО е извесно и ова парче земја нема друга алтернатива на надворешно политички план. Ние сме дел од Европа, дел од Континентот и тоа е неспорен факт. Европеизацијата на државата е суштински процес што не смее да зависи од форма, и тука Тимоние апсолутно е во право.
Но, истиот амбасадор неодамна порача и нешто друго -  дека на Европа не и’ требаат веќе земји чиишто политички и бизнис сцени се во залог на неколку фамилии. Доволно е долго почитуваниот дипломат во земјава за (кога веќе дошол до заклучок за фамилијарната поставеност) да знае и уште нешто – дека без европска перспектива, ова не само што е и што ќе биде, ова ќе остане земја киднапирана од криминалци оти ќе се убие и најмалиот мотив на оние со енергија, знаење и идеја да се занимаваат со водење на земјата напред.
Клучниот проблем на македонската политика денеска е што таа е претворена во срам. Да се биде политичар е срамота, оти точно -  политиката е во заложништво на клиентелистички партии од каде граѓаните чекаат вработување, а лидерите тендери. Таа е неатрактивна за чесните луѓе, со идеали и со визија. Колкумина имаме такви? Еден? Двајца? Петмина? Политиката е сведена на луѓе што не умеат да сврзат две реченици без пусулче в раце, со сомнително образование и уште посомнително работно искуство, на бедни, а банални прес конференции, на бесцелни надмудрувања и на партиски пазари. Нема идеи, нема проекти, нема заедништво, нема визија, нема цели, нема стратегии, нема одговорност…
Ама без европска перспектива, без охрабрување на нови ветришта во политичкиот дискурс и живот, без давање на една нова енергија и на нова надеж, и Тимоние и Макрон треба да знаат дека европското може само да се вброи во семејствата киднапери што ја држат оваа мала земја и нејзините граѓани во заложништво, токму помагајќи им на криминалните ќелии и низ власта и низ опозицијата и низ бизнис и низ медиумските структури, на кои најмногу им  одговара сликата да остане ваква.
И тука веќе почнува одговорноста на Европа за делот што и’ недостига и на карта и суштински. И од таа одговорност, Брисел нема да може да избега, без разлика колкупати го одложувал соочувањето. Цената ќе ја платиме заеднички…
За волја на вистината, порано или подоцна, од цената нема да избегаат ниту семејствата дома, ама тоа е веќе друга приказна, за друг текст, нели?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×