Државата ќе дозволи извоз на сув цвет од канабис, не само на масло
Објавено на од во Компании
Законски измени за да се откочи застојот во бизнисот со канабис

A cannabis leaf and a bottle of hemp oil on a wooden table

Новите измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци што би требало да влезат во собраниска процедура за десетина дена, ќе им овозможат на играчите во овој бизнис да го извезуваат сувиот цвет од канабис и без да го екстрахираат во масло, како што е засега единствено дозволено. Тоа значи дека потенцијалот за извоз се зголемува и со проширена листа на извозни пазари на која освен земјите што легализираа медицинска употреба, дозволија и рекреативна употреба на марихуаната, бидејќи законот не го ограничува извозот по тој основ.Законските измени во насока на ослободување на извозот на сув цвет од канабис како суровина доаѓаат на барање на производителите од оваа индустрија, чиј бизнис е закочен бидејќи немаат услови за производство на масло од оваа билка. Инаку, според последните податоци од Министерството за здравство, досега 20 компании имаат добиено лиценци за одгледување на канабис за медицинска употреба. Тоа значи дека нивниот број, секоја година се дуплира. Неофицијално, интересот за овој бизнис е и многу поголем, ако се има предвид дека уште триесетина фирми веќе имаат доставено барања за лиценци.

 

 

Канабисот произведен на македонските полиња ќе може да се продава на странски пазари каде што купувањето на оваа билка е легализирано не само како масло, туку и како суровина. Новите измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци што би требало да влезат во собраниска процедура за десетина дена, ќе им овозможат на играчите во овој бизнис да го извезуваат сувиот цвет од канабис и без да го екстрахираат во масло, како што е засега единствено дозволено. Тоа значи дека потенцијалот за извоз се зголемува и со проширена листа на извозни пазари на која освен земјите што легализираа медицинска употреба, дозволија и рекреативна употреба на марихуаната, бидејќи законот не го ограничува извозот по тој основ.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека во земјава одгледувањето на канабис останува да биде само за медицински цели, додека пак извозот на странските пазари ќе зависи од законските регулативи на тие земји.
„Со новите законски измени ќе се дозволи извозот на сув цвет, но во законот не се ограничува дали канабисот ќе се извезува за медицински или рекреативни цели. Ако на некој странски пазар е легализирана рекреативната употреба, нашиот извоз таму ќе биде сосема легален. Кај нас останува да биде легална продажбата само на масло од канабис за медицински цели“, изјави министерот Филипче.
Инаку, законските измени во насока на ослободување на извозот на сув цвет од канабис како суровина доаѓаат на барање на производителите од оваа индустрија, чиј бизнис е закочен бидејќи немаат услови за производство на масло од оваа билка.
Од Владата додаваат дека со законот се регулираат европските и меѓународните препораки во областа на одгледувањето канабис, односно стандардите за добра производствена пракса.
„Една од препораките на Меѓународниот борд за контрола на дроги е формирање на Агенција што е вклучено во новиот закон, каде се регулира само медицинската употреба на канабис“, изјавија од Владата.
Станува збор за контролно тело што ќе биде акредитирано од европското законодавство во насока на имплементирање на пропишаните стандарди за добра производствена пракса, што засега ретко која компанија од оваа индустрија ги исполнува.
Според последните податоци од Министерството за здравство, досега 20 компании имаат добиено лиценци за одгледување на канабис за медицинска употреба. Тоа значи дека нивниот број, секоја година се дуплира.
Неофицијално, интересот за овој бизнис е и многу поголем, ако се има предвид дека уште триесетина фирми веќе имаат доставено барања за лиценци.
Од Министерството за здравство не можат да дадат прецизен одговор на колкава површина се сади канабис според досегашните издадени одобренија, бидејќи поголем дел од нив планираат да ја одгледуваат билката во затворени простории, односно според таканаречената in door технологија, а дел од нив во стаклени хали.
Меѓутоа, според некои нашите информации, канабис се сади на површина од околу 30 хектари што е еквивалентно на околу 45 фудбалски игралишта. Засега нема прецизна проценка колку пари може да донесе оваа индустрија, но според некои од инволвираните во бизнисот, доколку се остварат планираните приноси, може да се очекува фирмите да свртат од неколку стотици па и до милијарда евра.
Од најмалку две берби на цвет од канабис годишно, на површината за која досега државата има издадено одобренија, се очекува принос на 300 тони цвет. Од таа суровина, може да се произведе околу 30 тони масло. Грубите пресметки покажуваат дека извозот на оваа количина на произведено масло може да и донесе на земјата прилив од 1,5 милијарди евра. Сумата ќе се дуплира доколку во текот на годината има просечно четири берби на цвет што според познавачите, е прилично веројатно.
Продажбите нa медицински канабис во глобални рамки, пак, надминуваат седум милијарди евра, а се проценува дека пазарот во следните три години ќе се триплира, па оттука разбирлив е интересот на многу држави во светот да ги либерализираат законите и да овозможат производство на оваа билка. Така неодамна, на долгиот список на земји што дозволија одгледување за медицински цели се приклучи и Грција. Голем дел од европските земји овозможија употреба на канабис но прилично конзервативно, односно за медицински цели и јавната поддршка за тоа е релативно повисока отколку за рекреативна употреба којашто почна да се либерализира во неколку американски држави и последно во Канада.
Иако се чини дека Македонија навреме и добро се позиционираше во трката за овој силно перспективен пазар, сепак, две и пол години откако е легализирано производството на канабис за медицинска употреба, само една од компаниите коишто досега имаат добиено одобрение од Министерството за здравство, има почнато со производство на масло од оваа билка. Останатите кои што ја имаа засадено билката, имаат по неколку берби и неколку тони сув цвет на залиха, што се очекува да се извезе што пратениците во Парламентот ги изгласаат најновите законски измени.
За потенцијалот на овој бизнис минатата година зборуваше и премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со инволвираноста на членови од неговото пошироко семејство во оваа индустрија, повикувајќи ги „сите инвеститори што имаат ресурси да вложат во оваа дејност зашто е профитабилна“. Тој истакна дека државата очекува отворање на нови работни места и најмалку 100 милиони евра девизен прилив.
tweezer-hold-cannabis-bud-laboratory-medical-marijuana-stocks-ss-FeatureИграчи во бизнисот
Првото одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Македонија е издадено во декември 2016 година и потпишано од тогашниот министер, Никола Тодоров, на компанијата НЈСК Холдинг. Компанијата е основана четири месеци порано, а како прв сопственик во Централниот регистар е запишан Владимир Кесковски, син на поранешниот висок функционер во МВР, Златко Кесковски, којшто пак се јавува како управител во фирмата. Неодамна, оваа компанија беше продадена за 3,25 милиони долари, од сопствениците во САД на сопственици во Полска.
НЈСК Холдинг има посадено канабис на површина од илјада квадрати, но билката се одгледува во затворени простории или според таканаречената in door технологија. Оваа компанија е засега единствена што инвестира и во сопствен капацитет за екстракција на масло од канабис.
Кесковски вели дека според проценките, се очекува принос на 1,5 тони цвет од канабис, додека пак капацитетот за преработка на масло може да достигне и до 45 тони годишно. Целата инвестиција, тој ја проценува на околу 5,5 милиони долари, но најави дека до крајот на годината се планира нова инвестиција од уште шест милиони долари во капацитет за нови производи од канабис, меѓу кои и капсули, кремови и слично. Со тоа, се планира да се зголеми и површината на засаден канабис за уште две илјади квадрати.
Компанијата се уште нема пласирано производи од канабис на пазарот но до крајот на годината тој вели дека се очекува да почне продажбата.
Во април 2017 година, издадено е второто одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на компанијата МАМ од Свети Николе, потпишано од тогашниот заменик министер Јовица Андовски.
МАМ од Свети Николе има посадено канабис на површина од 20 илјади квадрати во стакленик.
Дел од сопствениците на оваа компанија е бизнисменот Трајче Заев, роднина на актуелниот премиер. За инвестицијата на неговиот братучед, на пратеничко прашање од опозицијата премиерот Зоран Заев, пред неколку месеци истакна дека „вкупната инвестиција ќе достигне повеќе од 10 милиони евра, а во моментов се вработени скоро 30 граѓани од Свети Николе“.
Според премиерот, етички и со закон е дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви.
Зборувајќи за перспективата на оваа индустрија, Трајче Заев, истакна дека во јавноста се создава лоша слика за бизнис што има капацитет да биде мотор на домашната економија.
„Јас сум оптимист дека ова е една од индустриите што може најмногу да ја поттикне домашната економија. Сметам дека ваквите економски глобални трендови треба да бидат прифатени и кај нас. Регулирањето на оваа млада индустрија треба да биде синхронизирано со земји што имаат долгогодишно искуство и на тој начин и ние како производители ќе бидеме стимулирани да се држиме до глобалните стандарди и норми“, изјави тој и додаде дека веќе преговара со други странски инвеститори за отворање и на капацитет за екстракција на масло.
Во меѓувреме, уште една компанија, Фарма Медика Канабис, во која тој се јавува како ко – сопственик заедно со Катерина Бојовиќ Заева, и Бобан Заев, доби одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Валандово и тоа на површина од шест хектари.
Сопствениците најавија дека имаат големи планови за инвестиција што ќе отвори над 500 работни места.
Во овој регион, уште една компанија веќе има одобрение за одгледување на канабис. Станува збор за Греен Лифе која што ја сади оваа билка во околината на валандовско.
Во струмичко пак, на површина од три хектари, одобрение за одгледување има добиено компанијата Канабис – Про којашто е во сопственост на поранешниот пратеник на СДСМ во мандатот од 2002 до 2006 година, Драган Ѓоргиев заедно со уште еден сопственик од Ново Село, Атанас Јанушев.
На листата на компании што досега имаат добиено одобренија за одгледување се и Оаза Алкалоиди од Штип, Каба Хербал од Скопје, 5 Летерс од Ресен, битолската компанија Медицал 420, АЦПВ од Беловиште, Гостивар, уште една компанија регистрирана исто така во гостиварско, Ф&M 2017 од Врапчиште, скопските компании, Фармаролли и ТХЦ Куалиту Гроуп. Последните одобренија за одгледување на канабис за медицинска употреба се дадени на компаниите Кинг Филд, РСБ Солутионс, Микеси, Херб Индустри, Бул Билдинг Маккан и Хеалтх енд Медикал.
Инаку првите измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со коишто се дозволи одгледување на канабис за медицински или научни цели и екстракција на масло од цветот од билката се донесени во март 2016 година.
Одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.
Компаниите се должни да имаат обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, за сушење и складирање. Просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, како и да има обезбеден 24 часовен видео надзор над целиот простор и физичко обезбедување, да има вработено најмалку четири лица од кои најмалку еден дипломиран фармацевт со најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата и едно лице агроном – насока полјоделство со најмалку три години работно искуство во областа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×